Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

КОЛАПС НА СОЦИЈАЛ - ДЕМОКРАТИЈАТА

Кога почнаа да паѓаат берзите во текот на 2008 година, светската, а особено македонската левица, побрзаа да прогласат крај на капитализмот. Вината исклучиво се префрли на грбот на алчните капиталисти и банкарите со нивните преголеми плати и бонуси. Медиумите ликуваа околу растечките тиражи на Капиталот на Карл Маркс истовремено додека нивните сопствени тиражи паѓаа. Како причина за крахот на капитализмот Маркс го предвидува осиромашувањето на работниците, на сметка на газдите, а во 21 век работниците се далеку од оние слики од романите на Чарлс Дикенс, но сепак, ако таа прогноза до толку ги радува, нека им е. Од друга страна, и десницата има свои апокалиптични книги, кои прогнозираат крај на општеството, но од некои сосем други причини. Дека државното мешање и преземање на цели сектори од економијата (здравство, образование, транспорт, енергетика) ќе ја исцеди животната сила од капитализмот, ќе го забави економскиот развој и ќе доведе до пасивност. А бидејќи заостанувањето на една држава веднаш поттикнува 10 други да се борат за преземање на нејзиниот удел на светскиот пазар, јасно е зошто секое опуштање додека си на водечкото место може да доведе до катастрофа. Ако сакаме грдата слика на една економски заспана држава со пасивизирани граѓани, која прогласила колективен годишен одмор (како во приказната за Заспаната Убавица) да ја искажеме со два збора тоа е социјал-демократија. Во еден збор - тоа е Грција. И, за разлика од капитализмот кој фала на прашање се уште функционира во ред, целиот тој социјал-демократски систем деновиве отиде во мајчината. И нормално, имаме силен притисок да се воздржиме од таа најбалканска традиција – да не сеириме кога козата на комшијата пцовисала откако по грешка влегла во тајниот бункер во архивата на Министерството за финансии и ги изела скриените податоци за реалната состојба на буџетскиот дефицит. И навистина, не е за сеирење. Македонија сака да влезе во Европската Унија затоа што тоа е средено место, каде што владеат правила и закони, и каде, ако ништо друго, барем статистичките податоци се проверени. Но, Македонија мора да влезе во Европската Унија и поради една друга работа – затоа што тоа е, или барем треба да биде, зона на економски динамизам, место каде што можат да се отвораат и развиваат бизнисите, каде што можат да се заработуваат и трошат пари. За жал, социјал-демократијата ја претвора Европа во место каде што парите се трошат, но не се заработуваат. Грција е секако краен стадиум. Во Европа има многу области на економска активност и динамизам, кои се уште нудат добра перспектива на своите граѓани. Но, патот е јасен. Се повеќе синдикати. Се повеќе државни службеници. Се повеќе пензионери. Се повеќе земјоделци кои заработуваат не на пазар, туку од субвенции. Се помалку приватни лекари. Се помалку приватни училишта. Оптеретување на работата на приватните компании со високи даноци. Со правила за екологијата. Со минимални плати. Со ограничување на работната недела. Со отежнување на можноста да се отпуштаат работници. Даночни стапки за остварен приход од над 50 проценти. Регулирање на висината на надоместот на менаџерите. Социјал-демократија. Во вакво општество, кое на граѓаните им ја одзема можноста да работат и да заработуваат, а за возврат им нуди субстандардни услуги (кои не можеш да ги одбиеш, и за кои не можеш да се пожалиш, бидејќи нема алтернатива), нормално е да штрајкуваат даночниците кога ќе се каже дека мора да го спречат избегнувањето на плаќањето на даноци. Да штрајкуваат цариниците, земјоделците да ги блокираат граничните премини како да се на директна плата на државата, а политичарите да ја избегнуваат целата дебата и да ја насочуваат кон национализам. Социјал-демократијата во грчка варијанта, со јасното сфаќање на Европа како што Тито некогаш гледаше на кредитите од Запад. Како што поединецот во социјал-демократско општество нема многу мотив да работа, и чека некој да се погрижи за неговите потреби, така и Грција како држава, во колективот во кој се наоѓа, нема мотив да си го среди буџетот, и само чека некој друг да се погрижи за нејзиниот буџет, земјоделците, службениците, пензионерите. Тоа што земјоделците – штрајкувачи му го прават на Папандреу локално, тој им го прави на Европејците глобално. Во вакво уредување нема врска дали на власт е номинално лева или номинално десна партија, која би требала да се залага за пазарни реформи и намалување на зависноста на граѓанинот од државата. Во Грција двете опции се виновни за постојано насочување на државата кон пасивност и економска депресија, а десницата е дополнително виновна за дволичност. Македонски ксмет, да почнеме да се отвораме кон Европа и да фаќаме приклучок токму во времето кога, во време на светски технолошки напредок и глобалиација, Европа решила да го препушти својот економски примат и да се одмори малку. Затоа, не треба сеирење кон Грција, чија имплозија може да ги попари нашите надежи за економска пролет. Македонија може да извлече неколку поуки. Дека односот кон ЕУ не смее да го сфати (како што го сфаќа нашата левица) како можност за брзи и лесни пари, бидејќи тоа е на среден рок погубно за државата. Дека како мала земја, која излегува од криза, има шанса да се постави на здрави и конкурентни основи, и да се спротистави на притисоците да стане бирократизирана и синдикализирана, економски неконкурентна земја. Дека политичарите мора да се спротистават на своите природни импулси, кога се на власт, се да ставаат под своја контрола. Дека граѓаните и бизнисите мора да бараат отчет и одговорност од нив, за секое пречекорување на буџетот, за секое државно вработување, за секое неразумно трошење. Инаку, нашиот влез во Унијата ќе значи интегрирање на нејзините слабости.

 РАЗВИГОР