ШТО ВИДОВТЕ НА МИТИНГОТ?"СЕ ЗА МАКЕДОНИЈА"-ВМРО ИЛИ "МАКЕДОНИЈА Е СЕ ШТО ИМАММЕ"-СКЈ

Македонија под сеништето на пучот




Пишува
Димитар Димитров 18-03-2015

Веќе трета година Македонија живеe под сеништето на пучот. На два пати (на 24 декември 2012 и на 31 јануари 2о15) официјално се објави пред светот дека во РМ е откриен и спречен пуч во обид. Притоа во двата случаја се примени идентична комбинација од објаснување и практични дејствија, што ќе влезе како македонска специфика во науката за пучот.

[Image: 21039golema.gif]

Во првиот случај пучисти во обид беа пратениците од парламентарната опозиција предводени од од пратеничката група на СДСМ. Во вториот случај е лидерот на СДСМ. На другата страна, заштитници на државата во првиот случај беа претседателот на Собранието и министрите за финансии односно за внатрешни работи од Владата на Груевски. Во вториот случај е непосредно премиерот. Во меѓувреме се одржани вонредни парламентарни избори. Но двете страни (позицијата и опозицијата) си ги задржаа своите места, вклучително четворицата антипучисти. Се смени само лидерот на СДСМ.

Од тоа следува дека во двата случаја станува збор за однос меѓу легитимни партии односно партиски лидери, т.е. за политички дијалог во најширока смисла на зборот. Во првиот случај се расправаше за буџетот. Парламентарното мнозинство, кое дисциплинирано го покриваше предлогот на Владата и ги игнорираше амандманите на опозицијата, во еден момент оцени дека опозицијата, која раководеше со матичната комисија, го саботира донесувањето на буџетот во пропишаното време па затоа ја дезавуира и самата комисија. Противењето на тој деловнички прекршок провоцира квалификација обид за државен удар и насилно исфрлање на пратениците „пучисти“.

Во вториот случај лидерот на СДСМ се обидува да го наговори премиерот за формирање техничка влада, со задача да подготви услови за фер и демократски избори. Поентата на Заев е дека актуелната влада е нелегитимна. И тој има докази за тоа. Од приказот на Груевски може логично да се заклучи како иницијативата на Заев се преточила во пуч во обид. Очевидно премиерот не дал определен одговор на предлогот, оставил да се размислува и уште да се разговара па го поканувал гостинот на нови средби, надолго и нашироко го распрашувал за доказите, ги снимал разговорите и така фабрикувал заговор, градел фабула за пуч во обид, инволвирајќи го и неизбежниот мотив на странска служба. Кога оценил дека доволно ја надградил иницијативата на гостинот, домаќинот петтата средба ја закажува на суд, каде двајцата лидери треба да го продолжат дијалогот како обвинет и сведок.

Во двата случаја комбинацијата од назначените практични дејствија и нивното официјално објаснување како превенција од пуч, има карактер на популарниот метод „Држете го крадецот!“. Парламентарната опозиција и лидерот на СДСМ не замавнале со мечот како Александар (од споменикот), ниту пукнале со пушката или пиштолот како Чекаларов (исто од споменикот). Според тоа нивната квалификација за пучисти не претставува констатација, туку клевета. Клевета како аргумент за примена на насилство - насилно откинување на една третина од корпусот на Собранието односно судско гонење на лидерот на опозицијата. Резултатот е реален или пуч во обид на власта, не обид за пуч на опозицијата.

Основен генератор на овој жален биланс, е отсуството на внатрепартиска демократија. Во услови на транзицијата - со стихијната приватизација и со енормното осиромашување на населението - партискиот авторитаризам до таа мера се раскрили над државата и над општеството, што практично го дезавуира уставниот поредок, прелевајќи се во режим. Неограниченото владеење со партијата е контрапродуктивно за компетентно раководење во рамките на националната и на европската демократија.

Тоа дијалогот го заменува со диктат, што сите сегменти на државата и општеството ги хомогенизира во трансмисија на волјата и на умот на лидерот, додека одбивањето на таквата улога го санкционира како непријателство, предавство и пуч.

Првиот пуч беше реален, зашто го изведе непосредно специјалната полиција на МВР и, можеби, зашто беше прв. Вториот нема шанси, зашто треба да се изведе преку Обвинителството и Судот и зашто не е прв.

Ако Обвинителството и Судот го гонат и го осудат Заев, според сценариото на Груевски, тие ќе санкционираат еден наклеветен човек, клеветникот ќе го промовираат во пучист, а себеси во егзекутори на пучот, спротивно на нивните иманентни битија како сегменти на власта, според Уставот. Ако Обвинителството не прифати таква автонегација и не покрене обвинение за пуч, тогаш фабулата на Груевски ќе заврши како реална клевета и како пуч во обид на нејзиниот автор. Тоа е крајната дестинација на авторитарното владеење, при демократски устав и при европски систем на демократија и мир, кое ја тргна државата од шините на современата историјата.

На таквиот исход предупредив ден спроти парламентарните избори 2008 („Опасни врски“, Утрински весник), мотивирани со засилување и продолжување мандатот на владеачката коалиција (ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ), кои го посредуваа следот од 24 декември или првиот пуч до вториот „пуч“ и „бомбите“ на Заев. Еве го тогашното објаснение на сегашната ситуација:
„Во моментот на воспоставувањето на новата европска држава, се отворија канали за континуитет на субдемократска традиција: СДСМ ... СК, ВМРО-ДПМНЕ ... ВМРО. Така се утврди парадоксот новата демократска држава (РМ) да биде водена од неевропски, недемократски субјекти, со авторитарни статути и практики, во кои партиските органи се сведени на егзекутива. Овој парадокс може да се укине или со партизација на државата , или со реформирање на партиите по европски терк.

Со предвремените избори се атакува врз уставното уредување на државата, врз тројството на законодавна, извршна и судска власт, со пресликување на партиската шема, така што, покрај Владата, и Собранието да се претвори во егзекутива, да не се губи време во расправа со опозицијата. Што е, се разбира, негација на поимот на демократијата и симнување во визбата на охлократијата - власт на лица сведени на уши за примање наредби и на раце за гласање, кои се контраиндикација на парламентаризмот. Спас од ова искушение е реформирањето на партиите во партии со демократски статути и процедури, кои ќе се аперципираат како инструменти за општото добро на Македонија, која копмпетентно ќе ја обликуваат како нација меѓу нациите во регионот, ЕУ и НАТО.“

„Бомбите“ на Заев ја тргнаа завесата од визбата на охлократијата, ја открија персоналната редукција на водачот и на неговите служители, комплементарна на редукцијата на институциите во државата. Тоа е горчлив плод на решението на посочениот парадокс (уставна демократија – партиски авторитаризам) со партизација на државата. Зад него сага стои ВМРО-ДПМНЕ. Но претходно низ тоа искушение помина СДСМ. Можеби е најсправедливо да се каже дека тие заедно работат на тоа решение, преку нивните ексклузивни идентификации со недемократските субјекти од (пред)историјата на нашата држава, кои нѐ враќаат на фронтовите на нашите предци и прават да ја негираме, едните едната, другите другата етапа од нашиот државотворен процес, па да паднеме во бездната на антиката; да се гледаме како непријатели и предавници, да не можеме да соработуваме и да водиме елементарен демократски дијалог. А зад таа фингирана идеолошка нетрпеливост, кога се на власт, да се исти – во грабежот и во фаќањето за коска, до стекнување на минимални услови за преживување, заради што членството се самопонижува и се сели врз таа основа од партија во партија.

Затоа е за жалење, дури и при контроверзата „пучот“ на Груевски - „бомбите„ на Заев, да се посегнува по воинствена и клеветничка реторика, со „фашисти“, „комуњари“, „предавници“. Дотолку повеќе, што гласовите што ги слушаме на снимките им припаѓаат на бивши „алтернативци“ и „комуњари“; и што курсот на ВМРО-ДПМНЕ решавачки го определија Титовите младинци, членот на Претседателството на СФРЈ Васил Тупурковски и актуелниот претседател на РМ Ѓорѓе Иванов. ВМРО е тука како чадор или Тројански коњ. Како што од другата страна АСНОМ се инструментализира против ВМРО, игнорирајќи/сокривајќи дека тоа е одржано на 2 август, дека честа да го отвори заседанието му била дадена на илинденецот Панко Брашнаров (гестови кои бликаат од пиетет кон ВМРО!) и дека целата прва постава на АСНОМ, вклучително Брашнаров, била ликвидирана од казнена експедиција предводена од питомец на Крагуевац без семејна меморија.

Евоцирањето на споменатите негативни стереотипи и при ваков контекст, кога се работи за огрешување од Уставот и законите, се должи, исто, на персоналната редукција на партискиот авторитаризам, која се спроведува/одгледува како менталитет на едноумие. Жртви на тој менталитет беа и остануваат науката и културата. Тие ја губат својата автономија, теориски односно естетски го преобликуваат единствениот ум како нарачка/апологија на режимот. Така се посредува волунтаристичка вистина скраја или наспроти светскиот развиток на науката и творештвото воопшто. Затоа, во таа традиција, што пропуштивме да ја лустрираме и да постигнеме национално помирување, историографијата лесно се прешалтува од погледот на свет на Лазар Колишевски кон погледот на свет на Васил Тупурковски и на Ѓорѓе Иванов. Па така, восудирот „пуч“ - „бомби“ дојдоа до израз и рефлекси на тој изветвен менталитет.

„Бомбите“ на Заев не се само дел од меѓупартиска конфронтација. Тие се дел од широко демократско движење: штрајкувањето на лекарите специјалисти, херојската демократска офанзива на гласачите од Центар, протестите на етничките Албанци против МВР, Судот и Обвинителството, отпорот на архитектите против Скопје 2014, студентските, ученичките, професорските и наставничките пленуми, демонстрациите за социјални и работнички права, засилениот граѓански сектор, приливот на критичката јавност, отпорот на новинарите. Во согласност со тоа движење е и држењето на меѓународната заедница. Со оглед на тоа, „бомбите“ на Заев се од полза за двете партии и за сите други партии, како изнуден прилог за нивно реформирање сообразно на уставната демократија и за враќање на државата од метежот во транзицијата.

Перцепцијата на тоа демократско движење како антимакедонска коалиција на странска служба со домашни предавници, е толку инфериорно, што издава „луѓе со посебни потреби“ (М. Билјали), со диоптрија кон Западот и кон Истокот од меѓублоковската поделба. На дело, партијата, народот и државата треба да се идентификуваат со „четиричлената банда“ (да се послужиме со една метафора од кинеската културна револуција). После овој автопортрет со прислушувањето, такво нешто не поминува. ВМРО за неспоредливо помали престапи накажувала со најстрогата казна. Па оваа престапничка толпа на чело со водачот сноси дополнителна морална и политичка одговорност што настапува под името поврзано со толку (само)жртви на неколку поколенија наши предци.

Арно кажа Аиво Орав. Се наоѓаме пред голем тест. И ние дома, и меѓународната заедница. Всушност, пред голем тест нѐ исправи 24 декември 2012. И, не го положивме. Ни ние дома, ни меѓународната заедница. Практично, пучисти добија на подарок право да организираат избори,и ете го резултатот: подбив со граѓанството, подбив со меѓународната заедница. И покана, партиското членство, граѓанството и „странската служба“ (ЕУ, НАТО и финансиските институции) да го оневозможат овој режим и да го воспостават уставниот поредок на РМ!

P. S. „Сѐ за Македонија“ (Тодор Александров). На митингот во „Борис Трајковски“ на ВМРО му се кадеше како на „генетска програма на Македонците“ под транспарент „Македонија е сѐ што имаме“, што е наслов на мемоарите на „првата инвестиција на СДСМ“, во која авторот се исповеда како ги требеле вмровците!

NOVATV

Read 1491 times