WHAT THE FUCK! MACEDONIA UNDER ATTACK! – ГЛУМЦИ И ПЕЈАЧИ ЌЕ ЈА БРАНАТ!

Отворам вчера фејсбукот, кога гледам, една пријателка од провинција, ама доста паметна, ми пратила во инбокс линк од КУРир. Морам да признаам го кликнав со шубе поради бобастичната најава: Основано новото Граѓанско здружение за одбрана на Македонија! Ееееј, си реков, од кого ќе ја бранат Македонија овие граѓани? Кога ја нападнале? Кој ја нападнал? Ме фати паника дека претходната ноќ толку цврсто сум заспал што не сум го чул воздушно-копнениот напад на агресорот врз мојата таковина. Тоаш тргна и видео клипот од пресот на здружението...

Им се пулам вака на основачиве и си викам: Сите ги знам! Повеќето од театар, бидејќи, по игра на случајот сме колеги. Седнати еден до друг, со загрижени лица, некои малку мамурни и недоспани, ама напнати и на штрек. Некои од нив, во не така далечно минато беа челенови и на други здруженија кои палеа копии на букурешки договори и такви небулози ѓоамити како отпор против старата курва Европа која е виновна за сите страдања и поделби на македонскиот народ. Други од нив пак, на времето, во 2004 година, стоеја зад Милчин кога требаше да се минира референдумот против новата територијална поделба на Македонија. И го минираа. Трети од нив, знам едно време пред пет-шест години, плукаа по преородбениците, за потоа да им седнат во скутот и да станат први другарчиња со нив. Ги гледам, да бе, тие се! Бивши, сегашни и идни директори на театри и разни фестивали, селектори и членови на жирија, директори на радија, луѓе којшто покрај платата, земаат високи хонорари од десетина други места кадешто се најмени најчесто заради политичката подобност и симпатиите што ги негуваат кон Пастирот и неговиот режим, па како такви се и редовни учесници во политички изборни кампањи на преродбениците, како и партиципиенти во разни контра-протестантски групи кои по потреба ги собира преродбеничката власт секогаш кога разумните ќе излезат на улица да ја соочат власта со нејзините лаги и измами при владеењето.

Одма знаев дека она што го промовираат како граѓанско здружение, прво, не е граѓанско туку е партиско, поточно преродбеничко или да бидам попрецизен, здружение зад чие формирање стои власта и нејзините партизирани тајни служби, а дека овие кои ги гледам се тука турени само за сликање. А бе, пи-ар! Ама пустото, сакав да ги чујам што ќе кажат, зашто дената бев станал на лева нога па помислив дека нивниот прес може да ми го крене расположението. Не се илажав во проценката. Они да ти го формирале здружението за да ја одбранат Македонија од странските тајни служби! Замислете последниве денови сме биле под сериозна закана на некои СТРАНСКИ ТАЈНИ СЛУЖБИ кои спремале црни сценарија за иднината на Македонија, нормално потпомогнати од ВНАТРЕШНИ СИЛИ! Одма изразија и голема загриженост дека загрозени се нашите домови и поколенија од субверзивната дејност на тие странски тајни служби. И тука одма ми светна...

Затоа значи последниве денови имав чувство дека некој ме набљудува на мочање. А жена ми се пожали дека завчера ноќта, точно на полноќ додека спиела некои џуџести суштества со огромни црни очи без нос и уста ја кренале од кревет и ја однеле во некое чудно летало каде вршеле медицински експерименти на неа, а потоа ја вратиле во креветот. Она викала по мене кога ја кревале, ама ниту јас ниту она самата не го слушала својот глас. А син ми пак, нон-стоп си прави муабет со некое невидливо типче што се вика Буџирахман и кој му се заканува дека ќе му ги украде сите играчи и ќе ги носи некаде во туѓина каде што е неговиот дом.

Ма дај! Теста ди кацо! Од она што го слушнав за време на нивното основачко собрание сфатив дека многу работи не им се јасни, барем на повеќето од нив, иако меѓу нив има и такви кои нешто разбираат, ама им одговара да се прават на триипол. Кај живееја до сега, да ги прашам? Кој дел од приказната за оваа импровизација од држава не им е јасен? Не знам и дали воопшто вреди нешто да им појаснам, зашто некои од нив се толку заслепени од сопствените интереси и амбиции што не дозволуваат камче да падне на оние кои им овозможуваат постојани ангажмани и високи хонорари башка од нивната плата.

Ама морам да им одговорам, зашто токму одмолчувањето е она што нѐ доведе до таму кадешто сме денес, да станеме клоака од народ која сѐ проголтува и сѐ исфрла од исто место. Кога зборувате за закана од странски тајни служби кои ги прислушкуваат нашите граѓани сигурно мислите на оние кои единствени официјално поседуваат центар за прислушкување во земјава, а кои се роднини и сопартијци на вашиот пастир. Кој друг освен нив може да ги прислушкува своите граѓани, иако е тоа забрането да се врши неовластено? Уф, за малку ќе заборавев, има уште еден таков центар и точно е, припаѓа на странска тајна служба, а се наоѓа во американската амбасада во Скопје. Тоа е онаа тврдина која пред неколку години никна на Кале како главен стожер на ЦИА за регионот. Човек, по потекло Србин, но со американско државјанство, кој што работеше на електронскиот систем таму, а потоа отиде да работи на изградба на новата американска амбасада во Катар, ми зборуваше дека компјутерскиот систем во просториите за разузнавање е боли глава! Стварно на мочање можат да те сликаат! Море чекај, што мислите, Русите во нивната амбасада немаат? Не знам дали сте запознаени со фактот дека пола од дипломатите во секоја амбасада се врзани со својата, а потоа и со други пријателски странски тајни служби. Може ќе ви дојде премногу ако ви кажам дека многу земји низ светов, големи и мали реално се управувани од зад кулиси токму од тајните служби, странски или домашни зависи од кредибилитетот и силата на државата за која станува збор.

Освен тоа, прашајте било кој политички аналитичар со кредибилитет или прочитајте некоја негова книга ќе видите што ќе ви каже за Македонија. Оттука странските тајни служби некогаш и не заминале кога дошле во раните девеесети, а особено за време на косовската криза во 1998-99 година и бомбардирањето на тогашна СР Југославија од страна на НАТО. Ќе ви кажат дека во тоа време Македонија станува Мека за тајните служби и шпионажата. А бре колеги оваа земја е формирана и како така одржана баш благодарение на работата на одредени странски тајни служби, нормално со асистенција на домашната. Партијата во чиј скут седите е формирана од тајна служба. СДСМ е формирана од тајна служба. Секој премиер на Македонија до сега директно или со посредство е востоличен како таков, со амин на разни странски и домашни тајни служби или групи кои се финансиери на тајните служби кои работат претежно за нивни корпоративни и политички интереси.

Затоа вашето граѓанско здружение е жива смеа, обичен параван кој мора малку да го амортизира срамот што го очекува вашиот Пастир кога ќе бидат објавени сите негови петна на биографијата и работата како премиер токму од оние кои до сега го одржуваа на власт. А вие сте само негови пиони кои треба да ги одработите функциите што ги добивате, текстовите што ви се поставуваат и разните други ангажмани за кои земате хонорари, ама треба да бидете свесни дека сте одамна прочитани од јавноста, поточно од оној народ кој вие сакате да го приберете во тоа псеудо граѓанско здружение за одбрана на Македонија.

И не знам дали се свесни, ама со вашето појавување на те-ве и вашиот небулозен концепт за одбрана на Македонија од странски тајни служби, само долевате масло на огнот на паранојата што го потпалува ОНОЈ кому му се поклонувате и под чии директиви се собирате во граѓански здруженија зад кои стои власта и тајните домашни партизирани служби кои работат во нејзин интерес. Со тоа дополнително го загрозувате мирот на сопствените граѓани и ги дефокусирате од вистинската закана за Македонија. А таа закана е вашиот Пастир и никој друг!

Како бре не се вознемиривте за неговата промашена економска политика, за галопирачката сиромаштија, за пералната на пари СКОПЈЕ 2014, за фрлањето пари во бунар, за вештачкото прикажување на лажен економски раст преку сулудо градење на споменици и други лајна. Како не се вонемиривте за корупцијата, за криминалот со багателните продажби на атрактивно градежно земјиште. Како не се вознемиривте за голготата на Кежо низ корумпираниот судски ситем во земјава. Како не се вознемиривте кога пред неколку недели Ставревски ви брцна во џебот за континуирано да ви зема пола од хонорарите кои ги добивате. Како не се вонемиривте за кршењето на автономијата на универзитетот. И како не ве вознемирува вашето избегнување да се соочите со реалноста кое достигнува митски димензии.

И да ви кажам уште нешто. Тоа што државата ме плаќа како уметник не значи дека треба да бидам нејзин роб, лакмус за нејзините лаги и манипулации, како и дежурен поддржувач во сите злосторства што ги прави против сопствениот народ. Мојата држава ме плаќа и да ја чувам од лошата власт исто така. И многу поголем чин на патриотизам е кога ги критикуваш лошите власти од позиција на уметник и јавна личност, отколку кога ги браниш и веднеш глава пред нив за грст привилегии и валкани златници.

 

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ

Read 5722 times