Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ЛАЖНИТЕ ПРОСЛАВИ НА ЛАЖНАТА НЕЗАВИСНОСТ

12.09.2010

Некој константно и темелно брише секаква автентична трага од автентичните борци. Некој константно ја релативизира независноста на државата. Зошто? Многу едноставно – за да си ја избрише нечистата совест и (денес) лошата меморија дека во клучното време тој или тие биле на спротивната страна од идеалите на својот народ

Штотуку го прославивме Денот на независноста на Македонија по 19-ти пат и штотуку заборавивме на тоа (во Македонија, имено, тој пресуден историски настан се спомнува исклучиво на 8-ми Септември), а мене повторно ме фати јанѕата која 19 години по ред ми го превртува стомакот пред секоја „прослава“. Да ве прашам, имено, кој ја осамостои Македонија? Кои беа вистинските борци за независност? Ги знаете ли? Има ли некаков споменик за тоа? Како државата ги валоризира тие луѓе? Слушавме деновиве еден чуден и прилично понижувачки однос при медиумските одбележување на Празникот. Главно, тоа била славната „генерација“ која во тоа време „се заложила“ за македонската независност. Види, богати, цела една генерација да ти била ем вклучена ем се заложила. Интересно, нема што. Тука нема што многу да се мисли – 19 години по ред во државата ни Македонија на дело е постојано и смислено омаловажување и релативизирање на вистинската борба за независност и на вистинските протагонисти.

Против македонската химна

Зошто е тоа така, ќе ви кажеме на крајот. Ајде прво да се потсетиме малку на заложбите на „славната генерација“ борци за независност. Деветнаесет години и не се пак толку долг период за да се избришат од сеќавање главните настани од тоа време кога се оствари вековниот сон на Македонскиот народ, а и ние сме далеку од тоа да бидеме сенилни.
Прво, тогашната (единствена) владеачка партија, сосе заднинските мрежи на црвената буржоазија, пројугословенското население, удбашките агентури, кодоши, армијата – сето тоа нејќеше ни да чуе за македонска самостојност. И не само тоа, целата таа структура активно вршеше пропаганда и застрашување на населението со војни, апсења, бркања од работа, семејни притисоци и слично.

Во самиот Парламент ќе останат трајно запишани антимакедонските истапи на СКМ-ПДП, подоцна СДСМ. Замислете, не сакаа да се свири Македонската химна, туку југословенската, сликата на Тито не смееше да биде отстранета, а како некаква компензација, се согласија да се постават две смешно мали слики од Гоце Дечев и Никола Карев.

Најсрамниот чин

Сепак, најсрамниот чин што таа партија го направи, а кој ќе остане документиран за вјек и вјеков, е фактот дека вечерта по успешниот референдум за самостојност, кога народот зеде еден голем здив слобода, ниту еден нејзин припадник не дојде на свечената бина за да прослави. Барем беа доследни – не сакаа независност и не сакаа да слават. Телевизиските слики говорат – убаво се гледа кој слави и кој пее на таа набрзина скрпена бина. Десетици и стотици генерации во иднина ќе ги гледаат тие слики. Во нив нема ниту задник од „државотворната“ партија.
Под сите пројугословенски притисоци, првичната опција на раководството на ВМРО- ДПМНЕ, на чело со шутрак-војводата и патологизираната стара мома, беше заложбата за конфедерација. Но колку што тоа раководство беше контролирано од тајните структури, толку имаше и спонтана, искрена и фуриозна енергија за самостојност меѓу огромниот број нејзини членови. Откако увидоа дека таа сила не се контролира, ја прифатија опцијата за независност. Но – „откако“. Покрај Парламентот, во кој поединци од ВМРО-ДПМНЕ и некои независниот пратеник Тодор Петров водеа жестока битка против пројугословенските сили, многу специфична и многу значајна битка се водеше во медиумскиот простор. Во тие времиња клучен
момент беше да се одржи јавниот дух и вербата дека Македонија може и треба да биде самостојна.

Духот на јавноста и Кљусев

Наспроти пропагандната антимакедонска машинерија зад тогашните државни медиуми, во јавноста се издвои само една мала група новинари и интелектуалци кои отворено застанаа зад идејата за независност. Преку краткотрајните егзистенции на „Глас“, „Епоха“ „Република“, „Република 7“ таа група сепак успеваше да одржи не само рамнотежа, туку и убедливо да влијае врз населението во полза на независноста. Овде мора да се каже дека еден дел од таа групација подоцна отворено застана на пробугарски позиции, така што автентичните македонски дејци тука можат да се избројат на прсти. Се сеќавате ли на некој од нив? (Само да спомнеме дека еден од членовите на изворната редакција на „Глас“ беше најден обесен, наводно
самоубиство).
Сета оваа атмосфера го инспирираше тогашниот премиер Никола Кљусев да ги преземе клучните операции против ЈНА со кои се даде на знаење дека Македонија е подготвена да се бори. На чело со сега веќе легендарниот „патриотски дел на МВР“ беа извршени повеќе упади и акции – на пример одземањето на воената евиденција со што се оневозможи Македонците да бидат регрутирани во ЈНА. Најбитен тука е фактот дека Македониај покажа волја, моќ и храброст да се бори по секоја цена за својата независност. ЈНА беше соочена со фактот дека не може да ја добие таа евентуална војна, бидејќи во тој случај би војувала на три фронта. Слава му на Кљусев, слава им на патриотите од тогашното МВР!

Елиминација на автентичните борци

Сега, лошите вести. Речиси никој од тие луѓе денес не е на некоја раководна позиција, а сите се релативно млади. Елиминирани се и маргинализирани по разни основи и под разни околности. Луѓето кои бе подготвени да го дадат својот живот за независноста се избришани од можноста да и се израдуваат на таа независност. Ист е случајот и со другите клучни протагонисти на осамостојувањето.
Некој константно и темелно брише секаква автентична трага од автентичните борци. Некој константно ја релативизира независноста на државата. Зошто? Многу едноставно – за да си ја избрише нечистата совест и (денес) лошата меморија дека во клучното време тој или тие биле на спротивната страна од идеалите на својот народ.
Погледнете ги партиите денес – ниту една од нив во своите не само први, туку и втори и трети ешалони нема автентичен борец за независност. Тоа не може да биде случајност, тоа може да биде само систем. Елиминирај, маргинализирај, замолкнувај. Знаете како: за една држава клучен настан, историски меѓник, алфа и омега за сите времиња е нејзината самостојност и битката за самостојност...дозволете и борците за самостојност. Нема поголема вредност за државата од тоа, а сите ние се уште живееме во свет во кој самата држава е една од врвните вредности.
Дали некој се плаши од тие луѓе? Сигурно да, бидејќи тој некој добро знае дека се работи за автентични некалкулантски патриоти, кои независно од партиите, го прифатиле внатрешниот повик на Татковината и кои ни оддалеку не го правеле тоа за да добијат бедни функции и бенефиции. Тоа на денешниве партиско-државни првенци по се изгледа не им е јасно. Не им е јасно што значи историско достоинство на борбата за независност. Се додека оваа држава не најде начин вистински да го валоризира тоа време, нема да може на вистински начин да прослави Ден на независност. Не заради друго, заради генерациите кои идат.


Константин Леонов