Глупаво е да се зборува дека во Македонија сега владее режим наместо влада или дека сега, со Груевски, работите драстично се смениле и од демократија сме станале тоталитаризам. Тоа можат да го кажат само злобни луѓе без два грама мозок, кои не се способни да ги согледаат нештата длабински. А, кога ќе се погледне така, ќе се дојде до тажната встина дека во Македонија, всушност, никогаш и не се видело ни „Д“ од демократијата, а камо ли демократијата во нејзиниот цел сјај.
Ништо ново и ништо (по)страшно не се случи во Македонија на 6-ти јуни. Македонија резибра, наместо да избираше. Имаше мали тактички изненадувања од типот ниеден пратеник за малите партии, кои и онака, како што сме напишале, во суштина се формираат да ја поматат сметката на големите. Тој стар трик на бандите, левата и десната, овој пат беше симулиран до даска и поради нивните интереси за што повеќе гласови, сепак малите беа на некој начин жртвувани.
Но, не се плашете. Тие нема да исчезнат. Како што можеше да се види, ниту една не е на работ да прогласи самоукинување. Напротив, оние лидерчиња со троа поголем интегритет и демократски капацитети, по теркот на западната демократија веднаш си поднесоа оставки, а на нивното место ќе ги замени некој со помалку или повеќе чувство за прагматичност, па сѐ ќе си дојде на свое место.
Оние лидерчиња на малите банди кои тоа го поседуваат од секогаш; веќе си најдоа место под сонцето. Во новиот парламент и натаму ќе ги гледаме фаците како Боро, Ѕинго, Тито, Павле... Уште Столе ни „фале“, ама од него нема да се спасите, гарант. Тој своето канта-тропа предвидување во памфлетски стил во претпоследниот „Фокус“, дека Груевски ќе изгубел на 5-ти јуни како Милошевиќ во 2000-та, многу бргу ќе најде начин да ни го протолкува „стручно“ и да ни објасни, како и Милчин на пример, дека народот сѐ уште не ја достигнал онаа фаза на свесност кога ќе гласа само за ним омилената лева банда и на тој начин ќе ја внесе Македонија во Европа, НАТО, светот и пошироко...
Она што е добро и што сепак може да се каже дека е некоја придобивка за демократските процеси, е бројот на гласачи кои се определија за бандите. Тој број е во прилично избалансиран размер, што резултираше и со приближно еднаков број пратеници за едната или за другата банда. Тоа пак, веќе напишавме во минатата колумна, е подобро за некоја перспектива за демократски процеси, отколку кога на едната страна имаме апсолутно мнозинство, а на другата исклучително мал број опозиционо мислење. Без оглед што ние знаеме дека во Македонија нема опозиција, ниту некогаш ја имало, туку дека сите тие се во „Власта“.
Режим или демократија?
Но, кога за демократијата праиме муабет, нам деновиве ни се вртат сѐ погласните „озборувања“, јавни, дека во Македонија немало демократска власт, туку дека владеел режим. Оној на Груевски. И оти тоа бил врв на пропаѓањето на Македонија. Демек, државава пропаднала и никогаш полошо не ѝ било. Мижи Асане да те лажам!
Овие „озборувања“, овие „клевети и лаги“, ги пласираат симпатизерите и активистите на левата банда, кои, улулкани во својата „изборна победа“ со 43-те пратеници, сметаат дека сега можат да ја шират старата приказна уште поуверливо.
Вистината, сепак, е многу покомплексна и посурава од нивните лижавчиња-лажалки што ги пласираат во јавноста. Вистината е, дека во Македонија немало, никогаш немало вистинска демократија, туку како и сѐ останато поврзано со „новиот систем“ што го видовме во 1990 година, е всушност една голема лага.
Ајде да тргнеме од најновите настани. Се случија две крупни„ дешавки“ во изминативе денови, што ни се одлична подлошка за мини анализава што сакаме да ја направиме. И двата настана се поврзани генерално со Власта, со начинот на владеење преку „ударната тупаница“ на бандите—полицијата—а во крајниот резултат, тие два настана го покажуваат нивото и степенот на развој на демократијата во Македонија.
Убиле недолжно дете и се прават мутави!
Првиот настан се случува ноќта кога се слави изборната победа на една од бандите на скопскиот плоштад „Македонија“. Младо момче, член и гласач на ВМРО ДПМНЕ, желно да ја честита победата ита кон лидерот. Таму нешто се закача или му е сомнителен на еден од мајмуните што се задолжени за обезбедување и овој, со употреба на „непропорционална сила“, го убива момчето на лице место.
Брутално го претепува и го треска од метална клупа, по што, поради излив на крв во мозокот, младиот Мартин Нешковски го губи животот. На очиглед на стотици граѓани кои се околу мајмунот и жртвата. Подоцна разбравме дека мајмунот всушност, да ти бил полицаец и тоа не обичен, туку специјален и припадник на една од појаките полициски единици во Македонија. Тој истовремено да ти бил и дел од поширокото обезбедување на премиерот под команда на прочуениот Урко.
Обезбедувањето на премиерот го координира МВР. Тоа што истовремено, мајмуните од тој тип се и газди на агенции за обезбедување, тоа нема врска. Формално правно, обезбедувањето е под надлежност на МВР и сите тие мајмуни задолжени за тоа, се под МВР.
Е, сега, интересно е да видиме, како, како во вистинска демократија се однесува МВР, односно власта во овој случај. Прво се обидоа да го сокријат полицаецот, мајмунот, па ниту еден од неговите колеги и од оние кутри униформирани полицајци таму, не пријавиле дека има убиено момче. Убиството не го пријавиле ниту медицинските лица од итната помош кои биле повикани да видат дали можат да сторат нешто.
И веројатно, така си мислеле дека ќе помине сѐ некако заматено и замаглено. Но, види чудо. Светов денес не е исти како во 1945-та. Младиве денес знаат за интернет и за социјални мрежи. Башка, има и повеќе канали од т.н. мејнстрим медиуми, па кај некој од нив, без оглед дали припаѓа на некоја банда, вистината ќе исплива. Така и се случи.
Преку „Фејсбук“ и „Твитер“, веста брзо беше проширена уште ноќта кога се случило убиството. Кога оној подлизурко и шминкер од портпарол Иво Котевски, кој нема повеќе од 1,5 гр. мозок, во понеделникот попладне беше прашан за некакво претепано усмртено момче на плоштадот „Македонија“, тој се обиде да го негира случајот во целост. Отпосле дознаваме од нивниот човек, првиот судски патолог Алексеј Дума, дека веќе во понеделникот, полициски старешини присуствувале на обдукцијата на момчето и ја знаеле причината за смртта: Насилна смрт предизвикана од удари по главата и телото кои довеле до крварење на мозокот.
Вторник до пладне, власта уште молчи. Уште се обидува да го сокрие или „изменаџира“ непријатниот настан. Кога новинарите прашуваат за претепување на момчето од припадник на „Алфа“ единиците, портпаролчето тврди дека тоа нема врска и ги упатува новинарите „да го пријават случајот ако имале такви сознанија“. Што е најтрагично во целиот случај, полицијата не го известува ниту семејството, кое за идентитетот на убиениот дознава од телевизиите. Невиден скандал, безобразие и бесчуствителност.
Дури во среда, соочени со протестите на младите кои дефинитивно почнаа и сѐ уште имаат огромна доза на спонатанитет, Власта: признава дека се случило убиство; дека уште во понеделникот, наводно претпладне, убиецот-мајмун сам се пријавил кај својот старешина и го признал делото и дека МВР ќе поднела кривична пријава за убиство. Откако случувањата ескалираат со масовни осуди од целата јавност, откако повеќе структури во државата се приклучија кон осудите и протестот поради полициската бруталност, министерката Јанкуловска држи прес конференција и изразува жалење за настанот, апелирајќи да се гледа како издвоен случај. Пази богати!?
Портпаролчето без два грама мозок, пак, (не е човек да му замери, толку му сече), тврди дека не лажел ништо, односно дека немале сознанија. Во истовреме, сиот свој раскошен демократски капацитет го распостилаат пред народот во сиот свој сјај, заканувајќи им се на младите што се организираат преку „Фејсбук“ и „Твитер“, со зборовите дека МВР ги следи социјалните мрежи и дека против поттикнувачите на „насилни протести“ ќе бидат покренати кривични пријави!!!
Протестите во меѓувреме продолжуваат и, иако е забележлив обидот тие на некој начин да бидат инструментализирани, сепак, ќе повториме, во својата суштина се спонтан протест на образовани млади луѓе кои се гневни да живеат во држава во која на сред плоштад, некој што е задолжен за безбедноста на луѓето, ладнокрвно да претепува до смрт невини деца!
Да заклучиме околу овој прв настан податен за нашата анализа за демократијата во Македонија: Полициска бруталност има, помалку или повеќе, во секоја држава во светот. Проблемот е како државата, односно институциите на системот се справуваат со тој проблем. Но, за разлика од другите држави во светот, каде што владеат стандарди и каде што се знае што е морална или кривична одговорност, каде што воопшто одговорноста на оние што ја спроведуваат власта е на исклучително високо ниво, во Македонија уште еднаш се покажа сета нечувствителност на оние кои владеат, кон владеените.
Во ваков случај, прво не смее ниту да се помисли да се лаже. Второ, воопшто не може да стане збор за изолиран, поединечен случај, од кој било агол да го гледате.
Суровоста на полицијата при истрагите, во полициските станици или при спроведување на обични акции за приведување, е оддамна регистрирана појава од релевантни фактори и во Македонија и во светот што ја набљудува Македонија.
Трето, вакви случаи имало и порано и тие се документирани во поблиското минато.
Четврто, под итно требаше да следи одговорност, дали е тоа смена или оставки на непосредните полициски старешини се до ранг на директорот на униформираните полицајци, во случајов тоа е оној што го викаат „Радник“. Во истовреме, требаше да се нареди истрага, односно нова проценка за психичката состојба на вработените во МВР што имаат допир со оружје и други средства за присила.
Откако сето тоа ќе го спроведеше, она девојче што многу знаело што е демократија и закон, тогаш како чин на морална одговорност можеше, иако не мора, да поднесе оставка, но секако, требаше да ја увери јавноста дека никогаш повеќе нема да дозволи полицијата да претепува до смрт некој кој дури не е ниту осомничен. Но, ние џабе зборуваме, оти тие сѐ знаат нели!?
Ех, „брату“ Љубе!
Вториот случај што го употребуваме за анализава, е апсењето на Љубе Бошкоски. „Братот“ Љубе, ние отсекогаш сме го сметале за една смешна, истовремено опасна фигура во државата, особено ако му дадете нешто важно да раководи или командува.
Тој како таков и се покажа уште по победата на ВМРО ДПМНЕ во 1998-та, кога по повикот од сестра Доста (Бог да ѝ душа прости), дотрчал во Татковината да ѝ служи!
Да именувате таков човек за помошник директор на тајна полиција (помошник на една интересна фигура која ќе ви ја претставиме некогаш во иднина - Бојан Бојановски), а потоа и за Министер, е една тешка спрдачина со народот.
На шарлатан, кој нема абер од таа работа, му давате огромна моќ и одговорност да управува со човечки судбини. Сѐ што подоцна се случуваше со него беше само последица на вистинските намери на оние што го поставиле и оние кои вистински владеат со оваа земја.
Бруталниот начин на кој се обидоа да расчисат со него преку случајот „Раштански лозја“, всушност одговора на бруталитетот што го поседува „брат“ Љубе во себе и неговата карактерна црта да биде безмилосен кога може. Расчистувањето на левата банда со него преку „Раштански“, беше само мала слатка одмазда на „меѓународната“ кон Љубе и ништо повеќе, извршена преку една госпоѓа вработена во МИ-6.
Таа одмазда не запре таму, туку од Хрватска, го однесоа Љубе во Хаг. Тоа што Љубе имаше среќа да добие одлична адвокатка, која успеа суптилно да ја разлачи командната одговорност за настаните во Љуботен и да ја отфрли од Љубе; тоа што на страната на Љубе, де факто државата, се ставија и одлични експерти како Тасева на пример, тоа не говори дека Љубе е невин како цвет и дека сите само беспотребно го клеветат.
Љубе Бошковски не е наивен човек, иако понекогаш така делува. Љубе е недоволно интелигентен да направи проценка што и како треба секогаш да направи. Така, и покрај сиот кредит што го имаше кај неупатениот народ по враќањето од Хаг, Љубе се решава, неумно, да прави партија и да ја стави на услуга на една од бандите, во случајот левата.
Нема грам сомнеж околу тоа дека Љубе работеше за БЦ. Исто така, нема ни грам сомнеж дека Љубе Бошкоски направил и некаква злоупотреба со парите. Та нема да му е прв пат и не ќе да е дека сѐ во својот живот стекнал макотрпно, „с’с овие две руке“, што би рекол Ѕинго.
Впрочем на форумот на Котле имаше добри фотографии околу тоа што било и што станало со неговиот имот во Бале за само неколку години. На брат Љубе не му се непознати и големите бизниси со цигари и тутун, особено оние во кои беше заплеткан еден хрватски ќелав генерал, кој доаѓаше во Македонија да „менаџира“ некакво спојување на македонската и хрватската тутунска индустрија.
Значи брат Љубе, кој добро ја познава и Украина и пред 1998-та и во времето кога беше Министер и полициски функционер, воопшто не е наивен човек—во однос на парите особено. Дотолку, уште посмешно е, како успеаја да му уфрлат човек кој ќе му го плете кривичното дело.
Но, она што е јасно како бел ден, е фактот дека кон Љубе Бошкоски власта на Никола Груевски—уште повеќе и пропрецизно, власта на Сашо Мијалков—се однесе целосно одмазднички. Тоа не може да се скрие, колку и да сакаат да тврдат дека тие само го спроведувале законот, а дека апсењето се случило на 6 -ти јуни само затоа што тогаш била извршена исплатата на сумата од 100 илјади евра.
Тогаш, всушност, паднала командата за апсење и затоа тогаш е повикан во ресторанот „Воденица“, за да му ги дадат парите кои потоа, онака „вешто“, полицијата ги најде фрлени пред автомобилот.
Љубе беше лесен „таргет“!
Зошто кон Љубе Бошкоски? Прво, кон другите, појаките, не можат. Впрочем оддамна сме напишале дека нема никаков абер, ниту желба, ниту воља, да се апси, на пример, Бранко Црвенковски. Зашто е тоа така, сме објасниле, но договорот не е од сега, туку уште од времето кога Љубчо Георгиевски дојде на власт.
Затоа пак, Љубе Бошковски беше одличен „таргет“. Прво, многу грубо и многу гласно изнесуваше тешки навреди за Груевски и Фамилијата. Потоа, чепна во бизнисите на Мијалков, отворено нарекувајќи ги белосветски мафијаши.
Трето, на изборите не доби ниту едно пратеничо место, така што не беше заштитен ниту со имунитет, кој потоа, евентуално во ваков распоред на парламентот, тешко дека ќе му беше брзо и лесно одземен.
И конечно, самото апсење требаше да испрати порака кон политичките опоненти, кон јавноста и новинарите, кон колумнистите што јавно се произнесуваат, а не се новинари: дека исто ќе помине секој кој ќе се дрзне гласно да го обвинува Груевски и Фамилијата!
Притоа е направена и добра проценка, дека актуелниот шеф на Љубе, БЦ и СДСМ, нема да мрднат со мало прсте во одбрана на Љубе. И така, Љубе како лимун, исцеден, употребен и злоупотребен, беше фрлен на буниште. Грубо и болно, по втор пат во неговиот живот, иако е факт, дека во огромен дел сам си ги привикува невољите.
Но, ние тука не зборуваме за Љубе, туку за односот на власта кон таквите како Љубе. Власта покажа дека има премногу низок степен на толеранција за секој што гласно зборува против нејзе и дека ако малку погрубо ја чепнете, ќе го употреби моќниот механизам на државата за да „ве спакува“ како што го спакуваа Љубе Бошкоски.
Славните македонски медиуми рушат рекорди!
Во двата случаја што ги анализиравме, уште еднаш се прославија медиумите во Македонија. Особено оние „независните“. Беше вистинска срамота да се гледа како новинарите на „Канал 5“ на стариот Стојменов и како новинарите на Ѕинго и на Бојо, „Сител ТВ“ и „Вечер“, „случајно“ се нашле на местото на апсењето на Љубе Бошкоски пред ресторанот „Воденица“.
Исто така беше огромна и невидена срамота да слушате и гледате како новинарите на истиве медиуми, па дури и нешто повеќе, како „Дневник“ на пример, се обидуваат да им помогнат „посраните“ полицајци кои убиваат млади и недолжни деца, пласирајќи ги полициските приказни за тој настан.
Во бесрамниот обид на власта да се извади од кашканиците во кои се извалка од пети до врат, младиот Нешковски го нарекоа и криминалец, односно дека момчето имало криминално досије. Новинарите од споменатите медиуми, без трошка одговорност, тоа го пласираа како ударна вест.
Уште повеќе, во живите емисии каде „се слушал гласот на народот“, од типот на „Јади Бурек“ и на „Бумбар“, се јавуваа такви дебили, кои обидувајќи се да ја бранат Власта, ги набедија мајката и таткото на Нешковски дека ниту си го воспитале детето, ниту пак се вистински родители, штом два дена не знаеле каде им е синот!?
Со ваквиот однос, македонскто новинарство уште еднаш покажа дека нема долна граница што тоа не може да ја пробие. И како такво, ќе му се случи трагичен крај, исто како што трагично еден ден ќе завршат актуелниве банди, што ни продаваат финти дека едните биле демократи а другите автократи и дикататори.
Македонија никогаш не ја искусила демократијата!
Двата настана што ги анализиравме за да покажеме дали во Македонија има демократија или режим, недвосмислено покажуваат дека тоталитарната свест кај десната банда прераснува во вистинска опасност, владеењето да го трансформира во владеење слично на дикататорски режими. Тука нема сомнеж.
Но, само неколку години да се вратиме наназад, а де не зборуваме за петнаесетина години наназад, во раните деведесети, ќе се види дека сѐ било различно, а сѐ било исто. Треба ли да ги набројуваме полициските тортури против неистомислениците што ги спроведуваше ДБК, до степен на исчезнувања, самоубиства или неразјаснети убиства. Или, треба ли да споменуваме како една друга банда, неколку години пред оваа, се справи со едно несреќно лице кое остана запаметено во јавноста како „Диме Поштарот“?
Но, за разлика од бедни проститутки како Ивона и Латас, ние оваа констатација не ја кажуваме за да ја одбраниме бедната сегашност. Нашата констатација е само во смисла да докажеме дека Македонија немала, ниту ќе има во скоро време среќа, да запознае што е вистинска демократија, што е правна држава и што се и со какво значење се човековите права во демократските системи.
Оправдувањата од типот и Америка тоа го прави (такви можеме да слушнеме од гласногооврниците на оваа банда - демек видете како го уапсиле оној од ММФ или видете како го кршат законот со актот за тотална контрола на комуникациите по 9/11), не држат. Оти во истата таа Америка, имате право не фер судење кога ќе ви ги прекршат правата.
Конечно, Америка не е единствен пример кој треба да се гледа или да се следи. Погледнете како почитувањето на човековите права на исклучително високо ниво се кренати во Канада, Велика Британија, Германија или Скандинавските земји.
Погледнете и кажете, каде е Македонија во споредба со нив?
Владимир Костовски