Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ПЕДЕРААНАТА ОД ФИФА, МЕСИ И АРИЕВЦИТЕ

 

Светското првенство во фудбал кое е веќе зад нас пак ги потврди  мудрите пророчки зборови на поранешниот англиски голгетер Гери Линекер: Фудбалот е игра во која секогаш победуваат Германците! Со маестрален среден ред во кој царуваше Швајнштајгер, со феноменалниот крилен напаѓач Милер кој според мене е најдобриот играч на светот во овој момент и со гранитната одбрана на чело со Хумелс, Кедира и Боатенг, Германците во убиствен фудбалски блиц-криг заслужено го освоија светскиот куп.

Деновиве по обложувалниците и околу нив слушав разни будалаштини од типот дека Германците имале среќа во финалето со Аргентина и дека Аргентинците биле подобри. Подобри во што? Во кик-бокс и борење во слободен стил? Да бидеме објективни, Аргентина во финалето играше и беше рамноправна некаде до седумдесетата минута од натпреварот, кога прво следеше огромен пад на нивната физичка сила и свежина, а тоа особено се почувствува кај нивниот предводник Меси на кој јазикот му беше паднат до колена, за потоа Германците целосно да ја преземат иницијативата и средината на теренот, такашто до крајот на регуларниот тек од натпреварот и во продолженијата се играше исклучиво на половината на Аргентина сѐ до победничкиот гол на Геце.

Она што е поважно е дека Германците заслужија светска титула и од таа причина што својот пат до финалето го зачинија со дваесетина голови и без пораз, додека гаучосите едвај дали постигнаа четири-пет и исто толку примија. Арно ама Германците и во тоа не им останаа куси, па исто не примија повеќе од пет гола, што значи, кај нив функционирал целиот тим на највисоко ниво, со тешки циции во одбрана кои не даваат ни мува да влезе во голот и дарежливи и бериќетни напаѓачи кои ги полнеа противничките мрежи од сите позиции. Нивната дарежливост најдобро ја почувствуваа фудбалерите на Бразил и тоа во полуфиналето. Извинете, ама да му дадеш седум гола на еден Бразил во полуфинале на негов терен, нешто што никој пред Германците не само што не го направил, туку не се обидел ни да го сонува и да не станеш светски шампион, треба да си или глуп или дрогиран. Освен тоа, германската репрезентација имаше вистински предводник и лидер во Швајнштајгер, наспроти репрезентацијата на Аргентина, која имаше еден бледолик и недоволно физички подготвен Меси кој во одредени натпревари повеќе се мачеше да игра, отколку што тоа навистина го правеше. Оттука беше и неговиот очај и наведнатата глава кога срамно го прогласија за најдобар играч на светското првенство. И самиот беше свесен дека не го заслужи тоа по ниту еден параметар на фудбалската игра.

Така доаѓаме и до онаа констатација на Марадона дека во ФИФА работат шверцери на оружје и дрога, која не е далеку од вистината. Во споредба со ФИФА, Коза Ностра личи на детскиот хор Златно славејче. Гревот на ФИФА не е во тоа што одамна увиде дека фудбалот е супер-вносен бизнис, туку што заборави дека е спорт. Успеа целосно да ја девалвира наградата за Златната топка прогласувајќи го Меси за нејзин добитник само затоа што тој е нејзината златна кокошка, поточно на неговите спонзори од кои секако имаат ќар и поединци во ФИФА. Така титулата која секогаш одела во рацете на најдобрите фудбалери од оние кои го освојувале светскиот куп, можеби за првпат на ова светско првенство отиде кај некој кој не само што не успеа да ја донесе својата репрезентација до трофејот, туку дозволи да истрча на светското првенство недоволно спремен, далеку од мотивиран и со разнишана самодоверба. Тука завршуваат споредбите меѓу Меси и Марадона, ако воопшто може да се прави таква споредба, зашто се знае, на најсветлата страница на фудбалската историја остануваат запишани само оние кои ги донеле своите репрезентации до светска титула, без разлика на тоа колку клупски титули освоиле на домашен и континентален план. Списокот е краток: Пеле, Марадона, Зидан и Бекенбауер, а меѓу нив ќе го вметнам само уште Кројф, кој иако не освои светско првенство беше доволно голем не само како играч, туку и како човек и интелектуалец и беше единствениот фудбалер на сите времиња кој во зенитот на својата играчка зрелост одби да настапува за својата репрезентација на светското првенство во Аргентина во 1978 година како знак на поддршка на аргентинскиот народ кој во тоа време се наоѓаше под невидено сурова диктатура на воената хунта на чело со Хорхе Рафаел Видал.

ФИФА исто така, со прст не мрдна на ова светско првенство да го крене квалитетот на судењето, кое беше катастрофално на минатото светско. Сеп Блатер, првиот човек на ФИФА, сѐ уште има фобија од камери, кои иако ги има секаде на стадионот за време на еден натпревар и кои бележат видео записи на цицлести навијачки и други фанови кои гризат нокти или си ги чешаат јајцата, сепак ги нема таму каде треба да ги има највеќе, на самиот терен, за да не се случуваат големи превиди и судиски грешки кои честопати директно влијаат на крајниот резултат на натпреварот. Сеп Блатер и понатаму стои цврсто на својот став дека камерите би можеле да ја уништат непредвидливоста и спонтаноста во фудбалската игра. Е сега, ако под непредвидливост го подразбира тоа кога, на некоја репрезентација, судијата непредвидливо ќе ѝ ја ебе мамата за да се исполни волјата на ФИФА за да гитне одредени репрезентации што не ѝ се доволно маркетиншки атрактивни, тука нема ништо од фер-плеј за кој толку многу зборуваат луѓето во ФИФА. Треба некој конечно да му објасни на Блатер во кој век живее и кога веќе сите се навикнавме на тоа да бидеме набљудувани 24 часа за курово здравје, зошто да нема камери на фудбалските терени кои ќе обезбедат максимална објективност и поквалитетна фудбалска правда.

Уште нешто. Ова светско првенство како ниедно пред него, започна и се одвиваше во крајно непријатна атмосфера, ако се земат во предвид постојаните масовни протести на мнозинството Бразилци од ниската и руинираната средна класа, кои соочени со голема сиромаштија, прифаќањето на Бразил да биде домаќин на првенството, со право го доживеаа како уште еден удар по нивниот џеб, зашто се покажа дека за организацијата и изградбата на инфраструктурата за првенството се потрошени многу повеќе пари од предвиденото, со што се отвора сомнеж за постоење на коруптивни зделки и релации меѓу власта-организатор и изведувачите на проектите. Најелатантен пример за тоа е реконструкцијата на стадионот во Бразилија за која во почетокот беше предвидена сума од 350 милиони долари, за на крајот од реконструкцијата таа да достигне фантастични милијарда долари. Тука не можам да не спомнам дека истото ни се случува и нам со проектот Скопје 2014, само што протестите не се наша јака страна, а раката на власта пикната во нашиот џеб не ја доживуваме како нешто непријатно, туку како пријатен сексуален стимуланс кој цврсто нѐ држи за ташаци дури и кога го испразнила џебот.

И кога се ќе се собере, секому според заслугите, ние сега имаме нова голема национална фудбалска арена, ама немаме фудбал, ниту клупски, ниту репрезентативен, такашто учеството на некое светско првенство за нас е невозможна мисија и најсмешно е, што уште се вадиме со она имбецилно оправдување дека сме мали како земја па немаме голем избор на играчи, а притоа забораваме дека една Словенија која по број на жители е како нас и која до вчера не знаеше дека топката е округла, веќе беше на две светски првенства, а еве отиде и Босна. Црна Гора пак, за влакно не успеа да отиде во Бразил иако има само 600 илјади жители, тројно помалку од нас. За Хрватска да не правиме муабет или пак за Уругвај кој со три милиони жители нема пропуштено речеси ниту едно светско првенство. Ама нели, не сме ние криви, туку секогаш друг ни е крив. Кога судиите, кога Грците, кога ЕУ и НАТО, кога Албанците.

Затоа Германците немаат проблем. Може стварно се виша раса мајката! Две светски војни изгубија и пак се први во светот или меѓу првите. Спорт, економија, политика, наука, уметност... Што сакаш! На Меркел не ѝ требаат споменици од бронза за да  го потсети својот народ кој е и колку вреди. Доволно е да прати едеинаесет уберменшови на светско во фудбал и цел свет да падне на гс пред нивната големина. Добро сега, не се сите баш со ариевско потекло. Имаат и такви кои малку им ја заматуваат чистотата на расата, како селекторот Јоаким Лев, како Кедира, Боатенг и Озил, ама тоа колку за шминка пред светот, да не кажат злонамерните: Ете, Германциве беа и си останаа расисти! Глупости, тие одамна ја научија најтешката лекција во нивната историја и затоа се уште посилни во што и да е. А што се однесува до фудбалот, приказната на оваа германска репрезентација и генерација не е завршена. На следното светско во Русија ќе бидат во играчки зенит и сигурен сум, ќе тргнат во одбрана на титулата. Бескомпромисно и до коска. Германски.