ФИЛМОТ НА ЗАЕВ Е ВИДЕН—ДАЈТЕ НОВО ДЕТЕ!

 

Пишува Душан Петровски 18.03.2017

Претседателот Иванов по никоја цена не смее да му го додели премиерскиот мандат на Зоран Заев. „Платформата“ на Еди Рама е доволно контроврезна самата по себе да ги дисквалификува албанските партии да влезат во новата влада на РМ, а со тоа и секоја друга партија која е подготвена да ја поддржи. Но, тоа не е сѐ. Во однесувањето на Зоран Заев од декемвриските избори па наваму сѐ по евидентна станува кредибилноста на обвинението на власта дека тој е политички опортунист, кој нема грижа за државата и нардот кој живее во неа, а дека „бомбите“ кои тој ги искористи да го изнуди повлекувањето на Груевски од премиерската позиција, беа алатка за криминално постигање на политички цели. Искреноста на Заев во однос на расчистувањето со криминалите обзананети со неговите „бомби“ беше дискутабилна од самиот почеток, пред сѐ поради начинот на кој лидерот на СДСМ се одлучи да ги сподели со јавноста.

Низ последниве десетина години, сведоци сме на повеќе „процурувања“ на класифицирани информации сопственост на владите на најмоќните светски држави. Ако некој не слушнал за Викиликс, тогаш тој мора да живее под камен. Но, децении пред Викиликс, преседанот за обзнанување на нечесностите и недоследностите на владеачките гарнитури на една држава го етаблираа „Длабоко Грло,“ Вудвард и Бернстин во скандалот познат како „Вотергејт.“ Тоа е скандал по природа сличен на „Бомбите на Заев.“ Само што во „Вотергејт“ власта се обидела да ја прислушкува опозицијата, а кај „Заевгејт“ испаѓа дека опозицијата ја шпиунирала власта. Во „Вотергејт,“ „Длабоко Грло,“ незадоволен припадник на државно-безбедносниот систем ги ажурира двајцата новинари со информации во врска со скандалот каде што Претседателот Никсон се обидувал да прислушкува простории кои биле користени од страна на тогаш опзиционата партија. Благодарение на објавите во Вашингтон Пост, се отпочнува истрага која го размрсува целото клопче, и ѝ става крај на политичката кариера на Ричард Никсон.

Принципот воспоставен од „Длабоко Грло,“ и Вудвард и Бернистин во изминативе десетина години се зацементира како единствениот етички прифатлив начин за споделување со јавноста на валканите алишта на власта која забегува во тоталитарност, во случаите со Викиликс и Едвард Сноуден. Тука се повторува принципот каде незадоволен безбењак споделува информации кои се компромитирачки за државните власти преку независен медиум. Во Македонија, „Бомбите“ се, како што рековме, на Заев, и нивното обелоденување беше зависно од расположенијата и намерите на истиот.

Наспроти воспоставената светска конвенција, во Македонија, лидер на политичка партија, ни помалку ни повеќе, туку на најголемата опозициона партија во државата со месеци бараташе со ленти од компромитирачки разговори снимани преку изведување на Оперативната мерка „ПОЛОГ,“ односно тајна контрола на средствата за комуникација, на највисоките врвници на државата, меѓу кои Премиерот, Министерот за внатершни работи, и Директорот на Службата за државна брезбедност. Потенцијалите за криминални прекршоци се премногу да се набројат сите, но дефинитивно може да зборуваме за провала токму во агенцијата што треба да не чува од таквите провали, како и за скандалозната содржина на разговорите.

Значи случајот од една страна претставува пуч, а од друга страна разоткрива многу потенцијални криминали поврзани со високи припадници на власта. Власта на Заев му вели, од кај ти се лентите? Заев вели не е битно од кај ми се лентите, битна е само нивната содржина. Ние велиме еднакво се важни и содржината на ленитие, и нивното потекло, и затоа сите треба да одат пред суд и да ги одговорат прашањата кои се покренати благодарение на „Бомбите на Заев.“ Но, најбитното прашање е веќе одговорено, а тоа е дека оперативната мерка „ПОЛОГ“ е сѐуште во употреба. А штом е оперативната мерка во употреба, тогаш мора да е во активен однос и агенцијата која ја спроведува истата—а таа може да фукционира само на еден начин. Тоа е она што неслучајно се губи во наративот кој колективно го спроведуваат и власта и опозицијата. 

Но, да се вратиме конкретно на Заев и неговиот зајачки ултиматум до Иванов за издавање на премиерскиот мандат. Како што рековме порано, „Бели од Струмица,“ нема право на мандатот, поради тоа што неговата партија го нема мнозинството во Парламентот. Тој вели дека има коалиција. Коалиција колку сака нека има, кога лигитимитет нема. Коалицијата која ќе ја исфрли од комбинација партијата која освоила најмногу мандати на изборите не може да се смета за легитимен претставник на народната волја. 

Но одозгора на тоа што како лидер на СДСМ, Заев нема легитимно право да формира влада на штета на лидерот на ДПМНЕ, тој лично се докажа себе си како недостоен за службата Премиер на влада. Неговото недостоинствено баратање со лентите, правејќи шоу-програми од најосетливите несоодветности на македонското општество, беше допустливо само до толку што неговиот соперник, Груевски, остана непотресен од скандалозноста на истите. Но, и покрај тоа, а водејќи се од преседаните воспоставени од „Вотергејт“ и „Викиликс,“ нивното споделување со јавноста од страна на раководството на една водечка политичка партија не може да го оцениме како чесно и етички исправно.

Доколку Зоран Заев навистина беше загрижен за народот и државата, тој лентите непреслушани, сирови, такви какви што ги добил од неговиот „Длабоко Грло“ требаше да ги сподели или со сите медуими, или пак на некоја трета, претпочитливо неутрална, па дури и граѓанска, организација. Тука може да прошпекулираме дека можеби тоа е моментот кога Заев неуспешно се обиде да се отцепи и од Соросоидите, кои неизбежно му ја проголтаа револуцијата.

Значи, да беше зрел политичар на кому му беше грижа за Р Македонија и нејзиниот народ, Заев лентите ќе им ги подареше на медуимите, а истражувањето ќе им го оставеше на нив; или штом тој веќе се нафати да го води колото со лентите, тогаш требаше да се повлече од лидерството на партијата. Но неговиот однос со лентите во предизборието, како и постизборното пазарење со „Платформата“ на сечење, лепење и монтирањена државата во обид да формира Влада, дефинитвно го докажуваат Заев како дилетант и шарлатан, кој се обиде да спроведе мек пуч, но остана кус. Дека човекот е „трчи—л’жи“ најдобар пример се неговите изјави од неделава што е зад нас, каде пред албански публики Заев ја гарантира „Платформата,“ додека пред македонски публики ги охрабрува овците да не се секираат, оти ДПМНЕ сето тоа ќе го поништеле. Правејќи го тоа, Заев ја доведе државата до криза која што лесно може да ескалира во нејзино разнебитување.