Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ЛЕТ ВО МЕСТО

Македонското современо општество тапка во место. Што не е ништо ново за сите кои од поодамна ги гледаат работите во нивната суштина. Новa е само смрдеата што сега веќе убива, а која ја континуирано ја продуцираат полициско-партиските-олигархиски центри што се создадоа непосредно пред и на самите почетоци на транзицијата. Тие во изминатите години се претворија во саможиви монструми кои Македонија и нејзините граѓани ги држат како заложници што им ги гарантираат нивните интереси

пишува Владимир Костовски

Не е битна формата, туку суштината. Ова го знаат сите што имаат два грама мозок и кои не се палат на појавните нешта, туку ги гледаат есенцијалните , важните нешта кај предметите, појавите, луѓето...Исто е и со државата. Државата може да има форма, ама ако нема суштина, таа е осудена на одумирање. Сигурни сме дека Македонија е држава на изумирање ако не се смени суштинското гледање на нејзините витални потреби и на интересите на македонецот, без оглед дали тој бил со македонско, албанско, турско влашко или ромско потекло. Но, за да се случи тоа, треба да прогледаат оние кои ја водат државата, а кои се за тоа избрани и платени од истиот тој народ. Дали е тоа возможно на сегашниот степен на развој? Апсолутно не. 

Зашто, за да прогледаат политичките елити што ги имаме на располагање, прво треба да веруваме дека тие имаат волја да прогледаат. Второ, да веруваме дека имаат способност тоа да го сторат. И трето, да веруваме дека процесот на прогледување нема да биде попречен од некој што му одговара да не држи во мрак. Сите три нешта во моментов имаат негативен предзнак.

Дополнително, македонските политички елити кои досега владееја со убавата земја и несреќниот народ, се самобендисани до даска. Особено и оваа последнава, актуелнава, номинално предводена и управувана од Никола Груевски. Што е типичен синдром за недораснати и нереализирани луѓе кога ќе се сретнат со феноменот што го продуцира власта во мали и демократски многу слаби држави - апсолутната моќ. Оттаму, за некакво прогледување и просветлување со оваа и сите други активни политички елити во Македонија, засега не може ни да стане збор.

Демократија на стаклени нозе, апашлук во свилени ракавици

Дваесет години по осамостојувањето, по сите параметри, Македонија е се уште далеку од вредностите што треба да ги поседува современа демократска држава и држава која се потпира на позитивните цивилизациски достигнувања. Населението е масовно сиромашно, при што само оние што имаат среќа да имаат работа, можат да се пофалат дека преживуваат, едвај. Другите, а тие се голема бројка, најмалку колку овие првите, живеат под секое достоинство. Или се на товар на пензиите на нивните родители или чекаат помош од некој роднина кој емигирирал на Запад или се задолжуваат каде стигнат, само за да го прехранат семејството. Фрустрациите кај луѓето се огромни. Кај нивните деца уште поголеми и се создаваат лузни кои оставаат последици за цел живиот. Спроведената криминална приватизација е веќе завршен процес кој е официјално покриен и со законските решенија. Резултатот е зачувани интереси на владеачките комунисти до 1990 и на нивните деца и внуци, како и на приватниот крупен капитал од само две соседни земји – Грција и Србија. Последната шанса некој нешто во законски рок да оспори околу приватизацијата, ја имаше актуелната влада на Груевски, но се покажа дека и тој, како и претходната „вмровска“ влада на Љубчо Георгиевски, нема политичка волја да го стори тоа. „Фершпед“ – компанија која има десетина фирми ќерки и која е предводена од семејството Накови (Штерјо и синови), стана синоним за рекетарството на сите досегашни влади во Македонија, кога тие ќе се „зафатеа“ со преиспитување на приватизацијата. Она што за секој лаик во правото беше лесено да се добие на суд, во Македонија се претвори во парадигма на апашлук, предводен од власта и елитите во нејзе. Првата „демократска “ влада на Бранко Црвенковски го создаде и обилно го користеа капиталот на оваа компанија за лични и за партиски цели, а двете вмровски влади на Георгиевски и на Груевски, заканувајќи се дека ќе ја поништат приватизацијата, де факто, само ја рекетираа оваа компанија и нејзините нелегални сопственици. Ете, со таква епилог е и приватизацијата на целото македонско стопанство, кое требаше, нели, да послужи како основа за богата држава и среќен народ со пристоен стандард. Кругот се затвори со истекувањето на последните 10 години од последните приватизации во Македонија, по што, ако судски не се покренат валидни постапки, никој нема право натаму да ги ревидира и оспорува. Така се овозможи реакумулација на капиталот, кој сега е исчистен и капиталистички, нели...Но овој процес имаше за последица и разорување на еден систем кој функционираше со помош на силни институции и изградба на нов, кој е скроен по мерка на поединци од елитата, наместо по мерка на државата и граѓаните.

Криминалната приватизација беше возможна само со слаби и недоветни институции. Уништени Државен завод за ревизија, строга контрола врз Народната банка, партиски контролирана и слабо платена полиција, судство избирано во парламентот во кој не учествуваше опозицијата, Управа за јавни приходи, која до скоро не собираше даноци или тоа го правеше селективно, слаба и корумпирана Царинска управа, разорено здравство каде никој до скоро не покренуваше никакви реформи, а кога се покренаа се извитоперија само со цел да останат големите пари(400 милини евра годишно) кај малкуте веледрогерии кои се приврзоци на политичките и полициските елити, неефикасно школство кое создава неспособни деца во првиот степен на образование - до толку неспособни што не можат или со мака го завршуваат средното образование, јавни претпријатија,т.н. „музари“, од каде без трошка срам се одлеваат стотици милиони евра јавни прари за алиментирање на партиски и лични потреби, корумпиран армиски врв...Списокот е огромен. Корупцијата, која е видлива и голема во секој сегмент од македонскиот систем, е потхранувана и од криминални кланови кои се занимаваат со рекет (легален и илегален), со шверц и продажба на дрога, цигари, алкохол и трговија со луѓе. Овие криминални кланови се создадоа во почетокот на деведесетите години од минатиот век, кога под превезот на преживување на државата, а всушност за потребите на Србија, се овозможи контролиран шверц – транзит, на нафта и на сета друга акцизна стока. Шверцот го вршеа фирми и поединци формирани и контролирани од македонската политичка и полициска елита, а кои беа во тесна врска со српската. Полека, овие се поврзаа со криминални кланови во Италија, а потоа и со други европски и светски мафии. Всушност, врската меѓу криминалот, полицијата и политиката никогаш не престана. Со тек на време добар дел од шверцерите станаа успешни бизнисмени кои држат угледни хотелски или текстилни брендови, а другиот дел, обичните криминалци, се организираа во банди, на кои со помош на едно замижано полициско око им е овозможено да продолжат со криминалната дејност. Резултатот на ваквото разорно дејствување е поразителен. И на јавна сцена и на улица.

Државата - најголем работодавач

Дваесет години по спроведување на транзиција од социјализам во капитализам, најголем работодавач во Македонија е државата, а таа воедно е и најголем купувач на стоки у услуги. Со буџет од 2,5 милијарди евра и кој расте секоја година, со државна администрација од 150 илјади луѓе, зарем може некој да и конкурира. Како најголем купувач, државата мора да купува преку јавни набавки спроведени во каква-таква законска процедура. Тендер, мендер, бакрачи...Речиси и да нема јавна набавка која не спроведена преку коруптивна акција, без оглед дали станува збор за набавка на тоалетна хартија или на хеликоптери за потребите на полицијата или војската. Дури и кампањите на владата или на јавните претпријатија за кои годишно се издвојуваат милиони евра (само тековната кампања на јавното претпријатие што произведува струја-ЕЛЕМ чини 600 илјади евра), одат преку една единствена фирма „Република“, која, за „да не се сетат власите“, формираше десет други фирми – луѓе, што се јавуваат на божемните тендери. Таква е состојбата со т.н. апашлук во свилени ракавици, при што, врвен цинизам е кога те прават слеп при очи, па ќе ти кажат дека Македонија за само две години од кога се тие на власт, паднала од 103 -то на 72-ро место на листата на перцепција на корупцијата што ја прави Транспаренси интернешнл, невладина организација со седиште во Берлин. 

Разорното дејствување на смислено ослабените институции на државата се гледа и во темните бројки на криминалот и на страниците црна хроника на весниците. Од земја во која до 1990 бројот на наркоманите што се на хероин или други потешки дроги беа двоцифрени, денеска имате десетици илјади наркомани на тешки дроги и уште можеби стотина илјади тинејџери кои пробале или би пробале некоја пилула (популарното екстази) на нивните забави. Насилниот криминал е, исто така, во голем пораст. Ограбувања на банки или кладилници стана секојдневие, исто како и другите кражби, убиствата, рекетирањето. Дури и самоубиствата се многу зголемени... Поголемиот дел од криминалот што носи многу пари (дрога, цигари, проституција) е организиран криминал, т.е. мафија која делува со помош на политичарите и нивните институции, а потоа нелегалниот профит го пере во државата, инвестирајќи во фирми, угостителски објекти и најмногу во недвижнини. Така, кругот се затвора, а мафијата може да се пофали дека има „своја“ држава.

Во таква состојба, нормално е дека секое приближување на Македонија до современите стандарди е најболно токму за споменатите структури и тие со сите сили се обидуваат да го минираат и најмалиот евентуален напредок, бесрамно и до тој степен, што дури и предизвикување војна не им е непозната метода. Зборуваме и за политичките и за полициските и за олигархиско мафијашките елити.

Лустрацијата е мислена именка

Кој ја спроведе оваа, без сомнение, планска состојба на уништување на старата држава, без да се изгради нова, која требаше да има јасен зацртан пат – евро атлантски интеграции. Во јавноста, па дури и упатената, многу често владее магла околу ова прашање. Де, тоа било нормална појава на неискуство и незнаење, де, сме имале несреќни времиња, демек војни во соседството, војна кај нас, па економски кризи во светот и слични глупости...

Всушност, проблемот е јасен како бел ден и само оној што не сака да го види, нема да го види. Македонската држава е заробеник на полициско-партиско-олигархиски центри на моќ, формирани пред и во самите почетоци на транзицијата пред дваесет години. Овие центри на моќ најегоистично се водат од сопствените интереси, држејќи ги притоа Македонија и нејзините граѓани како заложници. Секој обид да се смени таквата состојба наидува на жесток отпор, кој некогаш ни личи на невкусна политичка борба, недоветност на судови, на некоректност во медиумите, итн, но, во суштина станува збор за самоодбрана на моќта на монструмот. Таквиот монструм или интересно поврзани групички од монструми, владеат најмногу со помош на тајната полиција, која исто како и во социјализмот, остана „ударна тупаница“ на партијата (во случајов на партиите на власт, кои и да се). Тајната полиција пак, беше успешна и тогаш и денес, во добар дел поради тајните соработници, информатори, во народот попознати како кодоши. А тие и денес се истите како и тогаш. И денес тие се вградени во системот како потпорни столбови на една трула конструкција. Вградени се во секој битен сегмент – школство, здравство, образование, култура, судство, политика... Кога ќе се обидете да го деконструирате или барем рентгенски да го отсликате овој систем, тогаш тој се брани. Со сите средства. 

Најдобар пример за тоа е судбината и последните настани со процесот на лустрација, кој после тегнење од неколку години од првата иницијатива и предлог на Стојан Андов, почна да се спроведува. Под форма на заштита на човековите права пред Уставниот суд се покренува и се брани процедура на оспорување на актуелниот закон во неговите најважни точки, од кои една е, соработниците на тајната полиција да се откријат само до 1990, а не до 2008 година, кога законот стапи во сила. Уставниот суд, чие мнозинство членови, исто така, е бирано по волја на политичко-полициските елити, без проблем нареди времена забрана на спроведување на овие неколку членови од законот, со што ја обесмисли суштината на процесот на прочистување на општеството преку лустрацијата. Иницијативата ја покренаа група кодоши или злоупотребувачи на тој систем, како што еден познат театарски режисер и прв човек на моќна невладина организација, заедно со познат поранешен претседателски кандидат, министер за внатрешни и надворешни работи и професор (и двајцата политички недвосмислено блиски до СДСМ).

Всушност, на дело гледаме како дејствува одбранбениот механизам на монструмот, кој не дозволува да биде уништен. И не само што не дозволува, туку понекогаш имаме чувство како да ни се смее, онак циничн и јавно.

Како инаку да се протолкува, освен како цинизам, тоа што деновиве, кога беше актуелна темата со лустрацијата, во еден од скопските театри праизведба има драмата „Суд“ од неодамна покојниот Коле Чашуле. Во драмата „Суд“, (чиј автор е еден од тројцата судии на Методија Андонов Ченто и еден од веројатните кодоши на Венко Марковски), се бара предавникот на еден македонски војвода. Во драмата пак, со времената забрана на неколку члена од законот што се случува на сцената на актуелниот Уставен суд на РМ, исто така станува збор за перипетиите околу барањето на вистината, за тоа кои беа и кои се македонските предавници. 

Како што гледаме, системот поставен пред шеесет години се уште си функционира. И не му фали влакно од глава. Без оглед што смрдеата што ја остава зад себе веќе е неподнослива и убива, а ние, се уште летаме во место.