ТРАМП ЕФЕКТОТ ПРЕСЛИКАН ВО МАКЕДОНИЈА

Роберт Милески 09.11.2016

После она што се случи со изборите во САД, сакам да испратам една порака до јавните личности и политичари и тоа не од позицијата, туку од опозицијата - мора да се запре со трендот на омаловажување и "уништување" во поим на луѓето кои немаат екстремни, но според вас политички некоректни ставови.

Отворете ги вашите профили, наместо да се криете позади политички подобните и да дозволувате дискусии какви само вам ви одговараат. Сослушајте ги и другите што имаат да ви кажат. Мене лично многумина често ми замеруваат зошто сум "дозволувал" секој некој да пишува, дури добивав и коментари дека повеќе не ме следеле затоа што коментарите биле тешки за читање. Јас им одговарам - кај мене е секој добредојден, сé додека коментирањето се движи во границите на коректното и ненавредливтото.

Апелирам до другите кога ќе прочитаат став што не им се допаѓа, а сакаат да одговорат, наместо тоа да го прават со ниски напади на личноста, нејзиниот карактер, изглед, потекло, образование или место на живеење, истите да се потрудат да одговорат со аргументи и контрааргументи.

Луѓе, мора да се сослушаме! Мора да научиме да се сослушуваме. Има еден куп јавни личности кои јас ги делам на две групи - вистински демократи со отворени профили и мали диктаторчиња и деспоти со затворени профили кои дозволуваат коментари само од лица што ним им одговараат.

Истото ова мора да се случи и во јавниот дискурс, во рестораните, во кафе-баровите, по улиците, во парковите. Мора да се сослушаме, мора да аргументираме и контрааргументираме. Инаку, ќе си живееме во нашиот магичен свет на победата, и подоцна ќе ни се случи ефектот Трамп, а ние ќе останеме со подзинати усти.

Но, добро, овој пост може да го сметате и како уште еден обичен и небитен текст од исто толку обичен и небитен човек и да го игнорирате. Сепак вие сте елитен клуб во кој се влегува на друг начин, преку упикување, улизување, виртуелни револуции со исфарбани куртон-балони, искористени студентски движења за себекорисна промоција, и стандардниот начин на партиско газолижење до стигнување во високите ешалони на елитата. Политичката личност не се гради преку искористување на погодниот момент, туку низ подолг временски период на изнесување лични ставови за општественото движење.

Изборот е сепак ваш, мое е само да ви соопштам.

(Напомена: овој текст нема да го сретнете во ниту еден поважен медиум поради политичка некоректност, сегашна небитност на авторот или неспознаен трампов ефект).

Read 1185 times