ШТО СЕ СЛУЧИ СО ДЕНИСА?

На бродот „Серенисима“ или во превод бродот „Спокојство“, од кој, наводно во мугрите на 12 септември исчезна младата прилепчанка, од спокојството сигурно не останало ништо, откако капетанот дознал за исчезнувањето. Мистеријата што го обвитка тој настан, пред сѐ заради големите пропусти на капетанот во врска со него, по сѐ изгледа, засекогаш го изпади спокојството на тој брод, ако некогаш воопшто го имало. Она што најмногу загрижува во целиот случај е тоа што семејството на Дениса од самиот почеток на нивниот кошмар со право се сомневаат дека некој, некаде, заради нешто, сака случајот брзопотезно да го затвори како самоубиство, ако веќе не го затворил, нели, зашто никој не знае, што и како сработиле грчките Интерпол-истражители и дали воопшто отвориле истрага. Замислете, на секое прашање на семејството упатено кон нашето Министерство за надворешни работи (МНР) оттаму добиваат одговор: Не знаеме ништо, Грците не ни кажуваат!

Страшно. Ставете се само на миг во ситуацијата на родителите на Дениса и некој така да ви одговори во врска со вашето дете и ќе ја сфатите целата траги-комичност на оваа држава и нејзините институции кои треба да бидат елитни и ефикасни во секоја смисла. Па кој треба да знае? Баба ми? Имам неколку прашања за нашето МНР: Дали прилепчанката Дениса е македонска државјанка или државјанка на Того? Дали некој меѓу вас има грам мозок, одговорност и свесност дека агилноста, иницијативата и будноста во вакви случаи на исчезнување, може да бидат од пресудна улога за брзо расветлување на случајот и евентуално пронаоѓање на исчезнатиот? Дали некој од вас во МНР е свесен дека ваша обврска е да бидете константно во тек со секое нешто поврзано со случајот и редовно да го информирате семејството на исчезнатата за секои нови сознанија до кои ќе дојдете? Ваша должност е да го превртите секој камен и да ѕирнете во секој закон и секое ќоше или дупка во меѓународното право за да ги поттикнете или принудите властите на земјата каде се случил непријатниот настан, да отпочнат здрава истрага или доколку имаат пропусти во истрагата, тие по секоја цена да се исправат правовремено.

Тоа го прават сите министерства за надворешни во сериозни држави. Замислете, турското министерство за надворешни да им кажеше на родителите на заложниците грабнати од муџахедини на т.н. Исламска Држава: Немаме појма што се случува, никој не ни кажува! Напротив, тие со месеци работеа ко коњи за да ги пронајдат и ослободат. Погледнете што стана пред неколку години кога едно малолетно девојче исчезна во Шпанија пред очите на своите родители Британци. За кратко време цела Европа дозна за настанот и го бараа сите. Прочитајте за случаи на исчезнување во странска земја на Белгијанци, Холанѓани, Италијанци, Хрвати, нивните МНР-а од првиот ден трнувале во жестока акција и постојано дишеле во вратот на истражните органи во земјата каде исчезнал нивниот граѓанин. Само нашиве поим немаат. Они се од друга планета и тоа античка, а тоа што во неа ништо не функционира, помалце важно.

Ама затоа нашето МНР е страшно агилно кога во странска земја, за поседување или дилање дрога ќе заглават во притвор деца на функционери од власта. Тогаш прават сѐ да го извадат деликвентот од притвор по секоја цена, па дури и да заглавил кај Грците. Тогаш знаат да им се упикаат, да бидат во тек со нив и да соработуваат. За децата-битанги на вашите функционери и политички ментори, ќе кукате, ќе молите, ќе подмитувате, ама за некоја си таму Дениза од Прилеп која отишла да работи на брод зашто маката ја натерала, нема потреба да се заморувате со нејзината судбина, нели? Си има родители така, они нека се грижат за тоа што ја снашло. Башка муабет што семејството само е немоќно да преземе било што, зашто дури и да ополномоштат адвокат кој ќе ги застапува пред грчките истражни органи, тој мора да биде Грк, а тоа чини многу пари. А каде се останатите трошоци кога би ангажирале приватни истражители?

Додуша, се зборува тек-тук дека од нашето МНР презеле некои активности во врска со случајот, ама по она што му одговориле на семејството изгледа, тоа е далеку од доволно. Она што треба да го направат е да побараат да се отвори итна и транспарентна истрага за случајот. Прво, да се лоцира областа во која пловел бродот во она време кога се смета дека исчезнала младата прилепчанка и да се викнат нуркачки екипи да ја пребараат областа доколку е тоа можно. Потоа да се направи распит со сите кои биле на бродот, а ја познавале, оти само некој кој ја познавал може да даде информации за неа, во каква психичка состојба била и со кого најмногу го поминувала времето во тие последни денови пред нејзиното исчезнување. Дали имала непријатели или конфликт со некого? Може некој нешто и видел или има претпоставка за она што ѝ се случило и тоа мора да се испита и провери. Мора да се побара што побрзо детално да се испита кабината во која била сместена во обид да се најдат материјални и биолошки траги и докази кои евентуално би ги упатиле истражителите во насока на расветлување на случајот. Треба да се побара од грчките власти да направат уште многу нешта, ако се земе во предвид дека капетанот, намерно или не, направил големи пропусти во процедурата предвидена за такви случаи. И секако треба да се бара да го притиснат капетанот. Ако го најдат. Зашто бродот веќе ита кон неговата родна земја Русија и тешко е да се верува дека Русите би презеле нешто поконкретно во врска со тој случај.

А капетанот секако нешто знае. Така интуирам. Сосема е во ред што прв им се јавил на родителите на Дениса да ги извести за настанот, уште пладнето на 12 септември, но она што им го кажал било многу сомнително. Рекол: Вашата ќерка падна во вода! Како падна? Од невнимание или ја турнал некој? Никој не знае. Има многу двосмисленост во тој исказ: ПАДНА ВО ВОДА! Набрзо по неговото јавување почнале да стигнуваат и информации дека девојката сама скокнала, иако за ниту една од тие претпоставки официјално нема сведоци да ги потврдат или отфрлат. Од каде тогаш капетанот знае дека паднала во морето. Од каде се претпоставува дека се самоубила ако никој не ја видел? И зошто би се самоубила кога отишла да работи на брод за да спечали и да има за подобар живот? Никој не заминува на печалба за да се самоубие, туку зашто има надеж дека еден ден подобро ќе живее ако се снајде и спечали многу пари. Кога нема труп и сведоци, како може да се тврди дека се работи за самоубиство? Така се добива впечаток дека грчките власти што побрзо сакаат да го затворат случајот како самоубиство. Треба да се знае дека од 2000 година до денес има преку 240 случаи на мистериозно исчезнување на луѓе од бродови, кои релативно брзо се затворале како самоубиства или несреќни случаи. Ниту еден не е заведен како убиство или киднапирање, иако и наши луѓе кои работеле на бродови со 4000 патници потврдуваат дека убиства се случувале понекогаш. 

Навистина, од каде тој пребрзан заклучок на еден сериозен човек, па уште и капетан на брод, дека негов член од екипажот паднал во вода кога никој не ја видел. И прашање е дали е точно тоа што им кажал дека нивната ќерка исчезнала во мугрите на 12 септември. Што ако не е тогаш исчезната, туку порано? Нејзините со неа последен пат се чуле пет дена претходно, на нејзиниот роденден. Со кого разговарал капетанот, па бил толку сигурен за времето на исчезнување? Штити ли некого и зошто?

Некој секако треба да даде одговор на многу прашања. Зошто капетанот веднаш не го закотвил бродот кога дознал за исчезнувањето или да го врати во областа каде претпоставувал дека паднала девојката, да пушти чамци за спасување и да ја бара, откако претходно ќе сигнализира за дополнителна помош и ќе повика полиција? Зошто не се викнати нуркачки екипи? Дали воопшто до сега е организирана било каква потрага по девојката во областа кадешто се претпоставува дека паднала? Зошто капетанот продолжил да плови до најблиското пристаниште, па дури кога стигнал, го пријавил случајот? Зошто камерите на бродот не работеле, кога е тоа дел од процедурата за безбедноста на патниците? Зошто кога дошла полицијата сите патници и членови на екипажот се пуштени без никаков распит? Направено е само кратко сослушување на капетанот и два-тројца офицери. И толку. Не се знае ни дали постои записник од работите кои ѝ припаѓале на Дениса. Гарант не е проверено дали нешто од нив недостасува, нешто што во одредена ситуација може да се покаже дека е од голема важност за случајот. Личен дневник, писмо или некаква фотографија. Што знам јас. Ама за тоа да се провери пак треба да се разговара со некој што бил близок со неа на бродот или со нејзината цимерка ако не живеела сама во кабината. Наместо тоа, некој, не се знае кој ѝ ги спакувал стварите во куфери и ги пратил по некој Македонец од бродот, да ги однесе кај нејзините родители. За кабината во која живеела, исто не се знае дали е детално истражена. Без врска. А бродот во меѓувреме продолжил непречено да плови.

Премногу прашања, а одговори никакви. Сето тоа, од целиот случај направи мистерија. И да биде болката на родителите уште поголема, нашите надлежни органи кои треба да поведат иницијатива, се однесуваат крајно игнорантски и нетранспарентно во врска со случајот. Ако навистина не знаат ништо зашто грчкиот интерпол не ги информира, треба под итно да реагираат, а не да дремат ѓоа леунки со банално оправдување дека Грците ништо не им кажувале. Во тој случај, Грујо може комотно да стави катанец на МНР и сите да ги прати за амбасадори во Казахстан или да ги прати дома, секој во својот стан. Затоа целата македонска јавност мора да ги притсне да се разбудат, оти секој полицаец што работи на истраги на исчезнати лица ќе ви каже дека најважни се првите 72 часа, а нашиве нив изгледа ги преспаа во длабок сон. И мора да сфатат, а тоа можат пак да им го кажат истите полицајци, дека се одговорни да бидат во постојан контакт со семејството на девојката и да го информираат за текот на истрагата, доколку ја има. Оти, ќе повторам, тоа не го знаеме.

Најпосле, некој овде мора темелно да се позанимава и со многу други нешта поврзани со одредени дубиозни агенции кои на нашите млади луѓе им нудат работа по бродови. Мора да извршиме силен притисок на власта, зашто сите сме родители и далеку било, секој од нас може да го снајде она што ги снајде родителите на Дениса, а од тоа пострашно нема. Да не знаеш каде е и што се случило со твоето дете. А Дениса? Да веруваме дека е жива и здрава и дека многу брзо ќе се појави на прагот на својот дом, за сама да ја раскаже својата приказна.   

Сашо Тасевски 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на КОТЛЕ1

Read 21210 times