ОСВРТ: 20 ГОДИНИ ОД „ПОЛИЦИЈА И ПОЛИТИКА“
„БУГАРСКА АМБАСАДА“, СЕ УШТЕ НЕРАСЧИСТЕНА ИНТИРГА
Пишува Душан Петровски
28.05.2018
Повеќе од една година веќе светската јавност е сведок на ловот на вештерки општо познат под името „Рашагејт“. Според легендата, оваа таканаречена афера се темели на недокажаните и непоткрепени тврдења на американската соросоидна левица дека актуелниот претседател на САД, г. Доналд Трамп ја постигнал неговата неочекувана изборна победа во 2016 година благодарение на некаков нечесен заговор со Кремлин. Тезите на соросоидите, како што е секогаш вообичаено во случаи кога левицата обвинува, постојано се менуваат, а отсуството на докази само се прикажува како потврда на вештоста на сомнителните лица да коват завери.
Првично, обвиението беше дека кандидатот Трамп—независен бизнисмен кој влезе во политиката со очигледната проста намера да ги врати Соединетите Американски Држави на буржуаско-капиталистичките темели на кои се изградени—успеал да ја извлече својата неочекувана победа во ноември 2016 година благодарение на злобна кампања на „лажни вести“ (Fake News) спроведена воглавно преку социјалните мрежи. Набргу по инагурацијата на претседателот Трамп во јавноста се проби веста за некакво „досие“ кое зборува за руски проститутки кои уринирале на хотелскиот душек на кој спиел поранешниот американски претседател Барак Хусеин Обама за време на неговата посета на Москва. „Досието“ подоцна испадна дека било изготвено по нарачка на Демократите и кампањата на Хилари Клинтон, а „сознанијата и податоците“ содржани во него, останаа апсолутно недокажани. Откако се покажа дека „лажните вести“ биле спонтани претприемашки потфати на средношколци од Велес и слични опортунисти, обвинението се сконцентрира на рекламите што наводно руски извори ги купувале на социјалните мрежи преку кои тие „ја подривале амерканската демократија“. Откако обвинувачите успејаа да покажат доказ за само 100.000 УСД во реклами на Facebook (наспроти десетиците и стотици милиони кои ги трошеле официјалните кампањи и „третите странки“ на невладиниот сектор за „отворено општество“), обвиненијата се префрлија на објавите на WikiLeaks и шпекулациите дека емајлите кои беа „протечени“ од незадоволен поддржувач на „демократскиот“ социјалист Берни Сандерс – сега под сомнителни околности покојниот Сет Рич – впрочем биле „хакнати“ од страна на руската ФСБ. Конечно, денес сомненијата на соросоидната левица се темелат на некаква фантазмагорична интрига која вклучува руски хакери, украински русофили, американски порнографски ѕвезди, руски проститутки кои уринираат, и третостепени оператори во кампањата на Трамп. Истовремено, речиси цело ова време, поранешниот директор на ЦИА во својсвто на специјален истражен обвинител става во притвор поранешни припадници на кампањата и на администрацијата на Трамп благодарение на недефинирани контакти со овие лица, противуставно конфискува архиви на адвокатски канцеларии и општо ровари по своја волја барајќи го крунскиот доказ со кој ќе успее да го собори претседателот Трамп слично на недемократското соборување на Ричард Никсон преку аферата „Вотергејт“ во 1973 година. Со други зборови, целата „афера“ е проѕирен нечесен обид на политчко-полицското подземје (Deep State) да ја узурпира демократската волја на американскиот народ да ја отфрли расколничката социјалистичка политика на балканизирање на водечката светска демократија.
Крунскиот доказ дека ова е лов на вештерки беше објавата на Поткомисијата за разузнавање на Конгресот на САД (позната како FISA Report) од февруари годинава во која јасно беше истакнато дека погоре споменатото „досие“ изработено од „пензионираниот“ британски агент Кристофер Стил во име на фирмата Fusion GPS било ползувано како основа за отворање на истрага против кандидатот (односно за ставање во претходна обработка на лицето) Доналд Трамп уште во предизборниот период. Понатамошни информации покажуваат дека во американското Федерално биро за истрага (ФБИ) имало агенти кои активно работеле против изгледите за победа на Трамп (Лиса Пејџ и Питер Строк), а деновиве испливуваат информации и за врбување на крт, односно агент провокатор, ос страна истата агенција во кампањата на Трамп, како и дека Доналд Трамп бил под обрабокта на тајната полиција со месеци наназад пред да стане кандидат.
Доколку на читателот сето ова му делува премногу познато, тоа е од простата причина што, за жал, за македонската јавност ова е веќе видено сценарио. На 28 мај оваа година се навршуваат точно дваесет години од објавата на текстот „Полиција и политика“ во неделникот „Денес“. Тука своевремениот независен бизнисмен и главен финансиер на ВМРО-ДПМНЕ и „окорели“[i] антикомунист, Јордан Петровски, ја опишал оригиналната верзија на „Рашагејт“, во наши кругови позната како „Бугарска амбасада“. Цел на оваа интрига зготвена и одиграна од македонското полициско-политичко подземје била во предвечерието на парламентарните избори 1998 година да се покаже дека партијата ВМРО-ДПМНЕ се финансира од страна на нашиот источен сосед.
И на првите, уште повеќе на вторите парламентарни, како и на првите локални избори, јасно се виде дека наместо во интерес на државата, СДС сите државни расположиви средства ги става во функција на своите политички интереси.
Уште повеќе. Традицијата од југословенскиот период, кога и размислувањата различни од владејачката, тогаш една партија, беа дефинирани и третирани како антидржавни, терористички и сл. се пренесе и во сегашната парламентарна атмосфера кога најмногу националните партии, но и поединците со поголема економска моќ, особено политички недефинираните, останаа предмет на работа на овие служби. Поради тоа подоцна, безмалку кај сите партии, се воспостави вистински синдром на „политичка шпионажа“ до ниво на партиски товар околу тоа колку во партиските редови и кадри има уфрлено луѓе на службата за државна безбедност, кои наспроти законските одредби, работат не во функција на државните, туку на партиските интереси на партијата на власт. Што е најлошо, настаните кои се случуваат ја потврдуваат ова теза и конструкција како во политичките така и во професионалните сфери без исклучоци, до ниво на механизам, фрустрација и уплав дека „СЛУЖБАТА слуша сѐ“.
Во ваква ситуација како единствено сигурен заштитен механизам, кој веќе се формира, е граѓанска воздржаност и повлекување, инаку толку типична за недемократските држави. Не навлегувајки во социолошко-психолошката сложеност на она што ваквата состојба им го носи на граѓаните, зачудува натамошната, очигледна злоупотреба на институцијата за државна безбедност, на сметка на политичките интереси на владеачката СДС. Повеќе факти зборуваат дека речиси ништо не е сменето на релацијата политика-полиција-граѓани. „Историските“ изјави на министерот за внатрешни работи, Томислав Чокревски, за тоа дека тој знае кој од пратениците се „трудни до заби“ но не сака да каже, за полициско-новинарските бракови, вечната евиденција и увид на полицијата, само потврдуваат дека и понатаму функционира комунистичкиот синдром, но сега како државен проблем – политизација на полицијата. Бидејки, ако Чокревски мисли сериозно, а во секој случај треба да се сфати сериозно, тој, можеби несвесно, но сепак помалку авторитетно а повеќе авторитарно, лоцираше „непријатели“ кои Министерството што тој го води постојано ги има под контрола. Апсурдот е во заклучокот дека, според Чокревски, непријателите седат во врвот на системот. Или Чокревски има норми кои не одговараат на еден министер на полиција на парламентарна држава, или СДС преку своите министри за сметка на партиските, државните интереси ги става на страна, или најнакрај најлошото – македонскиот парламентарен систем се распаѓа однатре.
Законот за внатрешни работи во делот за Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање регулира дека предмет на работата на оваа служба е „заштита од шпионажа, тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократски институции, утврдени со Уставот на РМ, со насилни сретства, како и заштита од потешки форми на организиран криминал“. Исто така Законот регулира дека директорот (од неодамна – Зоран Верушевски) е самостоен, а за својата работа им одговара на министерот за внатрешни работи и на Владата. Бидејќи шпионажата, посебно економската, е евидентна, тогаш бездруго и тероризмот, шверцот на оружје во огромни количини е исто така евидентно, како што впрочем се и другите активности насочени кон загрозување и уривање на демократските институции. Ова, потврдено во оценките на премиерот Црвенковски, го наметнува фактот дека надлежните иснтитуции се способни за спроведување на законот. Доколку, пак, ова не е точно, тие најпрвин би почнале да ги решаваат многуте отворени прашања од нивната надлежност, на пример, атентатот врз претседателот Глигоров. Или, дека во спроведувањето на своите надлежности се сериозно, до нефункционираност хендикепирани. Нивната добра желба е друга работа, освен ако не се има намера некој врз судбината на државата и нејзините граѓани да изигрува детектив.
ПОЛИЦИЈАТА КОНСТРУИРА НОВА ПОЛИТИЧКА АФЕРА?
Јордан Петровски, приватен бизнисмен од Куманово, познат и јавно деклариран по своите опозиционерски ставови, иако не е член ниту во една политичка партија, кој во последните неколку години покрај радикалните негативни промени во работењето на својата фирма преживувал и вистински „третман“ од вработени во Дирекцијата, деновиве по долго молчење , за „ДЕНЕС“ изјави:
„Во текот на 1996 година, најпрво со недефинирана надлежност на полициска покана, бев повикан во Министерството за внатрешни работи во Куманово каде на почетокот не се знаеше карактерот на поканата за разговор. Сепак, по првичното чудење во полициската станица, завршив на разговор со лице вработено во секторот за државна безбедност. Подоцнежните десетина телефонски и усни повикувања за контакти доаѓаа од луѓе кои се претставуаа како вработени во секторот за државна безбедност, без лично идентификување, а се спроведуваа како во службените простории на МВР во Куманово, така и во мојот ресторан, каде тие лица си даваа за право да доаѓаат во секое време без да кажат дали се работи за службена или приватна посета на ресторанот. Тоа во мала средина како Куманово не остана без негативни последици кај моите гости.
Во разговорите кои овие лица ги водеа со мене, најмногу се интересираа за моите деловни контакти, а посебно за контактите со лица од Република Бугарија, потоа евентуални познанства со луѓе од бугарската партија ВМРО-СМД. На нивно инсистирање контактирав со бугарскиот амбасадор Ангел Димитров во Скопје, а како повод за тоа беа посочени ненаплатени побарувања од бугарски деловен партнер. До контакт со бугарскиот амбасадор и дојде во бугарската амбасада во Скопје, каде ме однесе лице со свое возило, без да се идентификува, но претставувајќи се како вработен во службата за државна безбедност.
Мојата средба со бугарскиот амбасадор заврши само на разговор и со предлог изнесен од мене, но сугериран од ‘безбедникот’. Имено, според сугестијата предложив по дипломатски пат да ми се обезбеди наплата на побарувањата на мојата фирма. Од страна на амбасадарот Димитров тоа беше оценето како невозможно.
Останатите разговори на кои ме повикуваа службениците на ДБК беа во службените простории на МВР во Куманово, кога, исто така, ми понудија помош и асистенција во граѓански судски спор, со мој доскорешен деловен партнер. Истовремено, лицата кои настапуваа во име на Дирекцијата за државна безбедност (најчесто лицето Кузман), си даваа за право да контактираат со членови на моето семејство на апсолутно недефиниран начин. Поради неиздржливоста на таквиот притисок последниве месеци со истото лице имавме неколку жестоки расправии, по што разговорите и контактите станаа сѐ поретки, речиси прекинати, но во секој случај последиците од нивното влијание се чувствуваат и предизвикуваат кај мене немир, но и страв дека луѓето од тие структури си даваат за право да ме малтретираат како граѓанин, без да бидам заштитен“.
Бидејки во случајов се работи за личност која е блиска кон ВМРО-ДПМНЕ- овската опција, можната конструкција, доколку не се работи за самоволие и злоупотреба на службена должност, е „полициски“ јасна. Преку евентуалното воспоставување „дипломатска“ врска за наплата на побарувањата на Петровски од бугарскиот партнер се гради солидна конструкција за предеизборната кампања и познатите, веќе чуени тврдења дека ВМРО-ДПМНЕ се финансира од Бугарија. Во целиов случај зачудува самоувереноста на лицата кои настапуваат во име на Дирекцијата. Со тоа ги компромитираат сите вработени во неа, зашто се знае дека голем дел од нив, како најдобри и најсовесни професионалци, во изминатите години на градењето на македонската државна самостојност на својот грб изнесоа не мал товар од сложените состојби на југословенскиот распад.
До колку во случајов навистина не се работи за поединечно или групно самоволие, со уште посложени последици е опцијата на поделено функционирање на Дирекцијата за политичко-партиски потреби, што со оглед на насоченоста кон странско дипломатско претставништво реално може да предизвика и сериозен меѓудржавен дипломатски скандал. И да се сака овде да се биде добронамерно критичен во поглед на одговорноста, Законот за внатрешни работи сосема јасно, во член 14, определува дека „Директорот е самостоен во извршувањето на работите на Дирекцијата и за својата работа му одговара на министерот и на Владата на Република Македонија.“[ii]
Официјален демант или коментар за обвиненија кои ги изнесе Петровски во статијата никогаш не допре до јавноста. Тоа секако е дел од одамна-воспоставената култура на страв и заплашување, при што вистината и вистинскиот непријател на македонскиот народ мораат да останат премолчани. Сепак, Петровски добил реплика лице-в-лице од страна на оперативниот работник, инспекторот Кузман Јовановски непосредно по излегувањето од печат на неделникот „Денес“. Одговорот на Јовановски бил дека со ваквиот акт на дрско обзнанување на интригите на Службата, тој не само што си ја запечатил својата иднина, туку и иднината на своите деца. Меѓутоа, бидејќи ДБК е строго бирократска организација, Јовановски по должност бил приморан да изготви службена белешка „во врска со натписот ‘Полиција и политика’“. Во неа, директно одоговарајќи на прашањето на новинарот, кој деновиве претпочита да не се идентификува како автор на текстот, дали тука станувало збор за поединечно или групно самоволие или пак за поделно функционирање на Дирекцијата за политичко-партиски потреби, тој забележал:
Разговорот е обавен врз основа на член 5 и 7 од Правилникот за работа на ДБК и одобрениот предлог ев. бр. 328 од 26.03.1996 година и истиот се водеше по конкретен план (ев. бр. 327 од 26.03.1996 година). Во текот на разговорот освен линискиот главен инспектор од Управата на ДБК во Куманово, беше присутен и во него учествуваше и ресорниот главен инспектор во хххххххххххххххххххххххххххх и истиот е обавен во рамките на програмските активности по линија на работа, спротивставување на дејноста на БНРС.
(…)
На крајот можам да кажам и тоа дека сѐ што е превземено према ПЕТРОВСКИ Душан ЈОРДАН, како и со него е во рамките на правилникот за работа на ДБК, со знаење и договор на I Управа на ДБК, и за тоа редовно е оформувана и оперативна документација (Сл. белешки).[iii]
За запознаените со историјата, врската помеѓу историското ВМ(О)РО и Бугарија е неспорна и релативно јасна. Во периодот на оформувањето на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација, бидејќи како производ на историските и социо-економските околности не постоело општоразвиен македонски национален идентитет, христијанските словени кои живееле на просторите на Македонија (од Солун до Козјак, и од Бистрица до Струма) се делеле на гркомани (приврзаници на Грчката патријаршија, меѓу кои се врбојувале и Власите и србоманите) и бугарофили (приврзаници на Бугарската егзархија, на која ѝ припаѓало огромното мнозинство на македонски словени). Сите овие се нарекувале „Македонци“. Новинарот и хуманитарен работник Хенри Ноел Бајрлсофд (чија што книга „Македонија; нејзините народности и нивната иднина“ Комитетот за демократизација на Македонија во моментов ја преведува на македонски јазик, и очекува да биде готова за објава кон крајот на годинава) кој минал долги периоди во Македонија на крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век се обидел да најде одговор на прашњето дали Македонците биле Срби или Бугари. Тој заклучил дека:
Ова прашање постојано се поставува и догматички се одговара во Белград и во Софија. Но, историската лекција очигледно е дека воопшто не постои одговор на ова прашање. Тие не се Срби, затоа што нивната крв не може да биде чисто словенска. Тука мора да има извесни примеси од бугарски и друг неариевски производ (кумански Татари, Печенези, итн.). Од друга страна, тие едвај може да се Бугари, затоа што прилично е јасно дека српските преселби и освојувања сигурно оставиле извесна доза на српска крв во нивните вени, а примесата на неариеваската крв едвај може да биде еднакво значителна како што е во Бугарија. Тие се најверојатно повеќе или помалку она што биле пред оформувањето на бугарското или на српското царство – словенски народ произлезен од различни потекла, кој го населил Полуостровот во различни периоди. Меѓутоа, тие првовремено немале јасна свест за народност и која било моќна словенска сила била во можност да им се наметне.[iv]
Во периодот кога Брајлсфорд ја посетувал Македонија, поголемиот дел од словенското христијанско население се декларирало како бугарско. Помеѓу причините за ваквиот исход, Брајлсфорд го издвоил следното:
Една од последиците на брзиот економски развој на Бугарија е тоа што нејзината постојана побарувачка за работна рака охрабрува незапирлив проток на македонски имигранти, кои минуваат неколку месеци или неколку години во кнежевството и потоа се враќаат во своите села со заштедени пари. Овие луѓе стануваат мисионери на бугарската идеја. Тие ја шират славата на нејзината слобода, нејзиното богатство и нејзиниот брз развој. Бројот на оние што одат во Србија, од друга страна, е релативно незначителен, додека нивните извештаи едвај можат да бидат целосно блаконаклонети – иако и покрај сета нејзина политичка нестабилност, Србија сѐ уште претставува доволно впечатлив контраст наспрема Турција. Кога во прилог на овие предности бугарофилските Македонци го оформија својот извонредно организиран револуционерен комитет во 1893 година, српската кауза го доби својот смртоносен удар. Преку нагласувањето на нејзиниот антагонизам кон Бугарија, официјална Србија сега усвои отворена туркофилска политика, а ништо не може да биде пофатално за изгледите на кој било христијански род во Турција. Македонското селанство ќе ја подари својата верност само кон пропагандата што му ветува некаков брз изглед за ослободување од отоманскиот јарем. Конечно, има огромна разлика меѓу ривалските пропаганди: додека Бугарите работат за автомонија на Македонија, Србите и Грците целат само кон нејзино анектирање кон своите земји. Како производ, нивните активности изгледаат дека се наменети за профит на своите држави, додека Бугарите несомнено креираат дух на локален македонски патриотизам. Српското движење е чисто официјална агитација, насочувано и финансирано од Белград, додека, и покрај симпатиите на Софија, бугарскиот Револуционерен комитет е автентично македонска организација[v]. (Наше нагласување, Д.П.)
И додека македонско-бугарската врска продолжила да опстојува и за време на српско-грчката окупација на Македонија – за што македонската јавност ќе биде во можност да се увери со претстојната објава на нашиот превод на „Војната повторно доаѓа; Црна рука врз Европа“ – таа нацело се уништила за време на србокомунистичкот период. Имено, судејќи според досиејата објавени од Државниот архив на Република Македонија, последните останки на бугарофилството во Македонија изумреле со ликвидациите на личностите како Димитар Чкатров и Костадин Терзиев непосредно по „ослободувањето“ во 1945-46 година и поминувањата на личностите како Асен Татарчев во годините што следеле. Додека можеби постоеле некакви меки или сентиментални врски помеѓу антисрбокомунистите и бугарофилството во периодот по 1950 година, тие биле незначителни, додека носителите на македонската кауза од тој период, имено поглаварите на ВМРО-СДРМА, имале исклучиво македонска и прозападна ориентација, а бугарофилството станало дотолку опасна ориентација, што природно, од дарвинистички побуди, чувството исчезнало како определба во македонската политичка палета.
Меѓутоа, тоа не ја спречило службата задолжена за држење на македонскиот народ под србо(-грко)комунистичкиот јарем да го продолжи ловот на потенцијални непријатели на својот систем под плаштот дека тие се бугараши кои коваат завери насилно да го уриваат уставниот поредок на републиката. Па така, секој потенцијален „незадоволник“ (согласно жаргонот на УДБ) од социјално-економските политики на србокомунистичкиот режим бил, покрај другото, обележуван и како потенцијален бугарофил. Истиот овој принцип продложил и по независноста на Република Македонија, пред сѐ поради тоа што за сиот овој период, прогонот на политички противници формално бил и останува недозволен, додека од друга страна бранењето на државата од потенцијални терористи е обврска на секое здраво општество. Затоа, на пример, во 1970-тите години „самостојниот оперативен работник“ Иван Бабановски со помош на агенти провокатори, односно соработници, ковал завери со измислени терористи во кои биле детонирани неколку бомби пред трафики, заведени во аналите на Управата за државна безбедност како оперативна обработка „Пластика“. Од исти побуди, непосредно по осамостујувањето на Македонија изби и аферата „Паравојска“ во која повторно лица од државната безбедност како агенти провокатори се обидувале да организираат терористички организации со лица блиски до антикомунистичката опција. Тука е и заговорот кој ги вклучувал Мане Јаковлевски и Ристо Паргов, каде двајцава наводно договарале испраќање во Македонија на војска од Бугарија од 10.000 души, наоружана и специјално обучена за диверзантско-терористички акции за време на распадот на Југославија.[vi] Конечно, поради истите причини, и бизнисменот Јордан Петровски бил заведен во претходна обработка под сомнението дека тој подготвува услови за насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија.