КОНСЕНЗУС

Емилија Лазаревска

25.08.2016

Јас, Емилија Лазаревска, дипломиран журналист и долгогодишен новинар и уредник, со моментален професионален статус-технолошки вишок, барам, политичарите да престанат да не бранат веќе. И додека се мачев неколку минути како најефектно да го почнам овој текст, по десетти пат ја читам информацијата за пропаднатата седница на ад-хок телото, на која не дошле членовите ПРЕДЛОЖЕНИ од ВМРО ДПМНЕ, а еден час ги чекале членовите ПРЕДЛОЖЕНИ од СДСМ. Не, не сум изненадена од ваквиот развој на ситуација, напротив, точно знаев како ќе изгледа оваа тажна приказна за ,,спас” на новинарството во Македонија. Не можам да поверувам дека еден од членовите-опозиционери рекол, цитирам-,,ние стоиме на услуга на политичките фактори ако изнајдат решение за излез од блокадата “ ?! И пак – ?! Бројам до десет, подголтнувам, станувам, шетам по просторијата, грлото ми се суши, пијам вода, пак седнувам, се пулам – читам… Така пишува, доколку е точно пренесена изјавата,- ,,ние стоиме на услуга на политичките фактори….,,. Грлото ми се стегна, исто како пред десет години кога го доживеав најголемиот шок во мојот живот, заминувањето на мојот татко од овој свет. Тогаш, знаат моите најблиски, но и дел од колегите во Телма со кои го делев поголемиот дел од моето време, со месеци не можев да дишам, губев воздух, со видлива тешкотија ги водев вестите, секој втор ден, но не го прифатив предлогот да паузирам, да се повлечам од екранот и да земам одмор колку што ми треба време. Докторите рекоа дека тегобите што ги преживувам се заради претрпениот шок и стрес, дека не можат да ми препишат никаков лек, бидејќи тој се наоѓа во мојот мозок, мојата психа. Значи, лекот морав сама да го пронајдам. По долга сопствена борба, самосугестија, мораш, никој нема да ти помогне, ако не си помогнеш сама-ми се чини успеав. Се научив како да живеам со таа болка и животот си продолжи понатаму.
Пишувајќи го ова, стегнатото грло од почетокот на текстот ми се опушти и гласно и јасно протестирам заради ничкосувањето на новинарството како професија, заради хируршкото отстранување на плејада профисионалци од медиумските јадра, заради слугувањето на поединци на политиката и политичките партии, кои за жал станаа мнозинство. Политичкото ад-хок тело за надзор на работата на електронските медиуми во предизборниот период и политичкиот уредник што ќе биде времено назначен во Јавниот радиодифузен сервис МРТ, се триумф на политиката врз новинарството. Ова уникатно и по многу нешта, единствено политичко решение за ,,спас” на новинарството, не е ништо друго туку завршен удар врз професијата. Професионалците и добрите новинари, секаде во нормалниот свет се барани и ценети. Тие не се камен околу вратот на политичарите, па и општеството воопшто, ако сакате, туку нивна движечка сила, нивната совест и огледало. Затоа, се дури сум новинар, нема да бидам на услуга на политичките фактори. Тие треба да бидат на наша услуга, на услуга на сите граѓани. Ние ги гласаме и бираме, и како новинари, дополнително, обврзани сме да ги прашуваме, прогонуваме и да бараме одговори од нив. Никако обратно! Порано, до пред некоја година имавме консензус за ова. Сега, потребен е консензус за да се избере петтиот член, албанец , во политичкото ад-хок тело кое им стои на услуга на политичките фактори!