ГРУЈОВИОТ ТИТАНИК ТОНЕ – ОСТАВКИ!

Наредба си е наредба. Така е кога вујче Сем заповеда во банана-држава и никако поинаку. Вчера некаде околу пладне, а може беше и „точно на пладне“, зашто тој термин баш е каубојски, ко од вестерн филм, американскиот амбасадор во Македонија, веднаш по средбата со Груевски на која беше придружуван од амбасадорите на Италија, Британија, Германија и од високи претставници од ЕУ, излезе пред јавноста и ја даде, според мене најотворената изјава од било кој странски дипломат за време на ова деветгодишно дивеење, пардон, владеење на преродбениците во Македонија. Неговата изјава дури и кога не би ја превеле на некој маалски речник или сленг, беше премногу силна и недвосмислена за да не се разбере: Груевски на сите си ни дојден преку таквоето, дај олабави и шетај! Сакам оставки!

И до вечерта, такаречи, на бирото пред американскиот амбасадор легнаа оставките на Хогар Саше Страшниот, на Миле Цица-маца и на Горде Македонскиот Психо. Ко попчиња. Нема не сакам, нема не можам. Толку од силата, суровоста и непобедливоста на овие лица. На ред е Груевски и неговата оставка. Само Груевски знае што Бејли му рекол во четири очи, за веднаш по таа средба Груевски да го убеди својот голем братучед да даде оставка заедно со Миле и Горде. Можеме само да претпоставуваме. Ама тоа што му го рекол сигурно не било баш пријатно за слушање. Сигурно му го нацртал тоа што веќе го знае, дека преродбеничкиот Титаник тоне со голема брзина, а староците полека го напуштаат. Без Хогар Саше Страшниот, Груевски ќе биде беспомошен, најобично мрсулаво дете кое ќе јаде ластици од кој стигне, а за Миле и за Горде да не праам муабет. За разлика од Саше они нема каде да избегаат. Не дека не можат, можат, ама таму кајшто би избегале тешко дека може да сметаат на некаква заштита, на којашто може да смета Хогар во земјата каде најверојатно ќе замине по оставката.

Значи излезе дека бомбите на опозицијата не биле толку лепени, прелепувани и монтирани како што верглаат изминативе месеци груевци и нивните режимски кучиња. Зошто во спротивно Саше, Миле и Горде би поднеле неотповикливи оставки? Токму тие тројца беа големите ѕвезди на тие прислушкувани разговори… И Груевски секако. И како само се поклопија коцките. Оставките се случија само три дена по терористичката криза во Куманово и три-четири дена пред објавувањето на бомбата за масакрот кај Смилковското Езеро за која се шушка, дека е бомба над бомбите и дека убиените младинци всушност биле несаканите сведоци на настанот во кој требало да биде убиен рибарот зашто одбивал да продаде свој имот на еден страшен тип од врхушката на Груевски и затоа морал да биде ликвидиран. Младинците го слушнале пукањето и дотрчеле, за пет минути подоцна да бидат егзекутирани по телефонска консултација на убијците со нарачателот: Не сакам сведоци! Толку! Е потоа се монтира еден цел судски процес, во кој  на доживотни робии се осудени луѓе кои на никаков начин не учествувале во маскакрот. Ова што го пишувам за настанот кај Смилковци не е уште проверена информација, туку само го пренесувам она што веќе наголемо се шушка.

Можеби оставките на ударната преродбеничка тројка на Груевски доаѓа како резултат на договор меѓу САД, Груевски и Заев, за овој третиот да се смири и да не ја објави бомбата за Смилковци сега, пред митингот на опозицијата, зашто тоа би значело нови големи нереди и евентуални жртви, кога гневните роднини на невино осудените лица во процесот Монструм, ќе сакаат да се пресметаат лично со  братијата околу Груевски и Ахмети. Во ваква сосотојба во која се наоѓа земјава, кога безбедноста и нејзината иднина буквално висат на конец, такви немири би значеле уште поголема ескалација на кризата која лесно може да резултира со граѓанска војна.

Да биде бељата уште поголема се знае и дека Исламската верска заедница нема никаква контрола на пет џамии само во Скопје, а за кои постојат оправдани сомневања дека се под управа на вахабистички имами и во кои се инфилтрирани и агенти на ИСИС кои вршат силна индоктринација на верниците за целите на радикалните милитантни исламисти. Е сега ако се земе во предвид фактот дека Македонија е дел од коалицијата која се бори против тие радикали, а во светло на кумановската терористичка криза што заврши пред три дена и повеќе од очекувано е дека Македонија може лесно да се најде на удар на муџахедините од ИСИС, зашто во истовреме во Босна и Санџак е крената тревога и борбената готовност на безбедносните сили во очекување на терористички акции на радикалните исламисти од ИСИС.

Најлудо од сѐ е тоа што оние полтрони околу Груевски и замајаното негово членство наивно паднаа на штосот на пропагандната машина на Груевски дека се прави мала реконструкција на владата, па затоа ги побарал оставките од неговите министри и директорот на тајната служба, колку да добијат на време и да се прегрупираат пред да го зададат конечниот удар на комуњарите. Да поверуваш во такво нешто после вчерашната изјава на американскиот амбасадор и после она што се случува последниве месеци во земјава е повеќе од лудо. Знаете како би изгледало тоа? Груевски оди кај Саше и му вели: Братучед, види, ќе праам мала реконструкција на владата, па решив и од тебе да побарам оставка, ништо страшно! И замислете како Саше на тоа му одговара: Немам проблем братучед, само ти смени ме, ако е за доброто на Македонија! И нека ви текне како пред пет дена министерката Гордана се заколна дека има чиста совест и дека нема намера да поднесе оставка. Што се смени после пет дена за она да ја смени и својата одлука? Што? Совеста одненадеж ѝ се извалка и проработе?

Од друга страна добро е што оние поумните, кои беа малку заслепени од пропагандата на Фамилијата конечно сфатија кој е шефот на кафеаната Македонија, а тоа во ниту еден случај не е Груевски. Ниту пак некогаш бил. Со години го зборував тоа во многу јавни настапи и ме правеа секаков и ми велеа да престанам со тие теории на заговор, дека Груевски е непобедлив и дека со ваква опозиција народот секогаш ќе гласа за него. А јас им одговарав, дури и да не сум во право постои еден природен закон кој вели „и од јакиот има појак“ и не постојат непобедливи. Е сега, сите тие допрва ќе увидат колку е народот безгласна буква кога е во прашање изборот и смената на власта во Македонија. На Груевски му е одѕвонето, останува непознато само каква цена ќе плати при својот пад. И нека биде така како што тоа некој поголем од Груевски го има замислено во својата агенда, оти во спротивно оние кучиња на војната од Куманово, утре ќе ги видиме во Скопје. Тоа е цената што сите ние ја плаќаме за нашиот дведецениски страв и некадарност да ја преземеме во наши раце сопствената и судбината на нашата татковина.

 

Сашо Тасевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на КОТЛЕ1 значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ТУКА