Кроце покроце влеговме меѓу петте топ вести во известувањето на светските медиуми, веднаш по извештаите од состојбите во Украина и во таканаречената Исламска Држава. Тоа е резултатот од бомбите на Заев, кои инфантилниот Груевски и неговата пропаганда и понатаму се обидуваат да ги претстават како лепени, прелепувани, сечени и монтирани. За несреќа на државава, таа инфантилност уште му проаѓа кај поголемиот дел од неговите приврзаници.
Сум седел со такви вжештени вмровски глави и навистина фасцинира нивната патолошка доверба во нивниот водач и во она што тој го зборува. И тука нема спас. Џабе им нудите факти за некако да ги доближите до логиката и здравиот разум. Ги даваат истите одговори кои стотици пати до сега сте ги слушнале на Сител, Алфа, Канал 5 и МТВ, што значи одговараат онака како што пишува во извештаите на Центарот за комуникации и пропаганда на ДПМНЕ. И зборовите од речникот на човечињата грујови се сосема исти со они кои ги слушаме на растајнетите телефонски разовори меѓу врхушката на ДПМНЕ. Комуњари, изроди, предавници, странски платеници, сосросоиди... Секогаш се обраќаат во множина без разлика што седите сам со нив и се обидувате да комуницирате. Вие, вие, вие... Кои НИЕ ги прашуваш? Па вие, комуњарите и соросоидите! Треба да се расчисти со вас еднаш за секогаш!
Аха, добро, им велам на таквите. Што да ти направам, ако сега отидеме во стожерот СДСМ и во Сорос и ако ти докажам дека никогаш не сум бил член на СДСМ, ниту пак некогаш ми била доделена стипендија од Сорос? Ама ти си против Груевски, ќе продолжат да негодуваат. Никако да разберат дека тоа што си против Груевски не значи дека си заевист или соросоид. Не можат ни приближно да дојдат до заклучокот дека во оваа земја постои и независно интелектуално мислење кое случајно на одредени места се поклопува со ставовите на опозицијата. Впрочем и нормално е опозицијата да размислува покритички и посовесно кога е во опозиција и да биде на иста бранова должина со слободоумните ставови на интелектуалната струја во едно општество. Нормално е за секоја опозиција да биде поразумна и со двете нозе на земја ако сака да ги смени оние кои одамна, од тронот на власта се вивнале во облаците и не онадат жива сила.
За тие вжештени глави нема ни С од сомнеж во невиноста на Груевски и неговите соработници. За нив е логично опозицијата и нејзиниот лидер да крадат и земаат мито, ама не и оние нивните кои реално имаат апсолутна моќ и власт во државава. Добро, им велам, зошто ако се чисти, Мијалков, Гордана и Миле си поднесоа оставки, онака хорски, во еден ден? Ниту еден што е чист не би поднел оставка на одговорна државна функција, доколку работел чесно и во интересот на својот народ и државата. На тоа вжештените глави ќе речат: Заминаа за доброто на Македонија! За кое добро? Па за тоа да се реши политичката криза и да му се префрли топката на Заев! Ги гледаш вака, со ококорени очи и не ти се верува што слушаш. Нели до пред два месеци, Латас, Миленко, Бато Димитров и останатите бранители на Македонија, ја убедуваа јавноста дека политичка криза не постои, дека е вештачка, затоа што Собранието функционира и носи одлуки? Нели Заев е криминалец и пучист кој фрла монтирани и лажни бомби, зошто тогаш би му се префрлала топката во обид да се разреши кризата? Зошто воопшто преговараат со пучист и криминалец ако се чисти? Зошто едноставно не го стават во притвор за тешките кривични дела кои му ги припишуваат?
Ќе речат, се води истрага против него. Ќе го осудат. Истрага, за што? За закана упатена кон високи државни функционери, ама не и за пуч. За тоа е обвинет Заев, не за пуч. Обично кога паѓаат обвиненија за пуч, се приведуваат генерали и други високи офицери на армијата, претседателот како врховен командант го свикува Советот за безбедност, дава наредба на војската да излезе на улиците и границите во одбрана на државата. Ништо од ова не се случи. Мислам, дајте, Заев не знае да разликува пушка од мотика, па пуч ќе организира.
А сетете се само на првото обраќање на Груевски до јавноста кога сакаше да ја приготви за бомбите на Заев и за она што се случуваше во месеците потоа. Се обиде да одглуми чесност, храброст, одважност и непоткувливост, ама лошо го тоа направи, што би рекол славниот Атанас Костовски. Невозможно му беше да го скрие очајот во погледот и тоа лесно го видоа оние попроникливите гледачи. Го обвини Заев дека го уценувал со тајни снимки и во очајот му се испушти дека некои од тие снимки се вистинити, некои полувистинити, а некои се лаги. И вети брза разрешница на ситуацијата со апсења, зашто не бил тип кој паѓа на уцени. И почна да апси веќе следниот ден. И одеднаш снимките кои почнаа да протекуваат во јавноста станаа само лаги. За Груевски и ДПМНЕ немаше веќе вистини и полувистини меѓу тајно снимените разговори, туку само монтирани лаги.
Четири месеци подоцна се покажа дека тоа бил само еден голем, но неубедлив театар. По четири месеци, ете го Груевски како потпишува оставки на своите најлојални соработници, додека јажето се затега и околу неговиот врат. По четири месеци ете го како преговара со оној кој го уценувал наводно со монтирани и лепени телефонски разговори. Значи, сепак паднал на неговите уцени! Зошто бе Груевски? Што не им објасниш на твоите залудени приврзаници, за кој андрак преговараш со уценувач и пучист кој примал мито и сакал да го продаде името на државата, а државата да ја препушти во владеење на странски тајни служби? Треба да знаеш дека преговарањето со такви личности и тебе те става на рамниште со нив, што значи и тебе задникот не ти е чист. А ова особено треба да го знаат оние јадни човечиња кои уште веруваат во неговиот лик и дело.
На овие прашања, Груевски треба да одговори не само пред домашната, туку веќе и пред светската јавност, зашто токму неговиот на(р)цизам од Заев направи херој и го издигна во очите на јавноста дома и во регионот, многу повеќе отколку што ќе го издигнеше, ако при првата уцена не направеше договор со него. Еве ти оставка, а материјалите нема да се објават! Тогаш можеби и ќе имаше шанса на наредните избори пак да победи, ама вака со неговото глумење чесност, ем го интернационализираше целиот скандал со бомбите на Заев, ем самиот си ја намести јамката околу вратот, ем ја запечати судбината на својата партија која после неговиот пад, минимум десет години не треба да размислува дека повторно ќе се добере до власта. Така е тоа кога си на власт и кога поседуваш апсолутна моќ. Се занесуваш дека си недопирлив, а моќта не ти дозволува да размислуваш практично и во своја корист. Затоа ќе го папа немиен. Нема таков човек кој не платил висока цена за своето лошо владеење.
Проблемот е само во тоа што и ние ќе плаќаме заедно со него, зашто нарцисот покажа дека ќе се бори до крај на својот инфантилен начин на којшто и владееше. Со контра-табори, со контра-протести и контра-кампови. Очигледно ќе продолжи да го дели својот народ до својот пад, а не е исклучено и да им подели оружје на своите партиски паравоени формации. Со Мартин Протуѓер покрај себе нема да му биде тешко да донесе таква одлука. Нејќам да бидам Баба Рога, ама кога двајца или повеќе психопати работат за иста цел, можат да создадат совршена бура. А да имаме војна, а? Треба да се убијат едно десет луѓе во државава за да биде океј! Десет или повеќе, што е важно кога е во прашање сопствениот задник.
Сашо Тасевски
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на КОТЛЕ1 значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ТУКА