Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

НЕОЈАНИЧАРИТЕ ВО САРАЈОТ НА ГРУЕВСКИ ПАША

Можеби стварно калешата Анѓа пред некој век издржала анама да не бидне, ама таа не била далековида. Таа не знаела да претпостави дека таму на Босфорот ќе дојде нов султан, и денес еден куп нејзини потомци ќе се потепаат како да станат неојаничари – доброволци. И чудото да биде најголемо, првоборците кои денес викаат на цел глас „да живее султан Ердоган„ не се етнички турци ( а најмалку најклетото турче Ерол), не се ниту предавниците околу групацијата Сорос, не се ни (пази ваму) христијаните околу СДСМ, туку проверените и единствени патриоти, единствените правоверни христијани кои комотно се залегнати во сарајот на мини – пашата Груевски. За нивното политичко доброволно јаничарство, односно желбата да му служат на секој режим во Македонија, кажано е доволно. Прашањето е како денес тие му помагаат на овој режим, труејќи го јавниот простор кој целосно го окупираа, со пропагандата дека Скопје треба да пука од славје за победата на Ердоган.
Прво да расчистиме едно. Сите, па и јас, можам да ја сакам својата држава и народ, но истовремено од дното на душата да го презирам корумпираниот, клептомански режим кој владее веќе осум години. Исто така секој може да ја почитува и сака Турција и нејзиниот народ како еден од најголемите наши сојузници, но да го презира недемократскиот и во поново време империјалистички режим на Ердоган. Сосема истото важи и за ЕУ, САД и нивните граѓани и посебно за нивните влади.
Е сега, Турција и турскиот народ биле и останале најголемите подржувачи на Македонија од првите денови на нејзиното осамостојување. Македонија и нејзините граѓани секогаш знаеле тоа да го ценат. Но, денес, тоа никако несмее да значи замижување пред политиката на Ердоган и потклекнување пред неговиот империјализам кој некој овде сака да ни го продаде како пријатен и крајно корисен за Македонија „неоосманизам„.
Бидејќи знам дека неојаничарите кај нас не се недоветни, дека и оваа нивна прпаганда е само начин да се подржи и оправда начинот на владеењето на нивниот газда, само во неколку реченици да подобјасниме што тие прикриваат во своите беседи за добриот султан Ердоган. Најнапред, сакат тие да признаат или не, Ердоган и неговата политика до настаните на Таксим се директен проект на САД. Тоа нашите неојаничари најмногу ги боли, но за нас е најмалку важно. Во основа политиката на Ердоган пред се значи конечно закопување на политиката на Ататурк и реверзан пат од фесови до цилиндер, и назад. Но и тоа не е толку важно колку што е значењето дека со оваа политика се напушта проектот на Ататурк за закопување на Османлиската империја која со векови била присутна и на овие простори, и повторно квалификување на Турција во сегашно и во идно време пред се на Балканот да ја одигра улогата на Османлиското царство. Тука никој не треба да биде наивен дека можеме да зборуваме за истата форма на обновување на оваа империја. Но секогаш имајте ја во предвид изјавата на министерот Давутоглу уште пред пет години во Сараево. При една забелешка на еден западен дипломат дека Турците наеднаш како со падобран се спуштаат на Балканот, Даватоглу одговара „ ние прво на коњи дојдовме на Балканот, и ако треба повторно така ќе се вратиме„. Уште тогаш сите, осван нашите неојаничари, знае дека длабински идејата за неоосманизмот на двоецот Ердоган – Даватоглу, не е ништо поразлична од идејата на османизмот. Секако, тој неможе да ги има своите појавни форми како во 14 или 15 век, но во својата суштина неосманизмаот е империјалистичка идеја, независно дали нашите неојаничари ќе ја нарекуваат тврда, мека, полумека или било каква друга манипулација со „тврдост„. Воедно, само нашите јаничари сакат да ја скокнат и тезата на Даватоглу дека отоманските векови на Балканот биле успешна приказна која сега треба да се обнови а луѓето од Балканот слободно и со задоволство тоа треба да го наречат неоосманизам. Воедно за Довутоглу никогаш и не постоеле јаничари и данок во крв, туку тоа било доброволна регрутација која значела напредик и успех за многу нетурци. (нашите неојаничари се добар пример сличен на Мехмед Паша Соколовиќ споменат и од Даватоглу).
Но нашите неојаничари го скокаат сето ова. Тие ни продаваат приказни за Ердоган како некој Чавез од Азија, кој наместо социјализам користи исламизам за добробитот на својот народ. При тоа се прават целосно недоветни и баарат сите да му аплаудираме на неговиот процес на демократизација на Турција. За тоа е говорено многу, но само еден податок зошто никој нормален во Скопје не треба да ја слави победата на Ердоган. На последните избори, три државни телевизии посветиле на кампањата на Ердоган над 540 минути, а на другите двајца кандидати цели 4 минути вкупно.
Значи сосема е јасно дека нашите неојаничари се подготвени да продаваат будалаштини од типот на барање спас од некаков западен империјализам во подршка на неоосманизмот. Но, нивното јаничарење во принцип е потикнато само од две работи. Прво, тоа се црните пари кои доаѓаат во Македонија преку различни канали а главен спонзор е режимот на Ердоган. Кутијата за чевли на директорот на една турска банка во која беа сместени милион евра за Македонија, е само мала епизода. Фактот дека власта не мрдна со прст околу ова покажува дека многу кутии за чевли се пренесени во овој период. Незавино што Иванов заедно со неговиот „универзитетски„ ангжман е главната алка тука, распределбата ја кажува првиот газда. Второ, неојаничарите во моделот на Ердоган гледаат рецепт за владеење, кој нивниот газда ќе треба да го копира се додека не доживее крунисување.
Затоа, Турција и турскиот народ ќе останат и за мене и за голем број граѓани на Македонија најголеми пријатели, а победата на Ердоган можат слободно да си ја слават нашити неојаничари заедно со нивните пандани во Сараево, Кабул, Дамаск, Бејрут …
 
Кире Нумов