„Интелектуалците“ како доказ за потребата од Лустрација

 

Пишува Душан Петровски
24-08-2011

Низ изминатите седумдесетина години, во Македонија се негува опак систем на напредување, кој не ги вреднува поедниците според нивните вредности и способности, кои треба да придонесуваат кон своите и заедничките интереси посветувајќи се на занаетите за кои се најсоодветни. Напротив, станува збор за систем каде што оние кои според нивните способности требаaт да вршат задачи на чистачи, касапи, возачи, овчари, курири, келнери, редари и пиљари, се здобиваaт со директорски, амбасадорски и министерски фукнции, стануваaт универзитетски професори и академици и новинари, а дури и капиталисти.

На овие луѓе им се доделуваaт ваквите високи општествени позиции, не заради способноста да водат корисни државни или стопанствени политики, или пак заради нивните високи академски достигнувања, туку заради нивната подготвеност да ги убиваат, затвораат и измачуваат оние нивни сограѓани кои навистина биле (и се) оние кои ги имале (имаат) потребните способности за дадените функции. Им ce подаруваaт функции заради нивната сервилност, понизност и немање на совест, чест и достоинство да речат „НЕ“ на оние над нив во хиерархијата. Тоа го сведочат и самите тие, преку фељтонот „Колку беше УДБ-а наша судба“ во „Утрински Весник“. А, за да гревот да биде експонентно поголем, овие убијци, крадци и општи криминалци своите нечесно здобиени општествени улоги, со сé сето материјално богатство кои оди рака в рака со нив, ги имаат пренесено на своите потомци, како да истите биле нивни со тапија—од памтивек, сé до век и веков.

Нема ништо лошо или понизно во чесното сработување на дадената задача. Според тоа, нема ништо понизно во професиите на чистач, касап, возач, овчар, курир, келнер, редар или пиљар.

„Јас во првите години од мојот азил во Канада, ограничен од јазичната и финансиска бариера, започнав свое претпријатие кое се занимава со рециклирање на користени палети, кои се третирани како отпад. Значи бев своевиден ѓубраџија. Иако ѓубраџиството многумина го сметаат за понизна работа, јас бев и сеуште сум горд со сработеното. Се вкопив во општеството со своите способности, во дадениот момент, и чесно си го заработив секој цент. Како алтернатива, на пример, можев ба бидам терет на државата и да примам социјална помош додека, повторно на државен трошок одам на училиште за англиски јазик. Доколку го одбрав овој, условно кажано, снобистички пат, ќе минев неколку години низ училишта, при што ќе ми изминуваа годините на способност. На тој начин, ниту ќе заработев, значи немаше да ги задоволам своите интереси; ниту, пак ќе придонесував со даноци спрема државата, напротив – ќе земав, што значи дека немаше да ги задоволам ниту интересите на општеството.“ (Јордан Петровски)

Снобизмот спрема еден вид на работа или друг, главно е резултат на комунистичкиот систем на уредување, каде што, иронично, и покрај наводната еднаквост на граѓаните, населението се дели на сталежи според нивото на образованието или фукцијата на дадениот „другар“. Иронијата да биде поголема, „високото образование“ почесто се стекнува на најнизок можен начин—низ разни курбан ручеци или со донации од канти сирење или преку роднински или пријателски врски, а далеку поретко преку заслужен труд. А сето тоа, под синтагмата: „Учи школо—за да не работиш“! Квалитетот на македонската официјална интелегенција (интелектуалците), постојано се докажува како ужасно низок: пред сé поради небиднината која е синоним за Македонија; но и со секојдневните нови „бисери“ на тажните тутурутки кои поради својата или сервилноста на нивните татковци и дедовци ги добиле титулите на интелектуалци.

Затруената филозофија на тој наводно минат систем, реално е присатна во секоја пора на македонското општество, кое што најмногу наликува на фуедализам. Тоа е филозофија според која елитата живее на грбот на мнозинството. Со победата во Втората светска војна, Комунистичката партија на Југославија се здоби со власта во државата и беше целосно посветена на нејзино одржување по секоја нехумана цена. Иронично е што оние кои беа најсурови во зачувувањето на елитата на власт, не беше самата елита (наредбодавачите), туку нивните измеќари (извршителите – УДБ).

Токму од тука потекнува значајноста на потребата за сеопфатна Лустрација во Република Македонија, при што конечно ќе се разголи како функционира тој затруен систем, но и ќе се создадат услови за една вистинска преродба на нашето општество. Сé дури не се спроведе оваа општествена катарза, Македонија ќе го продолжи својот „лет во место“.

Денес, повеќе од било кога на Македонија ѝ е потребна слога и единство меѓу нејзините чеда. Денес, повеќе од било кога на Македонија ѝ е потребно движење, организација или партија која ќе ги обедини обесправените толпи и која ќе ја има храброста и доблеста да го прочисти општеството од елитата и нивните измеќари на чија милост или немилост страдаат граѓаните.