НА БИСЕРИТЕ МЕСТОТО НЕ ИМ Е ВО СВИЊАРНИК!!

 

"Светињата не ја давајте на кучињата, и не ги фрлајте бисерите свои пред свињите, за да не ги изгазат со нозете свои, и кога ке севртат не ве растргнат вас"  Исус.

 

 

Возразни и деца (одговор на колумната на Мирка)

Мирка е во голема мерка во право. Мислам тука на нејзината колумна во минатонеделната Нова Македонија. Во колумната, доколку не сте ја читале (иако знам дека нема такви на оваа страница) им го расплака мамето на САД за бизарната дволичноста во поглед на Блискиот Исток, како и на претседателот Иванов што не ја искористи шансата кога се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации да му го плесне тоа во лице на Обама.

Мирка (ја задржувам привилегијата да и се обраќам по име) е 200% во право во врска со ИСИС. САД буквално до вчера повикуваа на војна против режимот на Башар ал Асад, а со тоа ги поддржуваа групите како ИСИС, или од кои се изроди ИСИС. Претседателот Обама и државниот секретар Кери (со гласна поддршка од некои ликови познати по вооружување на герилски групи на Балканот како конгресменот Елиот Енгел) буквално до минатото лето самите поддржуваа и активно ги поттикнуваа сојузничките земји да испраќаат оружје до разните герилски групи во Сирија, со цел да им помогнат да го победат режимот на Асад. Граѓанската војна во која практично се распаѓа социјалистичката еднопартиска мултиетничка држава (ви звучи познато, нели?) на Башар ал Асад трае од 2011 година. Тезата во американските медиуми е дека генералите, Стејт департментот и Конгресот прилично рано се решиле да ги поддржат разните герилски групи, додека на претседателот Обама (кој е нели, Нобеловецот за мир) му требало малку подолго време да дојде до тој момент, но факт е дека кога одлуката за ангажман конечно и јавно беше донесена, САД застанаа зад герилските групи. Мал дел од нивните водачи се поранешни генерали, значи социјалистички опортунисти, некои се алавити или шиити, но огромно мнозинство од бунтовниците се од сунитското мнозинство кое во Сирија беше газено од власта, а повремено и масовно убивано со хемиско оружје. Џон Кери, во еден настап кој, ако на светот имаше правда, би му ја прекратил кариерата за секунда, во сведочење пред Претставничкиот дом на САД

{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=8lH0555ERO0&feature=youtu.be%29{/youtube}

ги убедуваше конгресмените кои го прашуваа дали групите на кои САД им даваат оружје се типови на луѓе на кои САД би требало да им даваат оружје. Кери инсистираше дека САД строго внимаваат дека момците кои добиваат американска помош се проверени, одобрени, патриоти, демократи, луѓе на кои САД треба да им подаде рака. Деновиве гледаме дека Кери не бил во право, и дека, ако го им подадете рака, ќе се гледате на Youtube како ви ја ампутираат без анестезија.

Ако на Обама му требаше одредено време да го одобри целосниот ангажман на САД за поддршка на бунтовниците во Сирија, му требаа денови и денови да ги одобри и воздушните напади врз Сирија по хемискиот напад кај Дамаск во август. Обама се сликаше како длабоко замислен чекори по тревникот на Белата куќа, како Хамлет кој внимателно на тасот ги држи недолжните животи на сириските цивили, жени и деца, кои од една страна умираат како муви гушејќи се од отрови како заложници на режимот на Асад, а од друга страна можат да загинат колатерално од американските воздушни напади. На крај, на Обама му беше доволен само еден ишарет од Русија за во целост да се откаже од операцијата, буквално два дена пред таа да почне. Се сеќавате на моментот кога Русија, отворено, без тајна дипломатија, пред очи на целиот свет, му понуди на збунетиот Обама шанса за излез, и тој ја грабна уште истиот ден, додека неговите советници и портпароли се уште даваа сигнали дека Асад брои ситно до моментот кога ќе му влезе томахавка низ прозорецот.

Значи да бидеме на чисто. Сегашната американска администрација прво одбра една страна во конфликт, ги одбра луѓето кои треба да бидат нејзини сојузници, а потоа на најбезобразен и кукавички начин ги изневери и ги предаде. Обама ги остави сунитските бунтовници на цедило од чиста политичка прагма, преплашен дека ќе му се случат протести доколку ја бомбардира Сирија и ја прифати излезната опција која му ја понуди Путин. Се разбира имиџот на претседателот Обама и на Џон Кери многу повеќе претрпе од тоа полукружно вртење на светската сцена, отколку што ќе претрпеше да ја бомбардираа Сирија како што најавија. Место да го гледаме младиот и доблесен Хамлет како се бори на страната на правдината, добивме сцена од Ричард Трети, со Обама во улогата на Лорд Стенли кој доаѓа на Босворт Филд ветувајќи дека со своите војници ќе се бори на страната на кралот Ричард, а потоа го напаѓа од зад грб.

Помоќните светски држави, како Русија и Кина, од ова извлекоа заклучок дека Обама е слабак кој не си стои на зборот, проценка која веројатно придонесе до тоа да го добиеме конфликтот во Украина. Лидерите на помалите држави и бунтовнички движења заклучија дека се работи за несигурен сојузник, на кого не смееш да се потпреш и на чиј збор и чие ветување на може да се верува (тука Црна Гора ќе биде интересен, а на нас близок пример за следење, откако неодамна сите пари ги стави на американската карта). Угледот на американската дипломатија и геополитичка моќ претрпе неверојатен удар, и прашање е дали воопшто ќе се врати. Па дури ни Британците бараат начин како да не му дојдат на помош.

Во таква ситуација, мала земја како Македонија, која се уште ја гради својата позиција на Балканот, а да не зборуваме во светот, мора да гази внимателно. Во моментот на обраќањето на претседателот Иванов Обама веќе ја напушти седницата. Неговите главни донатори се милијардерите од Њујорк (да не именуваме имиња), и секоја минута додека е во Големото Јаболко која не ја минува со нив го чини човекот пари. Со седницата во моментот заседаваше секретарот Кери. Дали, Мирке, мислиш дека на политичар на кого око не му трепнува што до лани со сета сила поддржуваше една страна во конфликт, а сега ја бомбардира истата таа страна, нешто ќе му значеше што добил укор од една Македонија? Викаш ќе речеше, by George, you are right, и ќе го викнеше Обама назад од коктел каде им се упикува на богаташите од Вол Стрит за да ја преиспитаат целата операција? Мислиш ли дека и Кирчнер својот настап го направи со цел да постигне нешто кај САД, или пак сакаше нејзините Аргентинци да подзаборават за еден ден дека пак се банкрот?

Иванов имаше сосема искрен и коректен став по прашањето на Сирија, во својот, за македонски претседател прв и историски, настап во Советот за безбедност. Од една страна, Обама вели дека знае што прави, сепак ги свика сите светски лидери лично да им го каже тоа. Македонија беше и лично сведок дека САД, кога нешто ќе наумат, знаат и да го истераат до крај. Досегашното искуство со овој килав американски претседател не ветува многу, но во отсуство на подобра опција Македонија ќе го поддржи колку што и се скромните можности. Потоа, претседателот Иванов јасно и прецизно кажа дека, во сендвич меѓу кризата во Украина и во Сирија, најдоброто нешто што Македонија може да го направи, е да тргне едно прашање кое ја кочи интеграцијата на Балканот, со спроведување на Времената спогодба и пресудата од Хаг. Со други зборови, го правеше тоа за што е платен, да ги застапува интересите на Република Македонија.

За мој вкус, претседателот малку отпојќе акцент стави на прашањето на Европската Унија, лично сметам дека целата поента на приклучување на сиромашни балкански држави кон ЕУ е прегазена од настаните во Грција (но, во ред, зависно од тоа дали ова го читате пред или по 8 октомври, приказната со ЕУ за Македонија можеби веќе е и завршена). Но, НАТО се уште претставува гаранција за безбедноста на своите членки (тука повторно морам да ставам ограда, дека е можно додека ја дочитате оваа колумна Русија веќе да е во војна со некоја членка на НАТО, а Обама да не прави ништо). Но, но, но, мислам дека се уште би било во интерес на Македонија да влеземе во НАТО, според Времената спогодба, или некој сличен договор со Грција. Од таа гледна точка, мислам дека претседателот Иванов ги застапуваше интерсите на Македонија.

Ако некој требаше да го каже тоа што Мирка би сакала да биде став на Македонија, тоа беше Ердоган. Оваа сериозна, голема сила, која има илјадагодишни односи со Дамаск, Алепо, чиј народ искрено и од срце жали за жртвите таму, по долго размислување реши да ги раскине врските со режимот на Асад и да го прифати американскиот став дека треба да се поддржат сунитските бунтовници. И Турција тоа очигледно почнала да го прави. И затоа, веќе со месеци читаме во американските весници дека, откако претседателот Обама покажа дека е вејка на ветрот и го смени сојузникот преку ноќ, бараат и Ердоган да го стори истото. Ердоган достоинствено става до знаење што мисли за американската политика, а во исто време внимава да ги заштити интересите на Турција, слично како што постапи и Македонија.

Но, еве, ако Иванов не е претседател по мерка на Мирка, тогаш Обама дефинитивно би требало да биде. Првиот американски претседател кој отворено вели дека ќе ја реализира песната на нејзината младост “Америка и Енглеска биќе земља пролетерска”. Ги казнува богатите, ги наградува сиромашните, ги повлече американските војници од Ирак, стави рок за повлекување од Авганистан, оди преку Обединетите нации... Сериозно, што повеќе би требало да стори за да добие позитивни оценки од убеден и принципиелен левичар како Мирка?

Обама не се замеша ниту во востанието во Иран во 2009 година, и како што гледаме, до последен момент одлагаше отворен американски ангажман во војната во Сирија, иако бунтот во Сирија беше голема шанса за САД. Земја каде режимот составен од алавитското и шиитското малцинство е главен сојузник на Иран во регионот, и им обезбедува а Иранците пристап до Средоземно Море, а има сунитско мнозинство од кое сериозен американски претседател би можел бргу да избере релативно солидна елита која по куса војна би преземало контрола врз проамериканска земја и би владеело на релативно демократски начин. Обама оваа шанса не ја искористи. Сме виделе дека САД знаат, или барем знаеа кога сакаат, да поддржат една страна во конфликт и со оружје, и со операција за градење на имиџот. ОВК ја научија да не пушта ликови како Хашим Тачи да излегуваат пред камери, туку луѓе како Ибрахим Ругова. Ги научија да најдат луѓе кои зборуваат англиски, изгледаат културно и светски, знаат да зборуваат различно пред различни публики. Сериозен американски ангажман можеше да го стори тоа и во Сирија, од една страна воено да обезбеди дека војната ќе заврши што е можно побргу, а од друга, политички, идеолошки и медиумски да ја изгради опозицијата до степен на прифатливост. САД тоа очигледно не го сторија, и решија да не се ангажираат. Откако од минатиот септември останаа без било каква надеж за американска поддршка, сунитските бунтовници решија војната да ја продолжат обраќајќи се за помош до сунитските нафетени емиратства, како и со стари, а проверени методи за влевање на страв во коските на непријателот кој ќе побегне кога на Twitter и Youtube ќе види што го чека.

Тука јас и Мирка имаме дијаметрално погледи на светот, јас, имено, не мислам дека американските интервенции се секогаш и секаде зли. Напротив, САД имаат извонреден успех со создавање на демократски држави буквално од нула (Јужна Кореја, Тајван), или од длабока тоталитарна негатива (Јапонија, Германија). Македонија многу истрпе кога американската интервенција во Косово создаде герилски банди кои се прелеаа и кај нас. Но, факт е дека денешно Косово е далеку постабилно и произведува далеку помалку дестабилизација во Македонија отколку што тоа го правеше Косово од 1980ите или 90ите години. Многу ми е подобро што се граничам со Република Косово отколку со САО Косово. За Босна немам никаква дилема дека ми е жал што САД не ја бомбардираа Србија многу порано. Ако, драга Мирка, знаеш фин и културен начин да се запре ЈНА да не го гранатира Вуковар, или да се демократизира Косово, без мртви и бомбардирање, кажи.

Мирка во секоја војна гледа американско потпалување. Мирка верува дека САД ја растурија Југославија. Јас сум на мислење дека општествениот систем на Југославија, кој не гарантираше приватна сопственост, претрприемништво и слободен пазар, а оттаму ни политички права и слободи, сам по себе е неодржлив и прашање на ден е кога ќе се урне. Такви уредувања имаа и Сирија, Ирак и Либија. Епилогот на овие земји е што тие се длабоко неодржливи, неспособни да ги задоволат потребите на своите граѓани, и како што гледаме денес, не е потребна Америка, доволна е една телевизија од Катар, или неколку куфери со пари од Емиратите, да се отпочне војна. Југословенската вмешаност во воведувањето на овие системи во неврзаните земји ја сметам за многу поголемо зло од било што што САД сториле за да го спречат ширењето на овој систем кон неразвиените земји од третиот свет, или што го направиле за да ги дестабилизираат социјалистичките режими, или пак да го менаџираат нивното распаѓање одвнатре (гледајте како без срам денешните српски власти склучуваат договори со арапски принцови да ја поддржат оваа или онаа страна во војната со ефтини калашњикови и лепат ордени на градите на оваа или онаа страна во палестинските бригади, за да видите жив пример за штетата која Југославија, и нејзиниот постар брат СССР, ја предизвикаа низ поранешните западни колонии). Да скратам, војната е гадна, шпионската работа исто така, двете страни прибегнувале и кон војни и кон дестабилизации, но едната страна тоа го правела за да промовира систем кој произведува благосостојба и лична среќа, а другата страна наметнувала систем кој звучи добро само на хартија, а во пракса гарантира војни, глад и сиромаштија.

Затоа, јас немам дилема дека во Обединетите нации, или во Советот за безбедност, Македонија треба да застане на страната на САД, од прагма или од принцип. Дотогаш, да се надеваме дека фолирантот кој успеа да биде избран за претседател на САД наскоро ќе биде заменет со некој возрасен, сериозен лик кој знае што прави. Какви што имаме дома на власт.

 

Цветин Чилиманов

Текстот е превземен без да бараме дозола од авторот и од порталот Јади Бурек, во насловот и поднасловот е причината за превземањето. 

Read 1986 times