ФИЈАСКОТО НА ДИВАТА ДРЖАВА, ВО ДИВАТА НАСЕЛБА

Фијаско. Нема поприкладен збор да се опише резултатот од вчерашната акција на полицијата во Куманово во обид да неутрализира добро обучена и уште подобро утврдена група терористи. Осум загинати полицајци и преку триесет ранети, некои потешко. За само еден ден. Колку цивили се загинати, нема информации, ама се зборува дека има. Фијаско. Не случајно тоа се случува во Дивата Населба во Куманово. Има тука симболика. Дива држава, дива населба. И фијаско. Фијаско на државата, фијаско на безбедносните структури, фијаско за челните луѓе на министерството за внатрешни работи и на ДБК. Очигледно од бркање приватни бизниси, од правење рекет и земање големи провизии немаа време навреме да ги осуетат на време оние наводно пеесетина терористи кои со куп најсовремено оружје пред носот на државните безбедносни институции, без да бидат забележани од нив, успеаа да се утврдат во една населба во Куманово и 24 часа да го тероризираат градот и добро да ги истресат од гаќи нашите полициски сили. А последните информации говорат дека во Куманово и денес се пука, а бројот на ранетите се зголемува.

Најгротескно од сѐ во целата оваа бизарна ситуација е што два дена пред овој крвав настан министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на прашање на новинар дали ќе си поднесе оставка за нејзините бездушни коментари и прикривањето на фактите околу смртта на младиот Мартин Нешковски кој беше претепан до смрт од припадник на Тигрите кој таа ноќ сепак бил на службена должност, Гордана Јанкуловска одговори дека совеста ѝ е чиста,  дека работи со максмална посветеност и дека безбедносната ситација во Македонија е стабилна. И секогаш кога ќе го изјавеше тоа во послениве месеци се случуваше нешто што веднаш ја демантираше. На пример кога изјави дека безбедноста во Македонија е супер, а веќе следниот ден изби аферата Пуч кога премиерот Груевски призна дека протекувале класифицирани и тајни информации од безбедностите служби и дека наводно некоја странска служба со помош на домашни предавници го разбуцала целиот безбедносен систем. Која е таа странска служба до ден-денес не дознавме, ама битно имаше приведувања и кривични пријави за наводните предавници кои работеле за таа наводна тајна странска служба. Е како бе, безбедноста е супер, а ваму следниот ден избива шпионска афера од огромни размери? Смејурија.

Во нормална држава со функционални институции и демократија уште тогаш премиерот, министерката и директорот на ДБК мораа да поднесат неотповикливи оставки, но тоа не се случи. Три месеци подоцна, еве, се случи масовен терористички напад на полицијата и огромно крвопролевање во Куманово, кое покажа каква трагедија од држава е Македонија и дека доколку некој сака за два саата може да ги разбуца нејзините безбедносни структури и целосно да ја дестабилизира. Тоа е последица и на повеќегодишното самоуништување на безбедносните структури од страна на Груевски и неговата Фамилија, кога на најодговорните и управувачки места наместо врвни професионалци беа седнати дпмнеовски партиски кучиња и лепачи на плакати на кои да им дадеш две нацртани овци ќе ги загубат, а ваму им е доверена безбедноста на државата. Фијаско.

Затоа во случајов и не е толку важно кој и зошто ги прати терористите во Куманово, туку прашањето ми е, што ако следниот пат наместо педесет, некаде во Скопје незабележано се утврдат двеста терористи со снајпери, минофрлачи, зољи, автомати и бомби? Колку тогаш полицајци и цивили ќе одат курбан? Кој ќе ги неутрализира и за колку време? Навистина, има ли некој од државните институции кој може да гарантира дека она што се случува во Куманово нема наскоро да се повтори во некој друг град во Македонија? Како е воопшто можно на толкава терористичка група со такво вооружување да ѝ се пружи можност да ја загрози безбедноста на цел град. Одговорноста за тоа лежи во водечките луѓе на државата и на никој друг. Оти, лесно е кога имаш власт и моќ да кренеш во воздух зграда на невооружен бизнисмен, лесно е и да се претепаш до смрт невооружен младинец и убиството да се обидеш да го прикриеш, ама ај нека излезат на крај со пеесетина вооружени терористи кои не им се плашат. Толку од генијалноста и непобедливоста на Никола Груевски. Толку од способноста на Гордана Јанкуловска и Мијалков.

Еве повеќе од триесет часа по започнувањето на престрелката во Куманово, Никола Груевски уште не излегол со соопштение за јавноста. Го нема. Доколку се појави не е исклучено пак да почне да зборува за блиско-идните инвеститори кои ќе нагрнат овде и за економкиот бум во Македонија, нели, откако ќе им изрази сочувство на семејствата на загинатите полицајци во Куманово. Несреќникот уште организира контрапротести во кои тапоглавите и тврдоглави дпмнеовци ќе скандираат за некоја суверена и моќна Македонија која не постои ниту во приказните, а камо ли во реалноста. И ако Груевски со Ахмети не стојат зад кулисите на кризата во Куманово за да ја дефокусираат јавноста од големиот митинг и бомбите на опозицијата, како и од онаа бомба што следува за масакрот кај Смилковци, тогаш се знае кој стои зад кумановската безбедносна криза. ЦИА и уште некои нејзини помали сестри.

Зашто ЦИА уште од времето на бомбардирањето на Србија разви многу пријателски односи со албанските и косовските нарко-банди, како и со оние албански нарко-банди во Македонија и кога тие банди не обезбедуваат некоја хероинска рута, тогаш се претвораат во легитимни борци за големоалбанската кауза, кои ЦИА честопати ги користи кога треба да реши некој проблем, а да остане со чисти раце. Овојпат проблемот на ЦИА е Груевски. Некој ќе рече што мајка бара ЦИА да се занимава со нас и Груевски кога сме толку ситни и невидливи на големата геополитичка шаховска табла на светот? Не е баш така. Од некоја причина САД и ЕУ уште не решиле да нѐ сотрат како држава, ама затоа си ги задржале правото да ги назначуваат првите луѓе на оваа земја. Такашто оние кои ги местат на водечките позиции, ги менуваат тогаш кога ќе ги искористат или кога нивните пулени нама да исполнат нешто што ветиле дека ќе го исполнат. Ќе повторам ако треба уште стопати: Треба да си многу наивен и тапоглав да мислиш дека во една ваква сатрап-држава ко Македонија, народот е тој што на избори носи одредена политичка гарнитура на власт. Милиони долари се фрлаат неговата одлука да биде условена и насочена кон одреден избор, ако некој разбира за што зборувам.

Груевски во својата манија на величина и желба да владее заборави кој го донесе на власт и затоа сега јамката му се стега околу вратот. Оние кои го симнуваат од тронот очигледно го загубија трпението во исчекување гневниот дел од народот сам да го исфрли Грујевски од власта, па затоа наоѓаат безброј други начини да го сторат тоа многу побрзо. А сценариото е секогаш исто. Исто како во случајот со Мосадек, со Аљенде, со Гадафи, со Садам, па ако сакате и со она во кое нафрка цела СФРЈ или пак она по кое падна од тронот и Љубчо Георгиевски. Принципот е ист, останатото се нијанси. Или што би рекла министерката Гордана: Тоа е, се случува!

 

Сашо Тасевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на КОТЛЕ1 значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ТУКА