ДУПЛО ДРСКО

Емилија Лазаревска
10.08.2016

Дрскост! Ова не е ништо друго,туку церекање во лице на настраданите, несреќните, на сите нас! Кога се знае дека поплавата, стихијата, неконтролираните води, однесоа човечки животи- нечии мајки ,татковци,браќа,сестри,синови, ќерки,најмилите,најсаканите,и дека тоа не е само природна катастрофа,божја волја,туку дека во голема мера е заради човечка негрижа, тие, токму тогаш, во најтешките моменти, повторно преку ноќ,ги ставаат тие скаменети фигури на луѓе од минатото. Дупло дрско. На тој начин фрлајќи ги и нив на плоштадската депонија на скапо платено железо и бетон,без никаков ред и значење, посебно за живите,бидејќи се чувствуваат некако мали , излажани, измамени, фрустрирани покрај нивните грандиозни коњи и постаменти.Мали луѓе,наспроти големи статуи. Живи луѓе,наспроти мртви души. Евтин живот, наспроти скапа смрт. Но, оваа бездушна и аздисана власт уште еднаш ни порачува дека им се може,дека си прават што си сакаат и дека провизиите,бетонот,железото и болната опсесија на Груевски да создава историја по сопствен терк и видување им се поважни од живите луѓе,нивниот спокој и мир,а дека за мртвите немаат почит. Веројатно тој и денеска,без трунка совест ќе ги шпарта настраданите подрачја заради документарниот филм што го прави за себе со микрофон на своите гради,придружуван од малкумина ,но се уште под закрилата на безбедносните служби и верните слуги од ДУИ. Кои ако треба и животот ќе го дадат за Груевски. Сепак не,само ќе претепаат некого. Заради овие неколку споменичиња му молчите на вождот? Добро де,и тендерчиња? Или сепак има нешто многу поголемо,неостварен сон,со кој некој легнуваше и се будеше едно време? Во секој случај, поразувачко е сознанието за вашата срамна бесчуствителност, неодговорност , себичност, нарцисоидност . Болно е сознанието дека и во вакви тешки моменти нема разум, ниту слух за нужните потреби на граѓаните,туку трагедијата се користи за себепромоција. Бесрамно,пред камери се нарачуваат поголеми пакети со храна,се проверува нивната содржина , се тегнат за уши на јавна сцена Премиерот, градоначалникот,министри,пратеници.
Понижувањето што им го приреди спасителот кој го прекина својот одмор во Анталија ,не е само нивно,колку и да не се свесни тие за тоа. Претседателот на политичката партија ВМРО ДПМНЕ пред наши очи,не ги понижи само Коце, Емил, Никола, Тони, ја омаловажи државата Република Македонија,нејзините институции и сите граѓани!
Смее ли некој од малубројното опкружување да му го каже ова на Груевски ? Има ли некој да му рече дека на овој начин покажува дека нема почит кон жртвите и нивните семјства?
Никому,па и на неговите сопартијци, не им треба веќе овој режиран театар во кој главната ролја ја игра Груевски. Тој навистина е неважен. Важни се граѓаните,државата. Токму во нивно име,заради нив , не смее да останат неодговорени прашањата за одговорност. Мора да се направи детална анализа од стручни луѓе секој во својата област, без присуство на партиските аматери со функции, дали оваа трагедија можеше да се спречи или барем дали последиците од неа можеа да бидат помали. Дали се запазени и почитувани сите протоколи при градење на обиколницата и зошто студијата од пред осум години во која се предупредувало дека не постои механизам за заштита од поплави токму во овој реон,фаќала пајажина во фиока? Мора да се даде одговор зошто никогаш не се прифаќале амандамни,при ребаланс на буџетите,за водоводи,канализации,системи за собирање на атмосферски води? Зошто се сечат шуми за да се гради бесправно или да се продаваат дрва за огрев? Зошто пошумувањата за кои се вложија огромни пари од државната каса,не се видливи на терен? Зошто? Секое зошто,знаете нели,има свое затоа.