Пишува Душан Петровски 15.12.2017
Деновиве во Македонија покрај стандардната политичка цикузијада, топ теми се и загадениот воздух во Скопската котлина како и кучињата скитници. До толку жестоки станале овие теми што по првата се огласија амбасадите на САД и Руската Федерација, а по вториот, еден либертаријанец доби времена суспензија на Фејсбук поради неговите прагматични идеи за решавање на проблемот.
Проблемите со загадениот воздух и со кучињата скитници се суштински проблеми од својство на загадување на околината, а истите произлегуваат од комунизацијата на природата. Оттука, нивното решение треба да се бара во приватизацијата на општеството—коешто наводно е уставниот поредок на Република Македонија.
Имено, до загадувањето на животната средина се доаѓа поради тоа што државата субвенционира извесни повластени претпријатија (поранешни општествени фирми чиишто управители подоцна станаа приватните олигарси) низ тоа што им дозволува да ги пљачкаат оние кои не се сопственици на тие претпријатија преку штедење на основа на комуналии—односно преку ускратувањето на својот производен процес. Решението тука е превртување на овој тренд: Приватизација на целата животна средина. Сопствениците на земјини поседи треба да ги тужат загадувачите за оштета на нивната земја (намалена плодност, затруени плодови, намален приплод на риби, стока итн). Но, тука не станува збор само за земјдолеците и сточарите. Загадениот воздух, на пример, ги валка и алиштата кои се оставени да се сушат на балкон, и им го намалува прометот на претпријатијата чиишто услуги се вршат надвор—кафулиња, туристички агенции и сл.
Обештетувањето коешто овие фирми ќе треба да го исплаќаат ќе биде всушност враќање на субвенциите кои тие ги уживаат со тоа што не се грижат за одговорното отстранување на изметот што е неизбежен во производниот процес. На долги патеки принудата да исплаќаат оштета ќе ги примора истите да го прочистат нивниот процес преку инсталација на филтри, и преку намалување на сметот—или пак ќе ги натера во банкрот и ќе отвори прилика за посовесни и побистри бизнисмени да го земат нивното место. Тука се јавуваат прилики за раѓање на нови рециклирачки и прочистувачки индустрии, за увозници и производители на поефикасна опрема, за консултанти за прочистување на процесот, за повеќе профити и за нови работни места, и секако за раснење на економијата.
Конечно, тука зборуваме за целосна приватизација на секој квадратен метар почва, и секој кубен метар вода. На тој начин доаѓаме до ситуација каде што во секој даден миг целата околија припаѓа некому и имаме услови на целосна взаемна лична одговорност. Јас сум убеден дека Бабанчо тресе зелени кога вели дека Македонија станала депонија на хемиски, биолошки и нуклеарен отпад којшто се увезува во државата, зашто од времето на Тито па навака македонската индустрија безумно ги загадува почвата и водата. Но и да е така како што вели Бабанчо, тогаш повторно целосната приватизација на околијата ќе го попречи стварањето на депонии, поради тоа што соседите на поседникот на депонијата дотолку ќе го тужат истиот, што истиот ќе снема економска добивка во таквата работа. Несовесното створање на депонии и загадувањето на реките и езерата е просто резултат на отсуството на лична одговорност на оние што тоа го прават, а комуналното сопствеништво на почвата и водите го овозможува токму тоа.
Оние коишто денес попуваат и квакаат за тоа колку биле нехумани оние што предлагаат да се трујат кучињата скитници, во суштина имаат прилика да отпочнат бизнис. Наместо одењето во екстремноста која нашиот на другар либертаријанец му заслужи Фејсбук бан—стрелањето на скитниците, или нивното масовно труење, коишто повторно ствараат проблем со отстранувањето на нивните лешеви коешто, пак, е санитарен проблем—љубителот на кучињата не треба да биде попречен со законски регулативи да може да отпочне шинтер служба.
Во напредните демократски држави шинтер службите се викаат „хумани општества.“ Тие прибираат—т.е. приватизираат—кучиња, мачки и други бездомни животни, кои ги чуваат во нивните установи што се финансираат по две основи: 1. На добротворни донации од други љубители на животните, но и на оние коишто едноставно не сакаат децата да им бидат искасани на улица; и 2. Продавајќи ги спасените животни на слободниот пазар. Голем дел од вработените на овие „хумани општества“ се всушност волонтери, обично од средношколска или пензионерска возраст. Волонтерството за младинците претставува прилика тие да створат работна навика, а истовремено ги исполнува на морално ниво—оти работат нешто полезно за општеството, но и за природата. Слично и за пензионоерите, на кои им дава прилика да работат нешто пополезно од оговрање на корзо.
Значи вдомувањето на секое куче и мачка скитник е дефакто приватизација на истите. Кога тие сега се бездомници тие се всушност во општествена сопственост. Како такви не можеме да заклучиме кој е во право, односно кој има поголемо право да решава што ќе се прави со нив: оној што вели дека скитниците животни треба да се отрујат или оној што вели дека животот е живот—од проста причина што и едниот и другиот имаат еднаков процент на сопственост на скитниокот.
Основата на решавањето на проблемите со животната околина треба да е приматот на човековиот живот, а оттука и неговото неодвоиво право на приватна сопственост. Тука, патем, лежи и решението со (зло)употребата на органот за државна безбедност и секојдневното прислушкување, кодошење и интригување. Почитувањето на приватната сопственост неизбежно води кон решенија кадешто нема губитник, за разлика од принципот на комунизација, кадешто извесна елитна гарнитура (Црвената буржуазија) прави незаработени профити на грбот на општото граѓанство.
Приватното решение по правило се избегнува во Република Македонија токму од причината што тоа нуди подобар живот, помирно општество, и поздрава животна околина за сите граѓани. Но бодејќи со Р Македонија владее клика на неспособни простаци—Партизаните—кои до власта се докрепиле благодарение на сила, и кои во нормални услови никако не би можеле да станат крем на едно општество, Македонците се прморани да живеат каде што владеат со силата и интригата, пропагандата и индоктринацијата, а со цел да го држат општеството под контролата на Партизаните.