30.08.2010
Го пуштија шутракот на власт во 1998-ма, откако преку странски канали го компромитираа уште претходно, со базичен договор: Не не чепкај нас, а ти кради колку што можеш. Деал? Деал, море, и тоа како! Во 2002-та сега пак тој и' порача на Црвената Буржоазија: Ќе ве оставам без проблем да се вратите на власт, само мене да не ме чепкате. Деал? Деал, бе! Како инаку да се објасни фактот дека на партијата на власт, изборен фалсификат и направи опозицијата?
Тоа беше голем и сеопфатен план, заговор. При крајот на социјализмот, кога веќе беше извесно дека едноумието ќе оди по ѓаволите, македонската владеачка каста, задскриена зад маската на работничката класа, реши да се преструктуира и да се подготви за новите времиња. Тоа не значеше само да се преживее, со оглед на искуствата кои се случуваа во другите комунистички земји, туку и да се остане на власт.
Таканаречената Црвена Буржоазија од доцниот социјализм нема автентични граѓански „происход“. Има селско-работнички корени, што секако не е грев (синтагмата „чесно работничко и земјоделско семејство“ како услов за напредок во кариерата), подобни за комуњарските планови за создавање каста на второстепени и третостепени управувачи кои слепо ќе извршуваат идеолошки и политички програми, во замена за трошка општествени признанија: функции, привилегии, лажен авторитет и лажна реалност. Ќе згрешиме ако не кажеме дека имаше многу честити луѓе, чисти комунисти, не комуњари.
Денешните нивни потомци се срамат од тоа потекло. Со презир и цинизам се однесуваат кон се' што е од провинција или од село (нивните предци речиси насила беа довлечкани во Скопје и насила ги направија граѓани, барем на површината).
Тоа е нивната подсвесна надкомпензација, бидејќи добро знаат дека во нивните правливи дамнешни семејни фото-албуми стојат сликите на нивните дедовци и татковци, со опинци и учкури, вџашено загледани во неодредените, сега веќе сосема извесни хоризонти на македонската иднина. Што ти е животот, море. Кој би рекол?
Првата опција на Црвената Буржоазија беше да се зачува Југославија, та здушно се впрегнаа во таа насока. Слепо се закачија за Милошевиќ, во првите фази на распадот. Потоа, видоа дека таа работа не ја бива, па решија да се престројат за неминовното – за демократијата и плурализмот, но препредени, за секој случај држеа две опции/фракции: една радикално пројугословенска, предводена од Милан Панчевски, и една релативно промакедонска, предводена од Петар Гошев.
Држеа и трета опција во игра, најкоњуктурната, која во сите можни сценарија требаше да го зграби капиталот, народните пари – опцијата што подоцна економски и политички ќе ја погуби Македонија низ годините на транзицијата.
Тука во игра влегува џокерот. Во натамошната пародија на демократија и плурализам, им требаше навидум целосно нова и независна политичка партија, наводен лут противник, кого ем ќе го толчат и местат во јавноста, ем ќе има привид на жестока борба, ем ќе го контролираат. Им требаше корисен идиот, кому нема да му текне каде лежи зајакот, тоест капиталот и воопшто нема да го спомнува.
Го најдоа во изветените ѓоа-национални заложби на МААК, типче што се шуткаше ваму-таму низ Скопје како шутрак, безнадежно соочен со својата безнадежност, та се обидуваше да привлече одредено внимание (кое во животот хронично му недостигало) ту со вулгарно-порнографска „поезија“, ту со долги коси. Совршен егземплар кој несвесно ќе и служи на Црвената Буржоазија. Млад, неизживеан и глупав провинцијалец со неартикулиран национален идентитет. Ви велам – совршен избор!
Го ставија во скутот на една сомнителна стара мома со одредени патолошки пориви, но и со разузнувачки потенцијал. Од една страна го подбуцнуваше кон бугарофилија и го опкружуваше со бугарофили, од друга страна свесно се изложуваше во јавноста, за и двајцата, сосе партијата на национално единство, да бидат боксерската вреќа и Баба Рога за народот. Ем националисти да ти биле, ем бугарофили – ај ти види сега.
Сепак, имаше троа изворен несвесен бунт во младиот шутрак, па некако успеа да го привлече народот кој, да имаше сериозна национална опција/партија, уште на првите избори ќе ги збришеше крипто-комунистите од лицето на земјата. Така, Црвената Буржоазија им допушти извесно мнозинство, го довчлечка фосилизираниот комуњарски опортунист од Белград за Претседател и го извозаа шутракот со помош на сомнителната стара мома при формирањето на првата влада, а уште повеќе при нејзиното уривање.
Политичката сцена беше поставена, сега на ред беше грабежот – приватизацијата, де. Како да се изведе, да се пљачкоса, а народот да не се крене на револуција. Трпелива беше Црвената Буржоазија, многу трпелива: лиги им течеа од лакомите муцки, оближувајќи се ги меркаа фабриките, големите стопански системи, контролата над капиталот во државата. Требаше да се изврши првобитната акумулација на капиталот по втор пат од 1945-та наваму - тоест да се легализира грабежот на столетието.
Па, изведоа брилијантна стратегиска операција. При вторите параламентарни избори, од една страна направија неколку големи намерни прекршоци, за да ја иритираат опозицијата и шутракот до мерка што ќе реши да ги бојкотира изборите, да го остави собранието без опозиција, а од друга страна, самиот тој да верува дека повлекол еден од најзначајните политички потези во поновата македонска историја, оти народот ќе се уверел кој е во право, а кој не. Шутракот, инаку, има фикс-идеја дека е најголемиот визионер на сите времиња и невремиња. Греота.
Ебати идиотот! Црвените Буржуи со опинок во подсвеста, во ликот на СДСМ имаа отворени порти кон народното благо. Која еуфорија во нивните редови, човече! Ги впрегнаа потомците на комуњарските џелати да изготват Закон за Приватизација, во која, на површината, нивните директори за бесценетост ги приватизираа фабриките, а зад сцената парите се сливаа кон кастата на црвената буржоазија – неколку стотини семејства во Македонија, организирани според концентрични кругови. Почна организираниот криминал, се зароди олигархијата, македонскиот див капитализам покажа само едно лице – алчност и безмислосност.
Тука некаде, стариот белградски опортунист-претседател, нешто како се побунил оти народот апла гледал што се случува. Море, шетај, старо аро – БУУУМ! Атентат! Преживеа. Но, од тогаш уста не отвори за грабежот. Башка што не' закопа со името.
Видете, потоа на Црвената Буржоазија не и' беше веќе толку до власт. „Приватизацијата“ извршена, џебовите и сметките во странски банки наполнети, па добро, сега може малку и да уживаат и да трошат, ама никој да не ги загрози, во никој случај. Така и го пуштија шутракот со во меѓувреме истрижана коса на власт во 1998-а. Преку странски канали го компромитираа алчникот уште пред да дојде на власт, со базичен договор: Не не чепкај нас, а ти кради колку што можеш. Деал? Деал, море, и тоа како!
И би владавина на ВМРО. Го бушеа како швајцарско сирење. Од ветеното дека ќе ги апси криминалците ни трага ни глас. Му местеа скандали и афери, море џанам и војни, ама шутракот гајле си нема – фрчат куфери полни со пари. Море куќи, станови, море фирми, море донации, море фондации, море балови... (Класичен провинциски комплекс, таа пуста желба да се биде буржоазија. Главна карактеристика на буржоазијата се матно стекнатите пари и безначајното потекло. Надкомпензацијата е да се удри со сета сила кон површно помодарство и невкус. Буржоазијата е изворот на кичот).
Кога дојде времето за нови парламентарни избори, 2002-та, сега пак тој и' порача на Црвената Буржоазија: Ќе ве оставам без проблем да се вратите на власт, само мене да не ме чепкате. Деал? Деал, бе! Како инаку да се објасни фактот дека на партијата на власт, изборен фалсификат и направи опозицијата?! Невидено нешто.
Аферим, бе шутрак-војводо. Пеќи, бујрум. Нека ти се парите, алал да ти се, си можел – си џапал, шетај сега, патувај, гради-кради, влакно нема да ти фали, само ние да си се прибереме на власт и да докрајчиме што има да се докрајчи. Народот е раскаран и поделен, се мразат од дно душа соседи, најдобри пријатели, роднини, море браќа и сестри – доволно за да бидат заслепени за вистинските проблеми. Омразата раѓа слепило, велат. А македонската омраза кон се и сешто, особено меѓупартиската, е насочена таму за да не експлодира на вистинското место – во гнездата на Црвената Буржоазија и на озаконетите апаши.
Во меѓувреме, со заеднички сили здушно исчистија се' што е автентично Македонско од политичко-општествената сцена. Од една страна проверените методи на комуњарите, а од другата долгите ножеви в грб од страна на дебелата дама и шутракот што мислеше дека е ослободител на Македонија и човек со визија. Денес, на јавната сцена нема ниту еден од автентичните борци за независна Македонија од почетокот на 90-те. Црвената Буржоазија е уште побогата, на се ќе се сложи па и име да се смени, како и шутракот кој сега е шутрак со многу пари (но ни понадвор не смее да оди без телохранител). Вистинските протагонисти на илјадагодишниот сон се аут.
Се' е исчистено.
(За актуелната ситуација со Црвената Буржоазија - во наредната колумна, следниот понеделник.)
Пишува: Константин Леонов