Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ, ЛУСТРАЦИЈАТА И РЕФОРМИТЕ

Отстранете ја параполицијата

Нема ниту метар суштински да се помрднеме во реформите на севкупното општество, ако не се направи сериозен исчекор кон отстранување на моќта на она што ги врзува старото и навидум новото - невидливата тајна полиција или параполицијата!

Тие се „невидливи“. Тие преку своите „очи“ и „уши“ се сеприсутни. Тие ако сакаат, знаат или барем се близу до тоа да знаат се'. Тие се само навидум сегашен или поранешен дел од институциите. Тие се само навидум патриоти. Нивните нозе се исцапани во ѓубришта, а нивните раце и метафорично и вистински се во крв до лакти. Нивните џебови се преполни. Обично со валкани пари, иако тие добиваат само дел од големиот колач. Нивниот зачин е секаде присутен во политичкиот и криминалниот живот во општеството. Организираат се'. Од крштевки до погреби. Од стечаи и промовирање олигарси до пералници на пари. Од местење избори, инсценирање инциденти, бунтови до војни. Тие убиваат илегално и анонимно или во експонирани атентати. Тие знаат да компромитираат до коска, користејќи вистински или инсценирани слабости. Подметнуваат и лажат. Подметнуваат долгогодишни „пријателства“ започнати „ни од чега“, па дури и старосвати и кумови... Прават се' ако имаат интерес тоа го сторат.

Овие редови погоре се само запис на зборовите искажани од устата на еден сведок-инсајдер, што ми ги беше бил раскажал на улица и јас само ги пренесувам онака како што ги запаметив во тоа време. Се зборува за еден посебен чувствителен дел од секој безбедносен апарат во секоја нормална држава, т.н. тајна полиција. Само што не се зборува за „видливата“ тајна полиција, која денес во Македонија глуми „варијација на тема“ борба против организираниот криминал. Станува збор за „невидливата“ тајна полиција. Онаа што заедно со политичката елита на крајот од едноумието ги здружи силите и средствата и појде „гласно“ во „перестројката“, за да ја ничкоса и да ја претвори во лажен, фиктивен процес.

Процес во кој многу брзо неприкосновеното место на единствената ком-партија го зазеде автохтоното и интернационалното подземје, кое стана всушност надземје и кое се измеша со тој џган од политичко-полициско дружество. До тој степен што денеска веќе не се препознава кој е кој, а кој е што! Значи, станува збор за оној дел од тајната полиција што можеме да го наречеме параполиција.

Создадени по зачетокот на револуционерниот поредок уште во 1945, структурите на тајната полиција, некогашните ОЗНА -УДБ - СДБ - ДБК - УБК, де факто никогаш не се сменети. Се менувале насловите, се правеле позерски шминки на реструктуризација, та сепак таа тешка и сложена машина не е сменета. Таа параполиција имено изникна токму од оваа легална тајна полиција, во која денес работат кадри што поради својата чесност и принципиелност „не се снашле“ и кадри од партиските листи на послушници... Оние што „многу знаат“ често завршувале како униформирани полицајци по реонските полициски станици во Скопје или станувале „инспектори по раткапни“ (еснафски израз што го употребувале во шега на своја сметка некогашните тајни полицајци „унапредени“ во инспектори по кражби).

Параполицијата, некогашната полициска елита што ги започна процесите пред две децении и што ги организираа трите големи грабежи во транзицијата во 90-тите години (приватизацијата, шверцот и пирамидалните штедилници), не е таму. Тие или се распоредени како советници за безбедност кај олигарсите или се во и низ политичките партии или тераат некои самостојни бизниси во кои, секако, спаѓа и купопродажба на информации собрани навреме од архивите.

Кај нас сите овие процеси, ми беше бил раскажал сведокот, започнале со феноменот ОКТОПУС или „осумтемина“ од МВР. Тоа било во едно време пред дваесетина години, кога заради потребите на „перестројката“ се инсценирала „гласност“, т.е. бунт во МВР, на чие чело биле осуммина видни припадници. Како луѓе, некој подобар, некој полош. Но, како џандари - речиси ненадминати во улогата што ја одиграле, по што „се заѕидаа“ како еден од столбовите на новата Македонија. Тие што одбиле да играат, откако сфатиле што играат, веќе не ги гледаме...

За да ми појасни колкава е нивната моќ, сведокот ми беше бил покажал кон Србија денес. Тоа е таа иста школа, иста методологија, иста кадровска структура. Таму сега се на дело последиците од работата на видливата, но и на „невидливата“ тајна полиција на „Ледени“ (Јовица Станишиќ), иако човекот беше сменет од Милошевиќ уште во 1998 или 1999. Таа тајна полиција таму, другарчиња на овие нашиве, исто така организираше се' - од доаѓањето на Милошевиќ на власт, преку грабежите и војните, до транспортот на бегалците. Нешто им се протнало и неконтролирано, како геноцидот во Сребреница и загубата на Косово. „Врв“ им се убиството на Стамболиќ, атентатот врз Ѓинѓиќ и криењето на Ратко Младиќ во соработка со другарчињата по Балканот. Ете, тоа е моќта на таа невидлива полиција и штетата што може да ја направи ако се остави нечепната.

Знаејќи го ова, станува јасно дека ние всушност можеме да зборуваме за рецепт за брз напредок во Македонија преку отстранување на моќта на параполицијата. Зашто, кај нив се информациите. Кај нив се методологиите. Кај нив се органограмите на мафијашките структури во Македонија. Кај нив се вистинските и целосните досиеја, оние што не се предадени на државниот архив, кај нив се вистинските регистри на соработниците/кодошите во земјата...

Оттаму, процесот на лустрација, чија зачмаеност деновиве повторно беше тема на новинарско потсетување, не треба да ги плаши политичките партии. Исто како во Србија и тука регистрите на книгите со соработници и нивните имиња, верува нашиот сведок-наратор, се изменети. Притоа се исчистени оние вистински војници на полициско-политичката мафијашка елита што управува со земјата. Таму ќе ги најдете оние што не им се важни или оние што се подметнати и впишани/злоупотребени без нивно знаење. Затоа, храбро и без страв со лустрацијата. Ќе настрадаат само ситните...

На крајот од прикажувањето, сведокот инсистираше дека параполицијата сепак не е најдолниот талог на Македонија. Не. Тоа се само луѓе што му помогнаа на политичкиот талог и заедно ја спроведоа намерата за божемна транзиција, со цел да ја обесчестат секоја идеја за промена. Политичкиот талог не само од времињата на Лазо и Крсте. Туку уште повеќе од времињата на Џобе, Циле, Столе, Тито, итн., итн. Со еден збор, сите оние што некогаш од Виена со Мок или сега од Скопје преку зборовите на покојниот Б. Фотев, на „свој начин“ ни предлагаат да „не се занесуваме“ и да ги разбереме траумите на грчките политички елити кои бараат да постоиме само ако не сме Македонци.

Значи, за тој политички талог станува збор, се разбира, заедно со второстепените нивни помагатели, изнедрени пред се' од двете „здружени злосторнички организации“ што продуцираат правници и економисти. Тие по потреба час министеруваа, час експертираа и пишуваа устави, закони или мировни договори... Денес ги гледаме како играат шах и евоцираат спомени или како пронаоѓаат сведоци по улица за разни атентати... Што е само уште една заедничка политичка игра на параполицијата и на талогот, наменета за откривање на „опасни“ лица со политички амбиции. Ова дообјаснување на сведокот му беше битно, како што ми беше бил кажал, поради правдољубието и вистинољубивоста. По што се сврте и замина. Кон Водно...

Теофил Блажевски (Авторот е новинар)