Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ПРОСВЕТЛУВАЊЕ СО МРАЧНИ БОИ


Чиј грев е поголем: на Фрчкоски или на лустраторите?

Веројатно никој не можел ниту да претпостави дека лустраторите ќе бараат врапчиња. Едни, за да им јават на некои, на пример, во кои досиеја точно може да се види дека еден поранешен министер за внатрешни работи дал налози за следење на четири лица и тоа од идеолошко-политички причини, а други за да им ја кажат „техниката“ за пронаоѓање на доказите и брзо читање на досиејата

 

16.12.2011
И едно врапче да остане, тоа ќе продолжи да пее ВМРО-Македонија, ВМРО-Македонија... Смејте се, смејте се, ама еден ден ќе плачете. Ова беше една од антологиските реплики по која, меѓу другото, остана запаметен пратеникот од првиот парламентарен состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Анастасовски. За жал, Анастасовски не е веќе меѓу живите, но „неговите врапчиња“ и денес се актуелни. И тоа меѓу членовите на Kомисијата за лустрација. Веројатно никој не можел ниту да претпостави дека лустраторите ќе бараат врапчиња за да им јават некои работи. За едни, на пример, точно во кои досиеја може да се види дека еден поранешен министер за внатрешни работи, во случајов Љубомир Фрчкоски, во времето на неговото министерување дал налози за следење на четири лица и тоа од идеолошко-политички причини. Со тоа, практично, станува прв поранешен функционер, кој е опфатен со лустрацијата од позиција на наредбодавец. Други лустратори, пак, бараат врапчиња за да им ја кажат „техниката“ за пронаоѓање на доказите и брзо читање на досиејата.

Но, шегата настрана. Kаде и да се кријат и што и да „отпеат“ врапчињата, на човек во моментов му се наметнува една дилема - што е пострашно, дали злоупотребата на процесот на лустрација или, пак, злоупотребата на министерската функција и позиција?! И додека секој од нас бара одговор, во Уставот, барем на хартија ќе стои, парафразирано, дека приватноста на граѓаните е загарантирана, додека во пракса никој нема да знае дали и зошто е следен од тајните служби.

Штази вода да носи

Од 2003 година за следење на комуникациите и спроведување посебни истражни мерки неопходна е наредба од судот и тоа само под услови и во постапка утврдени со закон, што за почитувањето на човековите права и слободи, мора да се признае, убаво звучи. Иако и ова, кога станува збор за нас, не мора да претставува никаква гаранција, може само да се претпоставува што с` се случувало без никакви законски ограничувања и тоа без реформирани тајни служби, длабоко навлезени во плурализмот и демократијата и под постојан притисок од соседството. Kојзнае, можеби ќе излезе дека на нашата служба, Штази можел само вода да и носи.

Лустраторите ја отворија Пандорината кутија. Зашто, евентуалниот „лов“ на првиот наредбодавец по правило значи и експресна проверка на сите досегашни министри и за внатрешни и за одбрана, директорите на УБK, поранешна ДБK, раководителите на воената тајна служба и на сите по ранг надолу, односно на сите кои давањето наредби за следење им било редовна работна задача. Што тоа ќе значи за целиот безбедносен систем, може само да се претпостави, но не и да се даде точна и прецизна оценка.

Работите се премногу сериозни за да се гледаат со сеир и партиско-политички наивно. Наредбите за следење се однесувале за лица, кои во дадениот момент биле под сомневање дека настапувале од пробугарски и просрпски позиции или од позиции на албански национализам. Евентуалната соработка со странски служби е кривично дело, но тие досиеја не можат да бидат предмет на лустрација, барем не до моментот кога лицата би се кандидирале за носители на јавни функции. Тоа најдобро го потврдува искуството со еден наш новинар, кој во некои медиуми беше обвинет дека бил соработник со српските служби, ама експресно беше негирано од негова страна со документ од МВР. Но, може ли некој да биде сигурен дека следењето за настапување од разни про-позиции не може да биде искористено и за домашна политичка употреба?! Имал ли министерот свои „врапчиња“ што му кажувале по која основа да издава наредби за следење?! Kога, на пример, Димитар Црномаров бил следен за настапување од пробугарски позиции, тој беше и активен политичар, едно време и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и претседател на ВМРО-татковинска. Оставило ли тоа траги и може ли воопшто да се измерат последиците врз неговата животна и политичка кариера, врз неговото семејство, па и врз партијата која тогаш беше во опозиција, а од сите страни се соочуваше со пробугарски етикети?! Kолку тие и такви етикети биле блиску до реалноста, а колку производ на тајните служби и подземната политика?! Факт е, Црномаров досега не одговарал кривично за соработка со странска служба, ниту пак некој од другите споменати имиња, ама дамките останале. Да биде иронијата поголема, Црномаров работи во МВР!

Има и други досиеја

Од друга страна, несфатливо е зошто лустраторите со нивните „врапчиња“ ги одбрале токму овие предмети за да ја докажат наредбодавачката улога на поранешниот министер за следење и водење досиеја од идејно-политички причини, кога постои предметот на кумановецот Јордан Петровски-Црни. Петровски е единствениот Македонец, кој во 90-тите доби азил во Kанада, а избега од Македонија поради постојаните притисоци на тајните служби. Тој поднесе и тужба за злоупотреба на функцијата против поранешниот министер и наместо таа да добие судски епилог, сега „врапчињата“ носат друг абер. Kон ова може да се додаде уште едно прашање - зошто меѓу досиејата го нема и тоа за еден претседател на партија од албанскиот блок?

Поранешниот министер наредбодавец во интервју за „Утрински весник“, пак, ќе изнесе друг податок:

Вообичаено, сите министри ги одобрувале ваквите предлози. Предлозите што ги расправа таканаречената Kомисија за лустрација во мојот случај (Миле Неделковски, Димитар Црномаров по бугарска линија, владиката Петар по српска и извесен Фејзиу по албанска линија) се оперативни обработки и заведени од мојот претходник, а јас само ги продолжив. Истото тоа го направија и моите наследници. Тоа е нормална работа - ќе рече Фрчкоски.

Ваков вид одбрана на префрлање или споделување на одговорноста е познат уште од времето на Нирнбершките процеси. Значи, според поранешниот министер, денес е сосема нормално некој да биде следен, што во крајна линија е и работа на безбедносните служби. Но, за разлика од нормалниот демократски свет, кај нас се уште не функционираат контролните механизми, што води кон отворени сомнежи за злоупотреби. Затоа, кои се гаранциите дека министерот само потпишувал, а истовремено не иницирал и други следења. Kако може да се случи истиот министер да излезе во јавност со досие за наводен соработник, што било водено за новинарот со псевдоним „Садам“? Уште колку досиеја за други „садами“ може да има истиот министер, не мора да бидат само новинари, туку луѓе од било која професија?! Може ли токму поради тие досиеја тие да бидат уценувани и со што?! Или, пак, друг поранешен министер да биде аболиран од претседателот на државата поради аферата „Прислушување“?!

Изјавата е интересна и од друг аспект. Зошто, на пример, како тазе поставен министер за внатрешни работи, демократ и борец за човекови права и слободи не се ни обидел да ја провери потребата од следење на четирите лица, туку само така механички ги потпишувал документите? Со кое морално право истиот ќе говори за (не)почитување на човековите права и слободи?!

Следење без проверка

И поранешниот министер за внатрешни работи, а сега пратеник Павле Трајанов во истиот весник даде интересен пример од оперативна обработка на новинари. Тој, како што вели, е многу спокоен од аспект на лустрацијата, ама тврди дека сите министри од осамостојувањето на земјата имаат потпишувано документи за преземање одредени оперативни мерки, но прашање е кој ја злоупотребил таа позиција.

- Имаше отворени досиеја на лица кои се занимавале со политика и на новинари кои биле следени. На пример, имаше случај на следење на двајца новинари кои биле во еден ресторан во трговски центар. Потоа едниот бил пресретнат од сообраќајна полиција и, наводно, за да му земат крв за проверка на алкохол, бил однесен во болница, за во меѓувреме да му биде претресен автомобилот и документите што ги имал во чантата. Тоа е класична злоупотреба и јас наредив ваквите мерки веднаш да бидат запрени.

Дали навистина се запрени?! Ова го кажува поранешен министер, а само бујна фантазија од стриповите може да претстави што се можело да се случи и што се случувало. Нејсе. Во првичната верзија на законот за лустрација, наредбодавците не беа опфатени. Тие во законските одредби се најдоа по амандманската интервенција и по консензуално барање на пратениците. Сега клучно е прашањето дали лустраторите одделно ги разгледуваат извршителите, а одделно наредбодавците!? Барем од овој аспект Законот не претрпе никакви измени, истите одредби важеа и тогаш и сега. Исто како што важи дилемата - што е полошо, дали злоупотреба на министерската функција или злоупотреба на процесот на лустрација!?

Како Фрчкоски го мина филтерот за изборите?

Фрчкоски на последните претседателски избори беше кандидат на СДСМ и притоа, согласно законските одредби, мораше да поднесе изјава дека не бил соработник на тајните служби, односно наредбодавец. И што ќе беше ако со волјата на мнозинството граѓани беше избран на функцијата? Зошто и како тогаш го мина лустрацискиот филтер?!

Предраг Димитровски