ЗОШТО СЕ УБИВААТ МАЛЕРДОНЦИТЕ

Во Малердонија се пука, се растура. И се гине вистински. Како тргнало од април годинава до сега, секој месец се случува двојно убиство, обично зачинето со самоубиство на оној што претходно убил двајца. Оние кои убиваа, а потоа се самоубиваа претежно беа отфрлени љубовници, ама се убиваше и за пари. Еве месецов имаме два одделни случаи на двојно убиство кои се случија во период од само десет дена, а пред два дена имаме и убиство на старец за долг од 1000 денари. Цепки. Цената на животот во Малердонија е толку девалвирана што наскоро Малердонците ќе се убиваат за невратен кусур во некое гранапче, за ред на каса или за „мој термин“. Убиства за паркинг место во Малердонија имаше уште пред пет-шест години. Тоа е утврдена лекција, а испитот е положен со десетка.

Уште ако се земат во предвид сите наизглед од ништо не предизвикани самоубиства кои ја заплиснаа Малердонија во последниве десет години и ако се земе во обѕир староста на самоубијците кои најчесто се на возраст меѓу 18 и 35 години, состојбата е повеќе од алармантна, да не кажам заебана. Неколку десетици млади луѓе завршија неславно со скок од тераса, пиеја солна киселина или бокал апчиња, се обесуваа на лустер, дрво па дури и на квака од врата, а некој си пукаа во главата со пиштол, начесто во сопственост на нивни близок член од семејството. Инспектори од одделот за убиства и самоубиства раскажуваат дека имало и такви, кои несакајќи завршувале трагично во желба што посилно да ги самозадоволат своите сексуални апетити, па ги наоѓале самозадавени со прслук или синџир околу вратот, додека во рака уште си го држеле надрвениот јунак или пак ако биле девојки, прстите им биле всадени длабоко во напатеното и осамено љубовно гнездо. Ненамерно предизвикана смрт од асфиксија. Ама сега зборуваме само за оние намерно предизвиканите, оти да се пишува за совремниот сексуален живот на Малердонците, особено оние младите, потребни се месеци, а и добар желудник.

По повод заразата од двојни и поединечни убиства која ја заплисна Малердонија, премудрата министерка на малердонската полиција, причинителот на таа зараза го лоцираше во импулсивната природа на поединци и нивниот испајпузен табиет. Најсигурно е кога вината ја сноси поединецот. Така се амнестираат сите останати и целото општество. Општеството според таа необично мудра министерка не може да биде генератор на болести и насилство, туку сите тие гомнарии потекнуваат од главата на поединецот. Нели, сите не убиваат, иако живеат во исто општество, исто како што сите не ги фаќа дрскајца ако јадат од иста, подуена салама. Само преумната министерка заборави да одговори на прашањето, зошто сѐ повеќе поединци пукаат прво психички, а потоа и со огнено оружје одземајќи десетици невини животи? Зошто во последниве години бројот на оние на кои им пука психата, а потоа пукаат за да убијат, се зголеми неколукратно? За тоа родољубивата суперинтелигентна министерка молчи.

Иако не верувам дека е дарвинист по убедување, ако се земе во предвид нејзината демохристијанска ориентација и религиозната предаденост кон Бога и црквата, таа сигурно знае дека човекот има способност брзо да се прилагодува на новонастанати услови и ситуации кои не се баш пријатни за неговиот опстанок, а кои се случиле релативно неочекувано. Таа способност била пресудна за нашиот род да опстане до ден денешен. Најсмирени и одлично социјализирани луѓе во услови на војна, за кратко време станувале сурови убијци. Со кој си таков си или подобро, кај си таков си. Ако живееш во свињарник, мора да цапнеш во гомна, инаку си готов, порано или подоцна. Ама свињарникот во кој живеат Малердонците, итрата министерка нема никогаш да го спомене, зашто е свесна дека активно учествува во неговата изградба и неговото секојдневно опстојување. Би било лудо од нејзина страна да признае дека во Малердонија полека станува невозможно да не се цапне во лајната.

Малердонското општество од година во година станува сѐ попримитивно и понасилно. Насилството стана стандард за владеење и стандард кој мора да се почитува за да се успее во животот. Во еден таков трагичен контекст каде образованието е опустошено, семејството разбиено, сиромаштијата галопирачка, а државата корумпирана, насилството станува modus vivendi, а со него цвета и примитивизмот со сите негови препознатливи карактерситики: фанатизам, верско лудило, убеденост во сопствената непогрешливост, непочитување на оние со поинакво размислување, егоманијакални идеии, илузии за величина, опсесивна наклонетост кон кичот и продукција на разни кич-митолоии.

Сѐ на сѐ, во такви околности, кога општествено-политичката сцена во Малердонија е окупирана од примитивци и насилници, не може да се очекува ништо друго освен простотија и силеџиство, недоверба и отуѓеност, несигурност и страв. Страв за сопствениот живот, за животот на своите блиски и за иднината. А иднината на Малердонците не ми се чини светла. Ја гледам кристално јасно и не е многу поразлична од онаа што ја гледа Леонард Коен: I’ve seen the future baby, it is murder или пак онаа што ја замисли писателот Ентони Барџис во својот роман Пеколниот портокал: Сакаш да го видиш светот во иднина? Тогаш замисли како војничка чизма гази по човечко лице.

Малердонците и Малердонија се многу блиску и до едното и до другото сценарио. Убиства и чизми кои газат по нечие лице. Примитивците налик на онаа генијална министерка за полиција, со своето насилничко однесување ги национализираа душите на Малердонците, им ја исклучија совеста од струја, ги втрунаа во сурова борба за опстанок и најпосле ќе ги остават да се удават во сопствените гомна, откако претходно ќе ги препродадат заедно со целото нивно вековно наследство, пошто-зошто.

Општеството и поединецот отсекогаш се во тесна корелација. Какви поединци такво општество, ама и обратно. Често поединците се слика на општеството во кое живеат. Кога општеството е втемелено на неморал и бруталност, поверојатно е дека ќе испили повеќе убијци отколку светци Убиствата кои веќе секојдневно се случуваат околу нас се само рефлексија на тој, од државата промовиран примитивизам којшто ја убива душата и совеста на секој поединец, а неговиот живот го сведува на животински инстинкти и нагони. Множи се, работи, троши, јади, пиј, шетај, слушај, плаќај, молчи... Молчи и умри. Ако не умреш, сигурно ќе се најде некој да те убие. За златен ролекс или за илјада денари. Кој што има.

Сашо Тасевски

Read 3223 times