НОЕВИ

Емилија Лазаревска

27.08.2016

Што ми требаше да ја отворам оваа вест,ми беше првата мисла што ми дојде на ум кога почнав да ја читам. Сакав веднаш да кликнам и да ја отстранам од моето видно поле,но сфатив дека тоа е мојата линија на помал отпор како заштита на моите мозочни келии од пропагандата,купување на сопствен мир, игнорирање на големиот проблем со кој се соочуваме во последните 10 години.Телевизија Сител,која го презеде приматот на најгледана по затворањето на А1, на својата интернет страница, објавила текст со наслов ,,Бурни реакции на ФБ по селфито на Заев:Македонецот ова нема да ти го прости" , илустриран со слики и ФБ статуси во кои тој се нарекува - предавничко копиле, рак на Македонија, продадена душа комуњарска, п.... муртинска и слично. Претпоставувам дека ова е емитувано и во вестите на телевизијата , кои исто така не ги гледам со години, бидејќи ние сме едно од семејствата кои или ја немаат или заборавиле на кој канал се наоѓа оваа тв станица. Истото се однесува и на Канал 5, Алфа, за жал и МТВ,иако за неа редовно плаќаме претплата.Подолго време ги игнорирам и одбивам да ги читам и Дневник,од неодамн Вест,многу пропагандистички сајтови, го прескокнувам радио Слободна Македонија,кога сурфам низ станиците во мојот автомобил и така натаму. Иако не ми е драго морам да признам дека веќе воопшто не гледам Телма, мојот интерес се намалуваше од познатите причини, но пред се заради несогласувањето со сегашната уредувачка политика тргнувајќи од скандалозната кампања во вестите со црвениот телефон, променливоста и неконзистентноста во професионалноста, исклучително многубројните занатски грешки во прилозите и текстовите и како капак на се енормниот клиентелизам во секојдневните одбранбени нарачани прилози за спас на Макпетрол,кои тврдам ниту му носат добро на менаџментот на компанијата ,уште помалку на новинарството. 24 Вести за мене е нешто како карабина од куќа во која семејството живурка во една прикрпена соба. Значи,многу површност, приученост, неавторитетност,аматерско читање,лоша дикција...
Но, да се вратам на почетокот и на она што,всушност не е вест, а е објавено на традиционален електронски медиум кој треба да подлежи на закон, прописи, професионални критериуми, критика,па ако сакате и осуда. Сите ние , цело време замижуваме пред класичната злоупотреба на новинарската професија од страна на носителите на уредничките позиции во Сител, Канал5 и во Алфа, кои работат директно под контрола на ВМРО ДПМНЕ и на нејзината пропаганда спроведувана од Мартин Протуѓер, Илија Димовски ,Гордана Јанкуловска , сега Иво Котевски,сите тие раководени од еден центар на неприкосновената моќ, Никола Груевски. За ова има докази повеќе од она што ние можевме да го слушнеме во бомбите,а сигурно е предмет на интерес и на СЈО. Најсилниот адут на медиумите кои се во приватна сопственост кога ќе се обидете да ги искритикувате е дека тие се приватна сопственост и дека никој не може да им каже како да работат , затоа што тоа било мешање во уредувачаката политика. Прво, тоа не е уредувачка политика ,туку политичка пропаганда, а тоа не е дозволено во ниту еден медиум и второ,тие вршат злосторнико здружување заради лични интереси и интереси на нивните работодавачи, сопствениците на тие медиуми. И во Законот за медиуми,кој нема никаква примена,јасно стои дека никој нема право погрешно да ја информира јавноста , свесно да ја манипулира и да врши пропаганда заради политички и лични интереси и да врши притисок врз новинарите да отстапат од своите професионални убедувања. Замислете каква манипулација спроведуваат авторите на спинот што е предмет на анализа во овој текст. Велат дека корисниците на ФБ се револтирани од тоа што Заев присуствувал таму каде што Македонија се понижува, а не кажуваат дека не Заев туку МВР е задолжен да спроведува ред,мир и почитување на законите. Нормалната вест би гласела дека и покрај провокациите, МВР и присутните полицајци не реагирале. Носител на власта во Македонија се уште е коалицијата ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Ако се разложи вака оваа пропагандна порака на пропагандистичките спинери од таборот на Груевски, значи дека македонецот нема да му прости на Заев затоа што бил на фудбалски натпревар во кој играле клуб од Македонија и од Белгија. Ете тоа е ,,гревот " на Заев. Замислете отишол да гледа фудбал, да ја гледа Шкендија. И да , навивачката група Балисти секогаш скандира провокативни пароли и носат транспаренти со провокативна содржина . И да, го веат само албанското знаме. И тоа секако не е во ред. Но, од друга страна зошто нема ваква загриженост кога Чкембарите или Комитите скандираат ,,Смрт за шиптари", ,, Македонија земја без шиптари" или кога не го веат македонското државно знаме ,туку она со ѕвездата од Вергина,кое го претпочита ВМРО ДПМНЕ ?! Илузорно е да зборувам за запазување на некакви новинарски стандарди,како на пример , посочувањето на негативните , но не и позитивните коментари на ФБ заради присуството на Заев на натпреварот.
Но, ова е само еден од безбројните политички спинови во изминатите 10 години, со кои е излажана поголем дел од македонската јавност, свесно ,тенденциозно и планирано доведена во заблуда , заради победа на избори, од каде врхушката на ВМРО ДПМНЕ ја црпи целата моќ. Моќта пак, им овозможи контрола над поголемиот број медиуми преку нивните сопственици кои дебело профитираа од буџетот на РМ , преку реклами и тендери. И што е друго ова , освен злосторничко здружување на политичарите, сопствениците бизнисмени и нивните директни извршители кои лажно се претставуваат како новинари и уредници. Сите тие имаат име и презиме и мораат соодветно да одговараат .
А ние,ние треба да престанеме да бидеме ноеви бидејќи индиректно им помагаме да опстојуваат. Ад -хок телото го сфакам како бај-пас за злосторниците во медиумите и како уште една казна за професионалците. Кои , не знам колку знаете ,ги избркаа од медиумите. Наместо да биде обратно.
На овој начин само ги факторизиравте Латас, Ивона , Богатинова , Чашуле , а им ги простивте криминалите на Стојменов, Иванов и другите . А рибата , смрди нели од главата?!

Read 842 times