Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

СЕЛОТО ГОРИ, НО ВО ОГИНОТ СЕ КАЛИ ЧЕЛИКОТ

 

 

Пишува Душан Петровки 06.10.2017

 

Оние со кои сум „пријател“ на фејсбук знаат дека имам афинитет за лајкување и споделување на меми. Впрочем мемите ми се толкава обсесија, што успеав мојот татко во својата седма декада да го свртам кон овој вид на изразување. Сликата вреди илјада зборови, што ги прави мемите ефективен начин на брза комуникација на идеи.

Деновиве тролајќи го фејсбуко налетав на една мима споделена од еден мој ДПМНЕвски „пријател“ којашто особено ми го привлече вниманието. Мимата е оваа подоле, а е во стилот на народната „Село гори, баба се чешла.“ 

 

 

Пораката е јасна: селото што гори е Македонија: Платформа, двојазичност, продавање на името, итн; бабата што се чешла се опонентите на тајфата околу Груевски—односно поддржувачите на Вландата на Зајко Кукурајко. Бабата што се чешла се кратковидите критичари на Груевски на коишто им дојдоа преку глава неговите измами и лаги. Мемава, поради тоа што ДПМНЕвците ја ползуваат кон свои пропагандни цели кажува само дел од вистината. Но, без галје, ние сме тука да ги фатиме манипулациите на обете банди. Нас, не нѐ интересираат ситните раскусурувања помеѓу двете крила на југокомунистичкиот галеб, туку нѐ интересира долгорочниот опстанок на нашата нација. 

ДПМНЕ крадеше. Да. Но доаѓањето на животот и слободата кобајаги значеа дека некој ќе одговара за грабежот што ДПМНЕвците наводно го правеле. Колку што ме држи умот, пред помалку од една година Македонија беше „под диктатура“, органите на државната безбедност беа „злоупотребувани без преседан,“ а ист беше и наративот околу грабежот којшто го правела вландата на Груевски. После полугодишно влечење и тегнење, Мурто конечно се симна од коњот за да може малку да појава братот му близнак, Курто. Курто, пошто бил вундеркинд, диктатурата на Мурто ја растури дури го пиел утринското каве—и тоа без ниту едно апсење, ниту една мацонка, или било каква реформа во органите на државната безбедност! И види богати, во Македонија ти дојде живот, и почна бркањето на странски инвестиции, коишто едно време се викаа „миљардата на Циле.“

Да не заборавиме, за време на единаесет-годишното владеење на ДМПНЕ, секојдневно бевме потсетувани дека СДС крадеше. Пред тоа 15-септемврискиот режим на Бранко нѐ потсетуваше дека вландата на Љубчо крадеше, а пред тоа вландата на Љубчо нѐ потетуваше дека првата вланда на Бранко крадеше. Првата влада на Бранко нѐ потсетуваше за становите што преку проневера ги лапнаа припадниците на вландата Кљусев; а власта за времето на Југославија постојано нѐ потсетуваше за тоа колку лошо ни било за време раније. Тоа води до еден заклучок: дека политиката на планирано осиромашување на народот, која ја вовеле Комунистите во 1945 година, сѐуште е на сила, и дека не постои намера помеѓу раководството за било каква промена на курсот.

Југословенскиот режим го практикува комунистичкиот систем кој некои просветени функционери во Партијата го означуваат како „раб на гладот/ивица глади.“ Во согласност со овој систем општото население треба да се држи гладно и под притисок од властите за на тој начин да гладните и исплашени луѓе го посветат сето свое слободно време загрижени се за својата основна егзистенција, како и за егзистенцијата на своите блиски. Следствено, тие стануваат покорни на командите на властите и губат интерес во општествените збиднувања (демобилизација). Режимот ги применува сите мерки на свое располагање кон оваа цел: ниски плати, високи цени на производствените производи, задолжително учество во работните акции, неплатена прекувремена работа во натпреварувањата помеѓу разните претпријатија, високи даноци за земјоделците, и други мерки. Главна должност на властите е грижливо да внимава границата на гладот и притисокот да не се премине, и преку зголемувањето и намалувањето на гладот и притисокот, да ги држат луѓето потчинети, но не во очај. -извадок од уизвештај на ЦИА

Фактот дека не постои промена во политиката на владеачката гарнитура во однос на економската состојба сугерира нешто уште позагрижувачко: дека политиката за етничко чистење на Македонците е исто така сѐуште на сила. Таа политика му е позната на секој Македонец, и му е врежана во потсвеста. Ветриштата на интернационализмот коишто сѐ послино дуваат деновиве, на нас Македонците, како на еден од најмалкубројите народи на светот, треба да ни бидат предупредување дека она што било започнато со Балканските војни—односно со укинувањето на Охридската Архирепископија (1767 година)—може многу брзо да се заврши сега. Четирите генерации родени во изминатово столетие не случајно сѐ повеќе—и физички и духовно—се одвојуваат од своето етнично наследство. Сѐ помалку Македонци живеат близу гробовите на своите дедовци; сѐ помалку Македонци ја имаат врската со „нашата вера убава“; сѐ помалку Македонци го зборуваат својот мајчин јазик; сѐ помалку Македоци ги знаат старите песни за нашите јунаци и ајдуци; сѐ помалку Македоци ги играат прочуените народни ора; општо речено, сѐ помалку Македонци знаат што значи да си Македонец.

Она што деновие се случува во Каталонија сугерира дека интернационалистите и покрај неможноста да се скрие вистината благодарение на интернетот, сепак се подготвени со помош на секава сила и неправда да ги угнетуваат малите народи, коишто единствено сакаат да бидат оставени на мир. Ако Каталонците останат куси во нивниот обид за прогласување на независност, тогаш црно му се пишува на нашиот народ.

Да се вратиме на мимата околу селото и бабата. Да помислиме вака: селото што гори е македонскиот идентитет—оној што веќе претрпел значителни промени во изминатиот век: промена на јазикот, сечење на врската со Христијанската вера, менување на основниот начин на живеење преку присилното празнење на селата и неиздржливата индустријализација којашто ги загадува почвата, водата, и воздухот, како што Службата ги загадува умот, телото, и духот на Македонецот. Селото гори, ама сѐуште не е целсно изгорено.

Бабата што се чешла е секој Македонец што си ја продава душата соработувајќи со Службата за пусто работно место во државното јасло. Од време на време течението на историјата бара од дадена генерација да се истакне со својата храброст и чесност. Грешката на генерацијата на моите дедовци, првата генерација македонски атеисти—чиишто гробови, благодарение на нивните кратковиди одлуки да соработуваат со системот, денес се далеку од мене—мора да се исправи доколку сакаме македонското име, коешто ја предатира пишаната историја, да им го пренесеме на нашите деца.

Ние сме Македонци. Не е случајно што барем три други народи сакаат да нѐ посвојат и да нѝ го прогласат гордото минато за нивно. Предавањето на минатото значи предавање на иднината. Дали сте спремни историјата да ве запамети како мивките коишто без срам и перде ја фрлија во огин една од најдолгите истории на светов? Пред околу еден век и половина, соочени со истиот предизвик, нашите прародители ја имале доблеста да ја видат опасноста на нивната понатамошна пасивност, и благодарение на нивната тесна врска со христијанската моралност го отпочнале најлегендарното ослободително движење на доцниот деветнаесетти и раниот дваесетти век. Време е да ја научиме лекцијата којашто тие ни ја оставиле, и да го оствариме аманетот за којшто тие несебично се фрлиле себе си во огинот за да нѐ спасат нас, притоа спасувајќи си ги своите души.