Пишува: Никола Џилвиџиев 01.09.2017
Гледам има идеи за реформа на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се ревитализира после политичкиот пораз годинава, кога коалицијата СДСМ-ДУИ ја превзема власта. Доколку идеите и напорите се искрени, им пожелувам среќа и успех, мада сум на мнение дека реформата на ВМРО-ДПМНЕ е сизифовска задача споена со танталова мака. Проблемот на партијата не е само во корумпираниот погорен ешалон, туку во расипаноста на целокупната структура. Рибата смрди од главата, ама пак распадот се протега низ целата риба. А досега науката нема евидентирано инстанца на реанимација на леш во распаѓање. Ваквите случки се исклучиво во доменот на петпарачките зомби филмчиња.
Да се верува дека корупцијата егзистира исклучиво во централниот комитет или во „Фамилијата“ е да се заборави еден од основните факти на биологијата. Организмите виреат онаму каде што условите се поволни. Како што учи Библијата, семето посеано на пат го јадат птиците, семето посеано на камен нема корени и се суши, семето посеано во трње го гуши трњето, а само семето посеано на плодна почва дава богат род. Така и корумпираниот горен ешалон може да егзистира само во средина поволна за корупција.
Многу теории се вртат за тоа како „Грујо ја расипа партијата.“ Циниците ќе речат дека партијата веќе била расипана, штом го привлекла расипаниот. Не го делам ова мислење, чисто бидејќи патологијата во ВМРО-ДПМНЕ почна да зема замав околу 2008ма година, иако знаците и симптомите на оваа патологија, барем во ретроспектива се видливи уште во 2004та година. Поверојатно е дека ВМРО-ДПМНЕ, пред 2008ма година, содржеше во себе латентен потенцијал за поволна почва за корупција, кој доби полн израз во периодот после 2008ма година. Лукавите паразити знаат да го намирисаат и овој потенцијал.
Меѓутоа, се поставува прашањето: Од каде овој потенцијал? За беља, ќе мораме да се вратиме уште поназад. Иако има репутација за „иселеничка партија“, членството на ВМРО-ДПМНЕ сепак се состои углавном од луѓе кои или живееле во комунистичка Југославија, или се деца на луѓе од комунистичка Југославија. Колку и да се чувствуваат инстинктивно десни, за беља, повеќето луѓе не се свесни до кој нечовечен степен е продрен социјалистичкиот дух длабоко во нивната потсвест. Преку механизмите за индоктринација наречени „медиуми“, „образование“ и „култура“, луѓето уште во младоста се обликувани во крипто-агенти на левите идеологии, иако тие самите можат да се сметаат за центристи или левичари. Оттаму имаме ситуација да наводно конзервативната ВМРО-ДПМНЕ стане партијата која нуди бесплатен јавен превоз на пензионерите, вработува десетици илјади членови во државната администрација и постојано ги напумпува субвенциите за земјоделците – дејствија кои се типично социјал-демократски и неприфатливи во десничарската доктрина. Не само народот, туку членството на ВМРО-ДПМНЕ ги бараше овие работи од горниот ешалон, како замена за нивното преќутно одобрување на корупцијата и криминалот. Кажете ми, како е возможна реформа на организација која е трула од дното нагоре?
За членството на ВМРО-ДПМНЕ, можам да понудам еден едноставен совет. Реформата почнете ја од себе. Навлезете длабоко во својата психа, најдете ги оние делови кои ве втурнаа во груевистичкиот социјализам замотан во конзервативна обланда и исфрлете ги од себе. Најдете ја зависта, најдете го бесот, алчноста и ароганцијата и исфрлете ги од себе. Внимавајте на све што кажувате и мислите. Сме го имале тој баксуз да поминеме низ стрништето наречено „државно образование“ во младоста, кое грижливо ни има имплантирано мали марксистички ѓаволчиња длабоко во психата. Најдете ги овие демони и исфрлете ги од себе. Само со психолошка дисциплина врз себе можеме да се прочистиме од гревовите кои сега ги припишуваме на ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до пошироката десница, ќе мораме малце поинаку да делуваме. Све што напишав за психолошката дисциплина се однесува и на нас, и плус уште неколку работи.
Поставете си го прашањето: Како успеа ВМРО-ДПМНЕ да ги изгуби изборите кога имаше целосна медиумска доминација? За да одговориме, треба да се запрашаме кој им беше вистинскиот противник на изборите.
ВМРО-ДПМНЕ не ги изгуби изборите од СДСМ, туку од невладиниот сектор и Шарената Револуција.
Неверојатно, но вистинито. Помалку неверојатно ако се земе во предвид анемичноста и неспособноста на СДСМ. СДСМ не победи бидејќи имаа подобра програма, нити поради кампањата. СДСМ победи поради дејствијата на Шарената Револуција, кои беа спремни да ги поддржат за да го симнат Груевски од власт. Шарената Револуција самата не беше граѓанско движење во потесна смисла, т. е. не го отсликуваше гласот на поширокиот народ, туку на група граѓани, кои во понатамошниот текст ќе ги наречам корпусот.
Корпусот не е организација, не е движење, не е дури ни најобична група на пријатели. Корпусот е класа на граѓани кои независно еден од друг оперираат кон заедничка цел, дури и кога привремено се здружуваат. Она што ги спојува е заедничката идеја. Група независни агенти кои оперираат кон заедничка цел со иста идеја ствараат привид за централизирано и организирано делување, иако не се централно организирани. Ова го нарекуваме спонтан ред.
Спонтаниот ред, нормално, може да се јави и спонтано, и во практиката најчесто се обсервира во оваа форма. Меѓутоа, постои начин спонтаниот ред да се отпочне наменски, т. е. од актери кои свесно сакаат да изградат корпус на независни агенти. Ова се постигнува со оформување институции за производство на кадри на корпусот. Институциите, без оглед на тоа дали се здруженија, невладини организации, медиуми или пак имаат друг облик ги всадуваат и повторуваат идеите кои при навлегувањето во идејниот систем на субјектот, го претвораат во кадар на корпусот.
Ќе го потсетам читателот дека не станува збор за послушници или платеници, туку за луѓе кои делуваат по своја волја, дејствувајќи под влијание на идеите во сопствените глави. Институциите не постојат да го командуваат корпусот, туку за да го создадат и одржуваат преку пролиферација на идеите.
Предноста на корпусот над пошироко граѓанско движење е компактноста и гласноста. Мала, но одлучна група луѓе нема проблем со внатрешните несогласувања кои ги следат пошироките граѓански движења, што му дозволува да комуницира со еден глас кој далеку стига, иако може да се работи за малцинско становиште. Предноста над корпусот пак над групата послушници е искреноста. Никој не може да го обвини корпусот за неискреност, хипокризија или мирмидонство ако кадрите навистина веруваат во тоа што го комуницираат и го прават по своја волја, најчесто без компензација.
Проблемот со кој што се соочува десницата, покрај патологизацијата на ВМРО-ДПМНЕ е и отсуството на десничарски корпус. Како што се виде од изборите на 11ти декември, корпусот може на грб да износи дури и една анемична и безперспективна партија каква што е СДСМ. Да постоеше десничарски корпус, болеста на ВМРО-ДПМНЕ немаше да биде толкав проблем.
Така што во враќањето на македонската десница, од помала важност ќе биде реформата на ВМРО-ДПМНЕ отколку конструкцијата на десничарски корпус. За беља, ретко кој има волја да одвои средства за конзерви и реакционери, ама па ете среќа во несреќа: живееме во добата на интернетот, каде што пролиферацијата на идеите е многу поевтина и поедноставна.
Десницата мора да почне да гради институции за креирање кадар на десничарскиот корпус. Со оглед на тоа што енормен процент од населението сеуште е заразено со патолошките идеи на социјализмот, како што е опишано погоре при дијагностицирањето на болеста која го зафати ВМРО-ДПМНЕ, овие институции ќе мора да се сосредоточат на гаење култура на психолошка дисциплина на индивидуално ниво. Еднаш штом ќе бидат истерани социјалистичките бесови од главите на надежните десничари, ќе може да почне пролиферацијата на десната идеологија. Не сум сигурен каков ќе биде пристапот на овие институции, меѓутоа во ниеден случај не смее да биде ист како пристапот на левите институции, со оглед на вродените психолошки разлики меѓу левичарите и десничарите (повеќе кај Dr. Jordan Peterson, овде ). Овие институции претежно би оперирале онлајн, или како локални групи, со оглед на недостатокот од средства кои и се на располагање на десницата.
Ова е проект кој може да потрае и 20-30 години. Со оглед на тоа што во моментот десницата е падната, јасно е дека касно го започнуваме. Меѓутоа, еве уште една среќа во несреќа. Левицата го распукна својот корпус.
Вработувањето на кадрите на левиот корпус – Шарените и твитерџиите по министерствата, како и пратеничките места на Ивана Туфегџиќ и Павле Богоевски го ја одземаа независноста на голем број од повидните кадри на корпусот. Како што спомнав погоре, независноста на корпусот му дава искреност, што го штити од обвинувањата за неискреност, хипокризија и мирмидонство. Без таа независност, корпусот станува група послушници – неискрени, хипокрити и послушни. Грижливо градениот лев корпус се распука на парчиња со еден незрел и популистички потег на Зоран Заев и врхушката на СДСМ.
Груевски тринаесет години ја толчеше десницата. Обидувајќи се да наметне монолитност, ја уништи шансата за формирање корпус. Заев го почна тој процес со поинаков метод – кооптирањето. Меѓутоа, вакуумот што го создаде Груевски, остави простор за пролиферација на левите идеи и создавањето на левиот корпус. Грешката на Заев е што го повреди интегритетот на левиот корпус, стварајќи услови за вакуум. Тој вакуум може да го пополни една независна, реконструирана десница