ДИКТАТУРА НА ФРИКОВИТЕ


07.03.2011


Во овие денови на апсурд во државата Македонија ништо повеќе не изгледа нормално, доколку сте, секако, еден од несудените 600 илјади гледачи и поддржувачи на А1. Од екранот се редат бесмислени тврдења, „анализи“, дебели лаги, автентични и политички трансвестити, журналистички бруки и предизборен отпад, сите во служба на спасување на давеникот од Бихаќка

Во големи дилеми ме ставија минатонеделните главни медиумски собитија. Во недостиг на автентична тема (се е веќе кажано, бе луѓе!), но и во желба сепак да издвојам еден или два кои имаат далекусежни и коренити влијанија врз македонското општество, се уште лутам, неодлучен, помеѓу неколку од нив, од ист ранг и еднакво драматични по својата суштина, па затоа ќе ги наведам сите кои го пленија моето внимание изминативе дни.

1.    Боки 13-ка бидува протеран од Србија, па потоа повторно задржан, во полза на добрите меѓусоседски односи.


2.    Љубомир Данаилов Фрчолина (13-ка) во интервју на А1 изјавува дека Бранко Црвенковски е никој друг туку Џон Фицџералд Кенеди (имал „кенедиевски“ однос, бидејќи изјавил дека тој веќе нема политички амбиции, немал што да бара од Македонија, туку можел само да и даде, а во контекст на тоа дека можеби немало да се кандидира за премиер. „Нема зошто да не му верувам“, вели Камењарката Фрчолина...и остана жив).


3.    А1 собрала, не повеќе и не помалку, туку 600 илјади потписи на поддржувачи во акцијата „И јас сум А1“! Цела Македонија, сосе рибниот фонд од Охридско езеро е А1.


4.    Љубчо Георгиевски, алијас Шутрак Војводата, се активира во кампањата, се појави со беџ на интервју за истата телевизија. И тој бил А1. Ќе предложел сите партии пред изборите да потпишат декларација која би значела дека гласачите со гласовите на победничката партија и давале мандат за промена на името. Подмолна и опасна идеја која, со оглед на неговиот антимакедонски ангажман, сигурно доаѓа од место надвор од Македонија.

Куку леле! Се надевам, сега ги разбирате моите маки. На сон да ти дојдат овие, ќе се разбудиш препотен и преплашен како од пеколен кошмар, а камо ли да ги имаш на јаве, секојдневно. Нејсе, во една таква лепеза на ликови од ист ранг, со исто значење, што да се издвои, на што да се даде приоритет? Во ваквото богатство од значајни и неверојатни настани, еден скромен аналитичар се наоѓа затекнат од нивниот интензитет и меѓусебно поврзано влијание и во суштина не треба ни да се обидува да анализира, туку само да се прекрсти и да каже Господ нека ни е на помош.

Во искушение сум, затоа, да побарам помош од најеминентниот аналитичар во оваа земја, Васко Ефтов Триперот, новинарот од чии анализи, дубиози и некролози (на новинарството) ви се приодува понадвор веќе во третата минута од неговата емисија. Само тој може да излезе на крај со овие настани и да им најде заеднички именител. Само тој може да измонтира целина која, вообичаено, ќе заврши со констатација од типот: Груевски (како докажан србоман) го наместил Боки 13-ка да биде протеран од Србија и да се врати во Македонија, за медиумски соодветно да парира на колегата/колешката транвестит Фрчолина; се разбира сето тоа пред камерите на А1 (т.е. пред 600 илјади фантоми) со цел да се потврди тезата (според Триперот) дека Шутракот е платен од страна на Премиерот повторно да се активира и да му ги земе сите 457 гласачи на Брат Љубе. И да ги придодаде на своите 480, плус роднините. Добра ноќ, Македонијо. Каде и да си, Васко Триперот ќе те најде и ќе те измонтира.

 

 

Read 1154 times