Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ЗА НОВА ДЕСНИЦА

Пишува Душан Петровски 08.09.2017

Откако после единаест-годишно поседување на државниот трон ВМРО-ДПМНЕ се симна од власта почнаа да кружат нормалните повици за реформи во партијата специфично, и десницата општо. Од сето она што го имам видено на оваа тема единствено како нешто свежо ми отскокнува текстот на Никола Џилвиџиев, „Реконструкција на десницата.“ Тука авторот ја одбгегнува старата дискусија за превземање на партијата од рацете на нечесните, несоодветни лидери; ја одбегнува и короларната дискусија за формирање на трета партија—која би била скупина на чесни и соодветни лидери; и зборува конкретно за конечно создавање на вистинско десничарски кадар во Македонија. На тој начин Џилвиџиев луцидно го конкретизира проблемот којшто ја засегнува не само македонската политичка сцена, туку друштвениот живот воопшто: непостоењето на вистинска десница на македонските простори.

Џилвиџиев е сосема во право во неговото тврдење дека во Македонија не постои вистински десничарски кадар. Тоа е единствениот заклучок којшто може да се извлече доклку погледнеме како живеело македонското општество од 1945 година па навака. Во периодот 1945-90 година во училиштата се предаваше Марксизмот; пристапот до слободни информации беше невозможен; пристапот до контра-комунистичка литертура незамислив; економијата под комплетна контрола на државата. Условите сосема малку се изменија во 1990-тите: Марксизмот остана темелот на општествените науки; економијата номинално се приватизира—но сѐуште продолжи да фунцкионира на клиентско-интервенциониостичкиот медот од времето на поретходниот систем; протокот на информации остана ограничен; пристапот до контра-комунистичка литертура продолжи да биде недостапен—или поточно, непожелен. Иако не живеам во Македонија од средината на 2000-та година, сепак, и од далечна Канада лесно воочлив е македонскиот интелектуален и идеолошки лет во место.

Сосема разбирливо е тогаш што разбирањето за десница на македонската политичка сцена овие три децении подразбира воглавно национализам, традиционализам, шупло плукање по комуњарите, и горе долу ништо повеќе, освен ветувањата за подобар и подостоинствен живот. Според оваа гледање на работите, десницата е за капитализам, а капитализмот е приватна сопственост на средствата за производство—услов што во Македонија се исполни со приватизацијата на државните претпријатија. Така, десничарството во Македонија останува сведено на заблудено патриотство, мистичен традиционализам и паушална поддршка за слободниот пазар—без суштинско проучување на суштината на десничарската идеологија. Практично, ВМРО-ДПМНЕ, како олицетвоерние на македонската десница, го практикува своето „десничарство“ на сосема идентичен начин со социјал-демократијата која ја пропагираат наследниците на Сојузот на комунисти.

Џилвиџиев го постулира пробемот:

Иако има репутација за „иселеничка партија“, членството на ВМРО-ДПМНЕ сепак се состои углавном од луѓе кои или живееле во комунистичка Југославија, или се деца на луѓе од комунистичка Југославија. Колку и да се чувствуваат инстинктивно десни, за беља, повеќето луѓе не се свесни до кој нечовечен степен е продрен социјалистичкиот дух длабоко во нивната потсвест. Преку механизмите за индоктринација наречени „медиуми“, „образование“ и „култура“, луѓето уште во младоста се обликувани во крипто-агенти на левите идеологии, иако тие самите можат да се сметаат за центристи или левичари [sic.]. Оттаму имаме ситуација да наводно конзервативната ВМРО-ДПМНЕ стане партијата која нуди бесплатен јавен превоз на пензионерите, вработува десетици илјади членови во државната администрација и постојано ги напумпува субвенциите за земјоделците – дејствија кои се типично социјал-демократски и неприфатливи во десничарската доктрина. Не само народот, туку членството на ВМРО-ДПМНЕ ги бараше овие работи од горниот ешалон, како замена за нивното преќутно одобрување на корупцијата и криминалот. Кажете ми, како е возможна реформа на организација која е трула од дното нагоре?

Но, Џилвиџиев нуди лек. Доколку сме жртви на индокринација, тогаш иљачот е интроспекција, како прв чекор на патот кон целосно просветлување—обратното од индокртинација:

За членството на ВМРО-ДПМНЕ, можам да понудам еден едноставен совет. Реформата почнете ја од себе. Навлезете длабоко во својата психа, најдете ги оние делови кои ве втурнаа во груевистичкиот социјализам замотан во конзервативна обланда и исфрлете ги од себе. Најдете ја зависта, најдете го бесот, алчноста и ароганцијата и исфрлете ги од себе. Внимавајте на све што кажувате и мислите. Сме го имале тој баксуз да поминеме низ стрништето наречено „државно образование“ во младоста, кое грижливо ни има имплантирано мали марксистички ѓаволчиња длабоко во психата. Најдете ги овие демони и исфрлете ги од себе. Само со психолошка дисциплина врз себе можеме да се прочистиме од гревовите кои сега ги припишуваме на ВМРО-ДПМНЕ.

Ситното јадро коешто денеска ја сочинува вистинската десница—познато како либертаријанци—како групација на лица подоброупатени и веќе навлезени во процесот на себепросветлување има должност да биде светилникот којшто ќе го покажува патот на оние кои ја бараат вистината. Џилвиџиев дава нацрт план за изведувањето на овој процес, којшто треба да биде истуркан од добро потковано јадро апостоли:

Корпусот не е организација, не е движење, не е дури ни најобична група на пријатели. Корпусот е класа на граѓани кои независно еден од друг оперираат кон заедничка цел, дури и кога привремено се здружуваат. Она што ги спојува е заедничката идеја. Група независни агенти кои оперираат кон заедничка цел со иста идеја ствараат привид за централизирано и организирано делување, иако не се централно организирани. Ова го нарекуваме спонтан ред.

Спонтаниот ред, нормално, може да се јави и спонтано, и во практиката најчесто се обсервира во оваа форма. Меѓутоа, постои начин спонтаниот ред да се отпочне наменски, т. е. од актери кои свесно сакаат да изградат корпус на независни агенти. Ова се постигнува со оформување институции за производство на кадри на корпусот. Институциите, без оглед на тоа дали се здруженија, невладини организации, медиуми или пак имаат друг облик ги всадуваат и повторуваат идеите кои при навлегувањето во идејниот систем на субјектот, го претвораат во кадар на корпусот. 

Ќе го потсетам читателот дека не станува збор за послушници или платеници, туку за луѓе кои делуваат по своја волја, дејствувајќи под влијание на идеите во сопствените глави. Институциите не постојат да го командуваат корпусот, туку за да го создадат и одржуваат преку пролиферација на идеите. 

Предноста на корпусот над пошироко граѓанско движење е компактноста и гласноста. Мала, но одлучна група луѓе нема проблем со внатрешните несогласувања кои ги следат пошироките граѓански движења, што му дозволува да комуницира со еден глас кој далеку стига, иако може да се работи за малцинско становиште. Предноста над корпусот пак над групата послушници е искреноста. Никој не може да го обвини корпусот за неискреност, хипокризија или мирмидонство ако кадрите навистина веруваат во тоа што го комуницираат и го прават по своја волја, најчесто без компензација. 

Проблемот со кој што се соочува десницата, покрај патологизацијата на ВМРО-ДПМНЕ е и отсуството на десничарски корпус. Како што се виде од изборите на 11ти декември, корпусот може на грб да износи дури и една анемична и безперспективна партија каква што е СДСМ. Да постоеше десничарски корпус, болеста на ВМРО-ДПМНЕ немаше да биде толкав проблем. 

Така што во враќањето на македонската десница, од помала важност ќе биде реформата на ВМРО-ДПМНЕ отколку конструкцијата на десничарски корпус. За беља, ретко кој има волја да одвои средства за конзерви и реакционери, ама па ете среќа во несреќа: живееме во добата на интернетот, каде што пролиферацијата на идеите е многу поевтина и поедноставна. 

Десницата мора да почне да гради институции за креирање кадар на десничарскиот корпус. Со оглед на тоа што енормен процент од населението сеуште е заразено со патолошките идеи на социјализмот, како што е опишано погоре при дијагностицирањето на болеста која го зафати ВМРО-ДПМНЕ, овие институции ќе мора да се сосредоточат на гаење култура на психолошка дисциплина на индивидуално ниво. Еднаш штом ќе бидат истерани социјалистичките бесови од главите на надежните десничари, ќе може да почне пролиферацијата на десната идеологија. Не сум сигурен каков ќе биде пристапот на овие институции, меѓутоа во ниеден случај не смее да биде ист како пристапот на левите институции, со оглед на вродените психолошки разлики меѓу левичарите и десничарите (повеќе кај Dr. Jordan Peterson, овде ). Овие институции претежно би оперирале онлајн, или како локални групи, со оглед на недостатокот од средства кои и се на располагање на десницата.

Ова е проект кој може да потрае и 20-30 години. Со оглед на тоа што во моментот десницата е падната, јасно е дека касно го започнуваме. Меѓутоа, еве уште една среќа во несреќа. Левицата го распукна својот корпус.

Лично, не можам да му најдам замерка на нацрт-планот на Џилвиџиев. Но сепак нешто недостасува. Палнот на Џилвиџиев дава механизам за подготвување на кадри, но како што веќе и самиот забележал, суштинскиот проблем со кој се соочува десницата е идеолошката магла во која се наоѓа истата. Десницата—македонска и светска—деновиве е под опсада на националистички настроените социјал-демократи од една проста причина: таа не е исправно дефинирана и децидно диференцирана од другите политички појави. Ако левицата е страната на колективизмот—за којшто ние велиме дека неизбежно мора практично да биде идеологија на угнетување—тогаш десницата мора да понуди поискрена алтернатива од желбата нашите угнетувачи да бидат почесни или поспособни. Темелот на левата идеологија е љубомората, односно желбата за нешто незалужено т.е. туѓо. Темелот на идеологијата на десницата, тогаш, мора да биде заштита од љубомората. Прво: мораме да бидеме идеолошки концизтентни. Второ: нашата идеологија мора да биде чесна во секој аспект.

На десницата ѝ треба не реконстукција, ниту реформа, туку реформација. Деницата мора да престане да биде скупина на колективисти од различни видови—националисти, ама социјалисти; „капиталисти“, ама интервенционисти (крони капиталисти ала Sинго, Амди, Мично); фискални конзервативци, ама социјални либерали, итн. Вистинската десница (за разлика од алтернативната „десница“) мора да биде страната на обратното од угентувањето. Дефинирањето на десницата преку призмата на „национализам/интернационализам“, „комунизам/капитализам“, „религиозност/атеизам“, „конзервативизам/либерализам“ не ни врши функција. Десницата мора да се дефинира себе си на несоборлив темел којшто е отпорен на секаков предизвик. Мисијата на она што Џивлиџиев го нарекува „корпусот“ мора да биде ширењето на правоверието на новото (но навистина старо) десничарство: принципот на нон-агресија, или неповредливост на индивидуата и нејзиниот посед.

Според врутокот на модерното либертатијанство (вистинско десничарство), Мизес инситутутот од Алабама:

Принципот на нон-агресија (НАП) (исто така познат како аксиома на нон-агресија, или анти-угнетувачки принцип или принцип на нулта агресија или принцип на неиницијација на сила) е етички став којшто стипулира дека „агресијата“ е суштински нелегитимна. „Агресијата“ се дефинира како „иницијација“ на физичка сила против личност или посед, закана за насилно делување, или измама против личност или нивни посед. Спротивно од пацифизмот, принципот на нон-агресија не ја исклучува  употребата на сила во полза на самоодбрана. Принципот е деонтолошки (или заснован на правила) етички став.

 

Принципот на нон-агресија е прост, но е немерливо длабок, и како таков е токму она што го бараме во нашата потрага по приварзаници на идејата за лична слобода—бидејќи неприкосновеноста на индивидуата е темелот на десничарството. Поаѓајќи од него, можеме да стасаме до секој потребен заклучок, и да ја собориме секоја неправедна идеја. Поставувајќи го принципот на нон-агресија како темел на државното уредување ја отфрламе потребата од законодавство и го намалуваме влијанието на т.н. граѓански сектор, на политичарите и на нивните суперструктурални институции. Бидејќи принципот на нон-агресија стипулира дека никој не смее на друг да му наштети, секое дејство мора да биде на доброволна основа. Принципот на нон-агресија ги прави невозможни узурпациите од страна на мали групи кои демократијата (како владеење на руљата) ги механизира. Истовремено, принципот на нон-агесија не е наивен повик на пацифизам. Напротив, принципот на нон-агресија одговорноста за својата личност ја става на рамениците на индивидуата—правејќи го принципот на самоодбрана (физичка и интелектуална) свој интегрален дел.

Доколку ја погледнеме историјата на македонскиот народ, многу лесно ќе забележиме дека принципот на нон-агресија е токму она што е во постојана фаза на прекршеност, до толку што ова е главната тема на македонскиот фолкор. Делувањето на историското ВМРО—спонтаниот ред којшто се устроил околу организацијата и борбата за самоопределба е најлуцидно олицетворение на приниципот на нон-агресија во македонската историја. Комунистите во втората половина на двесеттиот век понудија своја измрсена верзија на овој принцип во нивната заложба за еднаквост—но истовремено влегоа во жестока борба со НАП-от од простата причина што колективизмот не ја признава индивидуата и нејзиното природно право да постои (што неизбежно значи да содејствува со природната средина и поединечно да се развива). 

Во пракса, принципот на не-угнетување се прекршува со присилното образование на младината во владини центри за индоктринација; во даночењето; во субевнционирањето на одредени индустрии; во лиценцирањето на професии; во државниот монопол врз монетарниот, правосудскиот, и коловозниот систем; во отворањето на државните граници на туѓинци; во државно-санкционираното загадување на околината од привилегирани странки; во државното финансирање и општо контролирање на културно-забавниот и радиодифузен простор; во масовната државна администрација; во оперирањето на социјалната држава, итн. Но, најгрубото и најжестоко прекршување на принципот на нон-агресија претставува постојаната повреда на приватноста и приватната сопственост. Во Македонија ова е проблем со длабоки корени и широко распостранети гранки. Додека зачетоците на полициската држава на овие простори можеме да ги најдеме некаде во средината на деветнаесетиот век, нејзината завеса сѐуште не сме ја виделе да падне.

Полициската држава во Македонија е жива и здрава и ден денешен, пред сѐ поради синџирот на корупција којшто македонскиот народ не сака да го скрши. Оваа реалност секако не е нерационална, туку е резултат на државната доминација врз економијата. Без разлика дали некој е работник или бизнисмен, уметник или интелектуалец, спортист или лекар, неговиот успех во животот пред сѐ зависи од статусот којшто истиот го ужива со партиската полиција: пријател или непријател. Идеолошката полиција бара пријатели—а пријателството со неа се остварува на само еден начин: кодошејќи, клеветејќи, и завернички делувајќи против своите сограѓани. Мисијата на апостолите на новата десница мора да биде кршењето на синџирот на корупцијата преку образувањето на своите сограѓани за далекусежните последици на нивното кокетирање со тајната полиција.

Многумина од оние коишто се сметаат за конзервативци во принципот на нон-агресија гледаат штура идеологија, бидејќи тука го нема Господ, ја нема татковината, го нема капитализмот, нема морални вредности; туку само четири збора: остави ме на мир. На тој начин „конзервативците“ само си ја издаваат својата интелектуална мрзеливост. Тоа што НАП-от вели дека секој е слободен самиот да си наштети на себе си сѐ додека не му штети на друг, автоматски не значи дека сите треба да бидеме либертини, проститутки, зависници на опиум, и растурикуќи. НАП-от се заснова на фактот дека човекот е себичен, разумен, и дека има интелектуален капацитет да го воочи природното устројство. Човекот е себична појава, и од тоа нема бегање; но тоа не значи самото по себе дека човекот оставен на сопствените уреди само ќе знае да се однесува како див ѕвер.

Внимателниот читател ќе забележи дека јас не зборувам за капитализмот, и за неговата супериорност врз социјализмот како основица на десничарската идеологија. Тоа не е случајно. Капитализмот не е идеологија, туку е пракса—и затоа капитализмот не треба да биде темел на десната идеологија. Оставени на мир, но и без мрежа на социјална сигурност—бидејќи нејзиното финасирање е присилно, и на тој начин се прекршува НАП-от—луѓето неизбежно мораат да ги практикуваат механизмите на слободниот пазар, да штедат и да инвестираат—доколку имаат желба денес да живеат подобро од вчера, а утре подобро од денес. Но, џабе капитализам—т.е. формално-правно слободен пазар—доколку Државата е слободна на еден или друг начин да го конфискува заработеното. Капитализмот—како систем на доброволна, мирољубива соработка—спротивно на марксистичките критики, не може да опстои во општество каде што приватната сопственост е незаштитена. Принципот на неповредливост на индивидуата е она што го дава тој механизам. 

Реформацијата на десницата—т.е. оформувањето на корпусот на новата десница мора да започне од темелот. Идните приврзаници на десницата мора да бидат интимно запознаени со логичното образложение на принципот на нон-агресија; за разлика од догматичното завивање на капитализам, криптовалути, Господ, и татковина. Само така можеме да бидеме од поголема вредност за нашето друштво од преварантите на три кибритки кои уста пенат фалејќи го капитализмот, а кои практикуваат корупција и клиентилизам. Ќе се послужам со корисна аналогија: Џабе ни е ако ги рецитираме Десетте заповеди доколку не ја разбереме суштината зад нив: почитувај го створителот и створеното, не кради, не лажи, не љубомори, не прељубувај, не убивај, не верувај на секому (имај разум—штити се себе си), почитувај ги старите, соработувај со комшијата. Просто речено: биди корисен и немој да уништуваш. Убедувањето дека овие заповеди треба да се почитуваат од страв дека ќе нѐ казни невидливиот човек кој живее зад облаците го карикатуризира карактерот на овие природни (Божји) закони. Секоја Мојесејова заповед во себе содржи принцип којшто се издестилирал низ вековното содејствување на неговото племе со природата и општеството. Доколку знаеме дека друштвото напредува кога напредуваат неговите поединци—бидејќи само поединците дејствуваат—и дека напредокот е заснован на создавање, штедење и инвестирање (комплексно создавање) тогаш можеме да видиме зошто крадењето е грев. Крадењето е непожелна појава, не затоа што ќе се налути Дедо Боже, туку затоа што го оштетува создавачот и му ја попречува можноста да инвестира. Попречувајќи го поединецот да напредува, целото општество страда како последица. Лажењето е непожелно затоа што не ни дава можност реално да ја согледаме состојбата на работите, што ги прави последователните одлуки засновани на грешка и на тој начин го води целото друштво на погрешен пат. Мамењето е повреда врз личноста и поседот на измамената странка. Љубомората е желба за крадеж. Непочитувањето на постарите ги оддалечува младите од мудроста којашто првите ја акумилирале низ своите содејстувувања со животната средина, итн.

Следејќи го НАП-от до својот логички заклучок безусловно доаѓаме до заклучоците дека патријархијата, кохезивноста на друштвото, самодисциплината, и слободниот пазар се општествено најпожелните појави. Но, истовремено се изземаме од праксата прислино да ги наметнуваме овие заклучоци врз оние чиишто умови учат исклучиво од своето искуство; или пак коишто немаат амбиција да живеат подобро. Разликата е што следејќи догма му улиме на Господ отфрлајќи го најголемиот дар со кој тој нѐ почестил, одбивајќи да го рабереме Космосот којшто тој грижливо го изградил; додека при следењето на НАП-от се служиме со највредната дарба со која Господ нѐ надарил: разумот.

Да се разбереме: ние сме во потрага по нова десница, не по „нов човек“. Човекот, каков што ѐ е доволен, бидејќи е надарен со разум, сочувство, и нагон за опстанок; а принципот на неповреда на индивидуата е прост и логичен. Луѓето се луѓе, она што ги разликува резултатите на нивните напори е системот на нивното друштвено уредување. Она што го направило Западот напреден до степенот којшто денес го сведочиме не била социјалната држава, туку почитувањето на принципот на нон-агресија, од што како секундарни појави се појавиле слободните пазари, образовните институции, добротвотрните организации, итн, а како резлутат на овие пракси и институции сиот материјален просперитет на овие држави. Затоа не треба да изненадува што во овие идеолошко матни времиња кога Маркскизмот се обидува да ја повтори Револуцијата од пред еден век, Мизесијанското либертаријанство е идеологијата која најбргу се шири. Затоа, заборавете го мртвиот коњ наречен ВМРО-ДПМНЕ. Тој и онака е само конструкција на  политичко-полициското подземје и никогаш нема да биде дом на десницата. Наместо тоа, да тргнете во мисија да оформиме нова десница. А, доколку сме искрени во нашите тврдења дека сме за нова десница, тогаш процесот мораме да го започнеме од темелниот послтулат: заштитата на основната општествена единица—човекот.