ТАКА Е, ТАЗИ ДОЛГ - НЕ Е ДОЛГ

И порано, но посебно во последно време, многумина кажуваат што треба да биде првиот крупен чекор на новата власт по падот на овој режим.

Не знам дали знаете почитувани читатели, пријатели, властодршци (а пред се кумовската тајфа), но во поновата историја или поточно во последните 150 години, постојат неколку примери кога јавниот долг на некоја држава бил суспендиран или, пак, станал приватен долг на сатрапите кои претходно ја воделе некоја држава. Тоа најчесто се случувало кога по долгогодишно владеење на некои режими кои бескрупулозно ја задолжувале земјата, т.е. народот, доаѓало до промена на власта преку избори или преврати. Во сите такви случаи новите власти не признавале делови од долгот кој го направиле нивните претходници, а кредиторите секогаш барале меѓународна правна арбитража. Тука би навеле само еден пример во кој правната арбитража одлучила во корист на новата влада и го суспендирала долгот, што може да не наведе на размислување дали таков „спас“ може да побара и некоја наша идна влада.
Секако, најпознатиот случај во кој една држава била ослободена од плаќање на јавниот долг, е оној со Костарика. Во периодот до 1920 со Костарика владее диктаторот Тиноко, и неговата влада постојано се задолжува кај „Ројал бенк оф Канада“ и „Бритиш бенк“ при што одлуките за задолжувањето ги одобрувал самиот Тиноко и едниот од Домовите на Конгресот. Според Уставот на Костарика, во тоа време таков тип на одлуки морале да бидат донесени од страна на двата парламентарни домови. По падот на владата на Тиноко, новата влада на Костарика веднаш го оспорува овој долг како јавен, и одбива да го плаќа. Двете моќни банки поведуваат меѓународен спор во 1923 во кој како арбитар е назначен тогашниот претседател на Врховниот суд на САД и поранешен американски претседател Вилијам Тафт. Во своето објаснување на пресудата тој вели дека за да постои легитимен јавен долг потребна е јавност, односно каков било бенефит за народот на таа држава од таквиот долг. Во случајот со владата на Тиноко, не постои никаква корист за народот на Костарика од јавниот долг кој бил создаден во времето на неговото владеење, па тој арбитрира дека не постои суверен долг односно долг на државата, туку може да се зборува само за приватен долг на Тиноко, неговиот брат и некои други членови од владата. Интересно е и тоа што претседателот Тафт се откажал од примање на каков било надомест од трошоците кои требало да ги плати поразената страна (банките) нагласувајќи дека му е задоволство што учествувал и придонел во решавањето на вакви меѓународни спорови.

Покрај овој пример, веќе подолго време доктрината на спорни долгови станува призната во меѓународното право. За да се избегне произволното нивно третирање воспоставени се две основни правила. Најпрво новите влади треба да докажат дека долгот кој го оспоруваат не е реализиран за да се исполни некој јавен интерес и дека кредиторите биле свесни за тоа. Истовремено, обврска пак на кредиторите е да докажат дека средствата од дадените кредити биле користени за доброто на земјата должник. Ако кредиторите не можат да го докажат тоа пред меѓународниот трибунал, долгот станува неспроведлив односно не постои како обврска на државата, или пак станува приватен долг на водачите на режимот.

Задоволните кредитори на оваа власт можат да продолжат да си ги тријат рацете и да калкулираат  и идна заработувачка од крвта и потта на граѓаните кои ќе ги враќаат долговите кои во нивно име им ги потпишале Груевски и Ставревски. Ова погоре е само некогаш да не испадне дека не сме кажале.

Но, умни се тие, мислам на кредиторите. Знаат дека и кога ќе дојде до она погоре, кумовско – партиската олигархија има доволно имот и пари  за да си го наплатат долгот од нив како од приватни лица, исто како и од славниот Тиноко.

Кире Наумов

Read 1329 times