Честопати во последниве години сме згрозени кога преку медиумите ќе биде откриен нов случај на убиства на животни, поединечни или групни. Последниот беше во Кочани. Наводно типот бил пореметен. Нема врска, да кажеме дека е така. Но, она што долго време се премолчува и крие од македонската јавност е тоа дека некои од овие случаи на егзекуции на животни, воопшто немале толку едноставна позадина и објаснување. Одговорот кој ми го даде еден инспектор кој бил на увид на еден таков случај беше зачудувачки: Сигурен сум дека тоа беше ритуално убиство, многу слично на едно што се случи во зоолошката градина во Скопје пред нејзиното реновирање! Така рече. Аман, си реков, па овде имало епидемија за која ништо не знаеме! После типот ме упати каде да одам и од кого да ги побарам сликите направени на увидот. Отидов кајшто ме прати, се направив мутав и замолив да ги добијам сликите (нивни копии) заради некоја кампања за заштита на животните, за која наводно ќе снимам документарец. Ми беше кажано дека некој ми дал погрешна информација и дека такви слики не постојат. А случајот дали постои? Може постои, може не, ние не сме запознаени со таков! Така рекоа.
Ме касна змијата, не знаев што да правам, а не сакав да се откажам толку лесно, оти мојот извор ми откри и една друга, многу пострашна работа, дека и одредени случаи на самоубиства во Македонија, биле ритуални. Дури во еден од тие случаи било пронајдено писменце во станот на жртвата во кое точно стоело што треба да направи пред чинот. Напишано било на странски јазик, а ракописот не бил на жртвата. Никогаш не е откриено кој го напишал тоа.
Тогаш ми текна дека во мојот роман Пеперутка пишував за еден вистински случај на сатанистички, сексуален ритуал во една куќа во Скопје. Ми текна и тоа дека пред три години една наша невладина организација за заштита на правата на сексуалните работнички ми додели благодарница токму за романот Пеперутка, затоа што толку прецизно сум го доловил животот и демоните со кои се соочуваат нашите проституки. Затоа решив да побарам помош од нив. Знаев дека некој од нив, често пати, за многу високи напојници ги канат на тие сатанистички иницијации и ритуали, за да ја одглумат ролјата на црни дами или господарки на целата церемонија. Не погрешив. Веднаш ми организираа средба и состанок со две харизматични жени кои ич не биле миленички на среќната судбина, која како да им терала инает заради нивната штедро дарувана убавина, а информациите што ги добив од нив, веројатно се доволни да напишам барем два романи на оваа тема. Ама за тоа, потоа.
Сум била на таков собир, ја почна приказната едната од моите соговорнички. Плаќаат феноменално за три-четири саати работа и сето тоа е многу дискретно. Значи немам појма кај сум. Ме возат до местото со платнена вреќичка на глава. Имам моја гардероба каде се соблекувам и таму седам додека не ме повикаат. А тие за тоа време почнуваат со ритуалот, пеат некои песни, а тој што им е главниот нешто рецитира. Знам дека има многу дрога на тие сеанси, пошто додека чекам секогаш ме нудат со разни срања. После кога ќе ме викнат, мојата работа е такаречи да ја изрежирам целата таа сексуална дешавка што треба да следува. Од порано ми се кажани некои инструкции до кои мора да се придржувам, а другото можам да го импровизирам. Понекогаш сум била толку креативна, што ми дале и бонус. Собиранките обично се еднаш месечно, ама некогаш може да се случи да бидат и побрзо. Сите на лицата имаат маски. Од прв до последен. Она што сум забележала во просторијата каде се случува тоа, се кафези со кучиња и многу свеќи. Еднаш, на пример кога ме носеа на подолга релација, претпоставувам надвор од Скопје, во кафезите имаше кокошки. Јас лично, жртвување во живо не сум видела, ама за време на мојот настап има „тетовирачи“ кои со црвена боја цртаат по голи машки и женски тела кои никој не смее да ги допре за време на ритуалот. Од каде е таа боја и дали е крв, не знам. Ама сексуалните чинови понекогаш не се воопшто нежни. Има тука многу елементи на садо-мазо, па дури и хомосексуални иницијации. Тоа сум го видела со свои очи. И уште нешто, според телата на оние со кои работев и ги спојував едни со други, сигурна сум дека голем број од нив немаа повеќе од дваесет години! Магот, веројатно човек на пеесетина години, пошто имаше побелени влакна на градите, за целото тоа време имаше секс со неколку девојки и момци. Дури и му асиситирав во неколку ситуации, на негово барање.
Пофасцинантно е тоа што, во неколку наврати, на одење, кога се облекувала и чекала да дојде шоферот да ја однесе дома, можела да чуе што се случува по сексуалниот обред. Магот поставувал прашања од типот: Каква лошотија направивте минатиов месец? Потоа следел одговорот на испитаникот и оценката од магот за квалитетот на лошотијата и резултатите од неа. На крајот магот му давал насоки на испитаникот за следните негови дела. А дијапазонот на споменати лошотии од испитаниците, стварно бил голем и морничав, па од обѕири кон вашиот желудник овде нема да го откривам и анализирам. Во една ситуација јасно го чула магот кој рекол дека самоубиството и принесувањето жртва се најголемиот дар за нивниот господар и најдобро е ако членот ги принесе тие жртви на својот роденден. Тука морам да кажам, мојата соговорничка не беше сигурна дали тоа што го слушала е глума, поточно некое сценарио или испитаниците ја зборуваат вистината во врска со своите недела.
И да знаете, ова што го изнесов сега и тука е само пет проценти од целото шокантно излагање на мојата прва соговорничка. Но она што го кажа втората е „боли глава“. Рече: Има многу сатанистички секти во Македонија, јас сум била гостин, кај три од нив. Имињата не ти ги кажувам. Пред извесно време запознав еден странец, Французин, ама зборувавме на англиски, некој ме препорачал кај него. Сакаше да ме ангажира кога ќе отвори нова мала верска заедница овде, рече, чекам дозвола од некои овдешни типови за да го направам тоа. Спомна дека неговите претци биле темплари, а неговата мала верска заедница, не работи многу на ачик низ Европа и светот, поради лошиот пи-ар што за нив го направиле некои медиуми пред не знам колку години.
Кога слушнав што ми зборува, не знам зошто, одма ми текна на „Редот на соларниот храм“, онаа озлогласена секта која пред дваесет години во Швајцарија и Канада отера во смрт вкупно 74 луѓе. Повеќето беа ритуални самоубиства, а имаше и убиства, какво што беше она во Канада кога беше убиена во сатанистички ритуал цела фамилија, зашто мајката и таткото решиле да го напуштат редот и од Швајцарија да избегаат за Канада, каде ги пронашле. Оправдувањето на маговите со кое го испрале мозокот на убијците (нивни членови) во тој масакр, било дека тримесечното бебе заклано во тој поход било дете на ѓаволот кое би ги спречило припадниците на редот по смртта да се вознесат на планетата Сириус. Од тој настан и колективното самоубиство кое следело и во кое си ги одзеле животите и двајцата негови основачи, долго време се верувало дека редот е згаснат, но пред четири-пет години повторно се појавиле оправдани сомневања дека редот е одново активен, со тоа што е проширен и малку јужно од Алпите, кон Италија, Хрватска, Србија, Бугарија, па еве, зошто не и овде. Но тоа се само претпоставки, нели? Секако им треба добар линк за да дојдат тука. Арно ама, како што ѝ кажал тој Французот на мојата соговорничка, изгледа го имаат, ако станува збор баш за тој ред.
Зашто темелите на нивното синкретично верување кое е мешавина од ранохристијанска и НЛО религија, како и Њу Ејџ филозофија е токму учењето на Витезите Темплари, кои меѓудругото имаат свој ред и во Македонија, а неговите членови се дел и од националната и регуларна македонска масонска ложа. Ритуалите на Редот на соларниот храм исто така вклучуваат многу адаптирани масонски ритуали и целта на неговите магови е да придобијат исклучиво богати луѓе, од чии донации редот опстојува.
Пак ќе речам, не знам колку се точни моите претпоставки, но изгледа целиот овој регион станува Мека за разни мрачни култови и секти за кои никој не зборува, а кои го злоупотребуваат своето постоење на разни начини, без притоа надлежните во земјава да успеат да ја најдат алката која ги поврзува настаните кои се закана за нашата и безбедноста на нашите деца и овие секти кои ги придвижуваат. Овојпат, тука ќе застанам, а во следната колумна ќе навлезам во многу подробности и детали за начинот на нивното функционирање, за нивните ритуали, за иницирањето на новите членови и за маските зад кои ги кријат своите вистински намери и цели.
Сашо Тасевски
Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ1