Јордан Петровски 15.01.2019
За да се разјаснат случувањата познати под името Бунтот или Настаните на Калето 1945 година, односно Крвава коледа, ќе мора да се направи една хронологија на настаните:
- Смената на Шарло Шаторов !
Причина за смената на Шарло Шаторов:

ЛАЗО РАСКАЖУВА
Другарот Лазо, во своите мемоари, неретко се осврнува на драматичните југословенски збиднувања во 1941 г., на самиот старт на Втората светска војна. Во книгата Аспекти на македонското прашање, издадена 1988 г., тој опишува како и кој го смислува планот за операцијата "свилен гајтан за Шарло акробатот" (акробат во преносна смисла, бидејќи Шаторов, по разгромот на Југославија во април 1941 г., по наредба на СССР, ја поврзува КПМ со бугарската партија, не можејќи веќе да одржува врски со окупираниот Белград). Колишевски (тогаш Колишевиќ) веќе долги години се наоѓа во Србија, каде што работи како металоглодач. Лазо раскажува: "Кратко време потоа, отидов во Крагуевац на работа во Окружниот комитет на КПЈ, а во почетокот на мај ми беше соопштено да тргнам на партиска работа во Ниш. Меѓутоа, неколку дена подоцна, бев повикан во Белград, каде што другарот Александар Ранковиќ ми ја соопшти одлуката за моето одење на работа во Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Тој исто така ми соопшти дека за член на ПК КПЈ за Македонија е испратена една другарка која работеше во Ниш и која беше член на Окружниот комитет. Таа беше Мара Нацева. Ми ја изложи ситуацијата во Македонија колку што му беше и нему позната во врска со ставовите на тогашниот секретар на ПК КПЈ, Шаторов Шарло. Ранковиќ инсистираше, доколку ситуацијата на ПК ќе биде поволна, да ја преземам функцијата на воената комисија".
Две работи се круцијални во ова искажување: прво - Колишевски е човек од највисока доверба на Александар Ранковиќ, шефот на сите тајни служби во Титова Југославија, творецот на ОЗНА (Одделение за заштита на народот) и долгогодишен челник на УДБ (Управа за државна безбедност); и второ - Ранковиќ, Србин по националност, инсистира Лазо да ја преземе воената комисија во КПМ бидејќи во тие воени комисии била најдобро инфилтрирана мистериозната српска националистичко-милитаристичка организација "Црна рука", од која после Војната ќе израсне злогласниот КОС (Контраобавештајна служба на ЈНА).



-АСНОМ, ОДЛУКИТЕ:

Еве што запишал Ефтим Гашев во неговата книга НАШАТА КАУЗА за собитијата врзани за настаните од Калето 1945 година:
Под налетот на суровите методи во реализацијата на идеолошкото сценарио се најдоа вистинските и измислените соработници на окупаторот, предавниците на националната чест, воените чорбаџии, трговците-шпекуланти и сите што и најмалку не се согласуваа со народната демократија. Во категоријата на класните непријатели, како најопасни се третираа политичките противници на режимот, првенствено оние кои решението на македонското прашање го гледаа надвор од авнојска Југославија. Полициско-политичкиот режим спроведуваше државен терор во цела Македонија, а партиската полиција ОЗН-а беше присутна на секој чекор, па дури и во сите поголеми фамилии, а масовните апсења и монтираните судски процеси беа секојдневна лакрдија. Лакрдија која невините чесните луѓе ги испраќаше на долгогодишна робија со тешка присилна работа, додека, пак, бројот на стреланите постојано се зголемуваше. Со револуционерните судски пресуди изречени од партискиот врв на најхуманото општество, преку демагошкото народно судство, со полуграмотни и неморални судии, се разграбуваше приватната сопственост на таканаречениот класен и народен непријател. Со ова искажување авторот не си зема право да ги амнестира вистинските соработници на окупаторот, но таквата соработка требаше да се констатира со факти и со докази, а за третманот на иследувањето и за височината на казните може правно и субјективно да се полемизира. Како инаку да се објаснат и да се оправдаат масовните стрелања на македонски граѓани, без извршни судски пресуди, во Велес, Куманово, Ресен...?! Пролетерите-победници мошне брзо сакаа да си го компензираат и наплатат своето учество во НОБ, одбирајќи ги најубавите куќи на осудените и на ликвидираните граѓани, па дури почнаа да им се бендисуваат и буржоаските ќерки, предлагајќи им љубов, па дури и брак. Со ослободувањето на Македонија, уште во ноември-декември 1944 година, се објави општа мобилизација и се создаде многуилјадната македонска војска. Па, бидејќи, татковината (Југославија) се уште не беше ослободена, македонскиот војник во духот на југословенската солидарност требаше да војува и да гине на Сремскиот фронт.
Од пишаното не се бега!
На 15. македонски корпус му се падна таа зла судба, па 25.000 Македонци се подготвуваа за овој крвав поход. Македонската војска почна да се обезличува, губејќи го својот национален идентитет. На командните позиции, од Врховниот штаб на Југославија, беа назначувани српски и црногорски команданти. За началник на Главниот штаб на Македонија беше поставен генералот Павле Илиќ, за началник на 41. дивизија е назначен Ѓорѓе Шарановиќ, а на 48. дивизија, Вуко Турковиќ. За командант на 42. дивизија именуван е Миливое Гроздановиќ, политкомесар на 51. дивизија назначен е Јован Ѓуровиќ, а заменик командант, Никола Радошевиќ. За началник на штабот на Кумановската дивизија именуван е Драгутин Филиповиќ, а за начелник на штабот на Корпусот, Живоин Росиќ. Местото командант на 15. македонскиот корпус беше резервирано за Петар Брајовиќ-Ѓуро итн. Појавата за обезглавување на македонската војска добива масовни размери. Во јануари 1945 година во македонските воени единици се поставуваат неколку стотици српски офицери. Овој преседан ја преполни чашата и не остана без соодветна реакција, бидејќи македонскиот народ, раководен од револуционерниот дух на своето историско минато, и на оваа агресија и рече: НЕ! Така, кога на 7 јануари 1945 год. во Офицерскиот дом во Скопје се одржуваше Вториот конгрес на македонските консомолци и кога титовите младинци еуфорично скандираа: „Тито-Сталин-Лазо!“, истовремено на скопскиот плоштад, македонските артилерци скандираа: „На Солун!, на Солун!“, „Не на Берлин, не на Срем!“. Овој патриотски бунт беше задушен со оружје и со крв. Солидарност со бунтовниците од Македонската артилериска бригада изразија и војниците од штипската касарна, која беше исто така наплатена со војнички животи. Овие крвави настани, арогантниот македонски губернатор Светозар Вукмановиќ-Темпо, вака ги одбележа во своите мемоари: „...обраќајќи им се (се мисли на побунетите војници од штипската касарна, дојдени со македонскиот одред од Бугарија, з.м.) со кус и остер говор реков: „ За сето време на војната вие бевте во Бугарија. Пушка не пукнавте против окупаторот! Сега наеднаш станавте Македонци, па на сиот глас викате како сакате да се борите за слободата на Македонија и поради тоа не сакате да се борите на Сремскиот фронт. Јас ви велам, вие не сте никакви Македонци! Јас сум поголем Македонец од вас...“. Каков срам и омаловажување!
Ке цитирам дел од истражувањето за настаните на Калето од Борис Поп Ѓорчев, човек чиј татко е убиен во групата од 53 Велешани без судење! Според мене Борис Поп Ѓорчев го направил најверодостојно истражување на настаните од Калето.
ОНАА ШТО НЕ СЕ СПОМЕНУВА ЗА НАСТАНИТЕ НА КАЛЕТО ОД 1945
Српски шпиони го поттикнувале револтот на војниците, за ОЗНА да почне со апсења
Недела претпладне, 7 јануари 1945 година - Божиќ. Во Офицерскиот дом на плоштадот во Скопје се одржува Вториот конгрес на Народната младина на Македонија на чело со Крсте Црвенковски. Свечена, а како што милуваа комунистите да кажат, истовремено и работна атмосфера. Многу челници на тогашна Македонија се во салата. Меѓу нив и генералот Михајло Апостолски, началник на Генералштабот.
Одеднаш, влегува аѓутантот на Апостолски и му шепнува вознемирувачка вест. Стотици војници, вооружени, се симнувааат од Калето и преку Камениот мост доаѓаат пред Офицерскиот дом. Транспаренти, извикувања, мешаница, изненадувачка атмосфера која на политичката елита во Домот не и’ се допаѓа. Никој не знае што се случува и зошто е сето тоа. Апостолски излегува надвор и не му се верува во тоа што го гледа: неговата војска излегла со оружје, а тој поим нема што се случува.
Така започнал бунтот на војниците од Калето во јануари 1945 година. Тој ќе предизвика една серија настани која ќе го претвори јануари 1945 година во еден од најкрвавите месеци во македонската историја. По бунтот на Кале следи тој во Штип, па стрелањето на 53-та велешани, стрелањата во Куманово и Ресен, а сето тоа води кон не баш славен почеток на новата комунистичка власт во Македонија.
12 СМРТНИ КАЗНИ
Борис Поп Ѓорчев, еден од најистакнатите македонски новинари, кој неколку децении се обидува да ги дознае сите детали за случувањата во јануари 1945-та сврзани со убиството на неговиот татко Богдан (заедно со други 52-ца од затворот во Велес на 15 јануари истата година), деновиве имаше можност интегрално да ги прочита пресудите на неколку десетици војници кои учествувале во бунтот од 7 јануари 1945-та.
‘Своевремено, целата документација за овој настан, но и за бунтот во Штип од 14 јануари била пренесена во Белград. Оттаму е сместена на сигурно во некои босански бункери, за на крај, пресудите да завршат во архивот на поранешниот Воен суд во Сараево. Од Сараево, снимени на микрофилм, своевремено ги донесе д-р Растислав Терзиоски и ги предаде на Архивот на Македонија’, ја раскажува Поп Ѓорчев одисејата на документите во кои е запишана судбината на многу луѓе, учесници во настаните од 1945 година.
-‘Македонија ја дочекува 1945 година со пораките на Кардељ до Колишевски кои лебдат во воздухот. Исполнувањето на тие пораки веројатно се една од причините за бунтот. Кога војниците го исполниле плоштадот очигледно никој не знаел во што сето тоа може да се изроди. Тогаш всушност започнува јануарската драма во Македонија која потоа ќе прерасне во хистерија и ќе зацрни стотина македонски семејства’, вели Поп Ѓорчев.
За него, интересен показател е содржината на транспарентите со кои војниците дошле пред Офицерскиот дом: ‘Покрај стандардните пароли за тоа време - ‘Да живее Тито’, ‘Да живее Апостолски’ и на јавноста веќе познатите пароли ‘Не сакаме на Срем, сакаме на Солун’ и ‘Не на Берлин, туку на Солун’, во пресудите е запишано дека имало и пароли ‘Нејќеме Срби да не управуваат’. Тоа, да бидам искрен и мене ме изненади и внесува нов правец во обидот да се реконструира настанот. На плоштадот полн со вооружена војска било развиорено и едно знаме со бои чија комбинација во македонската историја ретко се сретнува: црвена, црна и бела’, ја пренесува Ѓорчев соржината на пресудите против војниците.
По собирањето на војниците на плоштадот, веднаш е алармиран Апостолски. Тој изглегува пред нив, успева да ги смири и да ги убеди да се вратат назад. Горе, на Калето, војниците го оставаат оружјето, а потоа ОЗНА почнува да апси.
- ‘Така, за кратко време завршува тој дел од првиот и единствен вооружен бунт на една војска во Втората светска војна. Тоа е прв излив на еден своевиден патриотизам, кој некои го сквернават како национализам, обид за обединување на Македонија. Во незавршена војна, македонската војска сака да војува за Солун, а не за целите што ги определило партиското раководство под контрола на Белград. Тоа е тежок удар за политиката што ја води македонското раководство, само некоку дена по заминувањето на Кардељ, но и за безбедносната служба која не насетила што се подготвува. Натаму, бунтот ја покажал мекоста на паролата за братството и единството. Што му е гајле на Македонецот за Срем - тој сака на Солун. Интересно е што во тоа време за настанот со месеци молчат двете гласила во Македонија: весникот Нова Македонија и Радио Скопје. Не само во јануари, туку и подоцна, како ништо да не се случило. Општ молк. Спорадично настанот е претставен како незадоволство на група војници, националисти и пробугарски настроени, па дури и Бугари’, вели Поп Ѓорчев.
Но, исказите во истрагата и судењето на многу од судените војници, ја разбиваат таа теза. Навистина, војниците главно се од Источна Македонија -Струмица, Кочани, Штип итн., но судејќи според имињата и податоците кои Поп Ѓорчев ги забележал во пресудите, меѓу нив имало и такви со потекло од Кавадарци, Прилеп, Гевгелија, од Велес, од охридското село Велестово и од селото Лера, битолско.
‘Значи, покриена е цела Македонија, па не може да стане збор за тоа дека биле само неколку побугарчени војници од Источна Македонија. За самиот настан во пресудите се вели дека е ‘воружен бунт на регуларна единица’ што е веројатно единствен таков случај во Втората светска војна. Апостолски ги враќа војниците на Калето, тие го оставаат оружјето и тогаш ОЗНА почнува да ги апси. Следи истрага, а потоа војниците се изведени пред суд. Главното обвинување е дека станува збор ‘за отворен оружан бунт против установениот ред и поредок во НОВ на Југославија, што са фрлани пароли противни на единството на југословенските народи, што са организирале оружан бунт во касарните на Кале и на плоштадот пред Официрскиот дом во Скопје’. Во Скопје судења има веќе на 20 и 30 јануари и 1 февруари, кога се изречени 12 смртни казни, 12 војници добиле пресуди со кои се осудени на временски казни затвор со тешка принудна работа од 5 до 20 години. Други деветмина добиле помали казни, а петмина со недокажана вина биле ослободени’, раскажува Ѓорчев.
БЕЛГРАД ИСПРАТИЛ НЕДИЌЕВЕЦ
Осудениците на смрт биле издвоени во две групи: во првата се четворица од кои дури тројца се Срби што е мошне индикативно: зошто Срби би си ја ризикувале главата за да подбуцнуваат македонски војници наместо да одат да се борат на Срем, да сакаат да тргнат кон Солун?
‘Индикативни се исказите на обвинетите пред судот дека ‘откако дојдоа српски началници и инструктори во бригадата, меѓу војниците се осеќава некакво незадоволство, нарочно след случката во интендантството каде еден од дојдените Срби е говорел нешто за крал Петар, како тој ќе се врател назад, дека ќе се врати и Југославија, а Македонија ќе биде Јужна Србија’, цитира Поп Ѓорчев.
Во документите кои тој изворно одново ги препрочитувал во Архивот, а кои се објавени од страна на македонскиот Институт за национална историја во 1997 година (‘Настаните на скопското кале на 7 јануари 1945 година документи’), запишани се всушност повеќе дилеми на војниците околу заедништвото на Македонија со Србија и различното сфаќање на последиците од тоа.
Во целата таа приказна, меѓутоа, се чини недоволно е расветлена улогата на тројцата Срби. Тоа не се Срби од Македонија кои тука живееле па биле мобилизирани меѓу партизанските единици, туку очигледно станува збор за нешто друго.
‘Во протоколот за распит од 9 јануари 1945 година на Слободан Бранковиќ (23) од Белград стои и дека е приватен чиновник, водник во противавионска батерија, а пред да биде мобилизиран во НОВ бил на служба кај Недиќ (српски генерал и премиер во Кралска Југославија) и бил еден од најактивните функционери во организацијата Национална слога. Тој лично учествувал во многу борби против партизаните, а потоа кога видел кој победува во војната, се вовлекол во НОВ и како стручњак бил испратен во Скопје. За овој човек е запишано и следното:
‘Но, и тука продолжува со активност - засилена пропаганда во полза на големосрпската реакција и се опитува да направи неред во артилериската бригада, откриен од ОЗНА и предаден на војниот суд и осуден’.
‘Вториот Србин е Александар Вељковиќ (22) (во докуменитте пишува Александар Велкович) од Ресен. Живеел во Ниш, потоа работел во Германија, се вратил назад, а од 15 ноември 1944 година мобилизиран во НОВ и пратен во Скопје како инструктор. Третиот е некој Душан Бечиќ. Тројцата најпрвин биле осудени на смрт, но потоа изненадувачки настанува пресврт - биле ослободени по поднесените жалби, иако како што ви цитирав еден од пониските судови за недиќевецот, немало сомнеж дека роварел против НОВ, што во тоа време се казнувало без многу размислување. Како и на кој начин биле ослободени, најкарактеристично објаснува случајот со Бечиќ. За него, по жалбата за која решавал белградскиот воен суд, во ослободителната пресуда било запишано:
‘Во однос на него работата е уште потемна. Просто е необјасниво како се појавил тој човек пред судот, а не се споменува ниту во истрагата ниту во обвинителниот акт. Тој упорно останувал при својата изјава: ‘Останувам при показанијата дадени во ОЗНА’. Но тие ‘показанија’ односно изјави не му биле презентирани на судот. Како и зошто, не ми е јасно’, вели нашиот соговорник.
Всушност, од тоа се заклучува дека тројцата Срби имале една од битните улоги во целиот настан со бунтот на Кале, дека поради тоа ОЗНА ги испитувала, а потоа и биле осудени на смрт. Но, кога нивните жалби биле поднесени се покажало дека ги нема материјалите од испитувањето, па затоа во ослободителната пресуда за Бечиќ се вели дека е необјасниво како тој се нашол пред суд, што внесува тотална забуна во случајот. Каква била улогата на овие Срби и кој на крајот ги заштитил? Дали нивната улога не била токму во тоа: луѓе со проблематично минато за тоа време, испратени од ОЗНА да подбуцнуваат на бунт за потоа да може да се изврши чистка меѓу македонските војници и со тоа во корен да се исече желбата наместо на Срем да се оди на Солун? Поп Ѓорчев нема одговор на овие дилеми, но признава дека случајот е прилично чуден. Посебно што во материјалите наишол и на еден струмичанец кој во касарната на Калето дошол вечерта на 6 јануари во цивилна облека и таму преноќил, што е прилично несфатливо. Како може туку-така цивил да влезе и да преноќи во касарна, потоа за него да се констатира дека ‘внел голема забуна меѓу војниците со својата агитација и создал голема експлозија која довела до бунтот’, но, сепак, да не му биде судено? ‘Сето тоа е прилично чудно и покажува дека таму се случувало нешто што засега за нас е непознато. Како и да било, македонските судови продолжиле да ја извршуваат директивата за строга рака и чистки што на Колишевски му ја пренел Кардељ, па претседателот на Вишиот воен суд при Генералштабот во Скопје чиј гроб сега се наоѓа во алејата на великаните на скопските гробишта во Бутел, на 30 јануари 1945 година, спроти судењето на војниците обрнува ‘внимание на скопскиот суд дека во Штип судот донел смртна пресуда против 6 лица’, објаснува Ѓорчев.
Тоа вродило со плод, па биле донесени 13 смртни пресуди, но подоцна, истиот тој претседател на Судот е пописник на пресудата со кој повисокиот суд се откажал од ригорозните казни и ниту една смртна пресуда не опстојала до крај. Што се случило во меѓувреме? Интересно е што меѓу оние кои биле осудени на смрт па ослободени, бил и братот на еден од највисоките комунистички функционери на Македонија (неговата прва реакција била дека нема одвишок браќа за стрелање). Потоа следело и помилувањето од август 1945 година на Президиумот на АСНОМ, по што работите добиле поблага димензија. Но, во август 1945-та веќе немало спас за осудените на смрт од штипската касарна, за убиените од затворот во Велес, за кумановските и ресенските жртви. Тие засега остануваат нерешлива тежина за македонската историја и држава.
За да се елиминира промакедонскиот старешински кадар во Македонската војска и така да се елиминира опасноста по србокомунистичкиот режим, мора да се најде мотив и оправдување за чистката и за носење на Срби и Црногорци за команден кадар во Македонската војска а зар има подобро оправдување од наводните бугараши во Македонската армија кои не сакат да се борат за Југославија туку сакаат да се борат за обединување на Македонија.
Во тоа време ОЗНА немала „Бугараши“ од сопствено производство па затоа како подбуцнувачи на бунтот мора да користи Срби. За жал оваа никогаш не е обелоденето пред Македонската јавност од официјалните органи.
пс. еве во кратки црти што има објавено македонската истриогрфија за настаните на Калето:
1. Непобитен е фактот дека делови од артериските единици се побунија и одбиваа да одат на Сремски фронт, истакнувајќи ја патролата: "Не сакаме на Берлин - сакаме на Солун".
2. Точно е тоа дека по барање на командантот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, генералот Михајло Апостолски, побунетите артилерци, построени пред бившиот офицерски дом, сега плоштадот "Македонија", се вратиле во кругот на своите касарни во Кале.
3. Иницијаторите и организаторите на број околу 34 се разоружени, затворени и по спроведената истражна постапка, осудени од кои 13-мина на смрт, четворица ослободени, а останатите на временски или условни казни до 20 години.
Но никаде не се кажува ништо за судбината на осудените. Така се стекнува впечаток дека изречените пресуди, од страна на воениот суд при Скопската воена област, биле извршени.
Што не одговара на вистината.
Имено, сите осудени во натамошната жалбена постапка, во текот на 1945 година, се ослободени од издржувањето на казните, а истото се однесува и за осудените на смрт. Оттаму не се точни информациите, кои што повремено се јавуваат во средствата за јавно информирање, дека поради одбивањето, да учествуваат во завршните операции за конечното ослободување на Југославија, во борбите на Сремски фронт, со истакнувањето на паролата "Не сакаме на Берлин - сакаме на Солун" се масакрирани околу 150 припадници на артилериските бригади.
Тие се надвор од секоја реалност и не се добронамерни.
За жал притоа неправедно се споменуваат и некои имиња, како директни виновници за масакарот. Секој добронамерен истражувач, во точноста на изнесениве податоци, без поголеми напори може, да дојде до објективната вистина дури и бегло да ги прегледа следните изданија:
-"Јануарските настани на Скопското кале - 1945", Зборник на документи, во издание на Архивот на Македонија, Скопје, 1997, стр. 298;
-"Настаните на 7 јануари 1945 во артилереските бригади во Скопје". Зборник со материјали од научниот собир посветен на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, 1941-1945, во издание на МАНУ, Скопје 1997, стр. 113-123; ;
-"Јануарскиот масакар и вистината за него", дел 2, "Македонско време"бр.32 за 1997, стр.35-39, дел 1;
-"Јануарскиот масакар и вистината за него, дел 2,
-"Македонско време", бр. 33, за 1997, стр. 30-35.
Споменатите прилози, печатени се и во изданијата на англиски јазик. Мошне интересни се и објавените материјали - сеќавања од дирекните учесници во настаните од 1945 год. објавени во дневниот весник "Нова Македонија" во март 1991 година и тоа од Михајло Апостолски, Киро Бардаров од Струмица еден од осудените на смрт, на процесот во врска со настаните од 7 јануари, Тодор Урдов од Дојран - осуден на временска казна, Стојан Козаров, осуден на смрт, Мите Ефтимов, осуден на временска казна, Илија Ѓозов од Радовиш, началник на штабот, Ристо Таневски, командир на батерија, Ивн Штерив, командант на артериска бригада, Никола Коцевски Параспуров, заминк конандир на батерија и други.
Секако, мошне интересно е искажувањето на неодамна починатиот проф. академик Александар Т. Христов, кој во процесот на судењето се јавува, во својство на обвинител, изнесено на таркалезната маса посветена на настаните во Скопското кале, одржана во Скопје на 8 март 1991 година и други.
Во Архивот на Македонија, до пред некоја година стоеше на располагање, микрофилмот под сигнатура "Ми 1371", кој содржи 141 архивска единица, за настаните на Скопското кале. Настаните на Скопското кале биле предмет на истражување и во некои постари монографски изданија или зборници од научни собири. Да споменеме само некои од нив:
-"Историја на македонскиот народ", Скопје 1969 кн.3;
-Михајло Апостолски,"Ослободителната војна на македонскиот народ"Скопје,1964;
-Владо Ивановски"Од Дебарца до Рогошка Слатина-борбениот пат на Првата македонско-косовска бригада", Скопје,1994;
-Марјан Димитријевски "Националноослободителната војна во Македонија",1944-1945,Скопје,1995 и други изданија.
Од досега изнесеното, повеќе од очигледно е дека, настаните на Скопското кале од 7 јануари 1945, за науката на биле "табу тема", како што некои милуваат тоа да го пласираат, често пати во јавноста. Напротив тие биле проучувани ви рамките на постојната и достапна оригинална документација, како и во зависност од заинтересираноста на научните работници. Д-р Владо Ивановски.
извор ФБ Документи за Македонската историја
Нема збор за учесатвото на Србите и улогата на ОЗНА!!