Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

Седницата на ААВМУ пародија со лаичка интерпретација на закон

 

Последната седница на ААВМУ, даде вистинска слика како функционира едно балканско регулаторно тело од ендемски вид, вистински западнобалкански актери, подговетни за влез во ЕУ. На оваа седница се разгледуваше барањето за одземање на дозволата на телевизија ТВ 24 Вести, каде низ документи и цитати од законот се укажува на што агенцијата не реагирала и не исправила цели пет години.

И наместо наводите да се разгледаат сериозно, особено документите од Централниот регистер, кои укажуваат како сопственикот на ТВ 24 Вести, иако е странска компанија,  има фирма која се припоила на кабелскиот оператор Роби, со што се создала недозволена со закон, медиумска концентрација, првите луѓе на ААВМУ прво го исмејуваа барањето.  Потоа му се налутија на членот на Советот Зоран Фидановски, кој не мислеше како нив, дека треба да се занемари законот и да му се верува на фамозниот сопственик, кој дал изјава дека нема недозоволена концентрација на сопствеништво.

– Имам добиени одедени сознанија, еден дел се објавени на интернет, но и сознанија добиено вербално, кои ми отвараат дилеми за евентуална поврзаност на сопственикот на радиодифузерот со одредена фирма преку одредена дејност, која може да создаде медиумска концентрација или да има недозволена поврзаност со компанија која остарува во Македонија, изјави Фидановски, кој се посомнева дека оваа состојба трае подолго време, во континуитет.

На ова следеше прекор од директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, кој реагираше зошто Фидановски се дрзнал да се соменева.

– Што е тоа што тој се воздржува од гласање заради нарушување на односи со барателот? Што ако сите седум члена на Советот не сакаат да ги нарушат односите и не сакаат да гласаат и да не донесат одлука? Тогаш нема да функционирате како Совет?! Изземањето по одредена точка  се однесува кога има судир на интереси. Ако постои судир на интереси, ние до сега не сме информирани дека имате било како заеднички бизнис, роднински или било каков однос со подносителот на ова барање за да бидете иземени од гласањето, рече Трајчевски.

На ова Фидановски беше принуден да се правда.

– Немојте да инсинуирате дека јас имам некакви бизнис или други интереси со подносителот на барањето.  Има информација, господине Трајчевски, сега да бидам малку поконкретен, се однесува за фирма која се вика Аикол и којашто во 2014 година остварила добивка над половина милион евра во Р.Македонија, а чиј сопственик, како што мене ми е кажано, е истото лице кое е сопственик на фирмата регистрирана во странската држава, која е сопственик на радиодифузерот и која фирма Аикол после тоа е интегрирана во Роби ДООЕЛ, објасни Фидановски.

Ни ова објаснување не беше доволно. Претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, примарно беше разочаран што нема едногласност меѓу членовите.

– Мене она што ме загрижува, што сакав да биде, што очекував е да имаме едногласен став. Многу го почитувам она што го кажаува Фидановски, навистина ме загрижува тој тоа што го кажа. Јасно ми е дека ако одиме вака нема да имаме едногласен став. Не може секогаш сите идеално да се сложиме, да имаме ист став, да биде чиста работата, кажа Петрушевски, кому не му беше важно дали има сериозни индикации за кршење на законот, како основа за поведување на постапка за одземање на дозвола за работа.

На Петрушевски  поважно му беше дали барањето на подносителот е административно во ред, па како што рече „нема основа што да се разговра за некаква недозволена медиумска концентрација“.

Еден од членовите, Милаим Фетаи, дури смета нема што Советот законски да се осврнува на медиумската концентрација (иако тоа им е законска обврска), туку поважно е да се грижат медиумите да понудат квалитетни содржини.

– Повеќе сум концентриран, а и ние како регулатор треба да се концентрираме на тоа што медиумиот како програма произведува и што емитува до публиката и во таа насока ние ги имаме нашите мониторинзи и сето тоа. Јас не се замарам со ова, го поддржувам она што е предложено од стручната служба, кажа Фетаи.

Инаку, стручната служба предлага да се отфрли барањето за одземање на дозоволата, бидејќи е неосновано, односно нема недозволена медиумска концентрација, при тоа, комплетно игнорирајќи ја тековната сосојба, како документ, која укажува на спојување на компанија на австрискиот сосптвеник на ТВ 24 Вести во Македонија со кабелскиот оператор Роби, што е недозовлено со закон. Директорот Трајчевски дури лаконски ги отфрли сите наводи, бидејќи ААВМУ, како што рече, „постојано проверува дали има медиумска концентрација.“ Дури, беше лут дека не сите членови сакаат да преземат одговорност за некои одлуки на Советот.

– Ова е буквално вртење во место и несакање да се преземе одговорност. Прво, сите членови на Советот, по законот сте експерти и ја познавате материјата одлично. Што дополнително треба да ви објаснуваме, за да ви сатне јасно?!, луто реагираше Трајчевски.

Токму поради тоа што сите се експерти во бласта, како што рече Трајчевски, членот Зоран Фидановски сакаше да се воздржи од гласање и со тоа огради од донесување незаконска одлука, на што  му е нафрлија некои од неговите колеги.

Сепак, кога седницата почна да добива тек на пародија, за да се смират страстите, а претседателот Петршевски да го добие посакуваното „идеално едногласие“ , беше најден компромис во предлогот, сепак по службена должнст да се испита медиумската концентрација за ТВ 24 Вести.

-Олеснителна околност да одлучите по оваа точка, еве ние по службена должност повторно ќе  испитаме дали постои недозволена медиумска концентрација со повторно барање од австрискиот регистер на сопственичката струкура на компанијата сопственик, рече Трајчевски.

Додека ААВМУ ќе испитува, ММС веќе објави документи и други докази, кои потврдуваат медиумска концентрација и деловни врски  на сопственикот на  ТВ 24 Вести и кабелската телевизија Роби . (линк од сторијата http://mms.mk/news/балканска-медиумска-индустрија-mакедонски-ендемски-вид?uid=149370)

Секако, „истражителите“ можат пак да замижат пред фактите и како и во годините наназад на „испитување“ од 2014-та па наваму. Меѓутоа, расправата на последната седница на ААВМУ само докажа како бизнис интересите на некои од членовите на ова регулатнорно тело знаат да ги замолчат експертите (според зборовите на директорот Трајчевски), да ги направат неуки и слепи за законот и понудените документи. И на оваа седница воопшто не стана збор за кривичната одговорност на Трајчевски, кој по службена должност до сега требало да ја провери тековната состојба на радиодифузерите, но, особено, личните изјави на сопствениците дека не го кршат законот во делот на медиумската концентрација. Сите заедно може и треба кривично да одговораат пред закон. Ваквиот лаконски однос не ги ослободува од кривичната одговорност. Напротив!

За потсетување на наодите од сторијата на ММС:

Официјално, во регистерот на ААВМУ, сопственик на ТВ 24 ВЕСТИ Вести е Кејбл 24, со шифра на дејност претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги, со адреса на АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија.

Основач на Кејбл 24 е ЈМ Дата и Јирген Мајкснер

Основач на ЈМ дата, мајка фирма е Јирген Мајкснер и неговата сопруга, Весна Мајкснер, родена штипјанка, со седиште на истата адреса АМ Винтерхафен 13 4020 Линц Австрија  и шифра на дејност- претпријатие за учество во телекомуникации и телекомуникациски услуги.

Австриецот има неколку фирми на негово име. Покрај споменатите две, Мајкснер е сопственик на уште една компанија за интернет услуги во Австрија, а  има уште една компанија во Македонија. Тоа е компанијата за жичани телекомуникации Аикол.  Аикол се води на иста адреса, „Ванчо Прќе 88“ – Штип, како и кабелската телевизија Роби,  Топ инвест, Роби Инжинеринг, а таму работи и радио Енџелс ФМ.

Да биде куриозитетот поголем Аикол се споменува во истражувањето на БИРН – Призма како трета на листата на десет најбогати компании со најголема добивка, но без ниту еден вработен. Аикол е веднаш зад компанијата на сопственикот на Пелистерка, Дејан Панделески „Тимох“ и таа на Јордан Камчев – „Камчев консалтинг“.

Аикол има годишна добивка од 543.740 евра.

Во скромните податоци на нејзината интернет страницата, во делот за тоа која е компанијата, пишува дека настанала со спојувањето на двата партнери –кабелската Роби  и Аикол Телекомуникации од Австрија, чиј сопственик на штипскиот зет Мајкснер.

Аикол е неколку години по ред во најуспешните 200 бизниси во Македонија, се’ до 2014 година, кога се припојува кон кабелската телевизија Роби ДООЕЛ, заедно со уште една компанија Мега НЕТ.

Кабелската Роби ДООЕЛ чиј сопственик е Роберт Димитров, според тековната состојба од Централниот регистер,  како и компанијата Роби инженеринг, чиј управител е сестрата на Роберт Димитров, Жанжанина Стојанова имаат истото седиште како и Аикол,  – „Ванчо Прке бр.88“, Штип.

Ако подобро погледнат истражителите на ААВМУ, ќе дојдат до овие податоци, кои можеле и порано да ги проверат, бидејќи е состојба од 2012 година, значи цели пет години!