Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

Побитно е да ги најдеме кодошите по независноста


Автор: Дарко Јаневски

04.02.2011

Лустрацијата не успеа, зашто целта беше да се заштитат тие што по 1991 година работеа на остварување на вториот дел на референдумското прашање „со право да стапи во идниот сојуз на суверените држави на Југославија“. Сегашната лустрација треба да ја демаскира таа политика и да ги покаже пред граѓаните луѓето што од 1991 година до денеска работеле на уништувањето на Македонија на секој план, сметаат Дане Поповски и Јордан Петровски, Македонци во Канада, кои на своја кожа имаат почувствувано што значи да се биде гонет од тајната служба.

Клучно за македонската лустрација за народно помирување е конечно да го исклучи антимакедонскиот елемент од управувањето со државата. Значи, да се откријат наредбодавците, извршителите и соработниците. Тие за кои ќе се утврди дека работеле за интересите на туѓи држави да се изведат пред лицето на правдата и да им се суди за велепредавство. Оние, пак, за кои нема да се утврди дека тоа го правеле за интерес на туѓи држави, но сепак дека работеле против интересите на Република Македонија како независна и суверена држава или за некои лични цели, да им се забрани учество во јавниот и политичкиот живот и криминално да одговараат за кршење на човековите права на граѓаните, злоупотребувајќи ја својата службена должност.

Во сето ова, многу побитно е да се опфати со лустрација периодот по осамостојувањето од СФРЈ во 1991 година, отколку пред тоа. Тоа е поентата на Јордан Петровски и на Дане Поповски, членови на Комитетот за демократизација на РМ, основан во Онтарио, Канада, кои себеси се нарекуваат ветерани-дисиденти.
Според нив, Законот за лустрација на Андов не успеа затоа што сакаше да ги сокрие вистинските виновници, како и вистинската причина за која се гонети жртвите на УДБ-а, односно подоцнежните тајни служби.

- „Експертите“ при составувањето на Законот за лустрација како најголеми виновници за делата на УДБ-а, под кое име ги подразбираме сите тајни служби во Македонија и од сите времиња, ги посочуваа кодошите. Во држава каде што првенствена задача на полицијата и војската беше на недемократски начин да ја зачуваат Комунистичката партијата на власт, шансите да се биде кодош беа и се многу големи. Затоа, кон кодошите треба да се има посебен однос, бидејќи тие беа присилени на соработка со УДБ-а, Законот нив мора да ги класифицира како еден вид жртви и за нив да не предвидува казни - вели Петровски.

Тој смета дека судирот меѓу удбашите и нивните жртви многу повеќе е на линија на борбата да се спречат идеите за суверена, самостојна и демократска Македонија, отколку што е на идеолошка основа. Тој судир, смета Петровски, како што траеше во времето на социјалистичка Македонија, уште повеќе трае и по 1991 година и нејзиното осамостојување.

- Кај нас сржта на судирот е национална. Во речиси сите други посткомунистички држави се спроведе лустрација. Таму се лустрираа носителите на комунизмот - значи таму имаше идеолошка борба помеѓу идеолошките левици и десници. За да биде целисходна и од полза на народно помирување и обединување, лустрацијата во Македонија мора да зафати многу подлабоко. Во Македонија не е вршен прогон само на идеолошки неистомисленици, туку најголем дел од прогонуваните (околу 90 отсто) се по национална основа. Затоа прогонот продолжи и по осамостојувањето и критериумите според кои се спроведува прогонот се исти како оние од по Втората светска војна. Службите, исто како и во 1947 година, отвораа досиеја и отпочнуваа гонење на луѓе кои се залагаа пред сé за целосно исполнување на првиот дел на референдумското прашање: „Дали сте за суверена и самостојна Република Македонија?“, истакнува Петровски.

Кодоши и соработници

Неговиот соработник Дане Поповски додава дека во периодот по референдумот, според изјава на д-р Зоран Тодоровски, актуелен директор на Архивот на Македонија, отворени се неколку илјади досиеја, што значи дека службата повторно морала да се ангажира за да произведе кодоши. „Производството“ на кодоши во овој период е тајната поради која сега нема лустрација.

- Додека законот сé уште беше во подготвителна верзија, беше добар и даваше надеж дека конечно Македонија ќе го симне тој голем товар од своите плеќи - лустрацијата, односно примената на Декларацијата на ЕУ за осуда на комунизмот. Но, како одеше пишувањето на законот, отпаѓаа најважните членови - оние што беа клуч за вистинска лустрација - тврди Поповски.

Според него, целта е да се заштитат тие што по 1991 година работеа на остварувањето на вториот дел на референдумското прашање „со право да стапи во идниот сојуз на суверените држави на Југославија“, бидејќи тие беа оние што инсистираа на тој дел воопшто да биде вклучен во референдумот. Сегашната лустрација треба да ја демаскира таа политика и да ги покаже пред граѓаните луѓето што од 1991 година до денеска работеле на уништувањето на Република Македонија на духовен, економски и на демографски план.

- Но да се вратиме на кодошите. Службата има еден специфичен начин на работа. Имено, таа не го врши прогонот за прогонетиот конечно да го уапси. Не, целта на системот на работа е да се стекне со нов кодош - при што од секој „противник“ прави „свој“ човек, бидејќи, целта е, нели, едноумие! Најчест метод за стекнување со нов кодош се уцени - прељуба, ситен криминал, лична тајна или местенка на некој проблем, за кој потоа службата ќе понуди помош за решавање - на пример, задолжување кај лихвар, стопирање судски предмет и слично. Откако службата ќе го добиела новиот кодош, почнувала со поставување задачи кон истиот, т.е. обработка на нов „предмет“ - објаснува Поповски.

За кодоши многумина ги сметаат и оние луѓе што на официјален начин биле канети во канцелариите на УДБ-а, при МВР, со закана дека ако не „соработуваат“, т.е. ако не се појават на сослушувањето, им следува некаква казна. За кодоши се сметаат и луѓе - соседи или пријатели и членови на семејството на „предметот на обработка“, кои знајно или незнајно, правејќи уличен муабет со службеник-извршител придонесувале кон одредено досие. Многу често, кодошите немале избор.

- Затоа, која е идејата тие да бидат главна цел на лустрацијата? Ние бараме од кодошите да се издвојат тие што биле „соработници“, како лица што не биле вработени во тајните служби на МВР, но кои извршувале задачи за УДБ-а, односно тајните служби, кои биле на штета на други поединци и на националните интереси, а за возврат добивале надомест - пари, привилегии, унапредувања итн. За разлика од соработниците, кодошите не добивале надомест за доставувањето информации до МВР, туку информациите што ги давале биле изнудени или незнајно дадени. Секако, мора да се очекува дека има значаен број кодоши што станале соработници. Бидејќи цели на нашата стратегија е националното помирување и демонтажа на УДБ-а како орган на антимакедонска политика, ние велиме дека кодошите (што не станале соработници) треба да бидат третирани како жртви или во најмала рака - неутрално, но во никој случај тие да не се гонат - вели Поповски.

За Југославија

- И конечно, да ја објасниме идејата за лустрација за народно помирување. Во 2002 година во Република Македонија беше донесен Закон за политичките затвореници, со кој требаше да се обесштетат осудуваните за независна Македонија во времето на поранешна Југославија. Овој закон е одлична појдовна основа и со мали дополненија и измени неговата примена ќе овозможи рехабилитација, репатријација и репарација на жртвите на УДБ-а до 1991 година - а воедно нема да има нов прогон против оние што дејствувале во рамките на законите на поранешна Југославија. Тоа значи, клучно, дека илјадниците кодоши, кои имале или немале избор за да соработуваат со службите, луѓе што се и онака во залезот на своите животи - ќе можат на мир да си ги одживеат нивните последни години. Тоа би било прифатено како задоволително, а во знак на добра волја, од страна на ветераните-дисиденти - додава Петровски.

Според него, клучно за македонската лустрацијата е времето по 1991 година, а не пред тоа. Тој мисли дека станува збор за една групација на луѓе, која во периодот од 1990 година, па до денес, преку разни форми ја спроведува таа антинационална програма за уништување на Македонија и Македонците. Луѓе од власта, кои кога Словенците и Хрватите трчаа и молеа кај владите на ЕУ и на САД меѓународно да им ги признаат државите, тие од петни жили се обидуваа да ја задржат Македонија во југословенски сојуз, за потоа прекуноќ да станат „државотворци“. Тоа, според Петровски и Поповски, се луѓе што ја задржаа и сé уште ја држат Македонија надвор од евроатлантските сојузи и кои си поигруваат со името на државата и идентитетот на народот.

- Кога овие неколку дузини поединци, сосе нивната антимакедонска мрежа ќе се отстранат од јавниот и политичкиот живот и кога на виделина ќе излезат нивните свесно спроведени политики на национален раскол и општествен грабеж, тогаш македонското општество ќе може да почне да живее во единство и слога. Тогаш ќе се расветли и криминалната приватизација и Република Македонија ќе може економски да заживее, па дури и да стане предмет на почитување на државите спрема кои денес се стремиме да им се придружиме. Тогаш ќе биде решено и прашањето за т.н. спор за името. Тогаш ќе можеме навистина да очекуваме покани за членство во ЕУ и во НАТО и, конечно, еднаш засекогаш ќе престанат постојаните меѓуетнички напнатости и закани за понатамошно распарчување на државата - истакнува Петровски.