Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

Македонија мора да расчисти со комунистичкиот монструм - тајната полиција

 

Интервју: Јордан Петровски, борец за лустрација, oбјавено MKD.mk на 01 Јуни 2013 

Веќе десетина години трае борбата на можеби единствениот политички европски азилант од 21 век во Канада, Македонецот Јордан Петровски. Тој од Канада со години води спор против Љубомир Фрчкоски, обидувајќи се да докаже дека наредбите на некогашниот министер за внатрешни работи треба да бидат предмет не само на Комисијата за лустрација, туку и дека тој треба да биде кривично гонет за прекршување на Уставот.

Јордан Петровски

Деновиве Комисијата за верификација на фактите го лустрираше сегашниот професор на Правниот факултет во Скопје Љубомир Фрчкоски. Во објавените документи како поткрепа на решението за лустрирање се гледа дека уставотворецот Фрчкоски како прв полицаец потпишувал наредби за следење и прислушување на политичка основа, на политичките противници, од 1992 до 1995 година.

Од ова се гледа дека не случајно токму Фрчкоски е најголемиот противник на законската одредба за важење на лустрацијата и по 1991 година. Ова Петровски од Канада, како негова жртва, со години веќе се обидува да го докаже и да поведе судски спор против наредбодавците, кои за него се клучот во задоцнетиот процес на македонската лустрација.

И Петровски беше следен од државната безбедност по наредба на тогашниот министер Фрчкоски. Неговото досие е заведено како Црни. Ова досие неколку години подоцна му овозможи на Петровски со семејството да добие политички азил во Канада.

Господине Петровски, очекував дека и Вашето досие ќе биде дел од документите објавени за лустрацијата на поранешниот министер за внатрешни Љубомир Фрчкоски.

-Моето досие го нема во aрхивoт, а службите што ги водат досиејата не беа „расположени“ да го достават моето досие до Комисијата за лустрација. Тоа е причината зошто моето досие не придонесе директно за лустрирањето на Фрчкоски. Се надевам дека моето досие кога-тогаш ќе ѝ биде достапно на некоја идна комисија за лустрација и таа тогаш ќе ги лустрира оние што досието го воделе и по 2000 година. Јас се надевам дека ќе го доживеам тоа за да видам кое е образложението за индициите на службата заради кои е продолжено водењето на моето досие. Патем, и досиејата на Блажо Стојаноски и Атанас Лефтеров—единствените други лица за кои на јавноста ѝ е познато дека имаат судски процес против Фрчкоски - не се дел од доказите против поранешниот министер.

Зошто службите не го даваат досието?

-Моето досие е пресериозно обвинување за СДБ, за тоа за чии интереси навистина работела СДБ. Ќе мора да бидам поопширен бидејќи ова е суштинското прашање. Македонската лустрација има поразлично обележје од лустрациите од земјите на Источна Европа, но е слична со лустрациите во бившите советски републики: Латвија, Летонија... Имено, во источноеврпоските земји се лустрираа носителите на комунизмот - значи таму имаше идеолошка борба помеѓу идеолошките левици и десници. За да биде целисходна, и од полза на народно помирување и обединување, лустрацијата во Македонија мора да зафати многу подлабоко. Во Македонија не е вршен прогон само на идеолошки неистомисленици, туку најголем дел од прогонуваните (околу 90%) се по национална основа. Прогонувани се Македонци (левичари, десничари и центристи), кои биле за обединета, самостојна, суверена и демократска Македонија. Дека прогонот против носителите на идејата за самостојна македонска држава продолжил и по донесувањето на Уставот од 1991 година, говори фактот што со Правилникот за работа на СДБ 10/92 е предвиден прогон за македонски екстремизам (МЕ) и врховизам. Знаеме дека носителите на бугарскиот врховизам македонското прашање сакале да го решат во склоп на бугарската држава, југословенските врховисти сакале македонското прашање да го решат во склоп на југословенската држава, српските врховисти македонското прашање сакале да го решат во склоп на српската држава. Се наметнува прашањето на кого му пречело решавањето на македонското прашање да се бара и најде во македонска држава и затоа бил принуден да спроведува прогон и по таа „линија“?!

Но и ова е некаков почеток на она за кое Вие со години се надевате дека ќе се случи – вистинско раскрстување со комунистичките македонски кадри што сѐ уште се активни во политиката и во јавниот живот на Македонија. Се согласувате ли со ова?

-Ова е голем почеток за кој треба пред сѐ да им се заблагодариме на дел членови на комисијата, да ја потенцираме нивната храброст и решеност да ја искористат шансата која им ја дава овој лош, односно никаков Закон за лустрација, да го начнат монструмот што ја разјадува Македонија веќе 68 години, монструмот наречен тајна полиција. Да, ова е некаков почеток, но работата ќе ја цениме според крајот. Во однос на Фрчкоски, не знам што може повеќе да стори Комисијата. Таа треба да продолжи со насоката што ја фаќа и да ги расветли вистинските лица на сите оние што работеле по теркот на Фрчкоски. Клучно во лустрацијата на Фрчкоски е точно она што нашиот Комитет за демократизација се обидува да го наметне со години: лустрацијата да се занимава со налогодавачите, а не со „ситните риби“ наречени „кодоши.“ Но, сега имаме и втор момент: Фрчкоски е обзнaен како прекршувач на основните уставни права (потпишување на решенија за следење на лица без судски налог) кои Уставот, чиј автор е токму тој, ги гарантира. Ова не смее да остане несанкционирано, бидејќи доказите кои лустраторите ги обзнанија јавно го потврдуваат она што ние го говориме подолго време: ваквото работење на службата под палката на Фрчкоски било систематско и повеќекратно. Сега се на ред Јавното Обвинителство и законодавната гранка - тие располагаат со алатките за исправувањето на неправдите сторени во минатото.

Како го оценувате соопштението на Хелсиншкиот комитет на Македонија за лустрацијата на Фрчкоски? И генерално зошто се поставува проблемот за лустрација и по 1991 година?

-Повеќе од срамно. Хелсиншки молчеше во 2000 година кога со закон досиеата станаа достапни и кога и до нив допре сознанието дека тајната полиција и по донесување на новиот Устав ја продолжила старата практика на прогон на политички и идеолошки неистомисленици.

Хелсиншки молчи за фактот дека законите, правилниците и уредбите со кои законски е овозможен прогонот се објавувани неуставно (во Посебен службен Весник на РМ), а тоа значи дека прогонот бил незаконски. Дали за молк по вака битно прашање некој Хелсиншки ќе го смета за релевантен. Во ЕУ, САД веќе никој. Кој човек со здрав разум и чиста совест може да го брани Фрчкоски по издадените триесет и кусур докази каде што неговиот потпис фигурира на решенија за противуставно следење на македонски државјани? Доколку ги проучите потписите, ќе забележите дека се автентични, оти секој потпис се разликува за нијанса; што значи дека Љ. Д. Фрчкоски не може да се брани дека тука станува збор за гумен печат. Уште помалку легитимна би била одбраната дека тој само „слепо“ потпишувал верувајќи на компетентноста на неговите потчинети. Па ви се молам, човекот е автор на Уставот! Ако тој не знае дека закон обајвен тајно е неуставен, кој треба да знае? Но, слепата лојалност на Хелсиншки спрема лицето Љ. Д. Фрчкоски, а не за идеалите за кои наводно оваа организација ги застапува, кажува сѐ. Тие благодарение на великодушната помош од Милчин и медиумите што ги финасира Милчин го контаминираат македонскиот граѓанин со лажни информации.

Од досието „Црни“

Меѓународните организации не се баш најускладени во однос на процесот на лустрација во поранешните комунистички земји. Венециската комисија не е баш најјасна во одговорот на барањето за толкување од македонскиот Уставен суд. Европскиот парламент, пак, е недвосмислен за лустрацијата и по 1991 година.

-Да, перцепцијата е дека не се ускладени. Но мислам дека причината не е само кај нив. Од една страна, комунизмот има голем број на симпатизери на Западот, од проста причина што тие ја гледаат само желбата на оваа идеологија за „еднаквост.“ Од друга страна ЕУ нема доволно искуство со комуњари кои се пресоблекоа во демократи пред распадот на Југославија и тие го презедоа демократизирањето на Македонија.

Во предходниот состав институциите на ЕУ беа пополнувани од левичарски партии од Европа, бидејќи тие победуваа на изборите за Европскиот парламент. Од Македонија до пред некоја година не стаса глас за прогонот на политички и идеолошки неистомисленици. Како може Хелсиншки и групата на НВО кои се диригирани и финансирани од Милчин, односно од еден од центрите на политичко-полициското подземје да се декларираат за невладини и непартиски? Повеќето од лицата кои фигурираат во нив биле активни членови на дадени политички партии или пак биле назначени на работни позиции по политичко-партиска линија? Од тука е и очкуван фактот што тие го премолчаа прогонот кога се обзанија досиеата. А згора на тоа денeска се обидуват да ги сотрат и овие какви-такви чекори на Комисијата за лустрација. Тука повторно ќе истакнам дека ова се чекори на индивидуална смелост и желба за подобро утре на Македонија на поединци во комисијата за откривање на носителите на злосторот на тоталитарниот систем, кој за жал сѐ уште поставува власт во Македонија.

Венецијанската комисија е во „конфузија“ благодарение она што Уставен им доставил како дел од случајот Македонска лустрација, но и на членот на комисијата од Македонија, а и на Владата на Груевски. Да појaснам: македонската претставничка во Венецијанската комисија не ја запознала комисијата со вистинската состојба. Сокрила податоци дека практиката на прогон на политички и идеолошки неистомисленици продолжила и по 1991 година. Не предочила дека законите по кои е правен прогонот не биле јавни, односно дека се објавувани во Посебен службен весник на РМ, весник кој е достапен до тесен круг на луѓе. Не проговорила за тоа дека се вршени неуставни прислушкувања. Тука ќе истакнам дека покрај прислушкувањата на следените од досиеата, тука е и аферата „Големо уво“ и аболицијата на Доста Димовска—уште еден докажан случај на употребата на противуставниот Правилник за работа на ДБК (1995).

Да не реагиравме ние од Комитетот, Венецијанската комисија ќе останеше ускратена за вистинска информација. Секретарот на Венецијанската комисија господинот Томас Маркерт беше дециден дека Венецијанската комисија не била информирана целосно и дека ако била информирана нивното мислење би било инакво. Кога тоа ние го обајвивме настанува узбуна: некој си Комитет за демократизација на Македонија, па уште од Канада ќе ја девалвира членката на Венецијанската комисија од Македонија, а со тоа и Венецијанската комисија и Уставниот суд на Макединија. Венецијанска комисија праќа ново писмо како одговор на барањето на Уствен суд кој во барањето на појаснување од Венецијанска комисија повторно ги сокрива фактите дека се водени досиеа и тоа неколку ијади после новиот устав 1991 година.

Ние од Комитетот не можевме да сториме ништо повеке бидејќи ние не можеме да бараме мислење од Венецијанската комисија. Тоа можат да го прават владите и државните органи. Очекувавме дека Владата ќе побара мислење од Венецијанска комисија врз база на докази дека по 1991 година се водени неколку илјади досиеа, дека законите се објавувани неуставно, дека се прислушкувани телефони на прогонуваните без судски налог... Но Владата не го стори тоа. Со оваа постапка Владата ја потврди нашата теза дека и таа не сака вистинска лустрација, лустрација која ќе биде неселективна, која ќе им овозможи на жртвите да ги тужат нивните прогонители и низ судска постапка верификувана институција да донесе решение, а по решението, се разбира, и казни за оние за кои ќе се докаже вината.

Значи, би се согласил дека кај меѓународните институции не постои ускладеност во однос на прашањето за лустрација во РМ. Таа неускладеност е прозивод на социјалисти симпатизери на нашите левичари, како и тешкото разидување во менталитетите помеѓу нас и западњаците. Тие, кои стасале до висок стандард на живеење како резултат на меѓусебно почитување, не можат да сватат како оние од нашите краишта кои се претставуваат како државници, можат да имаат таква омраза кон својот народ—кој патем е нивниот работодавач.

Од каде ваквиот оркестриран отпор кон процесот на лустрацијата, процес кој во Македонија требаше да биде изведен многу, многу порано?

-Кој да го изведе процесот на лустрација? Па ние сме единствени кои дозволија најголемите чувари на комунизмот да ни бидат предводници во демократизирањето. Македонската јавност премногу често целата вина за несрповедувањето на лустација ја фрла врз рамената на само дел од виновниците—Милчиновци. Но лустрацијата, доколку постоела желбата во минатото, или пак доколку постои желбата во моментов, може да се спроведе без многу фанфариоти, законски измени, или нови комисии. Особено тука зборувам за периодот после 1991 година, бидејќи сите алатки се во Уставот.

Но, да почнеме со ред. Ѓорѓе Марјановиќ, човек на кого српот и чеканот му се врежани во срцето, и кој и ден денеска се буди со звукот на Интернационалата. Овој човек на јавноста ѝ беше претставен како лидерот на првата антикомунистичка партија во Р Македонија. Каква иронија! Покиојниот Милосавлевски беше прогласен за дисидент, а немаше напишано збор против комунизмот. Тој можеби рекол некој збор за девијантните појави во тогашна Југославија, ама генерално не рекол збор против системот, и не се залагал за побвеќепартизам, демократијa, слобода на пазар и говор... Еден од најголемите апологети на комунизмот и едноумието е шеесетосмашот Милчин. Тој е човек кој беше со група Македеонци кои и денеска се бранители на комунизмот, борец за Црвен марксов универзитет, борец за потврд комунизам. Еве дваест и кусур години нѐ води во демократија, која ја спроведуваа Фрчкоски, Богоевски, Величковски, Верушевски, Аврамовски.

Кога зборувам тука со луѓе од „струката“ и кога ќе ги прашам каков е ставот во демократскиот свет кон бивш висок функционер на тоталитарната полиција, нивниот одговор е категоричен: тие луѓе не може да бидат учесници во политичкиот живот. Тоа во многу држави е и со закон забрането. Во Македонија - „македонската пролет“ ја „донесоа“ осуммината од МВР! Какви доносители—таква пролет, односно таква демократија!

ВМРО-ДПМНЕ по основањето го презеде елитата на ревидираните стаљинисти и русофили-тврдокорни комунисти (инаку кој би одбрал марксизмот да му биде професија), се разбира во координација со службата. После тоа сѐ беше лесно. Го донесоа комуњариштето Глигоров и Македонија се врати во „златната“ 1948.

Да споменам уште две битни работи: Дали мислите дека Ставре Џиков, Јавниот Обвинител во времето кога се отворија досиета не знаеше дека има обврска по службена должност да покрене кривични пријави против оние кои наредиле прогонување на политички и идеолошки неистомисленици и со тоа го прекршиле Уставот? Тука беше приликата за првата „некомунистичка“ влада да спроведе лустрација. Уште повеќе нејзини членови беа врни правници, денешни „демократи“, како Камбовски, Галев, Тупурковски, Климовски...

Кога со флагрантен фалсификат јавната обвинителка Драгица Михајловска ја отфрли мојата кривична пријава против Фрчкоски, Чокрески и другите, разговарав со тогашниот нејзин „шеф“ Зиков. Тој ми објасни дека во понатамошната постапка ако Јавното обвинителство оцени дека доказите кои ги нудам се издржани, тие пак ќе ја преземат постапката и ќе ја водат по службена должност. Еве, Комисијата за лустрација даде несоборлив доказ за тоа дека Фрчкоски и другите кои се опфатени со мојата кривична пријава се виновни за делата за кои ги клеветам - злоупотрба на службена должност и прекршување на моите уставни права. Значи пак на потег е јавниот обвинител.

Значи, станува збор за маѓепсан круг, нешто што моите синови често го нарекуваат синџир на корупцијата. Почнуваме со првата алка, која е стариот режим. На таа алка една по една, ѝ се додаваат нови алки сочинети од поранешни „девици“ кои стануваат корумпирани во моментот кога ќе бидат избрани или назначени на позиција и продолжуваат со методите на нивните претходници. Зошто? За среќа, не сум човек со таква анатомија, па затоа и не можам со некаква сигурност да речам дека причината е ова или она. Но, претпостаувам дека станува збор за комбинација на причини - слепилото на моќ, стравот од реперкусии (бидејќи реперкусии следат само доколку се работи исправно, а награди следат само доколку се работи антиуставно), немањето на совест, немањето на поим за тоа што носи напредок.

А.Д.

Фрчкоски: Кој го е..!

Љубомир Фрчкоски Во 2007 година, кога весникот „Време“ пишуваше за случајот „Црни“, колега-уредник му се јави на Фрчкоски за коментар. Професоре, имаме човек кој добил политички азил во Канада врз основа на полициско досие водено во ваше време. Сте наложиле да се гони затоа што ја помагал опозицијата. Притоа, сте снимале разговори со високи опозициски и државни функционери. Досието има грозни квалификации од типот „потекнува од непријателско семејство". И, има јасни индиции дека полицијата го манипулира и наведува да стори кривично дело. Имате ли коментар?

Фрчкоски одговори: Кажете му, кој го е..!