ГЛУПЕРДА НА(Д) ГЛУПЕРДИТЕ

 16.06.2016

Во муабетите со најблискиот круг скопски пријатели, со кои повремено се слушам по Скајп, веќе извесно време повторувам дека настаните во изминативе година дена покажаа дека Чобанот и неговава банда се апсолутни цареви, тотални велемајстори, неверојатни генијалци за криминал и злосторнички активности против народот и државата – арно ама, за што било друго што бара троа ум, знаење и работа, се неспособни глуперди! Мајко мила, па на нив две нацртани овци да им дадеш на чување – едната ќе ја изедат, другата ќе ја загубат. А се знае дека без овци нема да има ни кого да стрижат!
Доколку сета оваа хроника на македонскиот распад не беше трагична, најверојатно громогласно ќе се смеевме на сето она што се случува: од гротескната прес-конференција на темата „странски служби“, која Чобанот, видно нервозен, ја одржа пред година и кусур дена, преку сите нивни трапави политички бравури што не се ни прераскажуваат со нормален вокабулар (треба некои нови зборови да се измислат за да се опише апсурдниот хаос што го сеат со своето глупило), па сè до дебилната одлука на кловнот-президент за помилување на чобанските гангстери. Да не заборавиме за каква ибер-смешка овде цело време станува збор: урнебесен политички виц во кој самите себеси си се разголија, преку телефонски разговори што самите си ги снимаа, низ муабети во кои апла го кажуваат, го раскажуваат и го признаваат сето она што ниту на најаналитичниот обвинител не би му текнало да ги праша. Дозна цела Македонија, од нивна уста, за цела серија апашлуци од кои еден добар дел не ни знаевме дека ги правеле. Ама ете, самите ни кажаа. Тоа ни Станлио и Олио, ни Хипо ни Чипо, ни Шиљо ни Пајо Паторот досега го немаат направено: така бравурозно да си се наместат себеси што веќе не е прашање дали, туку кога и на колку долг период ќе престојуваат во казнено-поправниот дом „Идризово“.


Некој ќе каже: божја правда! Да, ама не е ни Бог баш толку правдољубив. Не е дека Дедо Боже не се обидуваше да направи рамнотежа на силите, не дека на Чобанот не му пушташе кајче да се качи на него за да не се удави... Помислете само што ќе се случеше доколку ја прифатеше понудата на Заев сето ова да не се објавува, туку да се оди на предвремени избори организирани од техничка влада? (Познавајќи ги неговите тогашни рејтинзи, најверојатно ќе добиеше уште четири години власт.) Или барем да не беше тој што прв ќе ја почне игранката со својата теза за наводен државен удар? („Сите деца чуч, само мене - пуч!“) Или пак да дадеше оставка веднаш, испазарувајќи се да не го гибаат додека е жив? Или на меѓународната заедница уште лани да ѝ ги понудеше сите отстапки што денес за бадијала би ги раздавал – откако во меѓувреме си го девалвираше зборот пет пари да не му вреди? Ама ете, пуста глупотија...


Бре, што сè не направија неговите овчарчиња во овие четиринаесет месеци во обид да ги избришат флеките од нивните каканици, со надеж дека никој нема да ја почувствува гадната смрдеа: шампони, детергенти, прашоци, правосмукалки, избелувачи, средства за длабинско чистење, солни киселини... И по секоја нивна акција дупката во паркетот стануваше сè поголема, сè поочигледна, и што е најубаво: сè поголеми стануваа шансите самите да пропаднат во неа. Сите нивни политички „мајстории“ (од а-ла-мали-Ѓокица замислената конспирација во Диво Насеље до селските финти за залудно минирање на Специјалното јавно обвинителство) се распаѓаа уште во првите 24 часа по изведбата (што викаше прабаба ми: „Ќе држи воду док мајстори не оду!“), за неделава со Г-6 финтите на кловнот-президент да влезат во Гинисовата книга како најабдалеста диктатура на светот. Зошто најабдалеста? Затоа што година дена ја држат сета Македонија како жаба во топла вода, која полека ја загреваат со надеж дека жабата ќе престане да мрда. И таман кога се чинеше дека со одлуката да се распишат избори без право на избор конечно ја дотепаа жабата, цап! – се посомневаа дека и такви избори се во состојба да добијат, па решија однапред да си ја ишкаат мувата од капата и однапред да се помилуваат и за тоа што се осомничени, и за тоа што веќе наредната седмица им следуваат пријави, и за тоа што допрва имаат намера да го прават.


Нејсе, со ова на грогираната жаба ѝ зададоа таков електрошок што сега насекаде околу себе имаат жапчиња што крекаат, а тие самите се во тиња до гуша! Каспаровски одигран потег, нема што – со еден удар на домашен терен за неполно деноноќие да ги обединиш сите против себеси самиот, а надвор на цел свет да му дадеш аргумент што поскоро да ги измие рацете со кои со тебе се ракувал. Уф, невидена глупотија!


Добро, има ли Чобанот некој во своето најблиско опкружување со барем двоцифрен коефициент интелигенција? Ако има таков (во што сè повеќе се сомневам), тој некој нека проба да му ги објасни најелементарните закони на физиката. Многу проста е лекцијата, и мали деца ја знаат: кога има поплава, чадор не те спасува. Кога ќе ги затвориш сите цевки на местата каде што треба да се одвива нормалниот протек на општествените, политичките и правните процеси (читај: јавни дебати, медиуми, судство, парламент, министерства), таа вода нема кај да оди и ќе ти се излее на улица. По тоа бадијала ти се песочни барикади (читај: полициски кордони) бидејќи тие кога-тогаш ќе попуштат пред водениот притисок. А кога поројот ќе нагрне, само прашање на време е кога и по дома (читај: во партијата) ќе почнат да ти пукаат вентили.

gallery_89_11_5443.jpg

Се разбира, Чобанот може (и убеден сум дека во моментов сериозно ја разгледува таа опција) да прогласи вонредна состојба и да ја прогласи сета вода, сите реки и езера, сите дождови и сета белосветска метеорологија за антимакедонски заговор. Може без проблем да изведе и војска по улиците – ама и за нив ќе треба да обезбеди прво гумени чизми, па гумени чамци, па пераи и маски за нуркање... Сè додека не се исподават сите институции што тој ги запоседна, а античко-вмровската Македонија не потоне како древната Атлантида. Неговата диктатура не е водоотпорна, и крајно време е таа вест некој да му ја соопшти.


Доколку пак сè уште верува дека изминативе година дена можат да се избришат со гумичка – па макар таа гумичка и да е во форма на гумени куршуми, тогаш е на пат самиот да си истрела гумен куршум во главата.
Како генерална проба за оној вистинскиот со кој ќе заврши неговото политичко самоубиство.

Darko Mitrevski
Read 1119 times