Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ДРЖАВНАТА „ГРИЖА ЗА СИРОМАШНИТЕ“ Е АГРЕСИЈА ВРЗ СУВЕРЕНОСТА НА ИНДИВИДУАТА

 

Пишува Душан Петровски 29.09.2017

 

Со Македонија владее династија којашто се одржува на власт преку еден прост вид на општо осакатување на народот. Владеењето на клики и династии не е ништо невообичаено на светот. Впрочем, спротивното е она што е далеку поневообичаено. Но, речи му на просечен Македонец дека со неговата држава владее една гарнитура која насилно се наметнала пред седумдесетина години, и дека наследниците на таа иста гарнитура сѐуште љубоморно ја држат власта во свои раце, и почесто одошто не, просечниот Македонец ќе те опише како параноичен шизофреник. Но, дека со Македонија владее гарнитура, и дека таа ганитура е во рацете на УДБа знаат и странците, како што може да се заклучи и од натписот на извесен господин Делисо, во американскиот историски часопис „Историјата денес“. Во текст насловен „Југословенската многу тајна служба“ Делисо тврди:

Од сите шпиунски агенции коишто произлегоа од Студената војна, Управата за државна безебдност на поранешна Југославија е безмалку целосно анонимна. Формално растурена за време на насилниот распад на СФРЈ во 1991 година, нејзиното наследство продолжува да живее во обликот на одметнати шпиуни, бизнис магнати, политичари и инсајдери од следната генерација со фамилијарни врски со поранешниот комунистички режим.

УБДа сѐуште има ноторна репутација на Балканите. Политичките ривали постојано разменуваат обвиненија за блиски врски со поранешната агенција, додека „лустрациски комитети“ во поранешните републики собираат обемни листи на осомничени соработници, псевдоними и тајни мисии. … [З]а разлика од релативно мирниот процес на дезинтеграција на Советскиот Сојуз, Југославија се распадна по пат на сложена граѓанска војна за време на 1990-тите години, во којашто мрежите на УДБа меѓусебно соработуваа—како и со различни странски разузнавачки служби—во однос на воено разузнавање и на сѐ повеќе корумпираните деловни практики олеснети од војната, меѓународните санкции и затворените граници. Сега, откако Балканот е повторно мирен, насилните екцеси на УДБа се воглавно заборавени, дозволувајќи им на нејзините тајни членови да се трансформираат себе си во „респектабилни“ членови на општеството, како професори, политичари и бизнисмени.

Дека постои зацементирата хиерархија, и дека владеењето на одредена привилегирана класа не е ништо ново во Македонија, можеме да се увериме и од објавите од архивите на ЦИА:       

1. Во СКЈ и државната администрација, партискиот стаж е од голема важност. Генерално, колку подолго некој бил во служба на Партијата, толку поголеми се привилегиите кои му следуваат. Меѓутоа, повеќето од членството кое ѝ пристапило на Партијата пред 1937 година, исчезнало, што преку смрт, што како жртви на чистките на Тито. Список на овие „ветерани“ кои биле отстранети низ чистки, беше објавена во весникот „Пролетер.“ Во моментов постојат три сталежи во СКЈ, засновани на нивниот стаж:

         а. Пред-1941 година. Овие членови ја сочинуваат партиската елита. Поголемиот дел од овој сталеж се без формално образование, и своите општествени позиции ги добиле по заслуга на нивното учество во партизаните, и се познати како „првоборци.“ Сите членови на ЦК СКЈ, министри во федералните и републичките влади, како и високи службеници во државната безбедност (УДБ), и сите високо рангирани офицери во ЈНА припаќаат на овој сталеж. Во прилог на веќе високите плати кои следуваат со нивните функции, сите овие личности имаат по неколку лукративни хонорарни ангажмани како консултанти со различни Партиски и владини институции. На овие луѓе, исто така им биле доделени луксузни вили, и се снабдуваат со потрошувачки производи по повластено ниски цени. Припадниците на оваа елита ревносно ги пазат своите позиции од натрапници, на пр., жената на Пеко Дапчевиќ. Освен на официјални пригоди или должности, елитата нема контакт со другите членови на СКЈ или со обичното граѓанство. До објавувањето на статитиите на Милован Ѓилас, јавноста не беше чула скоро ништо во врска со корупцијата во која уживале членовите на овој сталеж.

         б. 1941-1944 година. Најголемиот дел од „вистинските“ членови на Партијата ѝ пристапиле на СКЈ за време на овој период. Ова е сталежот на кој Режимот се потпира. Сочинет е од истакнати членови на СКЈ, високо-рангирани армиски офицери, раководители на различни владини институции, и службеници на УДБ. Членовите на овој сталеж уживаат привилегии во облик на хоноратни лукративни ангажмани, но нивните примања не им дозволуваат да уживаат животен стандард повисок од нивните позиции. Членовите на овој сталеж љубоморно гледаат на привилегиите кои ги ужива елитата. Поголемиот дел од оваа класа има некакво пред- или по-воено образование. Од друга страна, за да преживеат и да напредуваат како припадници на овој сталеж тие постојано се замешани во интриги и заговори против другите припадници на овој сталеж како и во нивно денунцирање пред повисоките авторитети. Мнозината на овој сталеж се корумпирани и се луѓе лишени од моралните нарави. Поголемиот број проневери кои се случуваат во Југославија се спроведуваат од припадници на оваа класа. Уште повеќе, повеќе од половината од овој сталеж можат да се купат.

         в. 1944-1948 година. Мнозината од членството на СКЈ ѝ пристапи на Партијата во овој период. Овој стралеж се состои од државни административци, вработени во државните претпријатија, работници, како и Партиски фукционери во селата. Повеќето од овој сталеж се сметаат за опортунисти и за недоверливи. Генерално, нивните приходи се ниски, и живеат скоро во мизерија, иако некои од нив уживаат некои повластени привилегии. Поголемиот дел од оваа класа се разочарани од режимот. Како најмногу обезверени се јавуваат поранешните службеници на УДБ кои за време на последните шест месеци на 1953 година, додека Партијата беше под влијанието на Ѓилас, ги изгубија своите позиции и привилегии по пат на нивната деградација во овој сталеж. (Архивот на ЦИА. „Општа политичка ситуација“, Југославија, 20.VII.1954)

Како што заклучил англискиот Лорд Актон, власта корумпира, и поради тоа корумпираните владетели по секоја цена се обидуваат да останат на власт. Планот за пребродување на економската криза која во Југославија вриела уште од самиот нејзин зачеток—односно изговорот за конечниот економски колапс на Титовата држава—можеме да го најдеме во мемоарот на адмирал Бранко Мамула, „Случај Југославија“:

“U drugoj polovini 1986. i početkom 1987. g. razrađene su političke osnove, kriteriji procjena za odluku i počele su operativne pripreme. Pripreme su pokrivale mjere budnosti i povišene borbene gotovosti održavane po zvaničnim odlukama Predsjedništva SFRJ i planovima Saveznog sekretarijata za narodnu odbranu i Generalštaba“ (str. 88.). Daljnji razvoj događaja, osobito sukobi u komunističkom rukovodstvu zemlje, narastanje velikosrpskog nacionalizma te “separatizam“ sjeverozapadnih republika, učvrstili su u vrhu JNA spoznaju o neizbježivosti vojnog udara. Štoviše, “bili smo posve odlučni. Osnovni planovi i jedinice su bile spremne“ (str. 102.). Mamula piše kako je namjera “bila da dobijemo vrijeme za minimalno političko sređenje i odlaganje sporova, a najkrupnija rješenja zajedničke države odložiti dok ne protutnje turbulencije koje su zahvatile istočnu Evropu: očuvati Jugoslaviju, a reformirati je u mirnijim uvjetima“ (str. 8.). To znači zadržati “status quo“ dok se ne smiri protukomunistički pokret u Europi, dok nacionalna individualizacija istočnoeuropskih naroda ne posustane i dok iznova ne ojačaju suprotstavljanja između Istoka i Zapada. Tada će se Jugoslavija moći nametnuti kao geopolitički i geostrateški čimbenik kakav je bila u razdoblju nakon 2. svjetskog rata.

Оттука и не треба да чуди фактот што секоја инкарнација на гарнитурата која што владее со Македонија ја продолжува политиката на држење на народот на работ на гладот и перпетуирање на синџирот на корупцијата. Синџирот на корупцијата, за кој за прв пат пишував пред половина деценија во кратки црти може да се опише како систем каде што оние од погоре во хиераргијата ги правдаат своите големи привилегии,односно криминали, преку споделувањето на помали привилегии на оние под нив. Таа политика денес се подметнува дури и како десничарска:

„Нашата работа е да ги решаваме проблемите на сиромашните. Наша работа е да ги решаваме проблемите на невработените. Наша работа е да ги решаваме проблемите на младите, на работниците и на пензионерите.“

Со овие зборови лидерот на  наводно десничарската и демохристијанска ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ја започна кампањата за претсојните локални избори во Р Македонија. Ваквата позиција на водечката „десничарска“ партија во Македонија доаѓа како „кец на десетка“ во дискусијата која неодамна ја започнавме во десничарски настроените кругови, а во која сѐуште се чини учестуваме само јас и Никола Џилвиџиев. Зборовите на Груевски ја потврдуваат тезата на Џилвиџиев дека:

Колку и да се чувствуваат инстинктивно десни, за беља, повеќето луѓе не се свесни до кој нечовечен степен е продрен социјалистичкиот дух длабоко во нивната потсвест. … Оттаму имаме ситуација да наводно конзервативната ВМРО-ДПМНЕ стане партијата која нуди бесплатен јавен превоз на пензионерите, вработува десетици илјади членови во државната администрација и постојано ги напумпува субвенциите за земјоделците—дејствија кои се типично социјал-демократски и неприфатливи во десничарската доктрина.

Како што веќе сугрирав во мојот првичен придонес кон целта за реконстукција, односно реформација на десницата, „За нова десница“, прво што мораме да сториме доколку сме чесни во нашите настојувања за „подобро утре“ е да ги диференцираме нашите ставови и заложби. Идеологијата на левицата е идеологија на ропство преку колективизам визави лишувањето од личната одговорност; додека десничарството е идеологија на личната слобода визави личната одговорност. Левичарската идеологија е идеологија на мечти и фантазии, додека десничарството е застапнување на реализмот—тука мислам на буквалната смисла на зборот, а не терминот „реалполитик“. Оттука природните левичари теоризираат и протестираат, додека природните десничари работат. Левичарите се овци кои бледо го следат лидерот, па макер и право во устата на волкот; десничарите се кози—жилави, тврдоглави, и снаодливи. Како предлог за она што треба да биде темелот врз кој треба да ја градиме новата десница, а сѐ со цел да ги отфлиме прегите на гарнитурата којашто владее со нашата Татковина, го предложив принципот на неповредливост на индивидуата, односно приниципот на нон-агресија. Во оваа прилика би сакал да ја разгледам заложбата на ВМРО-ДПМНЕ, цитирана погоре, а со која партијата ветува почеток на „нова ера“, во однос на принципот на неповредливост на индивидуата,  односно, како заложбата на Груевски да ги решава проблемите на сиромашните, младите и старите, е всушност само уште еден напор во долгата пракса на водење на народот по патот на крепосништвото.

Дека ваквата заложба на Груевски и неговата партија нема врска со нова ера, ниту пак со десничарството е самовоочливо, но и веќе докажано, особено од Џилвиџиев во текстот „Реконстукција на десницата“. Значи, „новата ера“ која Груевски наводно ја инагурира е всушност онаа старата добро позната, наметната во 1945 година: ера на лишување на граѓаните од нивните слободи, преку лишување на истите од нивните одговорности, а спакувана во целофанот на „решавањето на проблемите“ на една или друга демографска категорија.

Основната задача којашто секое живо битие ја има на овој свет е проста: опстанок. Колку и да сакаат лажните пророци—политичарите и нивните аѓутанти—да нѐ убедуваат дека „сега сѐ е поинаку“ и дека не важат правилата кои важеле пред 10, 100, 1000, 10000, 100000 години, вистината е дека ниту едно достигнување на човековиот труд и разум не ја промениле основната природа на Космосот. Изумите на траклото, плугот, автомобилот, компјутерот, итн., не го менуваат фактот дека човекот не може да преживее без кислород, храна и вода. Сѐуште сме крв и месо, и сѐуште сме склони на грешки и гревови; и сѐуште крајот на цивилизацијата е во рацете на постојната генерација.

Целта на животот и денес нѝ е еднакво голема мистерија каква што им била на античките филозофи и на предисториските мудреци. Единствено што можеме со некаква си сигурност да кажеме е дека целта на животот е онаа изречена во Библијата: „Плодете се и множете се.“ Во таа смисла, стремежот на животот е следната генерација, додека постојната генерација е само чуварот на искрата. Среќата, односно задоволството во овој живот е измислена концепција којашто нема место во вистинскиот свет. Оттука, нихилизмот на постојната генерација е врховниот грев на индивидуата против човештвото, природата, и Сѐмоќниот. Затоа и не треба да чуди фактот што левичарите—чијашто идеологија е суштински нихилистичка—имаат проблем со Христијанството, кое ја пропагира еврејската филозофија на сериозните луѓе—на луѓе кои живееле, грешеле, и се научиле од сопствените грешки. Оттука и не треба да чуди фактот што според идеолошката полиција на македонскиот режим незадоволството е врховниот грев против уставниот поредок, оти „незадоволникот“ не се впушта во нихилистичко уживање во циркусот и лебот кои ги дели режимот, туку е опседнат со проблемот: „Каков свет им оставам на моите деца?“ Македонскиот режим бара овци кои немаат перспектива за инднината, кои нихистички се задоволни во моментот кога гладот ќе се ублажи со пасењето трева, оти им е непознат концептот за долгометражноста на времето.

Јас, и покрај мојата љубов кон делата на Мизез, Родбард, Фридман, Хезлит и Хопе, моето десничарство воглавно го научив од мајка ми и татко ми, Снежана и Јордан Петровски, како и од нивните родители. Тие не се филозофи, туку што би се рекло, луѓе од дело. Тие, потекнувајќи од средно-имотни семејства кои не уживаа некои привилиегии во југословенскиот систем и без факултетски дипломи, благодарение на либерализацијата на југословенската економија во 1980-тите години успеаја да станат милионери во Третосветска држава, бавејќи се во текстилната идустрија. Откако Режимот им го одзеде она што го створија со својот труд, и откако ги принуди да го напуштат својот дом, тие на прагот на своите педесетти родендени како голи пиштоли слетаа во туѓа земја, чиишто јазик, култура, и обреди им беа страни.  Тие беа и сиромашни, и „стари“ (според некои стандарди), додека децата им беа млади, а сите заедно имавме голем број на проблеми и маки. Во туѓата земја, иако на помала скала, и покрај тоа што буквално почнаа како бездомници, и, и покрај тоа што се наптреваруваа во за нив дотогаш туѓа индустија, сепак го повторија успехот којшто го постигнаа со „Снежана и синови“, без да земат ниту една цента во име на субвенција, државен грант, или социјална помош од државата—односно без да остават некој друг да им ги решава проблемите.

Што е тогаш тајната на нивниот успех? Тајната е проста, и воопшто не е тајна. Јордан и Снежана Петровски работат. Кога во средината на 1990-тите години Снежана и Јордан „паднаа“ од пиедесталот на модната индустрија на бивша Југославија, Снежана стана готвачка, а Јордан келнер во нашиот ресторант „Баба Цана“. Таму и јас, уште од 7-годишна возраст почнав да си ја калемам работната навика, а која во Канада ми овозможи уште од мојот пвр ден да бидам корисен учесник во општеството, а не туѓинец-паразит. Но, Снежана не стана првата дама на југословенската мода од никаде. Плетењето беше нејзин занает, којшто го беше научила уште во нејзините момнски денови, чиракувајќи кај својата мајка—којашто раководеше со бутик (на црно) од семејниот стан, уште од доцните 1960-ти години. Мојата баба беше работлива жена, којашто и покрај своето убедување дека е добар Комунист го влеа семето на пазарната економија во мојата мајка. Истовремено, ниту Јордан не беше израснат во „бели ракавици“, туку благодарение на воспитувањето кое го беше здобил од неговите родители, баби и дедовци, тој беше ветеран башчаванџија и пазаркат уште пред да матурира од средно училиште. Моите родители се успешни луѓе затоа што имаат работна навика, којашто им беше пренесена од нивните родители.

Кога слетавме во Канада, како туѓинци во туѓа земја и без капитал под нас, работната навика беше она што го спаси моето семејство од целосната пропаст. Мајка ми се вработи како измеќарка во еден ресторант, за плата пониска од законскиот минималец; додека со последните шестотини долари во неговиот џеб, татко ми направи инвестиција во комбе, коешто едвај истраја три месеци, а кое ни овозможи да поченеме да собираме еден специфичен вид на индустриско ѓубре. Ја најдовме најниската скала за влез во канадскиот пазар, и стапнавме на неа. Фактот што во минатото моите родители „триеа лакти“ со југословенскиот крем не ги спречи моите родители да се скромнат пред предизвикот на моментот. Она што многумина екс-Ју иселеници во С Америка го работеа како хоби, ние го направивме постојана работа. Работевме од мрак до мрак; надвор, на летни горештини и зимски мразови, на пролетни дождови и есенски ветрови. Часовнината ни беше смешна, дури пониска и од онаа којашто мајка ми ја добиваше за нејзината измеќарска работа; но нас не нѐ интересираше како нашите приходи се споредуваат со приходите на управителите на компаниите на Беј стрит и Вол стрит, туку само дека нашите приходи ни овозможуваат да опстанеме, па дури и да напредуваме, релативно на нашата претходна состојба. Инаку речено, ние само се интересиравме за тоа како нашите тогашни приходи се споредуваат со нашите приходи од пред да почнеме да работиме (коишто беа нула). Налетавме и на нечесни учесници во пазарот, па дури и кога немавме што да ни се украде, сепак најдовме и такви коишто успејаа од камен да испијат крв. Но, ни тие моментални лапсуси не нѐ уништија ниту пак нѐ обесхарбија во нашата потрага по нашето место под сонцето—продолживме да работиме и да напредуваме. Научивме дека дури и во Канада има бандити и преваранти. Но во ниту еден миг не се почувствувавме сиромашни или безмоќни. Лека полека, комбето се претвори во камион и во стан, а подоцна и во работилница, куќа, кола и шлепер.

Но, дали во отсуство на работната навика моите родители би можеле да ја изградат „Снежана и синови“ во осумдестите; дали Јордан би имал цврстина да ги изрече критиките против системот и УДБа во деведесетите; дали би постоел порталот „Котле“; дали јас би бил во можност да ги споделувам овие мисли со вас? Сигурно дека одговорот е: НЕ. Работната навика на којашто моето семејство се потпира е причината зошто моето семејство успева да остане слободно од било чие влијание и било чие угнетување. Работната навика на Јордан и Снежана Петровски се основната причина зошто тие можат да си дозволат своите животи да ги живеат по нивни услови. Работната навика на моето семејство е причината зошто ние не чекаме некој друга да ни ги решава проблемите.

Спротивно, замислете доколку Јордан и Снежана зависеа од еден или друг вид на социјална помош (додаток на приход, субвеции, пензии, итн.). Која би била нивната можност слободно да се изразуваат, и слободно да живеат според конзервативните вредности во кои веруваат—особено во овие времиња на популарен нихилизам? Доколку Јордан и Снежана пасивно чекаа некој си Никола Груевски или Зоран Заев, во улога на лажен бог, да им ги задоволи основните потреби за нивниот и опсатнокот на нивниот пород, тие ниту ќе беа во можност да изградат бизнис, ниту пак ќе беа способни да пребегаат во туѓа земја за ги спасат иднините на своите синови.

Јордан и Снежана, и нивните родители ме научија една проста лекција: Секој човек е обичен; никој не е посебен, и затоа никој не е надарен со знањето и мудроста, туку тие се здобиваат со труд. Никој не ти должи ништо на овој свет, и ништо не ти следува. За сѐ мораш да се избориш самиот. Ти му должиш на твоето општество, и твоја е должноста да бидеш одговорен за себе си и твојот пород. Твоја е должноста да си го најдеш местото низ кое најефективно можеш да му користиш на општеството (оти опшетството, особено македонското, е всушност само продолжение на семејството).

Јордан и Снежана биле технички речено и сиромашни и богати, што значи дека сиромаштијата и богатсвото се само моментални, преодни фази. Сиромаштијата и богатството суштински не се фактичка состојба, туку се менталитет. Она што ги спречи да излезат од економската сиромаштија во доцните 1990-ти години (послединте пет коишто ги минаа во Македонија) беше активната политика на македонската држава да го држи народот на работ на гладот. Во првиот миг кога им се укажа прилика да работат слободно, односно кога се најдоа во држава којашто не води политика на држење на народот на работ на гладот, тие, и покрај сите „дефицити“, за час го скршија циклусот на сиромаштијата.

Јордан и Снежана успејаа да го скинат циклусот на сиромаштијата затоа што не си дозволија системот (и југословенскиот, и македонскиот, и канадскиот) на социјална грижа да изврши агресија против нивната индивидуа и да ги осакати нивните основни способности за опстанок. Тие не оставија некој друг да им ги решава проблемите, туку со својот разум и својата волја придонесуваат кон грижата на својот пород, но и на своето општество пошироко, и на тој начин остануваат засекогаш слободни од било чие угнетување. Господ им помага на Јордан и Снежана, затоа што тие првин си помагаат на себе си, и на тој начин не се ничии паразити, ниту пак слуги на лажни пророци. Доколку сакаме Господ или било која виша сила да ни биде на помош, тогаш мора првин да го отпочитуваме нашиот дел од договорот, да бидеме чесни и да си помогнеме на себе си.

Значи лекот за сиромаштијата зависи од два фактори: работната навика и слободата на пазарот. Затоа, доколку сме чесни кога велиме дека сме чесни; доколку сме чесни кога велиме дека сме за слобода, за просперитет и за подобро утре; доколку сме чесни кога велиме дека сме застапници на христијанските и традиционалните вредности; доколку сме чесни кога велиме дека ги љубиме нашите деца, нашите браќа, нашите комшии, и нашата република; и доколку сме чесни кога велиме дека сме десничари: тогаш наша прва должност е да застанеме зад принципот на неповредливост на индивидуата и одлучно да се одречеме од социјалната грижа во секој нејзин вид. Таа е семето на паразитизмот и на личното осакатување. Таа е лагата која го заблудува чистиот разум и ѝ овозможува на УДБашката династија да го перпетуира својот режим. Како таква таа е далку поголема неправда одошто било каков затвор или физичка тортура, бидејќи ги заробува Македонците во синџирот на корупцијата и нихилизмот, и ги лишува од нивните иднини и иднините на нивниот пород.