СДСМ-ВМРО vs ВМРО-СДСМ

21.05.2018
Со идењето на власт во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ со новото раководство почнува да се расчистува и да се реформира, полека ги дистанцира настрана повеќето постари по партиски стаж членови на партијата , политичко-тактички ги игнорираше повеќето основачи и ветерани на партијата, го негираше и игнорираше и првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ со првото раководство. Извршниот комитет на партијата со претседателот приготвија,нова внатрешна политичка стратегија за доброто на раководството и на партијата. На таа внатрешна политичка стратегија на владеење на ВМРО-ДПМНЕ никој од Извршниот комитет(ИК) и Централниот комитет(ЦК) не се спротивстави ( со исклучок на некои членови на партијата кои размислуваа на долги стази на партијата и неменување на идеологијата ).

Новото,важното,главното во стратегијата беше дисциплината,контролата на сите членови во ИК и ОК(Општински комитети) и нивниот редовен отчет на функционирање и работење,  а ударниот потег од стратегијата на партијата беше зачленување на нови членови со секакво убедување и обетување. Еден дел од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ беше игнорирање на било какви невладини организации, а најинтересното и најкоментираното во вмровската стратегија за владеење се случи кога ИК дозволи придобивање лево ориентирани граѓани и членови на СДСМ. ИК и ОКомитети за придобивање и зачленување на лево ориентираните граѓани и членови на СДСМ  работеа неколку години на разни начини со нудење и обетување на разни места за работа и функција.  Илјадници лево ориентирани граѓани,членови на други партии, членови на СДСМ преминаа во  ВМРО-ДПМНЕ и добија добри места во властта и во партијата. Но полека со влегувањето на илјадниците лево ориентирани граѓани и членови од други леви партии, ВМРО-ДПМНЕ почна да ја губи својата вистинска идеологија, да го губи демохристијанството, да го губи конзервативното, ги измеша боите на партијата, изгуби битни вредности што секој член на ВМРО-ДПМНЕ им верувал и се грижел. Таа политичка стратегија на придобивање на СДСМ членови и лево оринтирани други граѓани и партии функционираше ефикасно и тоа се покажа на предвремените парламентарни и локални избори кога  ВМРО-ДПМНЕ се зацврсти уште појако во локалната и извршната власт. Но со тоа зацврстување во властта, претседателот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја презеде цврсто палката во своја рака. Во партијата само со дозвола негова или на двајца, тројца се носеа важните одлуки и стратегии за работа на партијата и владата, другите членови на ИК, ЦК и владата беа наречени кревачи на рака. Критиките што ги имаше од членовите на партијата (млади и ветерани) не се слушаа,не се почитуваа, не им се веруваше се игнорираа на разни начини.

СДСМ беше тотално разнишано,размонтирано,понижено,омаловажувано на разни политички начини. Со тие неколку политички потези од вмровската стратегија, раководството на ВМРО-ДПМНЕ го налути многу раководството  на СДСМ, а претседателот на СДСМ  и раководството почнуваат да размислуваат како да се одмаздат политички на  ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот одбор на СДСМ и претседателот неколку години приготвуваат контра вмровска политичка стратегија спрема моќното,непобедливо и во облаци заминато ВМРО-ДПМНЕ.

ИО на СДСМ на чело со претседателот има спремено контра политичката стратегија, а таа беше обратна од  вмровската стратегија. Првиот потег на СДСМ почна со придобивање на албанските граѓани во Македонија,придобивање на повеќето албански партии. СДСМ полека но сигурно се спријатели и ги придоби пријателски и политички соседните држави Албанија и Бугарија, иако секогаш тие биле поблиски со ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ исто за партнери ги придоби т.е. им ги зеде на ВМРО-ДПМНЕ  неколку битни,моќни држави во Европа.

Со контра стратегијата на  ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ почна да ги придобива незадоволните симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ, со неколку политички потези почна да ги придобива и бранителите,да придобива демохристијани,конзервативци,придоби десноориентирани граѓани во Македонија, СДСМ успеа да се доближи многу силно  во МПЦ и во ИВЗ.Така СДСМ презеде нешто идеолошко од ВМРО-ДПМНЕ , а ВМРО-ДПМНЕ задржа нешто идеолошко од СДСМ.

На крајот од оваа кратка политичка анализа за измешаната политичка идеологија на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Македонија во периодот од 2006 до 2016 година, ќе завршам со заклучок  дека двете политички партии ако за брзо време не си го усогласат партискиот статус не си ги променат партиските реакции и акции до крајот на 2018 година и ако не си го најдат вистинскиот пат што членството го чека и се надева, може слободно да си ги променат имињата : СДСМ да се преименува во СДСМ - ВМРО, а ВМРО-ДПМНЕ да се преименува во ВМРО - СДСМ.

 

 

Дипломиран политиколог

Вецко Здравeски

 

Read 1973 times