ЕЕЕЕХ, ЦРНИ ЗАЕВ

 

Ех Заев, црни Заев, додека се женираше пред целата јавност со твоите бомби, Боксерот пак ти го начука. Те кутна на ефтин боксерски штос: Кој прв бие, тој ќе добие! Како бе црни Заев не ти дојде памет по првиот нокаут од Боксерот, кога те даде на суд, а судот те глобеше со десетици илјади евра за клевета? Со материјалите што ги поседуваш против Боксерот и неговиот режим, наместо да го удриш меѓу рогови и да го оставиш на место, ти црни Заев влезе во преговори и пазарење. Сакаше танго, наместо бокс-меч. Е па ете ти го сега резултатот од твоето и лешперењето на твоите сопартијци. Сега пак ќе те влечкаат по судови како партал и ќе трепкаш пред камери ко млада невеста фатена гола со кумот на сред свадба во тоалетот.

За жал на нашата демократија ти и твојата партија одбравте да бидете лешпери и жртви, затоа и не помислувајте дека сега некој ќе ве жали, за време на судскиот погром што ќе ви се случува наредниве месеци. А обвинението против тебе црни Заев ни малку не е наивно, без разлика што тоа ќе биде уште еден монтиран процес во кој ќе биде суспендирана правдата и вистината. Обид за пуч и рушење на уставниот поредок! Ама сам си кабает црни Заев. Слушам во моментов сте собрани во стожерот на вашата партија и решавате околу реакцијата на по повод новонастанатата ситуација. А бе мавнете се оттаму! Немате веќе каде, освен во офанзива на живот и смрт, иако луѓе за таа работа очигледно немате. Да имавте до сега ќе ги видевме.

Денес во Македонија конечно пукна тиквата ко што треба. Сценарио што потсетува на микс од Вотергејт и Ноќта на долгите ножеви. Иако да признаам, мене лично обраќањето на премиерот ми беше комично кога го обвини Заев за соработка со тајни странски служби кои му оддавале информации кои ја загрозуваат безбедноста на државата. Ама ајде ти се молам! Санким, тајните странски служби само со Заев соработуваат. Санким, Грујо и неговите не ги донесоа на власт странски и домашни тајни служби. Санким, Грујо не се одржува толку време на власт благодарение на истите оние тајни странски служби што му ги оддавале информациите на Заев. Кого премиерот го прави будала? Само простаците кои го гласаат и веруваат дека е чесен играч и патриот. Никој друг.

Ама ова можеше да се очекува и сум пишувал порано за тоа, дека ќе дојде денот кога странските служби кои ја одржуваат оваа клептократска банда на власт, конечно ќе им го свртат грбот. Тоа е во позадината на бомбите кои ги поседува СДСМ. А странците и онака знаат сѐ за нас и тоа одамна. Стварта беше во тоа, уште македонската јавност да ги дознае истите работи за господата кои се сега во врвот на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Да дознае за нивните мангулпаци, измами, убиства и за нивните интимни тајни релации и контакти од секаква природа. Тука нема оддавање на тајни. Само желба, она што сите во странство го знаат да биде обелоденето тука. За да се види и да се знае, како би се разбудиле од кошмарот во кој живееме скоро девет години.

Премиерот во своето обраќање патетично се обрати на јавноста со зборовите: Што би направиле вие да сте на мое место? Не знам бе Грујо што би направил, оти не знам што сѐ си направил за време на животот и твоето владеење. Ама за да дојде некој шиљокуран како Заев да те уценува тука има нешто. А сигурно и ти ќе се сложиш со мене дека може да те уценува само оној кој знае дека задникот не ти е чист. Да ти беше чист немаше да седнуваш со Заев да преговараш за бомбите што ги има против тебе! Да ти беше чист немаше денес толку укакан да излезеш пред јавноста со изговор дека не лично ти, туку ДРЖАВАТА Е НАПАДНАТА! Од кого е на нападната? Од Заев? Па тој ни студентка под туш не може да нападне, а камо ли државата! Така?

Па уште му акна кривична пријава и се огради од материјалите кои ги поседува, дека делумно биле точни, повеќето неточни, башка монтирани! Доџе ми да вриснем твоје име! А ние и понатаму не знаеме што се бомбиве, зашто сега лешперите од СДСМ се договараат во стожерот како да реагираат на немилиот настан. Како стојат работите, изгледа ќе продолжат да се пазарат за нивниот лидер да не заврши во зандана или ако веќе заврши, да го осудат што помалце.

Што и да се случува во наредниве денови, едно е сигурно, тиквата здраво пукна, за несреќа пред да пукнат бомбите на Заев. Власта и Боксерот се толку посрани од страв што денес пратија порака до целата опозиција и сите останати граѓани дека никој повеќе не е безбеден во земјава и дека на секого му се заканува прогон и робија доколку се спротивстави на режимот. Надоаѓаат уште потемни облаци над овој и онака темен вилает на шупакот на светот. Ова не е на арно. Ама ич.

Сашо Тасевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ

Read 10983 times