Агенција за разузнавање или за задоцнето предупредување?

Скопје, 2 јуни, 2015 

Пoкажување мускули на медиумите и барање одговорност од нив за објавените или пренесени информации за случувањата во Куманово и за нивната увертира, нападот на караулата Гошинце и некаков обид за самооправдување (миење раце) од последователна одговорност во врска со овие настани, е сижето на коментарите на поранешни припадници на тајните служби за соопштението на Агенцијата за разузнавање.

За поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Кире Наумов, соопштението има два дела, едниот кој се однесува на медиумите, а другиот на работата на самата агенција, а на кои заеднички содржател им се кумановските настани, пред и постфестум.

– За вториот дел Агенцијата требаше да се произнесе многу порано, додека првиот е крајно неодговорен и скандалозен и има цел да им се покажат мускули на медиумите и да се заплашат затоа што си ја работеле работата – вели Наумов.

Агенцијата, вчера, преку државната новинска агенција МИА, ѝ соопшти на јавноста дека инициралa постапка до Јавното обвинителство бидејќи медиумите објавиле идентитет и фотографија на нивен припадник.

„Поведената постапка има цел да се утврди одговорност за објавениот идентитет и фотографија на вработен во Агенцијата за разузнавање на Република Македонија, потеклото на фотографијата и лицето кое имало пристап до неа, како и за начинот на кој истата станала достапна до медиумите каде што беше објавена. Целосно е неприфатливо вработени во Агенцијата за разузнавање да бидат јавно изложени во медиумите во Република Македонија врз основа на шпекулации, гласини и на претпоставки објавени во странски медиуми, кои се повикуваат на извори од странски разузнавачки служби како преземени вести и информации. Во вакви и слични случаи, во иднина Агенцијата за разузнавање нема да дава понатамошни коментари и истите ќе бидат соодветно процесуирани во Јавното обвинителство на Република Македонија“, стои во соопштението од Агенцијата за разузнавање.

Во врска со случаите Гошинце и Куманово, од Агенцијата во дописот велат дека „во однос на намерите на водачите на терористичката структура, нивните капацитети, логистичките бази, курсот на акција на непријателот, од страна на Агенцијата направено е рано предупредување во рамки на своите надлежности“.

Агенцијата „рано предупредила“, а терористите ги избркаа четворицата полицајци боси од караулата во Гошинце и им го зедоа оружето, а по десет дена во Диво Насеље убија осум полициски специјалци и ранија 37.

– Од Агенцијата велат дека предупредиле, односно доставиле информации, но се поставува прашањето зошто предупредувањата не се ефектуирани и зошто не се превенирани случаите по доставените информации до надлежните институции – вели Наумов.

Изминатите три месеци, почнувајќи од „Пуч“, до за влакно избегнатата безбедносна катастрофа во Куманово, на тајните служби повеќепати им беше ставена под нос потребата да се произнесат по наводите дека службите за безбедност ни се решето, а материјали и податоци во секаква форма и содржина истекуваат на сите страни.

Вчерашната објава на Агенцијата за разузнавање, можеби, е прва по прашањата што овој период ја окупираат јавноста, но, сепак, и по форма и по содржина е скандалозна, особено во околности на недостиг на информации од надлежните институции, кои малку од малку би разјасниле што точно се случи во Куманово.

– Реакцијата на Агенцијата за мене е очекувана. Мора да реагираат по објавувањето на идентитет и на фотографија на нивен службеник во медиумите. Она што е проблем е реакцијата и капацитетот на институциите да одговорат на предизвиците. Претседателот со разни патувања во странство, избегнува коментар за случувањата. Обвинителството едни случаи ги тера со експресна брзина, а други ги води бавно или воопшто не ги процесуира. Единствена разврска би била да се спроведе меѓународна истрага и да се потврдат или негираат информациите што ги пласираат медиумите како „Коха диторе“ – вели поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Митевски.

Според Митевски, проѕирно е и оправдувањето на Агенцијата за разузнавање во делот дека тие рано предупредиле за движењето и за намерите на групата.

– Јас сум сигурен дека Агенцијата испратила информации до претседателот, но зошто по едни вакви сериозни предупредувања не бил свикан Советот за безбедност, останува прашање. Службите од 2003 година имаат обврска да соработуваат едни со други и да разменуваат информации. Ако нема повратен одговор од претседателот, тие мора да инсистираат на реакција од другите служби и институции. Не е оправдување тоа дека тие дале информација и тука завршува нивната работа – додава Митевски.

META