Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

НА ЛАЖНАТА НЕЗАВИСНОСТ И СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ

 

Пишува Душан Петровски 08.09.2017

На 8 септември 1991 година, ден недела, во тогашната сојузна југословенска република Македонија се одржа референдум. Иако прашањето на референдумот немаше врска со прогласувањето независнот, туку дали граѓаните се за нов сојуз на јужнословенските народи, а Македонија се раздружи од тогаш постониот југословенски сојуз со донесувањето на новиот 17 ноември 1991 година, 8 септември остана забележан како Ден на независноста на Република Македонија. Во годините што уследија, па сѐ до денешен ден, оваа мала држава не успеа да постигне ниту една од објективите кои ги зацрта на почетокот: влез во ЕУ и НАТО, повисок стандард на живот, демократски стандарди, итн. За да разбереме зошто е тоа така, полезно е да се навратиме на случувањата во периодот кога беше прогласена независноста.

 

Грешка

1. акт или состојба на неуко или непредпазливо отстапување од Кодексот на однесување

2. чин, на ненамерно отстапување од вистината или точноста

3. чин, кој преку незнаење, недостаток или несреќен случај се оддалечува од целта или не успева да се постигне она што треба да се направи

 

„Гласот 'за' суверена и самостојна Македонија е глас за здружување во Сојуз на суверени држави во Југославија. Повеќедецениското опстојување и заедничкиот соживот на овој простор е основата врз која ги осознаваме и нашите интереси за неговата иднина. Гласот 'за' референдумот е повик за престанување на безумната војна и крвопролевањата во Јуогславија. Не ни требаат нови човечки жртви, нови историски омрази, националистички страсти и болни апетити за прекројување на некакви нови граници и сојузништва. Југославија ни е потребна како модерен сојуз на суверени држави, во кој равноправноста и толерантноста се услов да опстоиме и виза да се придружиме таму каде што природно припаѓаме, во европскиот дом на народите.“ (Киро Глигоров, 28 август 1991 година)

„Грешка“ подразбира резултат на дејност на ненамерно промашување на целта. „Грешки“ не се прават со умисла, т.е. ипланирано или намерно. Дека „грешките“ кои се направија во раните денови на независноста, но и кои продолжуваат да се прават денес (Тиранска платформа, задолжување на државата, антиквизација, итн.) не беа случајни е фактот што целото општествено богатство заврши во рацете на оние кои ги направија тие „грешки“, а истите остануваат неказнети. Низ минатите скоро триесет години во македонската политичка реалност имаше премногу такви примери за да се набројат сите, но најзначајните и секако оние со најголема тежина по судбината на државата и народот кој живее во неа, беа сторени во времето на самите зачетоци на таканаречената Независност, во периодот 1990-1993 година. Сето она што следеше беше само инерциско извршување на процесите кои беа започнати во тие неслучајно хаотични години на црната магија која ја спроведе Србокомунистичката мафија. 

Новото сонце на слободата што требаше да изгрее по колапсот на Железната Завеса не блесна со својот сјај, бидеќи Комунизмот не умре со падот на Берлинскиот Ѕид, туку само волците се променија во ново руно и тргнаа во освојувањето на нови хоризони, Брисел и Њу Јорк. Така и во Македонија, волците од Комунисти станаа Социјалдемократи, Реформисти-либерали, Демократи, Социјалисти, Работници, Селани, Еманципирани, Просперитетлии, а во екстремни случаи и Независни, па дури и „националисти“. „Другарите“ станаа „граѓани“. И самата држава си го промени името—но методите на Комунистите и државата со која сè уште раководат останаа исти.

 

УДБа ПРЕВЗЕМА МЕРКИ И АКТИВНОСТИ

 

Согледувајќи дека дуваат ветришта на промени и знаејќи дека е мудро повеќекратиот колапс на економијата на Југославија да се претстави како резултат на надворешни влијанија Србокомунистичката мафија одлучи дека мора да спроведе мерки и активности да се заштити себеси од „внатрешниот и надворешниот непријател“: народот и вистината. Кон таа цел во 1990 година се обзнани „плуарилзмот“ и беа спуштени забраните за постоење на партии надвор од Сојузот на Комунисти.

Следно, во есента се оджаа наводно слободни повеќепартиски избори; се формираше Парламент; се назначи Претседател и се формираше „ексепретска“ Влада. Велам „наводно слободни избори“ бидејќи доколку се спроведе анализа на случувањата тогаш се согледува дека исходот на Изборите, како и составот на Парламентот играа маргинална улога во веќе зацртаните планови за активности кои задкулисно беа направени од страната на властодржците во ЦК. За тоа колку е силно дејството на црната магија сведочи реалноста дека сè уште мнозинството на народот е под впечаток дека работите се промениле, дека нема комунизам или Југославија, дека Eдноумието е минато или пак, дека некој поединец кој не е со србокомунистичко морално-политички подобно педигре можел да стори нешто поинаку од претходно подготвеното сценарио.

На фиктивните избори кои формираа Собрание им следуваше назначувањето на Претседател. На овој чин му следуваше назначувањето на марионетската влада на експерти по Марксизам. Следно на списпокот на мерки и активности беше ремек делото на комплетното фрлање на законските и договорните процедури во мискер—за да не се знае ни кој пие, ни кој плаќа. „Недопуслтиво е Македонија допрва да се става пред референдум за да се изјаснат граѓаните за нејзината сувереност. Во Преамбулата на сегашниот Устав, како и во документите на АСНОМ, Македонија е веќе декларирана како суверена и самостојна држава. Негирање на тогаш стекнатиот суверенитет е воедно кршење на Уставот.“ (Љубчо Георгиевски, 20 седница на Собранието на СРМ, 8 август 1991.) Секако, оваа процедура не беше запазена од страната на извршната власт—а задната цел на ова беше јасно искажаната желба на истата Македонија да остане составен дел на некаква југословенска федерација, тогаш или во моментот кога „југословенската криза“ ќе се реши.

Дека свесно се работело да се направат процедурарлни пропусти, говори следнава небулоза на Кљусев—извлечена од истиот ракав со одлуката на Уставниот суд дека тој орган не е надлежен да одлучува по прашања за кршење на Уставот на државата—истресена на Седница на Владата оджана на 17 октомври 1991, каде тој тврди дека „со [Собраниска н.з.] одлука не се прогласува самостојна, суверена и независна држава. Со таквата одлука нема да се постигнат политичко-правни и економски ефекти. Сите суштествени прашања за самостојност, сувереност и независност ќе се решат со новиот Устав.“ Значи, наместо да се запази процедуралниот ред и прво Парламентот да изгласа и прогласи Независност од СФР Југославија, па народот да ја ратифицира таа одлука на референдум, согласно АСНОМскиот Устав на Република Македонија се одигра една совршено перфидна игра која направи премногу процедурални дупки и прилики за негирање на сувереноста на Република Македонија. И самиот Кљусев знаел дека овој негов став е погрешен, а ефектите на порцедуралните пропусти почнаа да го покажуваат своето грдо лице уште со одбивањето на Грција да ја признае нашата државност и тековниот спор во врска со името на нашата држава и идентитетот на нашиот народ. Но, околу ова подоцна.

 

УСПЕШНИОТ РЕФЕРЕНДУМ НА ГРАЃАНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ЈА ИЗРАЗИ ВОЛЈАТА ЗА ДОГОВОР ВО ИДЕН СОЈУЗ НА СУВЕРЕНИ ДРЖАВИ НА ЈУГОСЛАВИЈА

 

Комунистичкиот систем нè учи да ги почитуваме само култните личности кои системот ги воздигнува, но не и законите, склучените договори и меѓународните прописи. Затоа лесно успеваат да манипулираат со различните фактички ситуации кога нашата држава доживува неуспех. Значи, формално-правно патот до независноста требаше да биде релативно некомплициран, како што беа случаите на Словенија и Хрватска. Бидејќи на АСНОМ Македонија била прогласена за независна и суверена Република која своеволно пристапила на ФНРЈ, Собранието на СР Македонија ја имало полномошната моќ да изгласа и прогласи раздружување од југословенската федерација. Ова би требало да биде ратификувано од народот со реферндумско прашање: „Дали ја поддржувате одлуката на Собранието на СРМ за напуштање на југословенската федерација?“ Зависно од успехот или неуспехот на тој Референдум, Македонија ќе станела или не независна република, сè во согласност со Уставот на државата. Доколку работите се извршија на овој начин, македонската државност и самостојност не ќе можеа да бидат под прашање никогаш и од никој.

Наместо тоа, се спроведе една процедура која ги остави македонскиот народ, како и меѓународната заедница во забуна околу намерите на Македонија, па наспроти Уставот на СРМ–врхвниот закон во државата–првин имаше Референдум. На Референдумот се одговараше на двосмислено прашањен при што гласачот се прашуваше дали на власта ѝ дава „право да стапи во идниот сојуз на суверените држави на Југославија?“ Иако прогласувањето на независност на Р Македонија од СФРЈ можеше и требаше да биде релативно брз процес благодарение на процедурите кои беа оставени од АСНОМ, како и земајќи ја предвид на волјата на народот и фактот дека Југославија се распаѓаше побргу од кула карти пред вентилатор, сепак, Србокомунистичката мафија стори сè за да го забави, па дури и попречи тој процес. Па затоа, додека Словенија и Хрватска донесоа декларации за напуштање на федерацијата во рана 1991 година, а референдумски тоа го ратифицираа на крајот на месец јуни истата година и со тоа станаа комплетно независни, суверени и самостојни држави, Македонија тргна кон наводната независност дури на крајот на 1991 година.

Околу тоа дали воопшто Македонија да се готви за независност, по кој пат да се оди, дали да има референдум, кое да биде прашањето на референдумот и што уште не, се расправаше безмалку до самиот свршен чин. Самата одлука за референдумот да се орджи на 8 септември беше донесена на Владина седница дури на 5 август 1991 година, со што се дадоа само четири недели за подготовка, а Собранието го потврди датумот и прашањето три дена подоцна. Значи првин се развлекуваше расправата, а подоцна Србокомунистичката мафија беше таа што инсистираше да се побрза со референдумот, ставајќи рок до кога да се случи референдумот прво, пред да го договори прашањето за кое ќе се гласа. Каков парадокс!? Сето ова време Парламентот не донесе декларација за независност или било каква одлука за напуштање на југословеснката федерација. Во летото ’91 започнаа воените конфликти на ЈНА против северните Републики кои се отцепуваа од СФРЈ.

Тоа требаше да биде повод за македонската законодавна и извршна власт т.е. Парламент и Влада да ја забрзаат процедурата на македонската независност затоа што во конфиктот гинеа македонски војници. На 15 септември 1991 година Владата на СР Македонија се произнесе со соопштение во однос на распаленото насилство во северните републики нагласувајќи дека:

Меѓуетничката војна во Хрватска (Владата н.з.) не за смета за своја; ја осудува употребата на сила; не може да дозволи синовите на Македонија да учествуваат во една безумна и валкана војна и да гинат за туѓи, иако јавно недекларирани и недефинирани интереси.

Но, дека оние од власта не беа искрени во овие изјави говори фаткот дека неуспешен остана еден од обидите да се забрзаат процесите преку „единствен начин за ефикасна заштита на животите на македонските војници во ЈНА [со] итното суспендирање на сојузниот закон за народна одбрана [на ЈНА во Македонија] и итното донесување на Закон за народна одбрана на Република Македонија,“ кој беше предложен од страна на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ на седница на Собранието на СРМ, на 28 август 1991. Погледнете ги датумите на изјавите и сè ќе ви стане јасно. До тоа забрзување не дојде ни по Референдумот на 8 септември, бидејќи рефендумот не беше прецизен дали народот се изјаснува за самостојност или за иден сојуз на југосовенските републики. Владата на Кљусев, Глигоров и нивните поддржувачи олицетворени во левиот блок предводедни од СДСМ и Претседателот на Собранието, спокојно одложуваа било каква одлука која Македонија би ја ставила на пат поинаков од оној кој ќе го одбере Југославија – иако југославијата во која Македонија стапи своеволно во 1945 година веќе не постоеше. На барањата на ВМРО-ДПМНЕ да се изгласа декларација за независност, како и барањата за донесување а закон за народна одбрана на РМ, за да може нашите војници да се донесат дома, власта одговараше дека тоа е непотребно губење на време, бидејќи новиот Устав на кој се работи ќе ја декларира Македонија како независна држава.

Како што веќе видовме, Глигоров, Владата, СДСМ и нивните коалициони партнери кои се противеа на отцепувањето на Македонија од СФР Југославија продолжија да ги застапуваат истите ставови и после успешниот Референдум. За тоа сведочат следните изјави:

 

Едностраниот и неразумен потег на Словенија покажува дека влегуваме во ретроградни и анахродни процеси. Ние мораме отворено да кажеме дека не признаваме никаков толар во финансиските односи со Словенија, зашто тоа во никој случај не може да биде пресметковна единица. (Стојан Андов, 16 октовмри 1991)

 

Ние југословенскиот простор сè уште го гледаме како врзно ткиво во економијата, сообраќајот, во големите системи. (Никола Кљусев, Премиер на СРМ, 17 октомври 1991)

Како и легендарната изјава на Глигоров дека „успешниот референдум на граѓаните на Македонија ги потврди историските стремежи за самостојна и суверена држава и ја изрази волјата за договор во иден сојуз на суверени држави на Југославија.“ 

Но иако дури до среде октомври власта ја држеше опцијата за зачувување на Југославија како единствена, наеднаш наводно се забрзува постапката за прогласување независност и меѓународно признавање, токму од истите луѓе кои за ова несакаа ниту да дискутираат за ова прашање! Зошто?

 

ВО МАКЕДОНИЈА НЕ ЖИВЕАТ МАКЕДОНЦИ, ТУКУ ГРАЃАНИ НА МАКЕДОНИЈА

 

Повторно се одигра процедурлана игра која остави многу дупки кои сѐуште ја гонат Македонија. Повторно се изоставија процедурите кои беа оставени од АСНОМ и наместо прогласување на независност, Владата реши тоа да го стори преку ескпресно донесување на нов Устав—ислкучиво долг и комплициран рафт на закони. Уставот кој беше усвоен на 6 јануари 1992 година, кој е во главно сè уште на сила во Македонија, наспроти инсистирањата на ВМРО-ДПМНЕ да е национален, власта се определи за тој да биде граѓански. Според тогашната ВМРО-ДПМНЕ граѓанскиот Устав

не одговара на фактот дека Македонија за прв пат формира самостојна држава. За разлика од многу демократски држави што многу порано го решиле прашањето за самостојна држава, како и националното прашање, ние сме ставени пред историски мигови сега целосно да ги решиме тие две основни прашања за македонскиот народ. (Гледиштето дека носители на сувереноста се граѓаните, а не македонскиот народ е н.з.) идентично со она на политичките кругови во соседните земји кои го негираат македонскиот народ—ставот на Бугарија е дека во македонската држава не живее македонски народ, туку население, т.е. граѓани; на иста линија е и тврдењето на Мицотакис дека на територијата на Македонија живее недефинирано население, измешани етнички групи, т.е. граѓани; токму поради многубројните негатори на македонскиот народ и држава, не би смеело преставниците на левите партии во Парламентот да подлегнуваат на притисоците од ПДП и НДП дека носители на државноста се граѓаните, а не македонскиот народ. („Нова Македонија“, 22 октомври 1991 година, стр. 4)

Ваквите укажувања на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кои патем времето ги покажа за исправни, беа залудни. Граѓанскиот Устав, кој го подготви патот за Рамковниот Договор од 2001 година и Тиранската платформа од 2017 година, беше изгласан на седница на Собранието на СРМ, по чиј повод, Претседателот Глигоров меѓу другото подвлече дека „во југословенската криза ќе продолжиме, не жалејќи напори и иницијативи, да се бориме за мир, за излез од кризата, за успех на Хашките преговори, за асоцијација на југословенските држави“. Молам!? Асоцијација на југословенските држави? Па, нели Уставот требаше да ја потврди независноста и самостојноста на Република Македонија?

 

Суверенитет

1. надмоќ особено на едно врз друго политичко тело

2. слобода од надворешна контрола: автономија

3. контролирачко влијание

Недопустливо е Македонија допрва да се става пред реферндум за да се изјаснат граѓаните за нејзината сувереност. Според Преамбулата во сегашниот Устав, како и во документите на АСНОМ, Македонија е веќе декларирана како суверена и самостојна држава. Смешно е прашањето што треба да му го поставиме на народот – дали сака да биде слободен. Љубчо Георгиевски 29 август 1991 година.

 

ВЕТЕР И МАГЛA

 

Покрај двата прекршоци на граѓанските права кои го снајдоа македонскиот народ непосредно по првите повеќепартиски избори во 1990 година со назначувањето на Киро Глигоров за Претседател на СРМ и неговата последователна кражба на владиниот мандат од рацете на најбројната партија во Парламентот и неговото доделување на истиот на неговиот колега Никола Кљусев, очигледно е дека се случил уште еден прекршок на процедурите на македонската држава. Кога Република Македонија веќе била независна и суверена држава уште од АСНОМ, тогаш која беше целта на референдумот кој се одржа на 8 септември 1991?

Во годината која му претходеше на референдумот имаше многу превирања, расправии, дебати и предавања. ВМРО-ДПМНЕ со своите симпатизери настојуваше првин за југословенска конфедерација во која републиките ќе имаат многу повеќе независност одошто тоа беше случајот дотогаш, а подоцна кога започнаа воените судири во Словенија и Хрватска—за комплетна независност и раздружување од било каква верзија на Југославија. Од друга страна Киро Глигоров, Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Стојан Андов, Владата на Никола Кљусев и нивните приврзаници се држеа до каменитиот став дека

 

„нашата прва опција не е да создадеме самостојна, независна, отцепена Македонија. Ние сакаме самостојна Македонија која ќе одлучува да стапи во Сојуз на суверените држави. Денес е реално да се зборува за Сојуз на суверени држави. Ние мислиме дека од ден на ден станува сѐ пореално, не само да се зборува, туку да се создаде тој сојуз, без оглед што има средини, има републики кои имаат некоја желба нешто друго да протуркаат.” (Стојан Андов „Нова Македонија“ 17 август 1991 година)

 

Со други зборови, таканаречениот лев блок, инсистраше на било каква југословенска заедница, па макар и намалена верзија во која нема да имаат присуство сите поранешни членки на Федерацијата.

 

Како и да е, Референдумот дојде и мина, но гледајќи ги работите од историска перспектива, се чини дека донесе повеќе конфузија одошто решенија. Несомнено причина за тоа беше нејасната формулација на референдумското прашање—„Дали сте за суверена и самостојна Република Македонија со право да стапи во идниот сојуз на суверените држави на Југославија?“—кое всушност претставуваше две различни прашања, а на кои можеше да се даде само еден одговор. Но, како што веќе спомнав, комунистичкиот метод се темели на црната магија на одржување на екстериерен хаос, флање песок во очи, илузии со чад и огледала, продавање на ветер и магла, за да на оние кои се надвор од системот не им е јасно која е целта на владетелите.

Па затоа иако народот—или барем доминантното мнозинство—мислеше дека гласал „ЗА“ суверена и самостојна Република Македонија, само девет дена после овој историски чин за турската известувачка агенција „Анатолија“ Глигоров гордо и децидно ќе го обзнани неговиот регенериран елан за решавањето на југословенската криза, тврдејќи дека

 

успешниот референдум на граѓаните на Македонија ги потврди историските стремежи за самостојна и суверена држава и ја изрази волјата за договор во иден сојуз на суверени држави на Југославија.

Така македонскиот народ беше изигран да ја даде својата недвосмислена поддршка кон агендата на Глигоров и неговата банда дека „основна и приоритетна определба на Македонија е да се зачува југословенската заедница во форма на сојуз на суверени држави.“ (Бранко Црвенковски, 8 септември 1991 година.)

 

СЛУШАЈ ШТО ЗБОРУВАМ, НЕ ГЛЕДАЈ ШТО РАБОТАМ

 

Славете си вие што сакате, но вистината е дека

 

секој може да види дека Македонија на 8 септември нема да гласа за отцепување, туку се изјаснува да биде слободна, самостојна и суверена држава и да се здружи со оние кои сакаат со неа да живеат. Нема да бидеме задоволни со 70 или со 90 отсто од тие што ќе излезат, туку треба да излезат сите, секој да се појави и да го даде својот глас за суверена и самостојна Македонија и за иднината на равноправна Југославија, легитимација пред целиот свет и никакви санкции, чети, воени дејствија нема да можат да ни застанат на патот.” (Киро Глигоров 29 август 1991 година)

 Вистината е тоа што е. Од неа може да се бега, но не може да се избега. Доколку на некој сеуште не му е јасно: државниот врв на Македонија кој беше на власт од 1990 до 1998 година живееше и работеше под претпоставката дека на 8 септември 1991 година 1.052.090 гласачи им дале неприкосновен мандат да бараат било каков начин да ја внесат Македонија во било каков југословенски сојуз.

 

Кога ќе помине ова време, ќе се увериме дека не само што мораме, туку и умееме да живееме заедно и заедно да го градиме нашиот заеднички дом... Југославија и само Југославија и ништо друго освен Југославија. (Киро Глигоров, 1991 година)

 

Со полна пареа се спрегнаа на работа и бидејќи „никакви санкции нема да можат да ни застанат на патот,“ Македонија редовно и ситематски го кршеше меѓународното ембарго против СР Југославија за времето на таканаречената граѓанска војна (како што ја ословуваа југоносталгичарите) во Хрватска и Босна и Херцеговина. Благодарение на македонската руда, мазут и прехрамбени продукти како и нафата која одеше транзит од Грција за Србија преку Табановце; благодарение шверцот на цигари за кој допрва ќе се учи, преку кој се полнеа приватните но и државните жиро сметки преку кои се купуваше социјален мир во Македонија; благодарение на непочитувањето на меѓународните санкции против СР Југославија, југословенските каси беа полнети преку кршењето на ембаргото со извозот на српска муниција, преку Македонија, за Тајланд, како и преку македонскиот извоз за Србија на систем за противвоздушна одбрана, а од друга страна преку македонски компании блиски на македонското Министерство за одбрана беа набавувани резервни делови за авиони и хеликоптери, како и илјадници тони алуминиум за гизли, милиони каписли за куршуми и купишта друга воена опрема, експлозиви, рачни фрлачи, гориво за ракети, и којзнае што уште не—благодарение на сето ова покојниот Слободан Милошевиќ кој беше на челото на осакатената СР Југославија успеа од конфликт кој не требаше да трае подолго од неколку дена да истурка место за себеси во најтемните анали на историјата со бесмислената војна која истарја скоро четири години. Секако, благодарение на верните пионерчиња на Србокомунистичката мафија кои само си ја вршеа својата задача која според нивната халуциногена ментална состојба им ја зададе народот на 8 септември 1991 година: да ја сочуваат Југославија.

Нормално, продолжи и општата култуно-општествена и економска соработка меѓу „двете“ земји, Македонија и СР Југославија. Северниот дел на Македонија сѐуште добиваше сигнал од РТВ Белград, на приватните радио станици насекаде низ државата сѐ повеќе трештеше српската верзија на нуклеарно оружје – сѐунишувачкиот турбофолк; локалните ТВ станици пренесуваа драми и комедии од српска продукција и наптревари од југословеските спортски лиги како македонските воопшто да не постоеја; таканаречените независни како и државни медиуми, а впрочем најчесто Претседателот Глигоров секојдневно ствараа анимозитет кон Хрватска и Словенија; српски естрадни ѕвезди се доведуваа да прават турнеи низ Македонија и така натаму. Некои работи никогаш не се менуваат, зарем не?

 

ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ ИЛИ КРАЈ НА ПОЧЕТОКОТ

 

Една од клучните мерки кон спроведувањето на „неприкосновениот мандат“ беше за Премиер на Македонија на тиресет годишен неизживеан мангуп, член на Сојузот на комунисти, четнички внук и син на офицер на ЈНА. Човек, роден во Сараево, кој и до ден денешен и покрај дваесет годишна кариера во врвот на Македонската политика е воглавно енигма за македоскиот народ. На пример, при едно просто пребарување на Google може да се најде само една оскудна биографија на сатјот Wikipedia. Но, не е енигма што му лежеше близу срцето на Бранко Црвенковски, кој на прес-конференција на 2 јули 1991 година храбро му соопшти на светот дека „СДСМ одлуките (за прогласување независност н.з.) на Словенија и Хрватска ги смета за нелегитимни бидејќи се донесени како еднострани акти, па според тоа не постои ниту фактичка состојба на посебни држави.“ Како и дека „основна и приоритетна определба на Македонија е да се зачува југословенската заедница во форма на сојуз на суверени држави.“

За нас особено значајно е да не дојде до распарчување на Југославија, затоа што тоа би не одвело кон неизбежно применување на недемократски и насилни методи. (13 април, 1991 година, Кавадарци. Стојан Андов Претседател на Собранието на СРМ)

Затоа, Црвенковски не губеше време, туку ги завитка ракавите и заедно со неговата тазе Влада за само месец дена откако го превзеде кормилото од Никола Кљусев ја донесе одредбата 10/92 со која започна прогонот на граѓани на Република Македонија заради политички и политчко-идеолошки причини. Се прогонуваа граѓани заради идеологии на македонски национализам и таканаречен врховизам. Во наводно независна, суверена и самостојна Македонија. Како печурки после дожд никнаа аферите, то ест Оперативните Акции: „Дувло“, „Сина Птица“, „Павароти“, „База“, „Темел“, како и досиејата „Книга“, „Лејди“, „Црни“, „Валенса“ и многу други. Невиден број членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ беа шпиунирани, кодошени и прогонувани во фиктивни сличаи на „бугараштво“ од страна на полициско-политичкото подземје. Како може да се протолкува ваквото дејствување на македонската власт освен како чистење на теренот од противниците на Југославија. Патем, употребувајќи ја теоријата на релативитет, релативно на Цренковски, Кљусев навистина личи на ВМРО-вски Премиер.

 

ОАЗАТА НА МИРОТ

 

Овогодишната осмосептемвриска ретроскетива ќе ја заобиколам со една дума околу мирното одвојување на Македонија од југословенскиот сојуз, за разлика од војните за независност во северните републики. Мојот татко, политичкиот дисидент Јордан Петровски, сиве овие години во приватни разговори ми зборуваше за симптоматичноста на отсуството на војна за независност на Македонија. Моето првично толкување на оваа забелешка се слеваше на идејата дека држава се прави со крв, и поради тоа што не падна крв во име на независноста на Македонија, народот не вложи доволно за иднината на оваа држава доволно да го засега. 

Но, гледано од друга гледна точка, забелешката на татко ми може да се протолкува и на следниов начин: Македонија се раздвои од СФРЈ без војна затоа што во тој момент и воопшто не постоеше вистинско движење за независност како тоа што било во првата половина на дваесеттиот век. Седумдесет годишната србо-комунистичка окупација на Македонија си ја завршила работата и го уништило македонскиот ослободителен дух. Точно е дека љубовта кон желбата за независна македонска држава бргу се разбуди; но во 1991 година, немаше ниту сенка од духот на 1893. На такви темели беше поставена Оазата на Киро, и не треба да нѐ чуди фактот што наследниците на Сојузот на комунисти денес по забрзана постапка работатат да ја докусурат оваа трагична појава.