Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ЛИСТЕРИЈА ЕБОЛА И НАЕБОЛА

             Ние Македонците и без ебола сме наебола. Еболата кај нас не мора да доаѓа. Ич не ѝ треба тој луксуз со сите патни трошоци. Македонците и онака се во хистерија од бактеријата листерија. Ја најдоа во вакумираните сувомеснатите производи на компанија од Куманово, го открија и името на производителот и таман помисливме дека надлежните точно, правилно и брзо реагирале ко Швајцарци во име на здравјето на својот народ, следеше шок. Истите тие надлежни по само три дена откако го открија името на производителот и виновникот за заразата од листерија, почнаа да го вадат од лајна, кажувајќи дека производителот не бил крив, туку самите сопственици на гранапчињата кои ги продавале сувомеснатите производи. Тие наводно несодветно ги чувале, па затоа бактеријата се појавила. Е како бе несоодветно ги чувале кога производите, нели, биле вакумирани. Веднаш откако надлежните почнаа да ја вадат кумановската компанија од лајна, се јави и компанијата за гордо да ни соопштение дека нема врска, стварно они не биле кабает за заразата зашто работеле по светски стандарди со проверен квалитет. Лично многу ќе се изненадев приказната да завршеше поинаку. Да кажеме да завршеше такашто компанијата ќе рикнеше и банкротираше ко ТАТ заради оштетата што ќе мораше да ја плати на семејствата на жртвите од листеријата и заради уништеното реноме.

            Ете таква е моќта на парите кога си во лајна до гуша, можат да те извадат и да ти купат невиност. Сега на македонските медиумите повеќе не можеш да го слушнеш името на кумановскиот производител кој првично убедливо беше прогласен за виновник за заразата. Се зборува само за листеријата и новите нејзини жртви. До сега петмина се простија од животот, ете и тоа се зборува на медиумите. А чаршијата зборува за нешто друго. Дека се повеќе од петмина или ќе бидат повеќе од петмина и дека водечките луѓе во Агенцијата за храна и ветринарство се многу кршливи кога ќе добијат наредба од повисока инстанца. Тогаш аминувале сѐ што ќе им се каже. И затвораат очи и пред други сомнителни производи кои ги конзумираат кутрите Македонци, домашни и увезени. Луѓето вработени во таа нежна и кршлива агенција на кои им останало малку совест шепкаат наоколу дека во моментов има уште десетици производи од разни производители кои се крајно сомнителни, а кои слободно циркулираат на пазарот, иако за тие производи, оние најнадлежните во агенцијата биле предупредени дека се сомнителни или опасни по живата сила на античко-барокна Македонија. Значи, се откривале разни гомца во тие производи, ама за нив јавноста никогаш не била известена, зашто кога оние од горе биле известени од агенцијата за гомцата, им било кажано да ќутат, да не спомнуваат никакви имиња и да бркаат некоја друга работа.

            Така, во оваа ситуација ама баш не ни е потребна еболата. Нека си седи во Африка. Нам ни е доволно тешко со Грујо и листеријата. Замислете на сета мака уште и еболата да ни дојде на гости. Мислите дека нашиве служби и агенции за превенција и заштита на населението имаат капацитет да се справат со некоја модерна чума? Ако мислите така, многу се лажете, жими мајка. Ние сме јаки само на збор. Проверена работа.

            Направивме катаљон споменици на разни херои од минатото, а самите се однесуваме како зајчиња секогаш кога се загрозени виталните интереси на народот и државата. Го славиме Александар Велики и неговите светски освојувања, а нашите органи на редот не можат да стигнат ни до Зајас за да вопостават ред и да обезбедат основно почитување кон државата и државните институции кај дел од тамошното население. Секојдневно зборуваме дека сме економски лидери во регионот, втори или трети во Европа, а ваму владата отпишува долгови на сто илјади семејства кои не може да ги платат со години. Сто илјади семејства не можат да си ги платат долговите кон државата и компаниите кои ги снабдуваат со основните работи за живот, струја вода и парно. Па секое од тие семејства во просек да има по три члена тоа се триста илјади луѓе кои живеат на вересија. буквално од денес за утре. Една петина од населението кое сѐ уште е во државава се дави во долгови, а има уште барем петсо илјади од нас на кои ич не им е сјајно. Кои ги плаќаат редовно сметките, ама не можат да си дозволат летување и нормален живот и спокојна егзистенција. За каква економска велесила прајме муабет? Или само си прајме муабет, колку да се најдеме у муабет? Се билдаме со антички и псеудобарокни стероиди кои треба да ни ја вратат самодовербата, а ваму, душата ни е собрана на врвот од носот. Затоа и релативно анонимни играчи можат да нѐ доведат во хистерија и тешка паника. Па уште и ако се опасни, ни се еба мамата.

            А ќе биде и тоа. Ќе се појави и позаебан играч од листеријата кај и да е. Дали ќе биде бубонска чума, хеморагична треска, ебола или нешто друго, помистериозно, ќе видиме. Кога постојано се турка вистината под тепих постојат неограничени можности за колективна трагедија. Ене кај е Африка, а живееме нели во глобален свет. Не се само информациите и стоките тие кои брзо патуваат. Брзо патуваат и смртоносните бактерии и вирусите. За ГМО семињата кои далеку од очите на јавноста, на големо се увезуваат во Македонија веќе подолго време, не сакам сега да зборувам, а не знам и дали воопшто некогаш ќе прозборам на таа тема, зашто доста ми е од будали кои мислат дека живеат на рајски остров, а не во една крајно корумпирана држава која никој нормален во светот и не ја есапи за држава. Не сакам постојано да бидам јас оној кој ќе им го расипува доброто расположение и вербата во тоа дека сме големи фраери на светската сцена, а не еден издишан народ на кого му е веќе сѐ едно дали некој намерно го труе со храна или го убива со вакцини, лекови и големи долгови.

 

Сашо Тасевски