СМИСЛАТА НА ВЕЛИГДЕН ВО КОНТЕКСТ НА СМИСЛАТА НА ЖИВОТОТ

 

Душан Петровски 08.04.2018

За разлика од општиот Католички свет кадешто изобилуваат различните толкувања на Христијанството, во Православието изостанува ересот. Тука нема дискурс и нема дискусија за смислата на животот и значението на пораката која Господ му ја пратил на човековиот вид преку животот на Неговиот Единороден Син. На тој начин верата се сведува на ритуализам без суштинска смисла. Иако македонските Словени го прифатиле Христијанството пред повеќе од илјада и двесте години тие сѐуште ја немаат разберено суштината на неговото наравоучение. ...

Живеејќи во ваквото секојдневние, невозможно е да се забележат недостатоците и недоследностите на манирот во којшто Македонската православна црква го води своето стадо. Проблемот во ваквиот пристап може да се согледа единствено доколку човек се оддалечи од домот, односно од Православието, и се здобие со прилика да го спореди своето со туѓото. Впрочем повикот за заминување од домот, односно за авантура и експоларација на светот и на сопствениот потенцијал е централна тема која се повторува во Светото Писмо. ...

„Човек не може да си ја зајакне верата во постоењето обидувајќи се да се убеди дека верува во виша сила или преку верувањето во виша на ист начин како што верува во емпирички факти—напротив тоа е гарант за негово карактерно заслабнување. Верата е нешто што се зацврстува преку дело а не преку изречена верба.“ - Џордан Питерсон ...

Воскресението Христово е суштинско во смисла на созревањето, заслужувањето на мудроста и осознавање на знаењето бидејќи, покрај самата физичка реалност на неговото совладување на смртта, тоа претставува метафора за лична преобразба; за оставање на оној дел од нас што е трул или повеќе несоодветен, како на пример детинството, неукоста, или погубната навика, и испливување како нова подобра верзија од самите нас. ...

Целата Христијанска вера е опфатена во Светото Евангелие според Јован, поглавје трето, стих 16: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен.“ Пораката е проста: Господ љуби. Го љуби човекот, Неговиот образ; го љуби светот, производот на Неговиот труд. Господ жртвува. Го жртвува Неговиот Единроден Син со цел да му покаже на човекот како живее исправно. ...

Христијанството се заснова на Логосот, односно совеста. Раѓањето на совеста е изразено во преданието за Адам и Ева преку отворањето на нивните очи след вкусувањето на плодот на Дрвото на доброто и злото. Во тој миг човекот за прв пат во историјата на постоењето се здобива со сознанието дека неговиот опстанок зависи од неговите дејства. ...

За да има Рај, мора да има и Пекол, бидејќи без контрастот на ужасното и погрешното, човекот не може да створи претстава за прекрасното и исправното. Сатаната е олицетворение на Пеколот, на ужасното и погрешното. Тој е олицетворение на арогнанцијата, односно на уверението дека ние знаеме повеќе дури и од самиот Господ Бог, и како производ дека можеме да живееме без Него во светот Негов. Од алтернативата којашто ја нуди Луцифер произлегува слободната волја којашто Господ му ја дарува на човештвото. Изборот кој пат ќе избереме е наш, а не на некаква тиранска виша сила. ...

На Исус му е јасно дека она што Сатаната го нуди е лоша зделка. Тој е свесен дека доколку ја прифати ја понудата на ѓаволот да го предаде својот Татко, Тој ќе го изгуби своето вистинско место во космичката хиерархија. Станувајќи господар на сите царства на светот, Исус би станал поданик на Сатаната, фактички предавајќи го својот потенцијал да стане господар на Космосот.

Read 1758 times