Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ЦРВЕНАТА БУРЖОАЗИЈА 2

 05 септември 2010  

По доброволното предавање на власта од страна на шутракот (Љ.Г.) на гробарот (Б.Ц.) во 2002, сега црвената буржоазија имаше една главна задача во рамките на стратегијата. Како, имено, да се остане што подалеку од членство во ЕУ, ама тоа да не се забележи, дури ни од европејците. Членството во ЕУ значи расчистување со криминал, крај на олигархиите, реформи во судството, во полицијата, во економијата (бог да чува!) – со еден збор невозможност за натамошно испреплетување на свинските црева, како што не научи транзицијата Тоа збачеше непречено натамошно владеење на потомците на буржуите произвеени од опинок.


И натовци и антинатовци

 [Image: otan-e-terra-thumb9041672.jpg] 

И тоа им успеваше прилично, мора да се каже. Еден чекот направи напред, два назад. СДСМ балансира врз небиднината на македонскиот народ. Ни трага од економија, наместо по еден вработен од секое семејство, уште повеќе безработица. Сиромаштија, и тоа каква. Во меѓувреме, црвената олигархија толку се засилува и се чувствува безбедно, што почнува да го „враќа“ дел од украдениот капитал во Македонија, но како странски инвестиции со оф-шор заднина. 
Деновиве, со уши начурлени и очи ококорени слушаме и гледаме дека имало опција Македонија уште во 1995 да влезе во нато како БЈРМ, со бранот земји од Источна Европа. Аха, да, сигурно...лангзам малку браќа натовци, довчерашни непријатели, чекајте малку, „приватизација“ да извршиме, да ја „подготвиме“ државата, да го „реформираме“ општеството и граѓаните – да ги ошуриме како опарени кокошки, та потоа на ваша трпеза ќе ги понудиме. 
Види, богати, една деценија подоцна, откако ја исплевија жална Македонија, се пројавија како најголеми поборници за влез во НАТО. Море, не име -- и газот ќе го дадат, знаејќи дека тоа членство ќе оневозможи било каква ревизија на приватизацијата. Видете, ние ич не сме одушевени од влез во НАТО и ЕУ под услови кои ни ги наметнуваат, ама ако тоа ги спречеше да не опустошат како жолти мрави, и аферим ќе кажевме.


Аjде сега, Грујо, да те видам


Конечно, зададен е еден од последните удари – приватизација на ЕСМ. Нема веќе толеранција и чекање. Има да плаќате зголемени сметки за струја, па дури и кредити ќе земата за да ги плаќате. Бучковски пресреќен ...се зборува дека тој стои зад фирмата преку која се вфршата вработувањата во (сега) ЕВН. Ама изгледа и на некој од актуелната влада му имаат пуштено висока волтажа во џебот. Како инаку да се објасни невидената рамнодушност кон пљачкосувањето што Австријците апла им го вршат на граѓаните: камати, заостанати долгови од пре 2005, улично осветлување...Колку ли ќе трпи овој народ?
Ајде, дојде и лето 2006-то. Народот уште еднаш ги покоси на избори. Тука веќе беше точката на прелом. Или нешто ќе почне да се менува во оваа држава, или маф е работата. Груевски, со избричената ДПМНЕ, добро го знаеше тоа, и богами почна да делка. Малку му треба на овој народ за да поверува – ајде уште едни вонредни избори во 2008 и уште поголема победа. 
Ајде сега, сине Грујо да те видам. Кај се резултатите? Во ред, има многу реформи, ама тие реформи им донесоа толку давачки на граѓаните, што душа им извади. Давачки има, примачки нема. Во ред, се подисправија земјоделците, ама па и другите треба да живеат, зарем не? Разбираме дека субвенциите на земјоделците треба да се пумпаат до приемот во ЕУ, но што бидува со животниот стандард? Паѓа, Никола, како камен во вода! Економска криза велиш. Бре анасана, ами пред економската криза да не нешто се подобри животот? Градиш велиш. Аха, убо, бе, гради, ко ќе нагрнат гладните еден ден, ќе ја изгризаат и бронзата и мермерот од спомениците. Убо е и тоа да има споменици, да ја разубавиш метрополата, нема шо, ама де почуј ги писоците од Галичник до Секирник. Срозени луѓе, уништено достоинство – да не можат сметките да си ги платат бе, ало. Или свести се, или...!



Море, лустрација



Еве што му се случува на Груевски. Со години не гњави лустрација ќе воведувал (црвенобуржуите претходно го инсталираа првртливиот ноторен лажго Стојан Андов да ја води таа операција....право во пропаст), ама те вакви пречки, онакви пречки...ништо од тоа не бидува. Последно што дознавме е дека речиси една година Министерството за финансии не и дозволуваат на Комисијата за верификација на фактите да формира стручна служба, која ќе им помогне на лустраторите да ги проверат изјавите на јавните функционери за евентуалната соработка со тајните полициски и армиски служби. Министерството за финансии не дава пари за лустрацијата!

Оти бе не дева? Нели други ви прават пречки. Ја, да си го провериш тоа жолто банкарче од Светска банка што ти води финансии, а Никола? Или, веќе си го проверил? Веќе 4 години си на власт, а лустрација не си спровел, кодошките структури се уште жарат и палат. Види, малку е сомнително ова, знаеш.
Од почетниот уплав што црвената буржоазија го беше добила по стартните реформи 2006-та, сега богами, како што изгледа, на пат се и тебе да те стават под контрола, да одиграш симултанка за нив. Не велиме дека си нивни човек, но едно да сфатиш – додека таа мрежа не се испокине во парчиња, ништо не бидува од Македонија, а и име ќе те натераат да смениш. Потоа, бери колај, момче младо.


Уште малку за шутракот


Во меѓувреме, шутрак-војводата беше да ти исчезнал по белосветски лагери. Како и секој новопечен буржуј, т.е. „просечен бизнисмен“, само парите не му ги чепкај и се ќе ти „учини“. Ќе речете, абе ти ај збори, ама тој стап не го боли, се нафатира и сега ужива. Видете, вака да ви кажам – а дали сте сигурни дека тој ужива? Ја помислете зошто тој толку се ака по светов, а? За да може слободно да шета по улица, бе браќа. Тој овде е осуден, не смее до соседна трафика да појде без три-четворица горили, а знаете ли колку е тешко тоа да не можеш да бидеш сам со себе ни секунда. Па тој е болен од желба слободно да прошета по македонска улица сам, слободно да застане со луѓе, да купи сладолед, ама проблемот е во тоа што барем 3,5 од 4 души со кои би застанал во најмала рака би го плукнале.
Затоа, се скита како слепа кучка низ светот со украдени пари, во потрага по еден слободен здив, ама нема да го најде. Народот го презре, и откако несудениот визионер го сфати тоа, реши да му плука лице на народот -- цело ВМРО било бугарофилско. Лажеш, продадена душо, бугарофили беа тие околу тебе, а се што беше чиста македонска опција, заедно со патолошката дебела дама го елиминиравте од врвовите. Болен си, шутраку, неизлечиво болен.



Мрежата


Како и многумина други, црвенобуржуите го користат сега како пионче во играта за промена на името, следејќи го првичниот договор да не му ги чепкаат парите, а тој ќе им врши услуги.
Видете што ви прави црвената буржоазија сиве овие години на самостојност. Прво, асално не почувствувавте што значи тоа да се има своја, вистински независна држава. Прво ве плашеа со независноста, па со југословенските војни, со блокади, со проблеми со Албанците (тоа им е константен адут), со бугарофилија, со приватизација, со лажна војна во 2001, те приеми во НАТО и ЕУ, економски кризи, лустрации, терористи-вахабисти, те Грција-Бугарија-Србија, те МПЦ-СПЦ и Вранишковски, те секојдневни нови „афери“ и црни вести за да ви го одвлечкат вниманието...
Името. Абе ајде! Какво име, море!? Со години го држат населението под стрес, оти името сакале да ни го сменат. Никој не може да го смени името, тоа е невиден нонсенс, никој не може да преименува народ, ако народот не го дозволи тоа. Јасно е дека нема да дозволи, но проблемот е што со тоа го дефокусираат истиот тој народ од вистинските проблеми – од бедотијата, материјална и духовна, од грабежот. Греота.

[Image: 37199561_nashe_zoloto.jpg]

А бе, вие луѓе, сфаќате ли дека сте ограбени како идиоти! Кој ве ограби, бе?! Прво и основно е да го знаете тоа. Цела една мрежа паразитски ве исцица и ве остави да пцовисувате со години и децении. За ситна работичка и платичка со месеци клечите пред партиски штабови, пресреќни ако ве погледнат медиокритетските партиски војници. Колку тажно е тоа. Цел еден народ е претворен во заложник и извор на животна енергија за паразитската структура која со децении фрла лопати врз гробот на оваа држава. Роса не ги роси. Уживаат во благодетите што вие им ги овозможивте, доволувајќи да бидете заслепени и манипулирани како овци.
Ви велам, не ја искинете ли таа мрежа, Македонија нема да ја биде никогаш, сите ќе останете заплетани занавек, како морничав спомен за тоа како еден народ не беше способен да се одржи и зачува. Застанете еднаш лице в лице со таа црвена банда, денес премачкана со сите бои, во сите опции, застанете и спречете ја оти живи ќе ве изедат.
Честит нека ви е 8-Септември, Денот на независноста!


Константин Леонов