Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ЏАБИР ДЕРАЛА, НЕГАТОР НА ЗЛОСТОРИТЕ НА КОМУНИЗМОТ

Јордан и Душан Петровски 13.11.2017

Кога ке се прочита текст полн со перфидни манипулации и замена на тези—а сѐ со цел одбрана на комунистичкиот систем во Македонија, и чиј автор е водечка личност на НВО кое се декларира како заштитник на човекови права и слободи—станува јасно како ден зошто Македонија е последен комунистички, односно тоталитаристички, бастион во Европа! Еве дел од текстот на Џабир Дерала под наслов ФАШИЗАМ кој е врв на манипулацијата:

Кога говориме и пишуваме против фашизмот, верните следбеници на оваа клика не пропуштаат да извршат контранапад и да релативизираат со споредби со комунизмот. Значи, не го осудуваат фашизмот и политичкиот екстремизам, прикриениот или отворен антисемитизам, туку само велат дека и комунизмот бил лош. Притоа, невешто се обидуваат да ги стават антифашистите во графата комунисти, па така да ги направат сите подеднакво лоши, односно исти. Ја згрешиле работата! Со тоа само дополнително се разобличуваат себе си.

Никој не ја одречува монструозноста на диктатурата на Советскиот Сојуз и фасцинацијата на руските (и не само руските) деспоти со фашизмот, па дури и „натпревар“ во бруталноста низ не така дамнешната историја, но и денес. Антисемитизмот и фашизмот во Русија се прилично живи. Руските екстремисти го слават роденденот на Хитлер со брутални и неказнети напади врз мигранти и не-Руси секоја година, а тоа е само еден пример.

Ништо не може да ги оправда! Било да се свесни или несвесни, фашистите во земјава се дел од еден долгогодишен социјален инженеринг кој влезе на голема врата во образованието и културата на Македонија. Јавната сцена со години се контаминира со валкан и насилнички вокабулар, кој го со години го користат дел од медиумите. Во фашисоиден манир, медиумите често отворено ја подгреваат омразата кон поинаквите, било да се политички неистомисленици, етнички и верски малцинства, ЛГБТИ заедницата или други маргинализирани и ранливи групи на граѓанки и граѓани.

Фашизмот и политичкиот екстремизам во Македонија не се маргинални појави. Беа негувани и сѐ уште се негуваат од структури чиј размер и моќ не се за занемарување. Почнувајќи од сопствениот двор, сите заедници и структури, политички и општествени, мораат да почнат со чистење. Сега! 

Охрабрен од трендовите што несомнено ги следи на сѐсветската мрежа и кои ги учи во „универзитетите“ на Сорос, другарот Дерала, ослободен конечно да почне да се служи со речникот со којшто израснал, прави каша попара. Тоа што оние кои не дозволуваат да се лажат при здрав разум, и што верно потсетуваат на фактот дека комунистичките режими секаде на светот ликвидирале, намерно изгладнале, или инаку измачиле до смрт најмалку 25 пати повеќе сопствени граѓани одошто режимот на Хитлер убил Евреи—ненегирајки го ужасот на Холокаустот—другар Дерала го означува како релативизирање.

Другар Дерала, и неговата неомаркситичка фела денес зборува за измислени маргинализирани групи (етнички и верски малцинства, ЛГБТИ заедницата или други маргинализирани и ранливи групи на граѓанки и граѓани—Дерада ги заборава нелегалните мексикански мигранти и маргинализираните Афро-американци), затоа што тие немаат интерес да се заангажираат за злосторите на Сојузот на комунисти на Југославија и нивните наследници во СДСМ-ДПМНЕ—односно за докажаните жртви на политиката на прогон и репресија на политичките неистомосленици и после 1991 година.

Веднаш по разврската на Втората светска војна, светот ги осуди злоделата на Нацизмот/фашизмот со Нирмбершкиот процес, но и со секој филм, хумористична серија, роман, со секој учебник по историја. Негирањето на Холокаустот и општо на злоделата на режимот на Хитлер, за сите овие седумдесет и кусур години од крајот на последната Светска војна е забрането, во некои општества и со закон. Но бидејки Советскиот Сојуз—којшто ја започнал Втората светска војна како сојузник на Хитлеровиот режим—ја завршил војната како сојузник на победничката страна, комунизмот остана неосуден од нормалниот свет, иако непожелен.

Правдата доби доза на сатисфакција кога во 1996 година Советот на Европа ја донесе Резолуцијата 1096, и десет години подоцна Резолуцијата 1481 со кои ги осуди злоделатана комунистичките системи. Советот на Европа ги остави државите кои имале комунистички системи сами да ги казнат комунистичките злостори и со тоа ја стори најголемата грешка.

Резолуцијата 1096 го опишува комунизмот на многу сличен начин на кој што другар Дерала го опишува фашизмот, но тоа и не треба да изненадува зашто двата системи се ужасни сијамски близнаци:

„Тоталитарните комунистички режими коишто владееја со централна и источна Европа во изминатиот век, и коишто се сѐуште на власт во неколку земји во светот, беа, без исклучок, карактеризирани со масивни прекршувања на човековите права. Прекршувањата се разликуваа зависно од културата, државата и историскиот период и вкучуваа индивидуални и колективни атентати и ликвидации, смрт во концентрациони логори, изгладнување, депортации, тортура, робовска работа, и други облици на масовен физички терор, прогон на етничка или религиозна основа, прекршување на слободата на совеста, мислењето и изразувањето, слободата на печатот и недостатокот на политички плурализам.“

Другар Дерала во својата неомарксистичка тирада го спомнува и антисиметизмот, што секако е најсилната точка на неразбирање на суштинската природа на Хитлеровиот режим. Имено, Хитлер се толкува чисто како расист—што не го негирам—поради неговото нетрпение кон Евреите. Но од полза ке е да ги ставиме Евреите во нивниот вистински контекст. Имено, тие, благодарение на нивната домакинска традиција, биле првата европска буржуазија, чиишто корени датираат до почетокот на вториот милениум. Во првата половина на дваесетиот век Евреите го сочинувале мнозинстото од оваа најомразена од социјалистите категорија на граѓани, како во Германија и Франција, така и во Полска и Чешка. Оттука мотивацијата на „националистот“ Хитлер да нишани токму на оваа етничка, односно религиозна малцинска група.

Да потсетам, фашизмот беше осуден и забранет на судски процес кој беше организиран од демократскиот свет на кој процес креаторите и извршителите на фашистичките злодела беа казнети.  Беа забранети формирања на партии кои ке имат фашистички идеологии, беше забрането користењето на фашистичките симболи и обележја.  Дали свесно или не Советот на Европа не поведе сметка дека скоро во сите држави со комунистички системи, комунистите се преслекоа во рува на социјал-демокарти, реформатори, а некаде и на националисти—а за да да бидат убедливи дека тие не се тоа што се, ментални комунисти, формираа и по некоја партија која го носеше името Комунистичка и така тие се наметнаа како луѓе кои ке ги судат злоделата на комунизмот, злодела кои тие ги сториле.

Лустрацијата, онака како ја предложи Советот на Европа има за цел да го стави во центарот на вниманието злосторот на вториот тоталитарен режим. Скоро сите од бившите комунистички држави ги спроведоа Резолуциите, некои со голем успех—Источна Германија, Полска, Латвија—а некои го „осудија“ комунизмот само на хартија. Македонија не го стори ниту ова второво, зашто комунистите наводно ни дале држава, а злосторите ги вршеле за потребите на владите.

Каква ке биде осудата на комунистичките злодела во Македонија ни порача Сицијалдемократот, односно преоблечениот комунист, Игор Ивановски член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, коментирајки ја воздржаноаста на Македонската делегација при гласањето за  Резолуцијата 1481, инаку втора Резолуција за осуда на комунистичките злодела :

 

Да се вратам на главното во мојот текст, лажниот демократ и бранител на човекови права и слободи, Џабир Дерала! За да со сигурност утврдиме дали Џабир Дерала е тоа што се представува, демократ и борец за заштита на човекови права и слободи ке употребам еден „тест“!

Академикот Аралица нуди еден многу лесен и едноставен начин за препознавање на менталниот склоп на човекот, на општеството и на системот. Ќе го парафразирам академикот Аралица:

Како основ за препознавање на човековиот, односно општествениот менталитет, треба да се тргне од темелот. Да се дефинира разликата на менталитетот кој настанува во демократски општества и од оној што се ствара во тоталитарните.

Дерала е производ на тоталитарен комунистички систем. Тој својот „успех “ во кариерата—онаа писателската и актерската, и онаа како „борец за човекови права и слободи“—го остварил само затоа што бил верен чувар и бранител на комунистичкиот тоталитарен сиситем, односно зашто бил спремен да се откаже од сопствената волја и сопствениот разум.

Вообичаено е да сметаме дека демократ неможе да биде човек кој подеднакво не ги осудува обата тоталитаризми. Дали сте сретнале некаде Дерала да го осудил комунистичкиот систем на Југославија,  кој опстана благодарејки на СДСМ во Македонија и по нејзиното „осамостојување“?

Ако некому комунизмот му е негативен, а кон фашизмот е благонаклон, тогаш тој човек е ментален неофашист. Ако пак фашизмот му е негативен, додека за комунизмот во сите случаеви има оправдувања, тогаш човекот е ментален комунист, па и да се убие од докажување дека е демократ тоа неможе да го смени!

Од делот на текстот на Дерала што го цитирав паѓа во очи ноторната лага—стандардната линија на неомаркситичките апологети на комунизмот дека секаде кадешто комунизмот бил испробан и докажан како ужасен, тоа „не било вистински комунизам“—дека „монструозноста на диктатурата на Советскиот Сојуз и фасцинацијата на руските (и не само руските) деспоти со фашизмот“ е причината за злосторите на комунистичките системи. Значи пораката е комунизмот како идеологија е безгрешен ама, ете, фашизмот кој ги опседнал некои од комунистичките лидери е виновен за злосторите кои ги сторил комунизмот.

Дерала заборава дека Мусолини и Хитлер биле СОЦИЈАЛИСТИ—Мусолини, син на социјалист, ја формирал Фашистичката патрија по неговиот неуспешен обид да се наметне како лидер на Социјистичката партија! Дека нивните идеологии биле идеологии на социјална правда—заради што на вегетаријанецот Хитлер му пречеле буржуите Евереи—и дека елиминацијата на идеолошките и политичките противници, Мусолини и Хитлер ја превзеле од Ленин и Сталин.

Но, повеке од јасно е дека кога Дерада зборува за фашизам, тој не зборува за режимите на Мусолини и Хитлер, туку тој, верен на мантрата „Смрт фашизму—слобода народу“ зборува сето она што не е дел од неговата клика и неговата визија.

Демократите со менталитет на комунист во Македонија кога го величааат комунистичкиот систем во Македонија како една од главните причини го нудат фактот дека „комунистите ја донеле слободата,“ и „ја створиле македонската држава.“ Веднаш на секој разумен човек му се наметнува прашањето која и каква слобода донеле комунистите.

Каква е таа слобода кога се извршени илјадници убиства без судски процеси, без судски докажана вина? Каква е таа слобода кога немало непосредни и демократски избори, кога немало почитување на устав, кога немало почитување на индивидуални човекови права? За каква слобода зборуваме кога зборуваме за класична полициска држава? Сето понапред споменато во овој пасус е одлика на системот и во последниве 27 години, ама Дерала тоа го покрива со некаков си фашизам и прогон на луѓе од ЛГБТ ориентација. Зар можеме да говориме за фашизам, кога имаме плоштади, улици, училишта, со имиња на комунистичките злосторници: Тито, Глигоров, Ленин! 

Менталните комунисти од СДСМ за демократија ја сметаат бескрупулозната борба за власт со своите идеолошки браќа од ДПМНЕ. Да потсетиме, во 1948 година за време на озлогласеното Иформбиро југословенските комунисти-Титовисти масовно крвнички прогонувале илјадници нивни колеги комунисти-Сталинисти, зашто не стоеле на идентична линија како нивната! И другар Дерала после некому ке му попува за маргинализирање на политичките неисотмиленици.