САМОСВЕСТА КАКО ПРОТИВОТРОВ ЗА СИСТЕМОТ


[Image: images?q=tbn:ANd9GcROQa3eQOZuVa8AUr4FKub...H-J3C75g5P]

Пишува Душан Петровски

14-01-2013
Повиците против неутралноста од страна на Опозицијата не стивнуваат. Напротив, стануваат сѐ погласни и помилитантни. Мојата прва колумна на темата околу случувањата на 24.12.2012 год., „Секој против секого,“ остана непренесена, иако беше понудена на Мактел, каде што во тоа време почнаа да пренесуваат мои текстови. Мојата следна колумна на темава („Власта и Опозицијата ПРОТИВ граѓаните“) ми донесе траен „бан“ од овој наводно отворен портал. За други медуими да не ни зборуваме. Мојот „бан“ на Мактел дојде не како резултат на квалитетот на моите текстови (иако јас за разлика од некои други автори не пишувам со уличен јазик, ниту за „пеглање цури,“ ниту пак промовирам насилство или омраза), туку како резултат на нивната содржина, која не е во согласност со агендата која ја спроведува овој портал, сумизирана во цитат од колумна на наводниот сопственик* на сајтот, Саше Ивановски:


Јас се надевам и верувам дека политичарите од левицата предводени од Бранко Црвенковски извлекле поука од своите грешки во девеесетите и кога ќе дојдат на власт ќе прекинат со ова КАО КАКАО фарсично поведение, овие што се сега на власт ги видовме колку и што можат, доволно беше, ДОСТА Е! Нека одат на клупа и нека размислат какви се глупости изнаправија!

Нејсе, тоа е судбината со која Комитетот за демократизација се соочува секојдневно. Даден медиум, зависно од тоа со која Банда од македноскиот Режим е во моментално сојузништво, ќе пренесе по некој наш текст кој е критичен спрема нивниот противник. Но, соработката доживува ненадеен прекин на првото споменување на вистината дека коренот на македонскиот проблем—недостатокот на демократија и лична слобода, како и газењето на Уставот на РМ не се работи кои се започнати денес или вчера, на 24.12.2012 год., на „Перо Наков без број,“ итн.; туку се започнати многу поодамна. Точен датум е невозможно да им се даде на овие настани, оти, системот на Социјалистичка Република Македонија топтан е пренесен во новата Република Македонија. Некои симптоми на демократија и лична слобода фунцкионирале од време на време и од место на место, но севкупно либерална демократија, лична слобода и слободен пазар, како што се препишани со Устав на РМ во ниту еден момент не профункционирале во Македонија. Тоа е она што постојано се обидуваме да го посочиме.

Нашите критичари, откако ќе се најдат забиени во ќош доколку се обиделе да дебатираат со нас за македонските работи, обично дискусијата ја вртат кон лични напади кон нас. Сме биле „расипана плоча“ поради постојаното посочување на еден ист проблем: прогонот на околу 4.000 лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ од страна на СДБ низ 1990-тите. Но, зошто сме ние виновни заради тоа што само посочуваме на факт: дека политичарите кои што поддржувачите на Власта, како и оние Опозицијата, му ги продаваат на народот како идни спасители, не само што се тие кои направиле злостор, туку и кога имале можност да го санкционираат, решиле да не го сторат тоа. Оттука, го поставуваме логичното прашање: Што можеме да очекуваме од овие луѓе чија природа веќе сме ја виделе и вкусиле? Како и сродното прашање: Зарем коренот на проблемот не е во системот на политичкото решавање на природните проблеми на човечката егсизтенција?

Ние сме само пословичниот гласник—политичатите и нивните агитатори се расипаната грамофонска плоча која што постојано ветува нешто што не се исполнува—и според законите на логиката и економијата не можат да се инсполнат на начинот на кој се ветуваат! Дали треба да го критикуваме часовникот затоа што два пати на ден е 3 часот? Како што часовникот само посочува факт дека нешто се случува; така и ние посочуваме на фактот дека нешто е присатно и непроменето.

Велат дека сме „огорчени“ и дека работиме од „лична омраза.“ Во ред, огорчени сме. Но, и самите велат дека и тие се огорчени од Владата на Груевски. Тогаш зошто нашата огорченост да се вреднува помалку од нивната? Ние, за разлика од нив (поддржувачите на Созузот за иднината) не бараме власт, при што би управувале со туѓи животи, трошејќи народни пари кои би ги собирале на насилен начин преку институцијата даночење. Немаме планови да ја регулираме економијата, радиодифузијата, образованието или медиумите. Ние бараме почитување на Уставот и правата кои се гарантираат во него во однос на личната слобода и личната сопственост. Нашата огорченост произлегува од фактот што, нам Државата (низ работењето на СДБ) ни одзела нешто што било наше, заработено како производ на промовирањето на хармонија и општ добробит преку ненасилна, доброволна соработка со нашите сограѓани, како и жителите на страни држави. Нивната огорченост произлегува од фактот што немајќи пристап до институциите на државата, тие немаат можност да управуваат со граѓаните и нивните пари. Од морална гледна точка, нашата позиција е сосема исправна—нивната воопшто не е. Во тој однос, нивната позиција е сосема идентична со онаа на Власта која што сакаат да ја срушат. Ние се залагаме за рушење на системот вис-à-вис Режимот низ почитувањето на личната сопственост. Саше Ивановски, во олицетворение на неговиот политички опортунизам, сака ДПМНЕ да ги стави на клупата за резервни играчи—што наговестува дека некој ден повторно нив ќе ѝ ги турка на јавноста како спасителите од диктатурата на Црвенковски и левицата; ние работиме да го срушиме системот кој му дозволува на олошот на општеството да се крева до врвот на општествената пирамида низ политичкиот процес.

Нашите критичари ни се огорчени затоа што ние демонстрираме една основна човечка карактеристика: самопочит. Си го бараме она што е наше, чесно заработено. Тие бараат од нас да се сториме, како нив, во домашна стока која работи за стопанот кој ја храни само колку за да преживее, а од време на време и ја дисциплинира преку ќотек.

Понатаму, повиците на Опозицијата против неутралност се едноставно извртување на вистината. Доколку некој ги отфрла и Власта и Опозицијата како вистински алтернативи, тогаш тоа не го прави човекот апсолутно, туку само релативно неутрален. Тој е релативно неутрален во однос на битката помеѓу двајца негови противници—разбојници кои се борат за пленот кој го претставува граѓанинот—но е апсолутно пристрасен во неговото отфлање на Системот сочинет од овие два Блока како опција за неговата иднина. Презирајќи ги „неутралците“ (нејзини наводници), проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд (Универзитетски професор), забележува:

 

Е значи, навистина не можам и не можам да разберам како некои од што не го сакаат БЦ или од што не ја бендисуваат опозицијата се подготвени да им дозволат на ДПМНЕ да се извозат со газење по уставот, силување на парламентот, укинување на парламентарната демократијат [sic.] и умирање на слободата?! И, уште еднаш, нека не не мафтаат и нека не си ја олеснуваат совеста за кукавичлукот со релативизациите „сите се исти“ затоа што сите досегашни маани на сите политички партии во македонската транзициона демократија не се споредуваат со тоа на 24 декември! Доволно се паметни да ја разбираат разликата, а сепак ја тераат таа реторика.

Но, зошто денес јас, или Блажо Стојаноски, или некој како нас, да се става во функција на пион на Сојузот за индината (односно Сојуз за Македонија, плус Љубчо Георгиевски) кога токму овие ентитети го газеа Уставот секојдневно во 1990-тите, притоа уништувајќи животи и лична сопственост? Зошто проф. Ристова-Астеруд, Соња Исмаил, Саше Ивановски, Владе Милчи, и останатите презирачи на неутралците не обрнат минута внимание на ова газење на Уставот и убивање на слободата? Зошто е во ред личната омраза кон мене, моето семејство, Блажо Стојаноски и неговото семејство од страна на државни службеници чии што плати произлегуваат од нашите даноци; но не е во ред гласачи да не го „сакаат БЦ“ или да „не ја бендисуваат опозицијта“? Зарем има поголема навреда на совеста од изјавата дека заклучокот дека сите (политичари) се исти е „кукавичка релативизација“? Колку пати, и на колку начини треба човек да ја докаже оваа вистина пред таа да биде прифатена како валиден аргумент од страна на „интелектуалната елита“?

Секоја анализа на македонската политичка историја го дава заклучокот дека сите се исти. Отфрлањето на оваа вистина не нуди решение на проблемот кој таа вистина го пососчува. По усвојувањето на Устав на РМ, СДБ во склоп на МВР под палката на Јордан Мијалков (Министер во експертската Влада на Кљусев) ја продолжува праксата на гонење на „внатрешниот непријател“—што е само шифра за гонење на секоја потенцијална опасност за Системот од времето на СФРЈ; наследникот на Мијалков, проф. ЉД Фрчкоски (првин како дел од експретската Влада, а потоа и како Министер во Владите на Б Црвенковски) ја продолжува праксата; неговиот наследник, Т Чокрески, повторно, ја продолжува праксата; нивните наследници (Д Димовска и Владата на Георгиевски) наводно ја прекинуваат оваа пракса и ги отвараат досиејата водени од нивните претходници; но, ниту следи распуштање на СДБ, што сугестира дека не се укинала ни праксата (оти, доколку е укината праксата, тогаш што работат сега тие службеници на СДБ/ДБК), ниту пак следуваат дејства од страна на Јавното Обвинителство во однос на јасните прекршувања на Уставните и човекови права од страна на СДБ; конечно, до денешен ден овој масовен криминал останува нечепнат ниту од Владата на Груевски! Истото може да се каже и во однос на Приватизацијата. Што, пак, да кажат Стечајците, како и останатите кои ја сочинуваат армијата невработени која варира од 32-35% во изминативе 22 години? Ајнштајн лудилото го има дефинирано како повторување на истиот процес со очекување на нови резултати. Презирачите на неутралците се или луди според оваа дефиниција, или очекуваат дека народот е луд.


Како друг пример за тоа колку се исти политичарите и партите на кои им членуваат можеме да се послужиме со бајаги инструктивната колумна на Виктор Трифуновски „Капитализмот, економските полемики и дискурсот на нашата десница.“ Тука Трифуновски ја посочува идентичноста на Власта (македонската „десница“) и Опозицијата (македонската „левица“) низ призмата на економските разбирања, кое ќе го сумираме со краток цитат:

Затоа дури и политичката десница во Македонија, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, нема ракрстено со државниот интервенционизам, и го нема комплетно прифатено Слободниот пазар како најдобро решение за егзистенцијалните проблеми на обичниот човек. За жал, тие отворено признаваат, дека и оставаат простор на социјалната политика, понекогаш повеќе и од самата левица. Да иронијата биде поголема, има и такви кои сеуште веруваат во теоријата за „вишок на вредноста“ креирана од Карл Маркс.

Трифуновски тука дава извонреден опис на индентичноста на менталитетите на оние во Власта со оние во Опозицијата анализирајќи ги од економска гледна точка: и едните и другите се во душа Марксисти. Но, праксата покажува дека економијата не е само апстрактна наука, туку е дел од секојдневниот живот. За да може Марксистичката програма да се спроведе, свесни сме дека и самиот Маркс признава, потребна е присила, потребно е наслиство за да им се одземе личната сопственост на оние кои ја создале, за да им се даде на оние кои не направиле ништо полезно за општеството. Разликата помеѓу економиските платформи на Власта и Опозицијата се отсликани токму во малте не никаквата разлика во стапката на невработеност: околу 35% во владеењето на Сојузот, околу 32% во владеењето на Портокаловите. Но ова не е случајност, туку неминовност поради идентичноста на идеологиите кои ги застапуваат двата политички блока во РМ.

Но, поддрувачите на обете Банди на Системот имаат уште една сличност. Имено, и едните и другите не само што одбиваат да зборуваат за злосторите на СДБ/ДБК од 1990-тите, туку и настојуваат да наметнат мнение дека СДБ/ДБК веќе не работи по тогашните принципи. Образложенијата обично се втемелени во тоа дека тоа било „за време раније;“ или дека немаме докази за денешното работење на СДБ/ДБК—но го игнорираат фактот што тајноста е основна природа на оваа Служба, поради што немаше тврди докази за нејзиното делување сѐ до отварањето на досијеата во 2000 год. Но, дури не се куртулиме од оваа злосторничко здружение кое го третира граѓанинот како ништо повеќе од магаре, дотогаш нема напредок за македонското општество.

Презирачите на неутралците—нашите критичари—ги паничи тоа што ние не бираме страна во рамките на Системот, бидејќи на тој начин ние нудиме идеи за живеење вон него. Точно, бевме казнети заради нашата неутралност со одземањето на нашата сопственост, со прогоните низ кои некои од нас завршивме далеку од родните жаришта. Но, нашата можност да живееме вон рамките на Системот е токму она што СДБ работеше да го докаже како најнепожелна животна состојба: дека оние кои не го прифаќаат Системот преку едната или другата Банда завршуваат на маргините на општеството. Секое наше дело ја руши таа теза.

Но, за да не бидеме разберени погрешно, ќе го повториме она што е клучното. Ние не агитираме против лицата Б Црвенковски, Љ Георгиевски, В Милчин, ЉД Фрчкоски итн., ние агитираме против Системот како систем на уредување. Овие лица само ги пополниуваат позициите во системот, но немаат ниту желба за, ниту пак идеја како, системот да го променат. Нивните дела тоа го издаваат. Тие сѐ уште се користат со речникот на насилството и Марксистичката револуција, чии што прозиводи се документирани низ масовните убиства, како и катастрофалните политики кои воделе до смрт од глад на милиони луѓе низ дваесеттиот век, и секако македонската голгота од АСНОМ до денес. Нам не ни е важно дали БЦ, ЉГ, ВМ, ЉДФ, итн., имаат искрена желба да го подобрат животот на граѓаните на РМ—што веруваме дека немаат. Нам ни е важно дека тие не нудат вистински решенија за проблемот со кој се соочува Македонија: немањето на просперитет како производ на немањето на слобода, т.е. недостатокот на искрен систем на лична слобода.


Ниската одзваност на маршовите на Сојузот сугрерираат дека јавноста свесно или не свесно почнува да ја отфрла старата наментата диктомија на двете Банди на македонскиот Системот. Ќе бидеме наивни доклку заклучиме дека ова е директен производ на нашите напори низ тригодишното функционирање на Котле, како и разните наши претходни дела. Малото внимане кое го добива прашањето за лустрација во Македонија, како ниската свест во однос на личната сопсвеност во јавноста издаваат дека она што го работиме не фаќа којзнае какви корења. Напротив, ние сметаме дека самосвеста и личната способност за резонирање кај поедниците е движечката сила зад овој феномен, што пак е најголемата опасност за Системот.



*Наводен, оти сајтот финансиски е контролиран од Владе Милчин со парите на „Сорос Македонија“

Read 1074 times