ПОСМРТНОТО СЛОВО ЗА ДАНЕ ПОПОВСКИ




За се пишува или говори за Дане Поповски и да ги имаме морето како мастило и небото како хартија нема да бидат доволни за да за Дане се каже се. 
Сепак во овиј тажен момент ке кажаме неколку збора за мојот драг пријател Дане!

Во некоја алтернативна реалност овој настан би бил државен погреб на поранешен почитуван претседател на македонската држава. Во оваа реалност, сите установи и институции на Република Македонија прават сѐ што можат да го игнорираат поминувањето на Дане Киров Поповски согласно со начинот на кој властите на таа држава се обидуваа да му ја ускратат човечноста на овој великан на македонското ослободително движење. Македонија родила многу верни, храбри и несебични синови, борци за нејзината слобода, паталци за вбројувањето на нејзините чеда помеѓу народите на светот. Меѓутоа, и во таква селекција на смели и чесни посветеници на голема кауза, Дане Поповски беше еден од оние исклучителни луѓе кои во себе ја носат искрата на каузата, и се подготвени на својот грб безпримедно да го понесат сиот товар на борбата за спасението на својот народ.

 

Оваа е венецот од ВМРО!! На негово пишува Бестрашен Водач, како таков го карактеризира Данета ВМРО

Не е случајност што родното место на Дане, ресенската околија, е исто така и родното место на организацијата на која тој ѝ го предаде својот живот, нашата света ВМРО. Но, додека претходните инкарнации на Организацијата биле еднакво идеолошко-просветни и вооружено-револуционерни, како производ на околностите, за време на Даневото раководење со неа, тој ВМРО ја претворил во евангелистичко движење. Во децениите кои претходеле, македонските револуционери имале прибежишта надвор од границите на Македонија каде можеле да се вооружуваат, обучуваат и да се кријат од властите кои ја поробуваат нашата татковина. Во некоја друга реалност, животот на Дане-војвода би завршил на триесет-годишна возраст, на некоја падина во југозападна Македонија, легнат врз бомба, опкружен со телата на неговите верни соборци. Она што ги прави Дане и неговите приврзаници посебни е тоа што тие немале од каде да се вооружуваат, каде да бегаат и каде да се кријат. Затоа тие се предале на истите ненасилни методи со кои се користеле Груев и Татрчев, со еден сериозен хендикеп: Дане и неговите приврзаници својата активност поврзана со зачувувањето на македонската искра ја вршеле свесни дека се опкружени со соработници на Управата за државна безбедност—УДБА, што значело сигурно паѓање во рацете на партиско-идеолошката полиција.

Како производ на неговото конспирирање против таканаречената народна власт и труење на омладината, Дане завршил во превоспитните центри на србокомунистичкиот режим на два наврати. Тука целта на режимот била да му го скрши духот, да му ја одземе човечноста, да ја изгасне искрата која чувал во своето срце. За идризовските темничари размислувањето било најголема опасност. Казната за таа недозволена активност била пендрек по грлото. Но, бруталната глупава сила е бесполезна во судир со дух посветен на најсветата мисија. На големо разчарување и уште поголема фрустрација на превоспитните власти, Дане излегол од двата негови престои во Идризово „непоправен.“ Неговото самоуверено држење ги збудалувало слугите на србокомунистичкиот режим задолжени за неговото поведение.

Бидејќи биле свесни дека Дане претставува многу повеќе од неговата физичка единка, ништо не било поважно за нив одошто од него да направат пример за она што им следува на сите други незадоволници. Затоа, неговиот вистински затвор бил, не Идризово, туку неговата наводна слобода. Сиот негов живот Дане бил опкружен со кодоши и соработници на Службата, задолжени да го иследуваат и да го вплетуваат во интриги зготвени во кујната на политичко-полициското подземје со цел да го дискредитираат како разбојник, а неговата кауза да ја покажат како прост тероризам. И покрај неговиот исклучителен интелект и неговата способност како организатор и раководител, Дане останал невработен за време на целиот негов живот во југословенска Македонија, приморан да стравува за голата егзистенција на своето семејство, лишен од приликата да го исполни својот потенцијал како човек, сопруг и татко—а сѐ со цел да го свие вратот и да ја бакне раката што го држи камшикот. Сиот ѓаволски труд на режимот кој бил опседнат со овој единствен човек чијашто единствена желба била неговите деца да живеат во слободна држава, бил залуден. Во нивниот неуспех да го скршат и од него да направат соработник, тие ја изгубија борбата за душата на македонскиот народ. 

Вистинскиот херој, оној кој искрено чекори по стапките на нашиот Господ-Бог, Исус Христос, е човекот кој ги поттикнува оние околу него да бидат поголеми луѓе, подобри верзии од самите себе си, луѓе кои се подготвени да се жртвуваат себе си за доброто на своите сонародници, за зачувувањето на традицијата и културата на своите предци, за подоброто утре на своите наследници. Дане, како лидер на ВМРО СДРМА поттикнал илјадници негови приврзаници, барем во еден миг да се почувствуваат способни да им застанат на патот на поробувачите на Македонија. Тој е исто така несомнено најзаслужниот човек поради кој светите букви, ВМРО, денес, после едновековно опстојување во тајност, се во опширна употреба во Македонија. Иако буквите во голема мера се злоупотребуваат од оние кои не ја залужиле честа во нив да се крстат, самото нивно присуство е повод за младината на Македонија да чепка и да ја проучува нивната историја и нивното суштинско значење, а со тоа и своето вистинско минато.

Даневиот хероизам е природен производ на неговиот непокорен оптимизам. Неговата длабока вера дека ќе успее во својата мисија, дека Македонија еден ден ќе биде слободна, демократска и обединета беше едното крило кое го носеше во неговиот лет кон пантеонот на великаните. Другото крило беше неговата длабока верност и љубов кон неговите најблиски, Стефанија и неговите деца.

Сите ние зберени тука, и сите оние кои не можеа да бидат тука, а кои биле допрени од боречкиот дух на Дане, сме му благодарни на нашиот Господ-Бог што ни го беше подарил овој извонреден примерок од човек за наш лидер, пријател, роднина и учител. Неговото тело и неговата душа сега му се враќаат на Оној кој го создал, но неговиот дух засекогаш ќе продолжи да живее во сите нас, и ќе продолжи да ги инспирира сите наши обиди да го постигнеме она што делува невозможно.

 

Почивај во мир, драг пријателе.

Read 1224 times