КОГО ОД ВЛАДЕАЧКИОТ СОЈУЗ НА ЈУЖНОБАНОВИНСКИ ПАРАЗИТИ ДА ДОНЕСЕМЕ НА ВЛАСТ?

СДСМ АНТИМАКЕДОНСКА ИЛИ ВМРО БЕЛОКОШУЉАШКА ? 
Басна за прераскажувањето на басната за змијата и магарето

 

Марјан Здравковски 16.09.2016

По 25 години возобновена независност и формално правна сувереност, во период кога речиси без исклучок на власт ни се менуваат вторите и третите ешалони на кумровјанските банди, повеќе од дегутантно e да се поставува прашањето со неаргументиранo воспоставена 'разлика' за „едните или другите“.!

Ти реков, од иста кал се.

ЗАСЛУГИ И РАЗМЕНА НА ВЛАСТ

СДСМ ја спроведе првичната акумулација на капиталот (грабежот) со криминалниот концепт на приватизација, а со кој капиталот од рацете на сите граѓани кои учествувале во неговото создавање, премина во сопственост и управување на неколку грижливо избрани олигарси. На овој процес претходеше брутален фалсификат на изборите во 1994 и возобновување на удбашките методи на владеење (наредбата на министерот Фрчковски за следење и прислушкување на опозиционите лидери и партии).

За шверцот на нафта, а со оглед на тоа дека новинарчиците и властитутките ниту на сон не смеат да коментираат и истражуваат, овде ќе потсетам на изјавата на во тој момент, независниот пратеник Петар Гошев „ Од шверц на нафта на линија Атина-Белград остварен е профит од преку 100 милиони ГМ, од кои само 20 се слеани во државна каса“. Овој настан никогаш не го доби должното и заслужено внимание!

На изборите 1998 г. двете банди, за првпат извршија заеднички фалсификат. Имено на тие избори се гласаше со избирачки легитимации за чие издавање беа надлежни органите на подрачните единици на локална самоуправа, а кои во 90% беа под контрола на двете банди. Целта беше да се уништат шансите на етаблирање на трета опција (во тој момент тоа беше ЛДП).
Лично сведочев како едно лице од Штип имаше 15 избирачки легитимации за 15 различни избирачки места.

По доаѓањето на власт, ВМРО ДПМНЕ не оспори ниту една од постапките за приватизација. Напротив, и спротивно на предизборно декларираната волја го приватизираше „Телеком“. Никој точно не знае каде завршија парите, но од г-динот Ване Цветанов (вистинскиот и храбар борец со бандите), поранешен директор на агенцијата за спречување на перење на пари, во неодамнешното интервју за една локална телевизија
слушнавме дека видел сума од преку 400 милиони евра врзани за името на Љубчо Георгиевски.

Овде ќе прескокнам многу други епизоди од заедничкото делување на бандите. Осеобено сакам да ја прескокнам 2001!

СТАВ И СТРАТЕГИЈА

И магарето и змијата имаат заеднички став за името: името и опсегот на употреба што ќе го договорат со Грција ќе го стават на референдумско изјаснување. Контекст ќе биде влез во ЕУ и НАТО. Тоа е вовед во македонска валпургиска ноќ.

Историјатот на оваа антимакедонска политика, а која е сржта на заедничкото делување на србоманските и бугарофилските структири, почна со разговорите на Васил Тупурковски (еден од патроните на Никола Груевски) за промена на името и идентитет на Македонија и Македонците, Продолжи со прифаќањето на референцата ПЈРМ за прием на Македонија во ОН. На оваа мрачна приказна, за мене сосем очекувано, во 1999 г. се надоврза Љубчо Георгиевски со договорот за смена на името во Горна Македонија. Настанот го поттврди еден поранешен македонски дипломат со текст објавен во „Време“, но и самиот Георгиевски во неодамнешно интервју за „ТВ 24“.

Никола Груевски за Претседател на ВМРО ДПМНЕ дојде со сесрдна помош на Љубчо Георгиевски. Победата на изборите 2006 му ја сервираше Бранко Црвенковски со неговите олигарси, со помош на А1 телевизија, Тито Петковски, и со помош на „Сорош“. Идејата беше долго подготвуваниот компромис со Грција ( т.е национално велепредавство без преседан не само во Македонската историја) да го спроведе и изрши лицето Н.Г и тоа во име на ВМРО и целиот македонски народ.

Во овој момент лицето Н.Г е политичар со изминат рок. Неговата последна улога е да го доведе Заев на власт. И тука нема тајни. Со самото тоа што сеуште не си дава оставка на позицијата Претседател на ВМРО ДПМНЕ, а истовремено самиот прифатил и потпишал договор со кој ќе му се суди за кривични дела кои произлегуваат од прислушкувањето кое „наводно“ сам си го вршел, целото раководство на дпмне на дневна база ќе биде повикувано во СЈО и на судски рочишта, и со тоа свесно ќе ги уништи шансите на дпмне за добар резултат. Тоа е цената на фараонската поставеност на дпмне.

СДСМ НЕ Е РЕШЕНИЕ.СДСМ Е ДЕЛ ОД ПРОБЛЕМОТ

СДСМ не успеа да ја препознае македонската реалност ниту во економска ниту во политичка смисла. Во времето кога се основаше факултетот во Речица, тогашниот министер Фрчковски тоа го прогласи за “роденденска забава, издуван балон“..
Во една од многуте „сеанси“ во легендарното „Багдад кафе“,го прашав тогашниот потпретседател Јован Манасиевски, „зошто ДП не го поздрави тој чин и не испрати своја делегација на настанот.?“ Манасиевски одговори дека тој лично и многумина други помлади членови на партијата дале таков предлог но Гошев и Чашуле го одбиле. Немам намера да го бранам Манасиевски. Тој и Пенов се најголеми виновници за демонтажата на ЛДП. Сакав само да укажам на континуитетот на слепилото на сдсмовските политики.

Во овој момент Зоран Заев е потребниот face lifting на цврсто етаблираниот систем. Токму затоа, СДСМ „ќе победи“ на следните избори.

Патемно, за оние кој се прашуваат зошто во оваа фаза и ничим изазван, зборува за двојазичност на целата територија, би ги упатил на бројката од 175 000 гласачи ставени на страна од избирачкиот список. Така е договорено. Така и ќе биде спроведено.

Овде нема да користам ставови од приватна комуникација со лицето. Утврдив дека е неблагодарен и суетен, и не само врз основа на тоа, немам ни тронка верба во остварување на неговите јавно декларирани политики. Многумина се сомневаат дека тој разбира што заговара и како тоа ќе го изведе.

Зоран Заев не е политичар. Тој е препреден политичар, долго подготвуван извршител, исто како што требаше да биде и Груевски, а заврши во невиден криминал и со целосно исчашување на демократските процеси.

Она што суштински ќе се случи на 11 Декември ( ако се биде според замисленото сценарио) би можело да се сведе на веќе познатото и веќе видено:
ЕДЕН МАЛ БУРЖУЈ РАСПОЛОЖЕН ЗА ДИВЕЕЊЕ ЌЕ БИДЕ ЗАМЕНЕТ СО ДРУГ МАЛ БУРЖУЈ РАСПОЛОЖЕН ЗА ДИВЕЕЊЕ.

„ЕДНИОТ Груевски ЌЕ БИДЕ ЗАМЕНЕТ со "ДРУГИОТ" Заев“

 

Кого ќе го менуваме од власт – ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ? (Басната за змијата и за магарето)

Жарко Трајаноски

Кого ќе го менуваме од власт?

Прашањето „Кого ќе го менуваме од власт?“ не е веќе толку едноставно како во годините кога на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. На пример, пред изборите во 2011 година, за секој вистински опозиционер беше кристално јасно кого ќе го менуваме од власт. Се знаеше: Ако сакаме промена на власта, мора да ја смениме коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на чело со криминалецот Груевски како премиер. По „Договорот од Пржино“, откако СДСМ стана дел од владата, а Груевски даде оставка, работите се искомплицираа со поимањето на власта. Сега, во 2016, за некои е многу логично да се постави прашањето: „Кого ќе го менуваме од власт – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ или и СДСМ како дел од власта?“

Токму во оваа насока почна да размислува и да се однесува дел од опозицијата. Некои од опозиционерите интелектуалци почнаа да го третираат СДСМ како дел од власта, а не како контролор на власта пред изборите. Дел од критичарите на режимот почнаа да го напаѓаат и Зоран Заев како дел од проблемот, а не како дел од решението на проблемот. И, „шу праиме“ сега, што би рекла поранешната министерка на МВРО позната по хитот „ливче нека снема“? Кому најмногу му одговараат вакви кавги и расколи во опозицијата, на неполни три месеци од изборите?

Басната „Ни змија, ни магаре“

Да се потсетиме на опозициските кавги пред повеќе од пет години, некаде пред изборите во 2011. Дали и тогаш имаше слична медиумско-пропагандна опседнатост со СДСМ и Бранко Црвенковски, иако тогаш СДСМ не беше дел од власта? Дали ги научивме лекциите од 2011, кога опозицијата не настапи здружено, туку дел од неа почна со кампања и против опозицијата?
Се сеќавате ли колку неславно заврши кампањата „Има излез: Ни змија ни магаре“ за опозициската партија ЛДП која се одлучи самостојно да настапи на тие избори? Во кампањата еднакво се таргетираа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и Никола Груевски и Бранко Црвенковски, а ЛДП се себепромовираше како „трета“ опција. Најтрагикомичен момент од кампањата беше кога дотогаш уштирканиот лидер на ЛДП Јован Манасиевски како „урбан лик“ го посети Кратово, народски касна лепче и солца и заедно со Розе (во бело шалче) заиграа орце среде Кратово на народната песна „Море сокол пие…“.  Главна атракција на народниот митинг на елитистичката ЛДП беа вистинско магаре (водено од млад човек со маица „има излез“) и питон околу вратот на еден партиски активист како илустрација на кампањата „Ни магаре, ни змија“.

Паметам дека во 2011 на привремена работа во опозицијата беше и поранешниот портпарол и заменик на Груевски како премиер, Ивица Боцевски. Во ЛДП толку му веруваа дека е прекален опозиционер и борец против „султанизмот“ на Груевски, што го наградија со високо место на самостојната пратеничка листа. Со Боцевски/„Двоцевски“ како најкрупно засилување, ЛДП во 2011 година храбро и полетно зачекори во уривањето на режимот, за да го спаси на избори народот наш, ем од змијата ем од магарето.
И, како завршија ЛДП на изборите во 2011? Многу поучна приказна. Со нивни зборови кажано, ем змија ги апна, ем магаре им го бапна. По изборите се виде дека мнозинството од ЛДП испаднаа насамарени, а нивните гласачи се почувствуваа измамени. Наместо неколку пратеници (ако беа дел од опозициската коалиција), ЛДП освои 0 (компир) пратенички мандати, а 16,5 илјади освоени гласови отидоа во „бунар“. Во 2011 во „бунар“ отидоа и 28.2 илјади гласови на ВМРО-НП, речиси 20 илјади гласа на „Демокрација е Ре – Партија за нова демократија“, 17 илјади гласа на „Обединети за Македонија“, 8.8 илјади гласови на „Достоинство“. Сите овие партии не освоија ниту еден пратенички мандат, иако ќе освоеја барем 10, ако настапеа заедно, а Македонија беше една изборна единица. Ако се соберат сите опозициски гласови што не освоија мандат, се добива бројка од околу 90 илјади гласа, а разликата помеѓу големите коалиции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во 2011 година изнесуваше под 70 илјади гласови. Накусо, тогашната влада успеа да се задржи и да го зацврсти режимот и покрај тоа што немаше доверба од мнозинството граѓани. Тогаш за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ гласаа вкупно 49.2% од гласачите, а заедно освоија дури 68 мандати, односно беа наградени со 8-9 мандати од изборниот модел (чичко „Донт“).
 
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дојдоа на власт во 2011 со злосторнички методи

Се разбира дека можеме да ја критикуваме тогашната опозиција дека немала добра стратегија пред изборите во 2011. Можеме да ја критикуваме и за избрзано признавање на изборниот пораз, на пар часови пред грозоморното убиство на Мартин Нешковски, и пред политичкото апсење на Љубе Бошковски. Но, не е правично еднакво да се критикуваат жртвите со џелатите.
Сега ни е уште појасно дека опозицијата беше жртва на голем криминал и неправда на изборите во 2011. Сите бевме жртви на масовно прислушкување, а злосторничкото здружение за изборен криминал немаше да освои ниту 49,2 проценти од гласовите ако не ги користеше злосторничките методи, детално опишани во „извештајот на Прибе“ и нотирани во истрагата на СЈО за „Титаник“. Сега, откако ни е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дојдоа на власт во 2011 со злосторнички методи, не е фер да ги критикуваме опозициските партии кои жестоко се спротиставија во 2011 година на злосторничкиот режим. За жал, заслужената победа им беше одземена од злосторничкото здружение со груби фаули, гол од офсајд и уште еден гол од непостоечки пенал досуден во 91-та минута.
 
Поуки од басната за змијата и магарето

Какви поуки можеме да извлечеме од изборите во 2011 година?

Најбитно, само здружена опозиција може да го победи овој режим на избори. Сега е многу поедноставно да се согледа ова отколку во 2011, кога голем дел од опозициските партии сами отидоа на избори.

Поучени од 2011, оние партии што навистина сакаат да дојде до политички и општествени промени во Македонија, ќе се приклучат на здружената опозиција која настојува да формира ново парламентарно мнозинство за да го смени постојниот режим на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Партиите што нема да се приклучат на здружената опозиција (без оглед на нивните добри или лоши намери) практично ќе помогнат за одржување „статус кво“, исто како што тоа го направи опозициската ЛДП во 2011. Кампањите од типот „Ни змија, ни магаре“, „Ни Курто, ни Мурто“, одмагаат во создавање широк фронт против режимот и практично му помагаат на корумпираниот режим на Груевски и на неговата забегана фамилија да се одржи на власт.
Исто како во 2011, кога сегашниот амбасадор Ивица Боцевски глумеше бескомпромисен опозиционер, и сега имаме активни политичари што глумат жестоки опозиционери, а практично работат на оневозможување широка опозициска коалиција, која е најголема закана за постојниот режим. И сега, како пред пет години, некои се обидуваат да водат кампањи „Ни змија, ни магаре“ за одлевање на опозициските гласови во „бунар“. И сега некои се обидуваат да ги насамарат граѓаните со нови верзии на басната за змијата и за магарето.

Ако сме паметни, и учиме од грешките, ќе извлечеме поука од изборите во 2011 година и ќе ја здружиме сета опозициска енергија против злосторничкото здружение за изборен и друг криминал. Набрзо ќе се види кои политичари и јавни личности само глумат дека се за пад на режимот, а кои навистина се борат за пад на режимот.
 

 

Read 1264 times