БУГАРСКА АМБАСАДА“, СЕ УШТЕ НЕРАСЧИСТЕНА ИНТИРГА 3

Во разговорот во поголема мерка потврдени се сознанијата и податоците поради кои беше заведен, а исто така Петровски ги прифати контактите со ДБК, поради што предлагам да се дерегистрира од ПО, бидејќи нема основ за понатамошен оперативен третман.[xix]

Има еден интересен детал што не е спомнат во „предлогот за дерегистрација“ на Петровски, но кој оперативниот работник Јовановски го забележал во неговиот коментар на статијата „Полиција и политика“ во неговото образложение зошто Службата, по четиригодшна тајна обработка на Петровски, конечно му пришла на директен контакт:

Општ впечаток од разговорот беше дека се работи за лице кое во своето деловно работење подлабоко има навлезено во повеќе финансиски зделки и малверзации одошто западнал во моментална финансиска криза, која беше искористена како посебен момент за обавување и прифаќање на разговор на истиот, како и побарување заштита и помош во расветлување на граѓанскиот спор со неговите поранешни деловни пријатели Драган Даравелски и Предраг Димковски од Куманово од кои физички бил нападнат и претепан на улица.[xx]

Предлогот бил усвоен на 13 ноевмри 1996 година. Во периодот што следел Петровски бил заведен во чистилиштето на „дерегистрираните“. Во оваа фаза Службата започнала да му поставува задачи од чиешто исполнение зависел неговиот иден третман.

Од разговорот [од 15.07.1996 година] се заклучи дека истиот имал навлезено доста длабоко во повеќе зделки и трансакции со повеќе лица и фирми (но и во финансиска криза) од Р. Бугарија, Украина и СРЈ, а што посебно е битно за ДБК, истиот прифати соработка и продолжување на контактите со ДБК, при што би информирал за работи и состојби од овие земји, а кои се од интерес на ДБК. Во овој контекст по наша инцијатива истиот требаше да ги продолжи и интензивира веќе воспоставените врски и контакти со Огњан Петков од Министерството за надворешни работи на Р. Бугарија, раководител на трговското претставништво на Р. Бугарија во Белград, СРЈ, како и со хххххххххххххх од Скопје.

Непосредно по разговорот, по наша иницијатива Петровски оствари контакт со Огњан Петков во Белград со цел да побара помош за негово посредување за поскорешно завршување на судскиот спор со фирмата „Неси 2“ од Софија која му должела поголема сума парични средства (информирано од наша сл. белешка бр. 1169 од 28.11.1996 година). Исто така по наше упорно инсистирање на 17.11.1997 година од 11,30-12,00 часот Петровски оствари контакт со ххххххххххххх во Скопје. По претходен телефонски договор ххххххххххххх го прими на триесет минутен разговор во приемната просторија на самиот влез во амбасадата.

III. ДОБИЕНИ СОЗНАНИЈА И ПОДАТОЦИ ОД ДЕЛОКРУГ НА ДБК:

За време на контактот и разговорот Петровски во кратки црти му го објаснил спорот со фирмите должнички од Р. Бугарија, а истовремено ја ставил на увид и расположивата документација, при што замолил и побарал негово посредување и помош за поскорешно и правилно окончување на случајот.

На оваа ххххххххххххххх рекол, дека тоа не спаѓало во делокругот на работите што тој ги обавувал, меѓутоа ќе се потрудел, а поготово ќе го ангажирал конзулот (не спомена никакво име) за да се заангажирал во случајот, најверојатно со нивното појавување кај адвокатот кој го застапувал Петровски и кај сопствениците на „Неси 2“, ќе сфателе дека се работи за фирма која е од државен интерес. Но за тоа Петровски требало да направи фотокопија од расположивата документација од споменатите фирми од Р. Бугарија, име и презиме на сопствениците, број на телефони, и име и презиме на неговиот адвокат што го застапува како и неговиот телефонски број и во текот на наредната недела сите тие работи му ги донесе на рака.[xxi](Нагласено од Д.П.)

Забележете дека сѐ она што следи по зборот „најверојатно“ – односно, дека со појавувањето на „конзулот“ кај „адвокатот кој го застапувал Петровски и кај сопствениците на [фирмата] ‘Неси 2’, ќе сфателе дека се работи за фирма која е од државен интерес“ – не е цитат на она што го пренел Петровски, туку дека станува збор за претпоставка на оперативниот работник. Земајќи ја претпоставката „здраво за готово“ тој во „оперативниот коментар“ продолжил да ја кове заверата:

Сознанијата и податоците од разговорот со Петровски за неговиот контакт со ххххххххххх сметаме дека се интересни и заслужуваат наше внимание. Сметаме дека се искрено презентирани. Заслужува посебно внимание исказот на хххххххххх за негово појавување и посредување пред адвокатот и спорните фирми од Р. Бугарија со кои се спори Петровски како сопственик на фирмата „Снежана и Синови“, дека ќе сфатат дека се работи за фирма од државен интерес, зашто ДБК располагаше со оперативен податок, дека фирмата на Петровски Јордан од Куманово била од интерес за Р. Буагрија и требало да ѝ се помогне на неа и други како неа.

Сметаме дека Петровски засега добро е примен од страна на хххххххххххх поради што предлагаме за наредниот контакт Петровски да биде инструиран со помош на I Управа на ДБК. [xxii] (Наше нагласување, Д.П.)

Следната службена белешка, од речиси една година подоцна е мошне поучна. Интересно да се спомене тука е дека во меѓувремието помеѓу погорната белешка и онаа што следи, имено во летото 1997 година, изби „расколот“ помеѓу „македонистите“ и „бугарофилите“ во ВМРО-ДПМНЕ, кој беше предизвикан од текстот „Чакам те да дојдеш“ од перото на „поранешниот“ безбедњак Александар Диневски, а објавено во весникот на Унијата на млади сили на истата партија, „Завет“. Десет години подоцна на интернетските форуми почна да кружи памфлет „Расколот во ВМРО-ДПМНЕ – Документирана историја“. Тогаш беше очигледно дека работниот материјал е ракопис за книга која требаше дефинитивно да ја потврди „бугарштината“ на оние со ВМРОвска определба. Меѓутоа, благодарение на острите дискусии помеѓу Диневски и Петровски на форумот kotle.ca, се откри заверата и книгата остана незавршен проект. Сепак, интересно е да забележиме тука дека „поранешниот“ оперативен работник на службите на државната безбедност Диневски, прави еден извонреден превид, имено, како што забележал Петровски:

Можеби памфлетот не би ни привлекол толкаво влијание ако не беше напишан од искусен СДБовец. А кога на искусен СДБовец ќе му се „поткраде грешка“: да не го гледа слонот, а мравката да ја претставува поголема и од слонот, сомнежот сам се раѓа. Во една изјава во „Нова Македонија“ од 04.09.1997 година, Чедо Радомировиќ вели дека го финансирал ВМРО-ДПМНЕ со 400.000 германски марки. Пак ајде да кажеме: не е чудно. Но, Радомировиќ беше само ДИРЕКТОР на „ТЕХНОКОМ“, а не нејзин сопственик. Сопственик на „Техноком“ беше „ГЕНЕКС“, а „ГЕНЕКС“ е фирма на КОС. Диневски никаде во памфлетот не се занимава со прашањето зошто КОС го финансира ВМРО-ДПМНЕ или непобитниот доказот за туѓо влијание кој го има во раце го игнорира, додека туѓото влијание за кое нема таков цврст доказ го обработува дури и е подготвен да издаде книга![xxiii]

Конечно сега можеме да преминеме на претпоследната службена белешка која ни е достапна од досието „ЦРНИ“, која како што веќе навестивме, е мошне поучна:

II. Разговорот е обавен по наша инцијатива, а имаше за цел добивање безбедносно интересни сознанија и податоци од евентуално реализираните задачи кои му беа поставени на последниот контакт одржан со истиот на 03.09.1997 година во ресторанот „Баба Цана“, кои му беа исто така поставувани и од негова страна прифатени на контактот остварен на 19.12.1996 година во истиот ресторан, во присаство на главниот инспектор хххххххххххххххххххххххххххх поставените задачи се однесуваа на неговите контакти кои требаше да ги оствари со Огњан Петков од Бугарското трговско претставништво во Белград, како и неговите контакти со Ангел Димитров амбаххххххххххх хххххххххххххххххххххххххххххххххххххххххххххххххххххххџххџххџџхџхџххџхџхџхџхџхџхџхџхџхџхџхџхџххџхџхџхџхџхџхџхџхџџхџхџхџхџхџхџхџх

Белене, со која поради настанатите недоразбирања во финанскиското работење, нивните меѓусебни односи од 1993 година, се нарушени при што истите му останале должни поголема сума на пари, поради што во тек е судска постапка што ја води тој, преку свој адвокатски застапник.

III. Во текот на разговорот не се добиени очекуваните сознанија и податоци, од причини што Петровски не ги реализирал договорените контакти и разговори со Огњан Петков и Ангел Димитров, а тоа не направил, по него, поради тоа што до толку економски опаднал што самиот со сопругата без ниту едно лице вработени од страна, го држат ресторанот „Баба Цана“ и покрај тоа што немале никаква заработка, морале да го одржуваат поради тоа што морале нешто да работат, а и се надеваат на подобри времиња, од една и поради тоа што изгубиле верба во институциите на системот како во Р. Бугарија исто така и во Р. Македонија од друга страна.[xxiv] (Наше нагласување, Д.П.)

Какви „сознанија и податоци“ очекувале оперативните работници на ДБК од „задачите“ кои му ги поставиле на Петровски, а кои се однесувале на негово расчистување на долгови со приватни фирми од Бугарија? Понатаму белешката продолжува:

Во Р. Македонија, правосудните органи – судовите биле воопшто неефикасни. Спорот што го водел со ххххххххххххх и Драган Далаверски од Куманово сѐ уште бил на почеток, шест пати било закажувано рочиште на спорот под изговор дека споменатите странки против кои се води спорот, судот не можел да ги пронајде и уредно да ги покани, за што Петровски смета дека и оваа институција е искорумпирана, и судијата што треба да решава по предметот прави некакви малверзации со споменатите странки.

На крајот од разговорот Петровски побара помош, колку што може ДБК да повлијае во судот за да се побрза и оконча постапката.

Неговото барање беше прифатено од наша страна, а до крајот на оваа недела истиот зеде како задача и обврска да му се јави по телефон и закаже контакт со Амбасадорот Ангел Димитров, во Скопје, каде би му го изнел случајот со фирмата „Константинови 90“ и побарал помош од негова страна, за што е можно побрзо реализирање на истиот.

IV. ОПЕРАТИВЕН КОМЕНТАР:

Ваквото однесување на Петровски е сомнително. Истиот на неколку наврати ветува дека ќе ги реализира договорените задачи, кои одат во негов но и во прилог на ДБК, а пак воопшто не е направен обид за нивно реализирање под изговор дека причината за тоа е само од економска природа, што таквото негово прикажување го прифаќаме со резерва.

Повторен контакт со истиот е договорен за 30.10.1997 година во ресторанот „Баба Цана“.[xxv] (Нагласено од Д.П.)

Тука се јавува очигледното логично прашање: Што е тоа што може да ѝ биде од прилог на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање во исплатата на приватен долг на приватна фирма која се сомничи за подготвување на терен за насилно уривање на уставниот поредок на Републиката?

*          *          *          *          *

Како што веќе споменавме погоре, ниту Министерството за внатрешни работи ниту Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање излегоа со реакција во јавноста по прашањето покренато со текстот „Полиција и политка“, односно аферата „Бугарска амбасада“.

Меѓутоа, аферата остана неистражена и по победата на ВМРО-ДПМНЕ во изборите во 1998 година. Со промената на власта и новите назначувања кои уследија како последица се случија неколку работи кои остануваат индикативни за тоа дека партијата впрочем била провалена од страна на Службата, и дека таа веќе не била онаа на која народот толку масовно ѝ пријде во 1990 година. За министер за внатрешни работи во владата на Љубчо Георгиевски беше назначена професорката по марскизам и носител на наводното бугарашко крило во патријата, Доста Димовска. За неа, по нејзината релативно рана смрт, нејзиниот  претходник и човек кој бил министер за време на поголемиот дел од подготовките на „Бугарска амбасада“, Љубомир Д. Фрчкоски, обзнани дека отсекогаш за него таа била „сестра Достич“, дотолку блиска што му била гост на неговата втора свадба. Индикативно беше и назначувањето на Драган (Стојановски) Даравелски за директор на царинската управа како и неговото де-факто назначување за кумановски паша. Овој потег предизвика револт во кумановскиот окружен комитет на партијата предводен од таканареченото Докторско крило кое со директни и отворени писма до раководството на партијата и владата се обидуваше да го сврти вниманието на оние кои се во позиција да носат одлуки дека избраните лица се валкани антидемократи. Револтот кулминираше со петицијата на која речиси 150 ветерани на ВМРО-ДПМНЕ од градот се осмелија да го стават својот потпис на петиција до Љубчо Георгевски со барање за отстранување на Даравелски од неговата новоназначена позиција.

Петровски излезе во јавноста уште два пати во летото 1999 година, преку неделникот „Фокус“ со директни критики кон кадровската и безбедносната политика на новата влада. Последниот текст од неговиот серијал „Криминализацијата на ВМРО-ДПМНЕ“, поради интервенција на ДБК, остана необјавен сѐ до 2003 година. По излегувањето на двата текста во „Фокус“ и револтот на Докторското крило чиј штаб беше ресторанот на Петровски, „Баба Цана“, обрачот околу неговото семејство се стегна до коска, што беше повод за последователното бегство на семејството Петровски во Канада кон крајот на 2000година.

Во меѓувреме беа отворени архивите на службите на државната безбедност. Но, ниту еден Јавен обвинител не си зеде за сходно да отпочне истрага во дубиозното работење на УДБ за време на македонската независност, кога аферите како „Бугарска амбасада“, кои според записот на инспекторот Јовановски биле спроведувани во согласност со Правилникот за работа на УДБ/ДБК, биле противречни на начелата на Уставот на РМ. Неми по прашањето останаа и остануваат и таканаречените невладини организации на соросоидниот октопод наречен „граѓански сектор“, кои сепак не испуштаат можност да ја ползуваат аферата „Големо уво“ како доказ за злоупотреба на службите на државната безбедност од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Нивните единствени коментари во оваа насока се дека сето она што го работеле службите на државата безбедност против македонските патриоти било за потребите на владите на РМ, што според нив, како столбови на македонската демократија, било сосем исправно и согласно со начелата на отвореното општество.

Конечно, нема во однос на аферата „Бугарска амбасада“ остана и самата Амбасада на Република Бугарија во Скопје, како и бугарската држава воопшто. Таа во „Полиција и политика“ беше обвинета за соработка со тајната служба на нашата Република во завера против тогашната водечка националистичко-пазарна опозициона партија. Поаѓајќи од фактот што Бугарија била обвинувана за мешање во внатрешните работи на Македонија уште од почетокот на дваесеттиот век, зарем не ќе беше логично бугарските власти да сторат сѐ што е во нивна можност да го демантираат обвинението дека тие повторно си поигруваат со судбината на „нивните браќа“. Своевидно целосно заокружување на аферата „Бугарска амбасада“ поетски дојде во текот на изминатата недела кога поранешниот амбасадот Ангел Димитров – истиот за кој се зборува во службените белешки погоре – беше назначен за претседател од бугарска страна на екипа во „преговорите за спорните прашања и општата историја“ произлезени од договорот за добрососедски односи кој го склучи владата на СДСМ-ДУИ предводена од Зоран Заев.

*          *          *          *          *

И покрај релативно обемната должна на овој осврт, целата историја на аферата „Бугарска амбасада“ и нејзното суштинско место во контекст на пошироката историја на Македонија и регионот сепак не е доловена тука. За тоа македонската јавност ќе треба да се стрпи уште малку.

 

 



[i] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 348, 03.06.1998 година, УДБК – Куманово.

[ii] „Денес“. 28 мај 1998 година. „Полција и политика“.

[iii] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 348, 03.06.1998 година, УДБК – Куманово.

[iv] Brailsford. Henri Noel. „Macedonia; Its Races and Their Future,“ London 1906, стр. 101.

[v] Ibid., стр. 105.

[vi] Досие „Македонска национална гарда“. Ев. бр. 189, 14.09.1992 година МВР – СДБ Скопје.

[vii] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 892, 09.10.1992 година, ОРУСДБ – Куманово.

[viii] „Фокус“. 14 октомври 2010. „УДБАШКОТО ДПМНЕ ЈА ПРОКОЦКА ШАНСАТА ШТО МУ ЈА ДАДЕ ВМРО ПРАВДА!!!“ (http://kotle.ca/39-kolumni/167-2011-06-17-11-50-16)

[ix] Судејќи според фактот дека Македонците во тој период се гледале себеси како повеќе сродни со Бугарите одошто со Србите, и судејќи според тоа дека партизаните во Македонија се појавуваат како некаква реална сила дури некаде во 1943 година, и дека не постоел вистински отпор против Бугарите, логичниот заклучок е дека поголемиот дел од македонското словенско христијанско население било на страна на бугарскиот окупатор.

[x] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 308, 13.04.1993 година, РУСДБ – Куманово.

[xi] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 309, 08.04.1993 година, РУСДБ – Куманово.

[xii] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 218, 28.03.1994 година, РУСДБ – Куманово.

[xiii] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 363, 19.04.1995 година, УДБК – Куманово.

[xiv] Ibid.

[xv] Ibid.

[xvi] „МЕ“: Македонски екстремизам.

[xvii] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 327, 26.03.1996 година, УДБК – Куманово.

[xviii] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 1049, 23.10. 1996 година, УДБК – Куманово.

[xix] Ibid.

[xx] Досие „ЦРНИ“. Ев. бр. 348, 03.06.1998 година, УДБК – Куманово.

[xxi] Досие „ЦРНИ“. Ев бр. 1176, 18.11.1997 година. УДБК – Куманово.

[xxii] Ibid.

[xxiii] „Фокус“. 14 октомври 2010. „УДБАШКОТО ДПМНЕ ЈА ПРОКОЦКА ШАНСАТА ШТО МУ ЈА ДАДЕ ВМРО ПРАВДА!!!“ (http://kotle.ca/39-kolumni/167-2011-06-17-11-50-16)

[xxiv] Досие „ЦРНИ“. Ев бр. 1119, 28.10.1997 година. УДБК – Куманово.

[xxv] Ibid.

Read 1360 times