ДЕВЕТ ГОДИНИ ЛУДИЛО

Еве ја вистината. Промените кои ги направи Груевски за последниве девет години, беа промени на подобро само за оние горе, во врхушката на ДПМНЕ, но никогаш за оние долу. И такви беа направени со предумисла, тоа е сега барем јасно ко ден. Груевски заедно со најблиските роднини и соработници злоупотребувајќи ја моќта и технологијата на авторитарно владеење, ја приватизираше и партизираше целата држава со цел да го легализира криминалот и рекетот што го планирале тој и неговите партиски другари и овие два процеси (приватизацијата и партизацијата на државата) се одвиваа континуирано и симултано.

За да го оствари науменото, од една страна ги полнеше државните институции и нивните раководни места исклучиво со партиски недоволно стручен и оспособен кадар кој поради својата нестручност и недостатокот на личен интегритет, морал и професионалност го направи системот неспособен да се одбрани од криминалот и насилството на власта, а со тоа тој стана неодржлив и крајно нестабилен. Едноставно, му требаа нефункционални институци кои ќе мижат пред секој криминал направен од власта. Партизацијата на државата значеше и дека само оние со партиска книшка и блиски до повисоките фунционери на власта имаат пристап до државните материјални и финансиски добра, а непотизмот стана нешто нормално кога веќе на најмоќните позиции во државата се наоѓаа луѓе поврзани со крвни врски.

Од друга страна пак, Груевски, неговите роднини и бизнисмените блиски до него со највулгарни уцени ги принудуваа сопствениците да им ги продаваат по ниски цени своите успешни компании. Така практично го приграбуваа сѐ она што проценија дека и понатаму може да им носи огромни профити. Така, на многу градежни фирми или подизведувачи кои беа вклучени во владиниот проект Скопје 2014 како и на компании кои даваа некакви услуги на државата, владата намерно избегнуваше да ги подмири своите огромни долгови кон нив за да ги оневозможи да работат и да ги турне под стечај, за потоа да бидат откупени од Грујовите тајкуни и Големиот Братучед. Преку посредници кои лажно се претставуваа како купувачи, роднините и останатите блиски до Груевски откупуваа атрактивни градежни парцели, медиуми, болници, млекари, познати ресторани, такси компании и разни други агенции, со еден збор, буквално ја купуваа државата, претворајќи ја во приватен посед. Оние пак кои  на било кој начин одбиваат да се покорат и да ги отстапат своите компании на Груевски и неговите по безобразно ниски цени, веднаш стануваа мета на целосно партизираните финансиски и даночни институции кои преку своите инспекции и инструменти ги товареа со казни или им ги затвораа вратите на сите можни начини за што побрзо да ги доведат до банкрот.

Во истовреме милиони евра, позајмени од разни странски банки на грбот на народот власта ги переше преку разни непотребни проекти и кампањи, од кои секако, најпознат е проектот  Скопје 2014, којшто и понатаму трае и повеќе никој не знае колку пари се потрошени на него и уште колку ќе се потрошат, а сѐ со цел, лесно да се испумпаат парите од државниот буџет за да отидат во приватни џебови. Со тие нелегитимни кредити кренати на штета на граѓаните на Македонија кои завршија на приватни сметки во странство преку тие проекти, надворешниот долг на земјава се зголеми неколкукратно и сега треба да поминат децении за тој да се врати и тоа под услов ако економијата цвета.

Башка муабет што со тој налудничав проект Скопје 2014 нанесоа огромна штета на меѓународниот углед на Македонија кој и онака не беше на некое завидно ниво, а Скопје  го претворија во престолнина на кичот, во град од стиропорни кулиси кој стана предмет за потсмев на европската и светската јавност, а особено на онаа академската од сферата на архитектурата, градежништвото, естетиката и историјата на уметноста. Џабе постојано пристигнуваа критики и апели на адреса на преродбениците од тие познати светски и домашни архитекти, филозофи, естетичари и историчари на уметност, да се запре тој проект на чудовишен кич кој не само што го уништува идентитетот на градот, туку и идентитетот на целиот народ, негирајќи го неговиот словенски корен. Едноставно немаше кој да ги чуе, зашто целта беше грабеж, а не некое добро испланирано облагородување на централното градско подрачје или пополнување на дупките во нашиот идентитет кои комуњарите намерно ги оставиле непополнети, како што тоа го тврдеше Груевски заедно со неговите полтрони.

Значи грабежот направен од врхушката околу Груевски беше оправдуван од страна на преродбениците со една малоумна приказна која стана главна идеолошка догма на ВМРО ДПМНЕ за потеклото на македонскиот народ директно од кралската лоза на античките Македонци, од династиите на Аминта Трети и тие пред него. Лудилото на оваа тема со тек на време отиде дотаму што излегоа десетици псевдо-историчари од Центарот за агит-проп на ДПМНЕ кои го поддржуваа проектот со тези полуди и од најлудите дека првите луѓе кои зачекориле на земјата биле Македонци, без разлика на општопознатиот факт дека концептот за нациите настанал во 18-от век.

Оваа идеолошка догма потоа ја генерираше една од најголемите штети од владеењето на ДПМНЕ. Разединувањето на македонскиот народ до степен кој е незапаметен во поновата историја на Македонија. Таканаречените големи домољуби од ДПМНЕ го поделија својот народ на оние кои веруваат во имбецилната теза за потеклото на Македонците од предците на Александар Велики и кои поради таа верба се вистински патриоти и на оние кои на неа оправдано гледаа со потсмев и затоа мораа да го понесат епитетот предавници. Во секое свое обраќање кон јавноста, а како што гледаме тоа било случај и во телефонските разговори кои ги воделе меѓусебе, преродбениците не заборават да ја потенцираат таа разлика меѓу оние НИВНИТЕ, кои се исправни, чесни, праведни и големи Македонци и оние другите кои се комуњари, соросоиди, странски платеници. На тој начин и со помош на неколку свои платеници-новинари, уште повеќе ја разгоруваа омразата на своето членство кон останатите Македонци кои не размислуваа како нив и не беа членови на ДПМНЕ.

Просто кажано, со години и систематски, пропагандниот центар на ДПМНЕ го неутрализираше секое критичко мислење контра власта со тоа што го етикетираше како велепредавничко и платеничко, такашто секој кој не се согласуваше со политикантството на Груевски по дефиниција беше етикетиран како приврзаник на СДСМ и странски платеник. Со тој смислен и опасен спин како и со помош на разните форми на мобинг, гласот на интелектуалците долго време беше замолкнуван и маргинализиран, а нивниот пристап до медиумите на власта беше целосно оневозможен. Овие фашизоидни практики на власта темелно ги загрозија основните принципи на демократијата, слободата на говорот и слободата на медиумите, а државата ја турнаа на некаде на самото дно на листата на земји со најмал степен на слободно изразување и мислење.

И беше логично да се претпостави дека оваа хајка на груевистите против интелектуалците и останатите нивни противници како и говорот на омраза којшто постојано бликаше и сѐ уште блика од јавните настапи на перјаниците на груевизмот, а соблазно наликува на оној на Гебелс и Хитлер, во последниве две-три години ќе ескалираат и во физички пресметки со неистомислениците и новинарите. Со палење џипови и претепување со шипки. Со монтирани судски процеси и спектакуларни приведувања на невини луѓе. Со нерасветлени и мистерирозни убиства, самоубиства и сообраќајки во кои гинат новинари и други критичари на власта. Со какво уживање и садизам го правеле тоа, кршејќи ги сите повелби за човекови права, може да се претпостави од телефонските разговори кои ги објавува опозицијата, а за кои веќе нема сомневање дека се автентични, откако и коалициониот партнер на Груевски, господинот Ахмети јавно ја потврди нивната автентичност. Тешко дека некој од нас, брзо ќе ги заборави оние потсмевања и навредливи садистички коментари на Јанкуловска Мијалков и Груевски кога раскажуваат по телефон како му е пикан пиштолот во уста на Бошковски или за тоа колку се посрал од страв Фијат Цаноски кога го молел Груевски да не го крене Космос во воздух.

И точно е дека истиот тој садизам постоеше меѓу членовите на ДПМНЕ пред митингот на опозицијата на 17 мај, кога беа расположени во ист ден да протестираат и тие, за конечно да расчистат еднаш за секогаш со комуњарите. На почетокот и Груевски не го криеше задоволството тоа навистина да се случи, со тоа што подмолно се изземаше од организацијата на таквиот протест на неговите приврзаници. Потоа излезе дека токму Груевски планирал и организирал митинг, кој сепак се случи, ама ден после оној на опозицијата, веројатно откако одредени странски дипломати во земјава го убедија да не си игра играчки да организира митинг во ист ден со оној на опозицијата кој лесно би можел да се претвори во некој трагичен настан.

Ѓаволот одамна ја однесе шегата во однос на Груевски и неговото владеење, тоа го сфатија дури и САД и ЕУ кои соочени со своите лични фрустрации во поглед на подемот на радикалните исламистички групи на балканот и подемот на путиновата Русија, пак го свртеа вниманието кон Македонија. Веќе подолго време воопшто не се воодушевени од фактот дека повторно на балканот инсталирале нарцисоидно типче кое им го завртело грбот и почнало да се занесува дека е недопирлив диктатор со пиромански опсесивно-компулзивни идеи кои секој миг можат да го дестабилизираат целиот регион и да потпалат нова војна, а тоа сега, ама ич не им е потребно.

Груевски пак, е свесен дека ќе мора да плати за тоа предавство, затоа како давеник за сламка се фати Русија и Путин, ама треба да е свесен и за тоа дека Русија историски гледано, никому не помогнала, особено не ако бил втеран до ѕид. Кога не ѝ помогна на Србија која важи за некаков нејзин традиционален сојузник, тогаш кога ѝ беше најтешко за време на агресијата на НАТО во 1999 година, инфантилно е да се очекува дека ќе му пружи рака на спас на Груевски. Затоа тие приказни за гасот околу турскиот тек во кој е вклучена Македонија се уште една инфантилна пропаганда на Груевски и приказни за мали деца.

Да резимирам. На лудилото од владеењето на Груевски му се гледа крајот. По овие луди девет години заложништво под власта на ДПМНЕ, нѐ чекаат сто години самотија во кои ќе мора постојано да ги лижеме раните (психички и физички), што ни ги нанесоа преродбениците на чело со Груевски. Уште многу од нас оправдано ќе ја напуштат татковината по неговиот пад, зашто ќе им биде неподносливо да живеат во таа самотија заедно со оние кои постојано креваа два прста за лудилото на еден трауматизиран нарцис и егоманијак да стане наша реалност. И сето тоа во очекување на некое подобро утре. До кога? За Македонија тоа утре изгледа е многу далеку, ако не се појави некој нов македонски Робеспијер и многу гилотини. Без нивните радикални резови нема да има утре за Македонија, зашто системот е скапан во коренот. И политичкиот и економскиот и општествениот. Затоа кој и да дојде по Груевски, ако не е Робеспијер во метафорична, па дури и буквална смисла, ќе санира само симптоми, ама системот ќе остане нечепнат. Таков каков што е. Скапан одвнатре.         

Сашо Тасевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на КОТЛЕ1 значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ТУКА

Read 3788 times